ОНЛАЈН БИБЛИОТЕКА Watchtower
ОНЛАЈН БИБЛИОТЕКА
Watchtower
македонски
ѐ
  • Ѐ
  • ѐ
  • Ѝ
  • ѝ
  • БИБЛИЈА
  • ПУБЛИКАЦИИ
  • СОСТАНОЦИ
  • be тема 39 стр. 220-стр. 222 пас. 6
  • Делотворен заклучок

За овој материјал нема видео.

Се појави проблем. Видеото не може да се отвори.

  • Делотворен заклучок
  • Извлечи корист од образованието во Теократската школа за служба
  • Сличен материјал
  • Добар заклучок
    Посвети се на читањето и поучувањето
  • Да се нагласат главните мисли
    Посвети се на читањето и поучувањето
  • Правење нацрт
    Извлечи корист од образованието во Теократската школа за служба
  • Вовед што побудува интерес
    Извлечи корист од образованието во Теократската школа за служба
Повеќе
Извлечи корист од образованието во Теократската школа за служба
be тема 39 стр. 220-стр. 222 пас. 6

СТУДИЈА 39

Делотворен заклучок

Што треба да правиш?

Во заклучните реченици кажи нешто што е наменето да ја поттикне публиката да преземе акција во врска со она што го чула.

ЗОШТО Е ВАЖНО?

Она што е кажано во заклучокот честопати најдолго се помни. Тоа влијае врз делотворноста на целиот говор.

МОЖЕБИ грижливо си го истражил и организирал материјалот за главниот дел од говорот. Можеби си подготвил и вовед што побудува интерес. Сепак, потребно е уште нешто — делотворен заклучок. Не потценувај ја неговата важност. Она што го кажуваш последно, честопати најдолго се помни. Ако заклучокот е слаб, дури и она што било кажано пред него може да изгуби многу од својата делотворност.

Размисли за следново: Кон крајот на својот живот, Исус Навин одржал еден незаборавен говор пред постарите мажи на нацијата Израел. Откако ги прераскажал Јеховините постапки со Израел уште од деновите на Авраам, дали тој само ги повторил врвните настани во облик на некакво резиме? Не. Наместо тоа, со длабоко чувство го поттикнал народот: „Бојте се од Господа и служете Му совршено и верно!“ Прочитај го неговиот заклучок запишан во Исус Навин 24:14, 15.

Еден друг говор вреден за внимание, а се наоѓа во Дела 2:14-36, одржал апостол Петар пред едно мноштво во Ерусалим на празникот Пентекост, во 33 н.е. Тој најпрвин им објаснил на присутните дека биле сведоци на исполнувањето на пророштвото на Јоил во врска со излевањето на Божјиот дух. Потоа покажал како било тоа поврзано со месијанските пророштва во Псалмите, каде што е претскажано воскресението на Исус Христос и неговото возвишување откај Божјата десница. Потоа, во својот заклучок, Петар јасно го навел спорното прашање со кое требало да се соочат сите што се наоѓале во неговата публика. Тој рекол: „Затоа сиот дом Израелов нека знае со сигурност дека Бог него го направи и Господ и Христос, овој Исус кого вие го приковавте“. Присутните прашале: „Луѓе, браќа, што да правиме?“ Петар им одговорил: „Покајте се, и секој од вас нека се крсти во името на Исус Христос“ (Дела 2:37, 38). Тој ден, околу 3.000 луѓе од неговата публика, длабоко поттикнати од она што го чуле, ја прегрнале вистината за Исус Христос.

Точки што треба да ги имаш на ум. Она што ќе го кажеш во заклучокот треба да биде директно поврзано со темата на твојот говор. Тоа треба да следи како логичен заклучок на главните точки што си ги развил. Иако можеби ќе сакаш да вклучиш некои клучни зборови од твојата тема, дали директно ќе ја наведеш, тоа е работа на избор.

Обично кога зборуваш, имаш цел да ги охрабриш другите да преземат акција на темел на информациите што им ги презентираш. Една од главните цели на твојот заклучок е да им покажеш што да прават. Додека ги избираш темата и главните точки, дали си размислил внимателно зошто материјалот ќе биде важен за присутните во твојата публика и каква цел ќе имаш при изнесувањето? Ако е така, знаеш каква акција сакаш да преземат. Потоа, треба да објасниш каква е таа акција и можеби како да го сторат тоа.

Освен што ќе ѝ покаже на публиката што да прави, твојот заклучок треба да ѝ даде и мотивација. Тој треба да ги опфати цврстите причини за да се дејствува и можните користи што ќе произлезат од тоа. Ако е грижливо промислена и добро составена, последната реченица ќе го засили ефектот на целиот твој говор.

Имај на ум дека говорот завршува. Тоа треба да се види по она што го кажуваш. И темпото треба да биде соодветно. Немој да зборуваш брзо сѐ до крајот и наеднаш да застанеш. Од друга страна, пак, не дозволувај твојот глас едноставно постепено да ослабне. Јачината на гласот треба да биде доволна, но не и претерана. Твоите последни неколку реченици треба да имаат нота на завршница. Кога ги изнесуваш, треба да пренесат горливост и увереност. Кога го подготвуваш изнесувањето, не пропуштај да го извежбаш заклучокот.

Колкав да биде заклучокот? Тоа не е нешто што треба да се одреди само според часовникот. Заклучокот не треба да се развлекува. Соодветноста на неговата должина може да зависи од ефектот што го има врз публиката. Едноставен, директен, позитивен заклучок секогаш се цени. Нешто подолг заклучок што содржи кратка илустрација може исто така да биде делотворен ако е внимателно испланиран. Спореди го краткиот заклучок на целата книга Проповедник, кој се наоѓа во Проповедник 12:13, 14, со заклучокот на многу покусата Проповед на гората, запишан во Матеј 7:24-27.

Во службата на теренот. Никаде на друго место нема толку често да се соочуваш со потребата од заклучоци колку во службата на теренот. Со подготовка и љубезен интерес за луѓето, можеш многу да постигнеш. Советот изложен на претходните страници може корисно да се примени дури и кога се приспособува кон разговор меѓу две лица.

Некој разговор може да биде многу краток. Лицето можеби е зафатено. Целата твоја посета може да трае само една минута. Ако е соодветно, би можел да кажеш нешто слично на ова: „Ве разбирам. Но, дозволете ми да Ви кажам една охрабрувачка мисла. Библијата покажува дека нашиот Творец има прекрасна намера — да ја претвори Земјата во место каде што луѓето ќе можат засекогаш да уживаат. Можеме и ние да бидеме во тој рај, но треба да научиме кои се Божјите барања“. Или, би можел едноставно да понудиш да навратиш во некое попригодно време.

Ако посетата е прекратена затоа што станарот отсечно нѐ прекинал — па можеби бил и груб — сепак може многу да се постигне. Имај го на ум советот што се наоѓа во Матеј 10:12, 13 и Римјаните 12:17, 18. Твојот благ одговор би можел да го промени неговото гледиште за Јеховините сведоци. Тоа би бил убав успех.

Од друга страна, пак, можеби си имал пријатен разговор со станарот. Зошто да не ја повториш главната точка што сакаш да ја запомни? Вклучи и мотивација да стори нешто во врска со тоа.

Ако гледаш дека постои можност за натамошна дискусија во некое друго време, дај му на лицето причина за со душа да го очекува тоа. Постави му прашање — можеби некое за кое е дискутирано во Резонирање на темел на Писмото или во некоја публикација наменета за водење домашни библиски студии. Имај ја на ум својата цел, која ја изложил Исус и е запишана во Матеј 28:19, 20.

Дали си при крајот на некоја домашна библиска студија? Повторувањето на темата ќе му помогне на студентот да го запомни она за кое било дискутирано. Користењето на прашањата за повторување ќе му помогне на студентот да ги вреже клучните точки во својот ум, особено ако тоа повторување не е набрзина. Прашање во врска со тоа како може да му користи на студентот материјалот што бил проучуван, или како би можел тој да го сподели со другите, би можело да му помогне да размислува како да го примени практично тоа што го учел (Посл. 4:7).

Запомни — твојот заклучок влијае врз делотворноста на целата твоја дискусија.

КАКО СЕ ПРАВИ ТОА

  • Погрижи се твојот заклучок да биде директно поврзан со мислите што веќе си ги презентирал.

  • Покажи им на присутните што да прават во врска со она што го чуле.

  • Мотивирај ги слушателите со она што го кажуваш и со начинот на кој го кажуваш тоа.

ВЕЖБА: Подготви два заклучока за службата на теренот: 1) што да кажеш кога домаќинот отсечно ќе те прекине и ќе остане малку време за разговор и 2) конкретно прашање за дискусија при твојата следна посета.

    Публикации на македонски јазик (1991 — 2025)
    Одјави се
    Најави се
    • македонски
    • Сподели
    • Подесување
    • Copyright © 2025 Watch Tower Bible and Tract Society of Pennsylvania
    • Услови за користење
    • Полиса за приватност
    • Поставки за приватност
    • JW.ORG
    • Најави се
    Сподели