СТУДИЈА 16
Сталоженост
НЕ Е необично еден говорник да има трема кога ќе стане да зборува, особено ако не држи често говори. Еден објавител може да има извесна трема кога ги прави првите неколку посети во денот кога е во службата на теренот. Кога му бил даден налог да биде пророк, Еремија одговорил: „Ете, јас не знам да зборувам: дете сум“ (Ерем. 1:5, 6). Јехова му помогнал на Еремија, а ќе ти помогне и тебе. Со текот на времето, можеш да развиеш сталоженост.
Сталожен е говорникот што е смирен. Оваа смиреност се гледа во неговото физичко држење. Неговото држење на телото е природно и соодветно за приликата. Движењето на неговите раце има значење. Гласот му е експресивен и контролиран.
Иако можеби мислиш дека овој опис на сталожена личност не е својствен за тебе, можеш да се подобриш. Како? Да разгледаме зошто еден говорник има трема и му недостига сталоженост. Причината може да биде физичка.
Кога се соочуваш со некој предизвик и сакаш да постапиш добро, но не си сигурен дека ќе успееш, се чувствуваш немирен. Како резултат на тоа, мозокот му сигнализира на телото да произведе повеќе адреналин. Бранот што се создава потоа може да предизвика побрзо чукање на срцето, промена во темпото на дишење, зголемено потење, па дури и тресење на рацете и колениците, како и треперење на гласот. Твоето тело настојува да ти помогне да се справиш со ситуацијата на тој начин што го зголемува нивото на енергија. Предизвик е тој бран на енергија да се пренасочи во конструктивно размислување и одушевено изнесување.
Како да го намалиш немирот. Запомни дека е нормално да се чувствува извесен немир. Меѓутоа, за да задржиш сталоженост, треба да бидеш во состојба да го намалиш немирот и да се справиш со ситуацијата на еден смирен и достоинствен начин. Како да го постигнеш тоа?
Подготви се темелно. Вложи време во подготовката на говорот. Погрижи се јасно да ја разбереш темата. Ако говорот е од таква природа што ти ги избираш точките кои треба да се обработат, земи го предвид она што твојата публика веќе го знае за темата и она што сакаш да го постигнеш. Ова ќе ти помогне да избереш материјал кој најмногу вреди за труд. Ако ти е тоа тешко во почетокот, подискутирај за проблемот со некој искусен говорник. Тој може да ти помогне да направиш конструктивна анализа на својот материјал и на публиката. Кога ќе бидеш сигурен дека имаш материјал што ќе ѝ биде од корист на твојата публика, и го имаш јасно на ум, желбата да го споделиш ќе почне да го засенува немирот што можеби го чувствуваш во врска со изнесувањето.
Обрни посебно внимание на воведот. Треба да знаеш како ќе почнеш. Штом говорот ќе почне, тремата веројатно ќе попушти.
Истите основни чекори важат и за подготовката за службата на теренот. Размислувај не само за темата за која планираш да дискутираш туку и за тоа на какви луѓе ќе им сведочиш. Внимателно испланирај го воведот. Извлечи корист од искуството на зрелите објавители.
Можеби сметаш дека кога држиш говор пред група ќе бидеш посталожен ако користиш манускрипт. Всушност, од тоа може да произлезе уште поголем немир секојпат кога држиш говор. Точно е дека некои говорници користат опширни белешки, додека други помалку. Но, она што ќе го смени фокусот на твоето размислување и ќе го намали немирот не се зборовите на хартија, туку увереноста во срцето дека она што си го подготвил за своите слушатели е навистина вредно.
Вежбај го изнесувањето наглас. Таквото вежбање ќе ти даде самодоверба дека можеш мислите да ги претвориш во зборови. Додека вежбаш, градиш обрасци на помнење кои лесно можат да се активираат кога го држиш говорот. Сесијата на вежбање направи ја реалистична. Претставувај си ја визуелно публиката. Седни покрај маса или застани, исто како да го држиш говорот.
Моли му се на Јехова за помош. Дали тој ќе одговори на таква молитва? „Ова е довербата што ја имаме во него дека, што и да бараме во склад со неговата волја, тој нѐ слуша“ (1. Јов. 5:14). Ако сакаш да му искажеш чест на Бог и да им помогнеш на луѓето да извлечат корист од неговата Реч, тој сигурно ќе одговори на твојата молитва. Таа гаранција може многу да те зајакне да ја исполниш својата задача. Освен тоа, додека ги негуваш плодовите на духот — љубов, радост, мир, благост и самосовладување — ќе го развиваш умствениот став што е потребен за сталожено да излезеш на крај со ситуациите (Гал. 5:22, 23).
Стекни искуство. Колку повеќе учествуваш во службата на теренот толку помалку трема ќе имаш. Колку почесто коментираш на собраниските состаноци толку полесно ќе ти биде да зборуваш пред други. Како што ќе расте бројот на говори што ги имаш во собранието така веројатно ќе се намалува и немирот што го чувствуваш пред секој говор. Дали би сакал да имаш повеќе прилики да зборуваш? Тогаш пријави се како доброволец за замена во школата кога другите не можат да ги исполнат своите задачи.
Откако си ги презел гореизложените чекори, ќе ти биде од корист да ги испиташ симптомите што непогрешно покажуваат дека ти фали смиреност. Тоа што ќе ги препознаеш симптомите и ќе научиш како да излегуваш на крај со нив ќе ти помогне да зборуваш сталожено. Симптомите можат да бидат физички или гласовни.
Физички симптоми. Дали си сталожен или не, се гледа по твоето физичко држење и по начинот на кој ги користиш рацете. Да разгледаме најпрвин што е со рацете. Раце склопени зад грбот, раце кои вкочането се држат отстрана или цврсто го стегаат пултот; раце кои секогаш одново се ставаат и се вадат од џебовите, кои го закопчуваат и откопчуваат палтото, бесцелно ги допираат образот, носот, очилата; кои си играат со часовникот, моливот, прстенот или забелешките; испрекинати или недовршени гестови со рацете — сето тоа покажува недостиг на сталоженост.
Недостигот на самодоверба може да се види и по постојаното поместување на стапалата, нишањето на телото од една страна на друга, стоењето со претерано вкочането држење на телото, згрбавувањето, честото навлажнување на усните, зачестеното подголтнување, како и брзото и плитко дишење.
Со совесен напор, овие манифестации на трема можат да се држат под контрола. Работи на нив една по една. Препознај го проблемот и однапред размисли што треба да правиш за да го спречиш. Ако вложиш таков напор, ќе се види сталоженост во твоето физичко држење.
Гласовни симптоми. Гласовните докази за трема можат да вклучуваат ненормално висок или треперлив глас. Можеби често го прочистуваш грлото или зборуваш пребрзо. Овие проблеми и особености можеш да ги победиш со марлив напор гласот да го држиш под контрола.
Ако имаш трема, направи пауза за длабоко да вдишиш неколкупати пред да отидеш на подиумот. Настојувај да го опуштиш целото тело. Наместо да мислиш на тремата, сконцентрирај се на тоа зошто сакаш да ги споделиш со присутните работите што си ги подготвил. Пред да почнеш да зборуваш, погледни за момент во публиката, пронајди некое пријателско лице и насмевни се. Зборувај полека во воведот, а потоа внеси се во говорот.
Што да очекуваш. Не очекувај тремата во потполност да исчезне. Многу говорници со долгогодишно искуство на подиумот имаат трема пред да застанат пред публика. Меѓутоа, тие научиле да ја контролираат. Еден таков говорник рекол: „Сѐ уште како да ми игра нешто во стомакот, ама сега игра по такт“.
Ако вложиш искрени напори да ги отстраниш надворешните манифестации на трема, присутните ќе те сметаат за сталожен говорник. Можеби сѐ уште ќе имаш трема, но тие нема воопшто ни да го забележат тоа.
Запомни, бранот на адреналин, кој ги предизвикува симптомите на трема, создава и поголема енергија. Употреби ја за да зборуваш со чувство.
Нема потреба да чекаш додека да се качиш на подиум за да ги вежбаш сите овие работи. Научи да бидеш сталожен и да се контролираш и да зборуваш со соодветно чувство во секојдневниот живот. Тоа многу ќе придонесе да имаш самодоверба на подиумот и во службата на теренот, каде што е и најважно.