Објавителите на Царството известуваат
Нигериски ученици благословени заради верноста
АПОСТОЛ Павле напишал: „Ако е можно, доколку тоа зависи од вас, бидете во мир со сите луѓе“ (Римјаните 12:18). Децата на Јеховините сведоци во Нигерија го применуваат овој совет дури и кога се прогонувани. Како резултат, Јехова ги благословува.
◻ Еден учител воопшто не ги симпатизирал Јеховините сведоци. За време на еден утрински час, ги повикал сите Јеховини сведоци да излезат на табла и им заповедал да ја испеат националната химна. Тие одбиле, тврдејќи дека сакаат да му бидат исклучиво оддадени на Бог. Тогаш учителот сите ги извел надвор и им рекол да ја сечат тревата. Во меѓувреме, останатите ученици продложиле со часовите.
Еден возрасен Сведок ја зел брошурата Училиштето и Јеховините сведоци и му ја дал на учителот, објаснувајќи му го неутралниот став на Јеховините сведоци. Но, учителот одбил да разговара за таа работа и не ја примил брошурата. Всушност, веднаш ја засилил казната над децата.
Младите Сведоци мирно ја поднесувале казната и продолжиле да ја сечат тревата дури и кога учителот не бил присутен. Еден ден учителот се сокрил и незабележано ги набљудувал како работат и пеат песни за Царството. Бил толку импресиониран, што ги вратил во училницата, изразувајќи восхитеност од нивниот став. Каков бил резултатот? Учителот сега има библиска студија со Јеховините сведоци!
Сигурно дека овие ученици биле благословени за нивната верност спрема Јехова и неговите начела (Соломонови изреки 10:22).
◻ Рут и нејзините пријателки исто така биле благословени за својата верност спрема Јеховиното барање да не бидат „дел од овој свет“ (Јован 17:16, NW). Рут, која сега има 18 години, почнала со пионерска служба на 12 години. Таа и други Сведоци наишле на противење од страна на членовите на училишниот персонал затоа што одбивале да ја пеат националната химна. Една учителка побарала да се види со родителите на девојката. Откако ѝ дале објаснување со помош на брошурата Училиште, учителката била задоволна и повеќе не им создавала проблеми на ученичките.
Сепак, еден ден една учителка од Индија искарала и казнила една од девојките пред целиот клас кога таа не ја пеела националната химна. Девојката храбро ја бранела својата вера, па учителката ја одвела кај директорката. Кога дошле таму, младата девојка Сведок забележала дека таму е присутна и заменик–директорката. На свое големо изненадување, директорката и заменик–директорката почнале да се смејат. Свртувајќи се кон учителката, директорката рекла: „Госпоѓо, не грижете се за овие девојки. Дури и да ги убиете, тие подобро би умреле, отколку да ја пеат химната. Зарем не сте чуле за нив?“ Таа и нејзината асистентка потоа зборувале за верата и храброста на Јеховините сведоци. Обраќајќи ѝ се на девојката, директорката рекла дека ѝ е жал заради неприликите што ги поднела. Потоа додала: „Продолжи со своите дела на вера. Ѝ се восхитувам на вашата религија и вашиот храбар став како во училиштето, така и вон него“. Подоцна учителката која се противела, им се извинила на Сведоците, велејќи дека сега го сфаќа неутралниот став што го заземаат Јеховините сведоци.
Овие деца го следеле примерот на тројцата Евреи кои не сакале да ја прекршат својата беспрекорност спрема Бог и да му се поклонат на еден лик, како и примерот на Даниел, кој одбил да престане да му се моли на Јехова. Тие мажи биле благословени од Јехова затоа што им биле верни на Божјите праведни закони (Даниел, поглавја 3 и 6).