Зошто толкав очај?
НАДЕЖТА за подобар живот — конечно остварена! Многу луѓе кои живеат во некогашна Источна Германија, веруваа во тоа кога во ноември 1989 падна Берлинскиот ѕид. Меѓутоа, по нешто повеќе од една година тие се жалеа дека „е многу потешко да излезат на крај со суровиот свет на капиталистичката демократија отколку со животот кој беше заштитен со Берлинскиот ѕид“. Каков беше резултатот? Разочарување, и сѐ поголем очај?
Насилството дома и во општеството може да ги присили луѓето да го напуштат домот во потрага по безбедност, но малкумина ја наоѓаат. Некои можат дури да завршат меѓу бездомниците кои спијат на градските улици. Во некои земји многумина од нив завршуваат заплеткани во комплицирани службени процедури. Неспособни да имаат дом затоа што немаат работа, тие не можат да се вработат затоа што немаат постојана адреса. Владините социјални бироа се обидуваат да помогнат, но потребно е време додека се решат проблемите. Така настапуваат фрустрации и очај.
Многу жени очајот ги тера да прават шокантни работи. Во извештајот Жените и криминалот во 1990-тите (Women and Crime in the 1990s), професорката по право, Сузан Едвардс, објаснува: „Вклученоста на младите жени [во проституција] е директен резултат на економската потреба, а не на недостигот на самодисциплина или на семејното потекло“. Исто така, младите мажи кои го напуштаат домот за да бараат работа, честопати не ја наоѓаат. Некои, од очај, завршуваат како „момци за изнајмување“, продавајќи ги своите тела на хомосексуалци во замена за храна и покрив над главата, и така стануваат пиони во рацете на корумпирани групи на криминалци.
Суровата политичка стварност, насилството, економските тешкотии — сето тоа може да предизвика извесен очај. Дури и деловните луѓе не се имуни кога сакаат да го одржат својот богат животен стил додека се борат со растечките финансиски проблеми. Со каков резултат? Како што рекол древниот цар Соломон: „Самото угнетување може да направи мудриот да постапува лудо“ (Проповедник 7:7, New World Translation of the Holy Scriptures)a. Навистина, очајувањето води до тоа сѐ поголем број да посегнат по најкрајното решение — да се самоубијат.
Најкрајното решение
Повеќето случаи на самоубиство меѓу младите покажуваат дека дури и тие се погодени со напаста на очајот. Една британска новинска колумнистка прашала: „Што се случува со нашево време, што има толку многу очајни тинејџери?“ Во една студија за деца на возраст помеѓу 8 и 16 години, кои биле примени во болница откако се обиделе да се отрујат, д-р Ерик Тејлор од Лондонскиот институт за психијатрија, известува: „Она што упаѓа во очи е тоа што многу од децата биле во очај и без надеж заради ситуацијата“. Британија годишно бележи околу 100.000 несмртни но намерни случаи на труења, со што сакаат да ја разгласат нивната итна потреба од помош.
Една британска добротворна установа повела кампања да им се посвети внимание на очајаните. На тој начин нејзините советници тврделе дека нудат „алтернативи за смртта“. Сепак, тие признаваат дека не се способни да ги решат проблемите коишто ги тераат луѓето во очај.
Стапката на самоубиства го одразува „нивото на отуѓеност и недостиг на меѓусебна поврзаност во општеството“, коментира весникот The Sunday Correspondent. Зошто денес има висока стапка на самоубиства? Весникот ги наведува „бездомништвото, растечкото пијанство, заканата од СИДА и затворањето на душевните болници“ како фактори кои ги тераат поединците во толку длабок очај, што мислат дека одземањето на сопствениот живот е единственото решение за нивните проблеми.
Постои ли некаква надеж да се растера очајот? Да! „Исправете се и подигнете ги главите свои“, е Исусовото мото! (Лука 21:28). Што мислел со тоа? Каква надеж постои?
[Фуснота]
a Според Theological Wordbook of the Old Testament, издаден од Харис, Арчер и Валтке, првобитниот јазичен корен на зборот преведен со „угнетување“, се однесува на „оптоварувањето, газењето и гмечењето на оние кои се во пониска положба“.