СТУДИЈА 47
Делотворно користење визуелни помагала
ЗОШТО да користиш визуелни помагала во поучувањето? Затоа што на тој начин твоето поучување ќе биде поделотворно. Јехова Бог и Исус Христос користеле визуелни помагала, и ние можеме да учиме од нив. Кога визуелните помагала се комбинирани со кажаниот збор, информациите се примаат преку две сетила. Ова може да ти помогне да го задржиш вниманието на публиката и да го зајакнеш впечатокот. Како да вклучиш визуелни помагала во твоите презентации на добрата вест? Како да се осигуриш дека ги користиш делотворно?
Како најголемите учители користеле визуелни помагала. Јехова користел незаборавни визуелни помагала за да поучи за животоважни лекции. Една ноќ го извел Авраам надвор и му рекол: „Погледај сега на небото и изброј ги ѕвездите, ако можеш да ги преброиш . . . Толкаво ќе биде твоето семе“ (Бит. 15:5). Иако, од човечка гледна точка, она што било ветено изгледало невозможно, Авраам бил длабоко трогнат и положил вера во Јехова. Во една друга прилика, Јехова го испратил Еремија во домот на некој грнчар и му рекол да влезе во работилницата на грнчарот за да види како ја обликува глината. Каква само незаборавна лекција за авторитетот што Творецот го има над луѓето! (Ерем. 18:1-6). И како можел Јона некогаш да ја заборави лекцијата за милоста за која го поучил Јехова преку тиквата? (Јона 4:6-11). Јехова дури им кажал на своите пророци да ги одглумат пророчките пораки и притоа да користат некои соодветни предмети (1. Цар. 11:29-32; Ерем. 27:1-8; Езек. 4:1-17). Обележјата на шаторот и на храмот сами по себе се претстави што ни помагаат да ја разбереме небесната стварност (Евр. 9:9, 23, 24). Исто така, Бог обилно користел визии за да пренесе важни информации (Езек. 1:4-28; 8:2-18; Дела 10:9-16; 16:9, 10; Откр. 1:1).
Како користел Исус визуелни помагала? Кога фарисеите и припадниците на Иродовата партија се обиделе да го фатат за збор, Исус побарал еден денариј и свртел внимание кон ликот на цезарот што бил на монетата. Тогаш објаснил дека цезаровото треба да му се плати на цезарот, а Божјето на Бог (Мат. 22:19-21). За да нѐ научи лекција да му оддаваме чест на Бог со сѐ што имаме, Исус посочил една сиромашна вдовица во храмот, чиј прилог — две парички — ги претставувал сите нејзини средства за живот (Лука 21:1-4). Во друга прилика употребил едно мало дете како пример за понизност, без никакви амбиции (Мат. 18:2-6). Исто така, лично покажал што значи понизност на тој начин што им ги измил нозете на своите ученици (Јован 13:14).
Начини на користење визуелни помагала. За разлика од Јехова, ние не можеме да комуницираме преку визии. Сепак, во публикациите на Јеховините сведоци се појавуваат многу слики што поттикнуваат на размислување. Користи ги за да им помогнеш на заинтересираните луѓе визуелно да си го претстават земниот Рај, ветен во Божјата реч. На домашна библиска студија, би можел да го свртиш вниманието на студентот кон некоја слика што е поврзана со она што го проучувате и да го замолиш да ти каже што гледа. Вредно е да се забележи дека Јехова, кога му дал некои визии на пророкот Амос, прашал: „Што гледаш Амосе?“ (Амос 7:7, 8; 8:1, 2). Слични прашања можеш да поставиш додека вниманието на луѓето го насочуваш кон слики што се предвидени како визуелни помагала за поучување.
Ако направиш некои математички пресметувања или користиш хронолошка скала што го покажува редоследот на некои значајни настани, можеш да им помогнеш на луѓето побрзо да разберат пророштва како што се ,седумте времиња‘ од Даниел 4:16 и ,седумдесетте седмици‘ од Даниел 9:24. Такви визуелни помагала се појавуваат во неколку наши публикации за проучување.
На вашата семејна библиска студија, дискусијата за работи како што се шаторот, храмот во Ерусалим и визионерскиот храм на Езекиел, може полесно да се разбере ако користите слика или дијаграм. Нив можете да ги најдете во Увид во Писмото, апендиксот на New World Translation of the Holy Scriptures—With References и во различни изданија на Стражарска кула.
Кога ја читате Библијата со семејството, добро користете ги картите. Следете го патувањето на Авраам од Ур до Харан, па сѐ до Ветил. Испитајте го патот по кој одел Израел како нација кога го напуштил Египет и патувал до Ветената земја. Пронајдете го подрачјето што му било дадено во наследство на секое племе на Израел. Забележете колкаво било подрачјето на владеење на Соломон. Следете го патувањето на Илија, откако Езавела му се заканила, кога бегал од Езраел па сѐ до пустелијата зад Вирсавеа (1. Цар. 18:46-19:4). Пронајдете ги градовите и местата во кои проповедал Исус. Следете ги патувањата на Павле, опишани во книгата Дела.
Визуелните помагала се од помош кога библиските студенти ги запознаваме со функциите на собранието. Би можел на студентот да му покажеш печатена програма и да му објасниш за какви информации дискутираме на собирите и конгресите. Многумина биле импресионирани од личната обиколка на Салата на Царството или од обиколката на канцеларијата на некоја подружница на Јеховините сведоци. Ова може да биде делотворен начин да се расчистат погрешните сфаќања за нашето дело и за неговата цел. Кога водиш обиколка во Салата на Царството, покажи како таа се разликува од другите места на обожавање. Истакни го пристојниот амбиент за учење. Истакни ги обележјата што се особено наменети за нашата јавна служба — местата за дистрибуирање литература, картите на подрачјата и кутиите за доброволни прилози (спротивно на послужавниците за прилози).
Таму каде што на располагање има видеокасети, подготвени под водство на Водечкото тело, користи ги за да изградиш доверба во Библијата, да ги запознаеш студентите со активноста на Јеховините сведоци и оние што ќе ги гледаат да ги охрабриш да живеат во согласност со библиските начела.
Користење визуелни помагала за поголеми групи. Кога се добро подготвени и вешто презентирани, визуелните помагала можат да бидат делотворни помагала за поучување за поголеми групи. Класата на верниот и разборит роб обезбедува такви визуелни помагала во различни облици.
Студискиот материјал во Стражарска кула обично вклучува и визуелни помагала во облик на уметнички слики, кои водителот може да ги користи за да ги нагласи важните точки. Тоа е случај и со публикациите што се користат на Собраниската студија на книга.
Некои нацрти за јавни предавања можеби изгледаат погодни за да употребиш визуелни помагала со цел да ги илустрираш точките. Меѓутоа, поголемо добро обично ќе постигнеш ако вниманието го сосредоточиш на она што се наоѓа во Библијата, која повеќето присутни ќе ја имаат в рака. Ако понекогаш е потребна слика или краток нацрт на главните точки за да пренесеш една или неколку главни точки од некој говор, провери однапред за да бидеш сигурен дека визуелното помагало може јасно да се види (или прочита) од последните редови на местото на состанување. Таквите помагала треба да се користат штедливо.
Нашата цел при користењето визуелни помагала кога зборуваме и поучуваме не е да забавуваме. Кога се користи едно достоинствено визуелно помагало, тоа треба да даде визуелна поддршка на идеите што заслужуваат посебно нагласување. Таквите помагала служат за корисна цел кога придонесуваат да се разјасни кажаниот збор, со тоа што олеснуваат да се разбере, или кога даваат силни докази за непобитноста на она што се кажува. Ако се користи правилно, некое погодно визуелно помагало може да остави толку длабок впечаток што и визуелната помош и поуката ќе се помнат со години.
Способноста на слушање и сетилото за вид играат важна улога во учењето. Запомни како најголемите Учители ги користеле овие сетила и настојувај да ги имитираш во твоите напори да ги достигнеш другите.