ОНЛАЈН БИБЛИОТЕКА Watchtower
ОНЛАЈН БИБЛИОТЕКА
Watchtower
македонски
ѐ
  • Ѐ
  • ѐ
  • Ѝ
  • ѝ
  • БИБЛИЈА
  • ПУБЛИКАЦИИ
  • СОСТАНОЦИ
  • w93 15/10 стр. 4-7
  • Свет без крадци

За овој материјал нема видео.

Се појави проблем. Видеото не може да се отвори.

  • Свет без крадци
  • Стражарска кула го објавува Јеховиното Царство 1993
  • Поднаслови
  • Сличен материјал
  • „Кој крадел, да не краде веќе“
  • Безбедност во Божјиот нов свет
  • Крај на стравот — кога?
    Стражарска кула го објавува Јеховиното Царство 1995
  • Зошто кражбите се во пораст?
    Стражарска кула го објавува Јеховиното Царство 1993
  • Да се излезе на крај со криминалот во хаотичен свет
    Стражарска кула го објавува Јеховиното Царство 1991
  • Крадење — зошто не?
    Разбудете се! 1996
Повеќе
Стражарска кула го објавува Јеховиното Царство 1993
w93 15/10 стр. 4-7

Свет без крадци

ТОА се случило толку брзо. Еден убаво облечен човек му го вперил пиштолот на Антониоa в глава пред неговиот дом во Сао Пауло (Бразил), му ги побарал клучевите и документите од автомобилот и брзо се одвезол.

Во Рио де Жанеиро, пред очите на неговата десетгодишна ќеркичка, четворица добро вооружени мажи совладале еден човек по име Пауло. Потоа, откако отишле во неговиот дом, разбојниците влегле и украле сѐ што сакале и ги наполниле двата автомобила на Пауло. Заканувајќи ѝ се на Пауловата сопруга со смрт, тие ја повеле неа и еден од вработените како заложници во Пауловата продавница за накит во центарот на градот, од која опљачкале сѐ што било вредно. Сепак, неочекувано, крадците подоцна телефонирале и кажале каде ги оставиле автомобилите.

Колку е обесхрабрувачки да ти ги опљачкаат тешко заработените пари и добра! Иако ниту Антонио ниту Пауло не го сториле тоа, други го земаат законот во свои раце. Тие можат скапо да му наплатат на крадецот или можат да ги изгубат сопствените животи. На пример, кога некој младич ѝ го украл часовникот на една Бразилка, таа разлутено го извадила пиштолот од својата ташна, пукнала во крадецот и го убила. Каков бил резултатот? Весникот O Estado de S. Paulo известува: „Луѓето што беа очевидци на епизодата го фалеа ставот на непознатата жена и никој не сакаше да ѝ помогне на полицијата таа да се идентификува“. Иако копнеат по свет без крадци, христијаните не се одмаздуваат како што сторила таа жена. Бидејќи одмаздата му припаѓа на Бог, тие ги слушаат зборовите од Соломонови изреки 24:19, 20: „Не се разјарувај заради злочинците. Не им завидувај на злите луѓе. Зашто ќе се покаже дека нема иднина за никој лош“ (НС).

Но, што можеш да сториш ако си нападнат? Еден инцидент во Рио де Жанеиро покажува колку е важно да останеш мирен. Една христијанка, која ќе ја наречеме Елоиза, патувала со автобус на библиска студија. Двајца мажи почнале да ги пљачкаат патниците. Кога стигнале до автобуското стојалиште на кое требало да излезе, таа им рекла дека е Јеховин сведок и дека оди на библиска студија. Ја покажала својата Библија и студиските помагала. Без да ја ограбат, разбојниците ѝ дозволиле да слезе. Но на еден други патник не му било дозволено да излезе. Возачот подоцна рекол дека никогаш не видел нешто слично.

Реџина исто така останала мирна кога двајца вооружени мажи ѝ рекле да влезе во нејзиниот автомобил. Покажувајќи им го својот примерок на списанието Разбудете се!, Реџина дала сведоштво. Бидејќи разбојниците биле нервозни, ги замолила да ја отворат преградата отспреди каде што имала неколку бомбони. Но кога ги виделе касетите со Мелодии на Царството, почнале да ја слушаат музиката. Кога атмосферата станала поопуштена, разбојниците решиле да ја остават Реџина неповредена на автопатот, уверувајќи ја дека ќе најде некое љубезно лице што ќе ѝ помогне. Откако пешачела десетина минути, наишла на една куќа, но станарот не можел да поверува во нејзината приказна, велејќи: „Вие не изгледате дека сте биле нападната; толку сте прибрана“.

Иако жртвата може физички да не биде повредена, таквото вознемирувачко искуство може да предизвика сериозни последици. ‚Жртвата може да стане несигурна, исполнета со омраза спрема членовите на семејството или спрема оние кои се обидуваат да ѝ помогнат, неспособна е да има доверба во другите, под опсесија е да составува детали и чувствува дека светот е неправеден‘ — известува весникот O Estado de S. Paulo. Спротивно на тоа, жртвата која има доверба во Јехова Бог, поверојатно ќе го преживее искуството без физички или емоционални последици. Но, зарем не би се сложил дека би било благослов кога повеќе не би имало криминал ниту било што што предизвикува страв?

„Кој крадел, да не краде веќе“

Иако мнозина повеќе го сакаат својот алчен начин на живот, Божјата Реч им помогнала на некои крадци да ги променат своите желби и своите личности (Ефесјаните 4:23). Имајќи вистинска цел во животот, темелена на Библијата, тие ги земаат при срце зборовите: „Подобро малку со правда, отколку многу приходи со неправда“ (Приче Соломунове 16:8, Даничиќ–Караџиќ). Клаудио раскажува: „Скоро сите во моето семејство беа Сведоци, но јас никогаш не ги слушав што кажуваа за Јехова и неговите намери. На враќање од едно патување долго скоро 2.000 километри со украдено камионче, морав да поминам низ повеќе полициски контролни пунктови. Кога ги минував тие процедури увидов дека морам да го променам својот живот. Се обидував да го сторам тоа порано, но без успех. Овојпат почнав да размислувам за моите роднини кои се Јеховини сведоци, и колку поинакви се тие, како имаат радост, среќа и мир“. Како резултат на тоа, Клаудио почнал да ја проучува Божјата Реч, ја отфрлил дрогата и своите поранешни пријатели и станал христијански слуга.

И други сега исто така ги слушаат зборовите: „Не се надевајте на неправда и не посакувајте отимање“ (Псалми 61:10). По издржувањето на затворската казна за обид за убиство за време на една пљачка, Жозе, наркоман и препродавач на дрога, извлекол корист од студирањето на Библијата со својот шура. Престанал со дрогата и сега е ревносен Сведок.

Сепак, новата личност не доаѓа веднаш или преку чудо. Оскар, кој бил длабоко вмешан во дрога и крадење, раскажува: „Се молев на Јехова толку горливо што подот честопати изгледаше како мало езеро од многуте мои солзи“. Да, покрај марливото проучување на Божјата Реч, потребна е истрајна, срдечна молитва. Забележи ја мудроста во овој став на молитва: „Сиромаштија и богатство не ми давај, — храни ме со насушниот леб, та, откако ќе се пренаситам, да не се откажам од Тебе и да кажам: ‚Кој е Господ‘ и, откако ќе осиромашам, за да не почнам да крадам и да го употребувам името на мојот Бог напразно“ (Соломонови изреки 30:8, 9).

Користољубието мора да биде заменето со искрена љубов: „Кој крадел, да не краде веќе; а подобро е да се труди, правејќи добро со рацете свои за да има што да му подаде на оној, кој што има потреба“ (Ефесјаните 4:28). Како во случајот на некои христијани од првиот век кои порано биле ‚крадци или користољупци‘, Јехова, преку откупнината на Исус Христос, милостиво им простува на оние кои се каат (1. Коринтјаните 6:9-11). Колку е утешувачки што, без разлика какво било нашето минато, можеме да го промениме нашиот начин на живот и да постигнеме Божја милост! (Јован 3:16).

Безбедност во Божјиот нов свет

Замисли си Земја без крадци. Нема да ти биде потребен скап систем за спроведување на законот кој се состои од судии, адвокати, полиција и затвори! Тоа ќе биде напреден свет во кој секој ќе ги респектира другите и нивниот имот! Изгледа ли ова неверојатно? Дали Бог навистина ќе интервенира во човечките работи и ќе го оконча беззаконието? Те повикуваме да ги испиташ доказите дека Библијата е Реч Божја и дека нејзините пророштва се доверливи. Ќе најдеш цврст темел за доверба дека претстои промена. Никој не може да го спречи Бог да го донесе ослободувањето што им е ветено на сите кои ја сакаат праведноста: „Не жести се поради злобниците и не завидувај им на оние што вршат беззаконие, зашто тие ќе се исушат како трева, и како зелено растение набргу ќе свенат“ (Псалми 36:1, 2). Овие зборови кои биле запишани одамна, наскоро ќе се исполнат во потполност.

Божјето Царство ќе ѝ стави крај на секоја беда и неправедност кои предизвикуваат толку многу безнадежност и несигурност. Никој нема да биде во оскудица и да чувствува притисок да краде. Загарантирано ни е пророштвото: „Ќе има пченица на земјата во изобилство; по врвовите горски ќе се лелее нејзиното класје како [древната] Ливанска шума, и по градовите ќе цветаат луѓе како тревата на земјата“ (Псалам 72:16, ДК). Навистина, во обновениот Рај ништо нема да го нарушува мирот на луѓето кои го познаваат и го обожаваат вистинитиот Бог (Исаија 32:18).

Каква награда ќе биде тоа за тоа што сме се спротивставиле на патиштата на овој алчен свет! Соломонови изреки 11:19 велат: „Праведноста води кон живот, а кој се стреми кон зло, се стреми кон смртта своја“. Да, откако злобните ќе бидат истребени, никој нема да има причина да се плаши за својот живот или имот. Псалм 36:11 ни го дава ова ветување: „Кротките ќе ја наследат земјата и ќе се насладуваат во изобилен мир“.

[Фуснота]

a Некои од имињата се променети.

[Рамка на страница 5]

Соочување со реалноста на кражбата

ДОМА—Бидејќи крадците можат да нападнат без разлика дали ти си дома или не, држи ги вратите затворени и заклучени. Експертите препорачуваат да се има аларм или куче-чувар. Јави му на некој доверлив сосед кога ќе заминеш на одмор. Остани мирен, крадците дејствуваат брзо, неочекувано и можат да ги променат плановите ако станат нервозни. Ако си Јеховин сведок, кажи го тоа и обиди се да дадеш сведоштво. Можеби ќе бидеш во можност да придобиеш љубезност или симпатија. Не се спротивставувај ако не бидеш нападнат физички.

ВО ЈАВНОСТА—Биди спремен да забележиш ако некој те следи. Оди по средината на тротоарот. Избегнувај мрачни и пусти улици. Држи го на сигурно твоето портмоне или вредни работи. Оди природно, како да одиш некаде. Избегнувај да носиш скапа облека или сјаен накит. Купувај со некој придружник кога условите го оправдуваат тоа. Носи ги само парите што ти требаат и распредели ги во повеќе џебови или на различни места.

ВО АВТОМОБИЛОТ—Ако крадењето автомобили сосе патниците станало вообичаено во твојот крај, немој да седиш во паркиран автомобил. Менувај ја релацијата кога одиш и се враќаш од работа. Избери побезбеден пат, макар и да е нешто подолг. Пред да паркираш, погледни наоколу да видиш дали нешто изгледа сомнително. Избегнувај да го отвораш багажникот во опустено место. Не оставај да се гледаат вредносни предмети во автомобилот. Видливите заклучени синџири или други направи против крадци можат да ги обесхрабрат случајните крадци.

[Рамка на страница 6]

„Не собирајте богатства на земјата, каде што ги јаде молецот и ’рѓата, и каде што крадците ги поткопуваат и крадат; но собирајте си богатства на небото, каде што крадци не ги поткопуваат, ниту крадат“ (Матеј 6:19, 20).

    Публикации на македонски јазик (1991 — 2025)
    Одјави се
    Најави се
    • македонски
    • Сподели
    • Подесување
    • Copyright © 2025 Watch Tower Bible and Tract Society of Pennsylvania
    • Услови за користење
    • Полиса за приватност
    • Поставки за приватност
    • JW.ORG
    • Најави се
    Сподели