СТУДИЈА 41
Разбирливо за другите
КОГА зборуваш, прави повеќе отколку само да презентираш информации. Настојувај она што го зборуваш да им го направиш разбирливо на оние што те слушаат. Ова може да ти помогне делотворно да комуницираш, сеедно дали зборуваш пред собранието или пред не-Сведоци.
Постојат многу фасети на разбирливото говорење. Некои од нив се обработени во Студија 26, „Логичен развој на материјалот“. Други се разгледани во Студија 30, „Да се покаже интерес за другиот“. Во оваа студија ќе дискутираме уште за неколку точки.
Едноставни зборови, едноставен стил. Едноставните зборови и кратките реченици се силни алатки за комуникација. Исусовата Проповед на гората е сјаен пример за говор што луѓето можат да го разберат сеедно кои се или каде живеат. Концептите можеби им се нови. Но сепак, можат да разберат што рекол Исус бидејќи се занимавал со работи што се од интерес за сите нас: како да бидеме среќни, како да ги подобриме односите со другите, како да излеземе на крај со тегобната грижа и како да најдеме смисла во животот. И своите мисли ги изразил на секојдневен јазик (Мат., погл. 5-7). Се разбира, Библијата дава многу примери со различна должина и структура на речениците. Твојата главна цел треба да биде да ги изразиш мислите на јасен, разбирлив начин.
Дури и кога обработуваш некој длабок материјал, едноставниот стил може да биде од помош полесно да се разбере. Како може да се постигне едноставноста? Немој да ја преплавуваш публиката со непотребни детали. Организирај го материјалот на таков начин што ќе можеш да ги заокружиш главните точки. Внимателно избери ги клучните стихови. Наместо да брзаш од еден стих до друг, прочитај ги и дискутирај за нив. Немој со премногу зборови да засенуваш некоја добра мисла.
Кога водиш домашна библиска студија, применувај ги истите начела. Не обидувај се да ги објаснуваш сите детали. Помогни му на студентот јасно да ги разбере главните идеи. Подоцна, во својата лична студија и на собраниските состаноци тој може да ги пополни деталите.
За да се презентира материјалот на едноставен начин, потребна е добра подготовка. За да им ја направиш твојата тема разбирлива на другите, мораш и самиот јасно да ја разбираш. Кога навистина разбираш нешто, во состојба си да наведеш причини зошто тоа е така. Исто така, можеш и да го изразиш со сопствени зборови.
Објасни ги непознатите термини. Понекогаш, за да се направи нешто разбирливо, потребно е да го објасниш значењето на термините што ѝ се непознати на твојата публика. Немој да го преценуваш знаењето на слушателите, но немој ни да ја потценуваш нивната интелигенција. Како резултат на твоето проучување на Библијата, можеби користиш некои термини што им звучат чудно на другите луѓе. Без никакво објаснување, луѓето што не се поврзани со Јеховините сведоци нема да разберат дека изразите „остаток“, ,верен и разборит роб‘, „други овци“ и „големо мноштво“ идентификуваат конкретни групи луѓе (Рим. 11:5; Мат. 24:45; Јован 10:16; Откр. 7:9). На сличен начин, ако не е запознат со организацијата на Јеховините сведоци, некој веројатно нема да разбере што се мисли со термините како, на пример, „објавител“, „пионер“, „покраински надгледник“ и „Меморијал“.
Можеби треба да се објаснат и некои библиски изрази што слободно ги користат дури и не-Сведоците. За многу луѓе „Армагедон“ значи нуклеарен холокауст. Можеби „Божје Царство“ го поврзуваат со состојбата во самиот човек или со небото, но не и со некаква влада. Спомнувањето на „душата“ може да побуди мисли за таканаречен духовен дел кај луѓето што ја преживува смртта на телото. Според она за кое се поучени милиони луѓе, „свет дух“ е личност, дел од некое тројство. Поради тоа што многу луѓе го напуштиле библискиот морален кодекс, можеби дури им е потребна помош да разберат што се мисли во Библијата кога се вели: „Бегајте од блуд“ (1. Кор. 6:18).
Ако не се редовни читатели на Библијата, луѓето можеби нема да сфатат ако едноставно кажеш: „Павле напишал . . .“ или „Лука рекол . . .“ Можеби тие имаат пријатели или соседи што се викаат така. Можеби ќе треба да дадеш некој појаснителен израз за да го идентификуваш лицето како христијански апостол или библиски писател.
На современата публика честопати ѝ е потребна помош за да разбере стихови во кои се спомнуваат мерки или обичаи од древните времиња. На пример, изјавата дека арката на Ное била долга 300 лакти, широка 50 лакти и висока 30 лакти можеби не ѝ значи многу (Бит. 6:15). Но, ако ги опишеш истите димензии со помош на локални познати објекти, публиката веднаш ќе си ја претстави големината на арката.
Дај го потребното објаснување. За да им стане материјалот појасен на присутните, можеби ќе биде потребно повеќе отколку само да дадеш точна дефиниција за извесен термин. Во Ерусалим, во деновите на Езра, читањето на Законот било проследено со објаснување. За да им помогнат на луѓето да го сфатат неговото значење, Левитите давале толкување, како и објаснување на примената на Законот според околностите со кои се соочувале луѓето во тоа време (Неем. 8:8, 12). На сличен начин, одвој време да ги објасниш стиховите што ги читаш и нивната примена.
По својата смрт и воскресение, Исус им објаснил на своите ученици дека она кое штотуку се случило било исполнување на Писмото. Исто така, тој ја нагласил нивната одговорност како сведоци на тоа (Лука 24:44-48). Кога им помагаш да увидат како она за кое ги поучуваш треба да влијае врз нивниот живот, луѓето полесно ќе разберат што значи навистина тоа.
Како е вклучено срцето. Се разбира, дури и ако твоите објаснувања се јасни, други фактори можат да влијаат врз тоа дали другиот ќе те разбере или не. Кога срцето на еден човек не е приемливо, тоа претставува бариера за да ја сфати смислата на кажаното (Мат. 13:13-15). На оние што се решени да ги гледаат работите строго од физичка гледна точка, духовните работи им изгледаат безумни (1. Кор. 2:14). Кога некој покажува таков дух, можеби ќе биде мудро едноставно да ја завршиш дискусијата — барем за тогаш.
Сепак, во некои случаи срцето е неприемливо поради тешките животни околности. Ако му се даде прилика да слуша за библиската вистина во текот на извесен временски период, срцето на таквото лице може да стане приемливо. Кога Исус им кажал на своите апостоли дека ќе биде камшикуван и погубен, тие не разбирале. Зошто? Тоа не било она што го очекувале и, секако, не било она што го сакале! (Лука 18:31-34). Меѓутоа, со текот на времето, 11 од тие апостоли разбрале, и тоа го покажале постапувајќи во согласност со она за кое Исус ги поучил.
Ефектот на добриот пример. На луѓето им помагаме да разберат не само со нашите зборови туку и со нашите постапки. Во врска со својата прва посета во Салата на Царството, многу луѓе велат дека се сеќаваат на љубовта што била очигледна, а не на она што било кажано. На сличен начин, среќата што се гледа на нас им помага на многу станари да го отворот својот ум за библиската вистина. Кога ја гледаат оддадената љубезност што ја покажуваат Јеховините слуги меѓу себе и љубезниот обѕир кон другите кога се соочуваат со неволји, тоа предизвикува некои да заклучат дека Сведоците ја имаат вистинската религија. Затоа, додека настојуваш да им помогнеш на луѓето да ја разберат библиската вистина, размисли за начинот на кој ја објаснуваш и за својот пример.