Јехова се сеќава на болните и старите
СООЧУВАЊЕТО со „зло време“ може да биде многу тешко (Псалми 36:18, 19). Таквото време може да дојде во облик на поодминати години и слабоста која ги придружува. За некои тоа зло време настапува кога поднесуваат тешка, долготрајна болест. Веројатно мислат дека болеста го управува сиот нивни живот, преовладувајќи во сите нивни мисли и постапки.
Охрабрувачки е, сепак, кога знаеме дека Јехова своите очи ги задржува на сите свои слуги. Неговото срце се радува кога неговите предадени слуги и понатаму покажуваат лојалност и мудрост наспроти староста, болестите или други искушувачки околности (2. Летописи 16:9а; Соломонови изреки 27:11). Цар Давид нѐ уверува: „Близу е Господ до сите, . . . кои вистински Го призиваат . . . ги услишува молитвите нивни [повици за помош, NW]“. Да, тој е свесен за нивната борба; тој ги закрепнува со својот дух. „И ги спасува“. Се сеќава на нив и им помога да истрајат (Псалми 144:18, 19). Но, како е со нас? Дали и ние како Јехова, се сеќаваме на болните и на постарите?
Немоќноста како резултат на болест или старост е животна реалност во сегашниот систем. Тоа се факти на кои мораме да сметаме сѐ додека Јехова не ја оствари својата намера со Земјата и човештвото. Денес, сѐ повеќе и повеќе луѓе се во длабока старост, затоа на многумина од нив им е позната немоќноста која ја придружува. Од друга страна, многу млади добиваат смртоносни повреди или болести, или пак останувааат поради тоа инвалиди. Додека овој стар свет не помине, болеста и староста и понатаму ќе бидат едни од најголемите искушенија.
Колку само ние ги цениме нашите болни и стари кои сѐ уште се примери за „страдања и долготрпенија“! Да, „блажени се оние што претрпеа“ (Јаков 5:10, 11). Многу постари, чија сила сега е ослабната, со децении учествувале во поучувањето, обучувањето и обликувањето на оние кои денес преземаат водство во собранието. Голам број постари се радуваат кога ќе видат дека и нивните деца учествуваат во полновремената служба (Псалми 70:17, 18; 3. Јованово 4).
На сличен начин, ги цениме и оние меѓу нас кои се тешко болни, а сепак, наспроти нивното страдање успеваат нас да нѐ храбрат со својата верност. Кога таквите пружаат доказ за својата надеж без да потклекнат, тоа силно ја поттикнува и ја зацврснува верата. Мирот што го имаат во мислите и задоволството откриваат вера која навистина вреди да се имитира.
За некого е шок кога ненадејно ќе го погоди рак, срцев удар или некоја друга ситуација која потполно го менува неговиот живот. За родителите исто така е тежок испит кога гледаат дека нивното дете е болно или страда поради некоја несреќа. Што можат да сторат другите? Секое такво зло време е испит за целото христијанско братство. Тоа е можност да се покаже дека „пријателот сака во секое време и како брат ќе се јави во време на неволја“ (Соломонови изреки 17:17). Се разбира, не можат сите болни или постари да очекуваат лична поддршка од секој еден член на собранието. Но Јехова ќе се погрижи преку неговиот дух да ги поттикне повеќето на различни начини да им помогнат. А старешините будно ќе пазат на работите за да бидат сигурни дека никој не е превиден. (Види 2. Мојсеева 18:17, 18.)
Обиди се да сфатиш
Кога се обидуваме некому да му помогнеме, важно е да имаме добра комуникација, а за тоа е потребно време, стрпливост и сочувствителност. Како помагач, секако дека ќе имаш желба да ‚поткрепуваш со јазикот свој‘; но најнапред внимателно сослушај пред да зборуваш или делуваш, зошто ќе станеш ‚немил утешител‘ (Јов 16:2, 5).
Болните и старите можеби понекогаш тешко го прикриваат своето разочарување. Многу од нив ја ценеле надежта лично да ќе ја доживеат големата неволја, а сега се наоѓаат во трка со времето, трка во која се прашуваат дали ќе успеат да го доживеат тој ден. Состојбата во која се наоѓаат често пати ги изморува и загрижува. Одржувањето на жива и јака вера претставува борба, особено ако некој не може повеќе да ги следи желбите на срцето да има потполно учество во христијанската служба. Еден христијански старешина посетил една постара сестра; кога се молел со неа, тој замолил Јехова да ни ги прости нашите гревови. После молитвата забележал дека сестрата плаче. Објаснила дека Јехова треба нејзе посебно да ѝ ги прости гревовите затоа што повеќе не учествува во проповедањето од куќа до куќа. Да, некого може длабоко да го ожалости тоа што мисли дека е неспособен или недостатен, иако често пати таквото мислење е неоправдано.
Биди свесен дека загриженоста и исцрпеноста можат да ја погодат душевната рамнотежа. Од слабост поради староста или малаксувачка болест, некое лице може да мисли дека е заборавено од Јехова и можеби си вели: „Што сум сторил? Зошто пак, мене?“ Сети се на зборовите од Соломонови изреки 12:25: „Тагата во срцето го притиска човекот, а добриот збор го развеселува“. Обиди се да најдеш добри зборови кои можат да утешат. Постарите кои имаат болка можат дури, како Јов, да изразат желба да умрат. Тоа не мора да биде шокантно; обиди се да разбереш. Таквите жалби не се неминовно доказ за недостиг на вера или доверба. Јов се молел да биде ‚сокриен во пеколот [шеолот, NW]‘, а сепак, неговите зборови веднаш после оваа изјава откриваат цврста вера дека Јехова повторно после тоа ќе го подигне. Цврстата вера овозможува да се мине низ периоди на загриженост и депресија и да се остане блиску до Јехова (Јов 14:13-15).
Да им се искажува чест на болните и постарите
Не може доволно да се нагласи колку е важно да се однесуваме со почитување и достоинство спрема болните и старите (Римјаните 12:10). Ако не реагираат брзо како порано или не можат да сторат толку многу, не губи трпение. Не биди брз да се вмешуваш и донесуваш одлуки наместо нив. Без обѕир колку сме добронамерни, ако настапиме на еден доминантен или авторитативен начин, тоа секогаш ќе го лиши другиот од самопочитување. Во својата докторска теза издадена 1988, истражувачката Јете Ингерслев објаснила што една група од 85-годишници го смета како најважно за квалитет на нивниот живот: „Тие им дале најголем приоритет на следниве три подрачја: да се биде заедно со роднините; да се има добро здравје; и на крајот, но не со помало значење, да бидат во можност да донесуваат сопствени одлуки“. Забележи дека синовите на патријархот Јаков не се однесувале супериорно кон својот татко кога тој остарел; неговите желби биле почитувани (1. Мојсеева 47:29, 30; 48:17-20).
И спрема болните треба да се однесуваме со достоинство. Еден старешина повеќе не можел да зборува, чита и пишува поради грешка направена во текот на една операција. Тоа за него бил страотен удар, но останатите старешини решиле да сторат сѐ што било можно за да спречат да се чувствува бескорисен. Сиот собраниски извештај сега му го читаат и го вклучуваат во планирањето на другите собраниски работи. На старешинските состаноци, се обидуваат да го добијат неговото мислење. Му даваат до знаење дека сѐ уште го сметаат за старешина и го ценат неговото присуство. Во христијанското собрание, секој од нас може да направи напор за ниеден болен или стар да не се чувствува ‚отфрлен‘ или напуштен (Псалми 70:9).
Помош за добивање на духовна сила
На секој од нас му е потребна духовна храна за да ја зачува жива и јака својата вера. Затоа сме поттикнати секојдневно да ја читаме Библијата и библиските публикации и ревно да учествуваме на христијанските состаноци и во делото на проповедање. Често пати, на болните или старите им е потребна помош за да го исполнат тоа, и важно е да се стори она што е реално во нивниот случај. За среќа, многумина можат сѐ уште да ги посетуваат состаноците ако им се обезбеди превоз и мала помош во Царската сала. Тоа што тие ги посетуваат состаноците е големо охрабрување за собранието. Нивната истрајност е мотивирачка и ја зајакнува верата.
Во повеќето случаи, болните и старите можат исто така да имаат значителен удел во христијанската служба. Некои можат да бидат вклучени во групата за сведочење која оди со автомобил, а тие без сомнение ќе се чувствуваат освежени што биле во можност да направат неколку повторни посети. Кога тоа повеќе не е можно, можат да најдат радост да сведочат неформално на поединци со кои доаѓаат во контакт. Една сестра која се разболела од рак одлучила сиот живот кој ѝ преостанувал да го помине со особен напор во објавување на добрата вест. Нејзиното храбро сведочење било охрабрувачко за сите. Таа дури и го испланирала својот погреб за да може да се даде добро сведоштво на роднините кои не биле верници, колегите и соседите. Нејзината несреќна ситуација на тој начин ‚помогнала за поголем успех на Евангелието‘, а нејзината решителност да искажува вера и увереност, на нејзините последни денови им дале посебно значење (Филипјаните 1:12-14).
Добро е да им се помага на болните и старите да бидат духовно јаки. Семејствата можат да ги повикаат на заедничко дружење или на заедничко проучување на дел од семејната студија која може да се одржува понекогаш во домот на оној кој не може да излегува надвор. Една мајка ги носела двете најмали деца во домот на една постара сестра за да ја читаат заедно Моја книга со библиски приказни. Постарата сестра била многу среќна поради тоа, а децата се радувале на вниманието што таа им го пружала.
Меѓутоа, има време кога некое слабо лице не би требало да се вознемирува премногу, и тогаш можеби е најдобро само повремено гласно да им се прочита некаков материјал. Запомни дека, сепак, ако некој е физички многу слаб да учествува во разговор, на таквиот сѐ уште ќе му треба и ќе сака духовно дружење. Можеме да молиме со таквите, да им читаме или да им кажуваме искуства; но би требале да бидеме внимателни да не се задржуваме подолго отколку што тие би можеле да поднесат.
Постои една света служба која повеќето болни или стари сѐ уште можат да ја извршуваат: да се молат во корист на другите. Раните ученици ѝ придавале голема важност на оваа служба. Во една прилика тие ја распределиле тежината на работата во собранието така што апостолите можеле да се концентрираат на молитвата. Верниот Епафрас е спомнат како оној ‚кој секогаш во молитвите свои се грижел‘ (Колосјаните 4:12; Дела на св. апостоли 6:4). Таквата молитва е многу важна и корисна (Лука 2:36-38; Јаков 5:16).
Јехова се сеќава на болните и на старите и се грижи за нив во зло време. Тој со право очекува и ние да размислиме како можеме да им помогнеме и да ги поткрепиме. Грижата која ја покажуваме ја одразува нашата одлука да ја зачуваме нашата сопствена беспрекорност. И ние се радуваме кога размислуваме за зборовите на цар Давид: „Господ ги знае патиштата на непорочните; и нивното наследство ќе биде вечно“ (Псалми 36:18).
[Рамка на страница 28]
Да се пружи практична помош — со разбирање
ПРИЈАТЕЛИТЕ и роднините би требало да стекнат основно но исправно спознание за тоа како да се грижат за болните или старите. Пред сѐ, можат да ги охрабрат да задржат позитивен став спрема животот, да се чувствуваат потребни и ценети и да имаат чувство на самопочитување. На тој начин квалитетот на нивниот живот ќе остане на ниво што ќе им ја зачува радоста во Јехова, наспроти тегобите и болките. Забележано е дека многу Јеховини сведоци се во длабока старост. Еден моќен фактор кој придонесува за тоа без сомнение е живиот интерес за надежта која стои пред нив, нивната јасна умствена способност и учеството во службата за Царството до најголема можна мерка. Починатиот претседател на Watch Tower Society, Фредерик В. Франц, кој мирно почина во својата стота година после еден продуктивен живот исполнет со радост, беше сјаен пример за тоа. (Спореди 1. Летописи 29:28.)
Воопшто, внимавањето на основните работи при дневната нега може многу да значи: добрата хигиена, исправна исхрана, доволно течности и сол, разумно вежбање, свеж воздух, нежна масажа и поттикнувачки разговор. Соодветната исхрана може да придонесе за подобро слушање, вид, ментални функции и физичко здравје, како и за поголема отпорност на болести. За старите луѓе едноставните работи како што се правилна исхрана и многу течности може да значат разлика меѓу добра здравствена состојба и сенилност. Понекогаш можеби е потребно да се размисли за да се најде некој облик на физичка вежба која му одговара на поединецот. Една сестра која доаѓала да ѝ чита на една остарена и речиси слепа сестра секоја седмична посета ја започнувала и ја завршувала со нежно танцување со сестрата по собата. Касетата секогаш била спремна со одбрана музика, и двете уживале во таа „вежба“.
Во многу земји, хуманитарните организациите можат да овозможат корисна практична помош и да дадат информации и совети за посебни ситуации и како да се излезе на крај со нив. (Се разбира, христијаните би требало секогаш да внимаваат да не скршнат од патот во активности кои го свртуваат вниманието од нашата вистинска христијанска служба.) Понекогаш, помош може да се пружи со позајмување на болнички кревет, помагала, протези, инвалидска количка, слушни апарати, итн. Бидејќи многу стари сметаат дека такво нешто не им е потребно или дека не им се исплаќа да изнајмуваат такви нови работи, роднините често пати мораат да дадат разумни совети или дури да ги наговорат. Една практична рачка на вратата од бањата може да предизвика поголема радост отколку букет цвеќе.
Грижата за постарите може да предизвика голем душевен напор, особено ако лицето станало сенилно. Сенилноста често пати се појавува подмолно. Може да се делува спротивно на тоа така што ќе се спречи пациентот да биде непотребно пасивен. Сенилното лице може ненадејно да се вознемири од некого кон кого обично бил многу приврзан. Роднините мораат да сфатат дека еден стар човек може да заборави сѐ што е поврзано со вистината — жалосен резултат на телесното пропаѓање, а не доказ за губење на верата.
Ако пациентот е во болница или дом, неопходен е добар контакт со персоналот за да знаат што да сторат во врска со родендените, Божиќ или други световни празници. Ако е потребна операција, роднините можат да објаснат и да го потврдат ставот кој пациентот го имал што се однесува до трансфузијата на крв.