ПОГЛАВЈЕ 27
Зошто мислам дека треба да бидам совршен?
Дали се нервираш ако на тестот не добиеш највисока оценка?
□ Да
□ Не
Дали се чувствуваш како чисто промашување кога ќе добиеш некаква критика?
□ Да
□ Не
Дали ти е тешко да стекнеш или да задржиш пријатели затоа што ти се чини дека никој не е доволно добар за тебе?
□ Да
□ Не
АКО одговори со ‚да‘ на едно или на повеќе од овие прашања, тогаш веројатно имаш проблем со перфекционизмот. Но, можеби ќе речеш: ‚Па што има лошо во тоа да сакаш сѐ да направиш како што треба?‘ Нема ништо лошо. Библијата зборува пофално за оној што е „вешт во својата работа“ (Изреки 22:29). Меѓутоа, перфекционистот оди во крајности.
На пример, Џејсон (19) признава: „Во четврта година си мислев дека ако не добијам највисока оценка по сите предмети, тогаш не сум добар ученик. Свирам и на клавир, и порано си мислев дека морам да свирам вешто како концертен пијанист“.
Перфекционизмот може дури и да го кочи некого во службата за Јехова. Размисли што може да му се случи на еден млад човек кого другите постојано го посочуваат како добар пример. Бидејќи секогаш е во центарот на вниманието, можеби се чувствува како да оди по јаже, а сите будно го следат секој негов потег. Се разбира, и младите и старите христијани имаат корист од добрите примери во собранието. Сепак, поради напорите да задржи совршена слика пред другите, еден млад човек може да ја изгуби радоста во службата за Бог. Ако се случи тоа, му треба помош. Но, можеби нема да побара помош затоа што му е страв да не ги разочара оние што имаат високо мислење за него. Можеби дури и ќе сака сосема да крене раце од сѐ, мислејќи си: ‚Ако не можам да ги достигнам моите совршени мерила, зошто воопшто да се трудам?‘
Борба против перфекционизмот
Перфекционистите живеат во заблуда дека никогаш не треба да се прават грешки. Но, таквото гледиште е тотално погрешно. Библијата јасно кажува: „Сите згрешија и не ја одразуваат Божјата слава“ (Римјаните 3:23). Според тоа, невозможно е некој да биде совршен во апсолутна смисла на зборот. Всушност, да веруваш дека можеш сѐ да правиш совршено е исто толку бесмислено колку и да мислиш дека можеш да леташ. Колку и да си уверен, тоа едноставно нема да се случи!
Што можеш да направиш за перфекционизмот да не ти го контролира животот? Обиди се со следниве предлози:
Смени го значењето на зборот „успех“. Дали се исцрпуваш обидувајќи се да бидеш најдобар? Библијата кажува дека тоа може да се спореди со „трчање по ветар“ (Проповедник 4:4). Вистината е дека многу малку луѓе успеваат да бидат „најдобри“. Па дури и кога некој ќе стане најдобар, обично само прашање на време е кога некој друг ќе го надмине. Да бидеш успешен значи да го даваш најдоброто од себе, а не да го надминеш најдоброто на некој друг (Галатите 6:4).
Биди реален. Твоите очекувања треба да одговараат на твоите способности и ограничувања. Ако имаш превисоки очекувања од себе, тоа може да биде знак за нескромност — па дури и на егоизам. Апостол Павле го дава овој мудар совет: „Му велам на секој меѓу вас да не мисли за себе повеќе отколку што треба да мисли“ (Римјаните 12:3). Затоа, биди реален. Смени ги своите очекувања. Труди се да го дадеш најдоброто, а не да постигнеш совршенство.
Опушти се! Пробај да правиш нешто во што не си добар, на пример, да свириш некој инструмент. Точно, ќе направиш многу грешки. Но, овојпат потруди се да гледаш на грешките од друг агол. Библијата вели дека има „време за смеење“ (Проповедник 3:4). Затоа, зошто не се опуштиш малку? Тоа ќе ти помогне да сфатиш дека грешките едноставно се дел од процесот на учење. За волја на вистината, можеби нема да ти биде лесно да ги правиш работите на „несовршен“ начин. Но, свесно труди се да ги исфрлиш негативните, критички мисли од умот.
Секогаш потсетувај се дека Јехова не бара да бидеме совршени. Сѐ што бара е да му бидеме верни (1. Коринќаните 4:2). Ако се трудиш да бидеш верен, биди задоволен со самиот себе — иако не си совршен.
Денес хомосексуалноста е нашироко прифатена. Како да ѝ се спротивставиш? Што ако имаш хомосексуални желби?
КЛУЧЕН СТИХ
„Нема праведен човек на земјата, кој прави само добро и никогаш не греши“ (Проповедник 7:20)
ПРЕДЛОГ
Размисли за некоја задача што си ја одложувал само затоа што ти било страв дека нема да ја направиш совршено. Потоа постави си датум до кога да ја завршиш.
СИ ЗНАЕЛ ЛИ ДЕКА...?
Јехова е совршен, но не е перфекционист во поглед на она што го очекува од несовршените луѓе. Во тоа не е ниту неразумен, ниту нереален.
ПЛАН!
Кога ќе станам неразумно самокритичен, ќе ․․․․․
Кога ќе станам неразумно критичен кон другите, ќе ․․․․․
Во врска со оваа тема, би сакал да ги прашам родителите ․․․․․
ШТО МИСЛИШ?
● На кои подрачја од животот си склон да си поставуваш неразумни цели?
● Кои библиски стихови јасно ти покажуваат дека Јехова Бог не очекува совршенство од своите слуги?
● Ако си перфекционист, зошто е можно другите да се повлечат од тебе?
● Како ќе реагираш на своите грешки отсега натаму?
[Истакната мисла на страница 226]
››Да го даваш најдоброто од себе и да бидеш перфекционист се две различни работи — првата е разумна, другата не‹‹ (Меги)
[Рамка на страница 228]
Перфекционизмот и пријателствата
Ти се случува ли да ги отфрлиш луѓето затоа што не се доволно добри за тебе? Дали добри луѓе стојат понастрана од тебе затоа што твоите мерила за пријателство им се премногу високи? Библијата дава совет: „Не биди преправеден и не биди премногу мудар. Зошто самиот да се упропастиш?“ (Проповедник 7:16). Еден начин на кој перфекционистот самиот се упропастува е со тоа што ги оттурнува од себе оние што можеби сакаат да се дружат со него. Една девојка по име Амбер вели: „Никој не сака да биде со луѓе кои прават да не се чувствуваш убаво, и имам видено како перфекционистите губат добри пријатели поради некои безначајни ситници“.
[Слика на страница 229]
Обидот да бидеш совршен е исто толку бесмислен колку и обидот да леташ