Каква е надежта за слепите?
ИАКО потполно слеп, Џон Милтон ги составил своите епски дела Загубениот рај и Вратениот рај. Тоа што била и слепа и глувонема, не ја спречило Хелен Келер да им помага на оние кои имале физички недостатоци. Да, многу слепи луѓе добро излегуваат на крај со тешкотиите предизвикани од слепило. Но, колку би било прекрасно кога секој би можел да се радува на добар вид! Особено ќе се сложиш со тоа ако имаш некој роднина или пријател кој е слеп или има оштетен вид.
Вистина е дека во некои земји програмите за рехабилитација ги поучуваат луѓето со оштетен вид, за извршување на обврските од секојдневниот живот. Брајовата азбука и дресираните кучиња-водичи им помагаат на слепите да се грижат за добар дел од своите потреби. Сепак, многумина на слепилото гледаат како на најужасна инвалидност. Еден писател тврдел: „Да се биде слеп значи да се изгуби пристапот до најзначајниот дел од нашиот перцептивен свет“. Во исто време, многу слепи во голема мера зависат од другите.
Зошто слепилото е толку раширено? — можеби се прашуваш. Си слушнал ли за трахома? Таа е одговорна за околу девет милиони случаи на слепило. Во врска со тоа, The New Encyclopædia Britannica вели: „Болеста е заразна и се развива онаму каде што групи луѓе се натрупани заедно во бедни хигиенски услови. Недостатокот на вода за миење и големиот број муви привлечени од човечкиот измет, го потпомагаат ширењето на болеста. На некој начин трахомата е повеќе социјален отколку медицински проблем; со подобрување на животниот стандард, намалување на пренаселеноста, а со отстранување на мувите и осигурување на адекватни резерви со вода, појавата на трахома рапидно ќе се намали“. Приближно еден милион луѓе страдаат од филаријаза, односно речно слепило. Или, што е со ксерофталмијата? Иако името е тешко, факт е дека оваа болест е вообичаена причина за слепило. Дијабетесот, дифтеријата, сипаниците, шарлахот и сексуално преносливите болести можат исто така да доведат до слепило.
Како што старееме, нашиот вид може да слабее како резултат на такви нарушувања како што се жолто петно и глауком; исто така не смееме да го заборавиме ни катарактот. The New Encyclopædia Britannica забележува: „Катарактот сѐ уште високо котира на листата на причинители на слепило во многу земји во светот, а уште потрагично е тоа што оваа болест може многу лесно да се излечи по пат на хируршки зафат“.
И покрај новите достигнувања во офтамологијата, искоренувањето на слепилото изгледа сѐ уште е далеку. Истата енциклопедија вели: „Напредокот во спречувањето како и медицинскиот и хируршки третман на слепилото ќе може да биде од корист само за она население на кое му е достапна медицинската нега. Додека не се подобрат стандардите за исхрана и хигиена во голем дел од светската популација, случаите на слепило кои можат да се спречат ќе останат на сегашното високо ниво“.
Несомнено, иако антибиотиците и хирургијата имаат свое место во борбата против слепилото, надежта за трајно излекување е поврзана со нешто што се случило пред скоро две илјади години.
Лечење на слепите во Исусово време
Претстави си човек, во своите рани 30-ти години, како оди по еден прашлив пат. Слушајќи го како поминува, двајца слепи луѓе извикуваат: „Помилуј нѐ!“ Иако набљудувачите ги замолкнуваат, слепите викаат посилно: „Помилуј нѐ!“ Човекот љубезно прашува: „Што сакате да ви направам?“ Тие нестрпливо одговараат: „Да ни се отворат очите наши“. Сега замисли си: Човекот ги допира нивните очи, и во истиот момент тие прогледуваат! (Матеј 20:29-34).
Каква радост е тоа за овие луѓе кои порано биле слепи! Сепак, слепилото е толку многу раширено. Ова бил само еден настан. Зошто би требало да го заслужи твоето внимание? Бидејќи човекот кој љубезно им го подарил видот на тие луѓе бил Исус од Назарет. Всушност, покрај тоа што бил ‚помазан да ја соопшти радосната вест на бедните‘, Исус бил испратен и ‚да им проповеда на слепите прогледување‘ (Лука 4:18).
Луѓето биле вчудовидени од таквите чудотворни лечења изведени со помош на Божјиот моќен свет дух. Читаме: „Така, што народот се восхитуваше, гледајќи како неми зборуваат, фатени оздравуваат, хроми се движат и слепи прогледуваат и Го прославуваше Бога Израилев“ (Матеј 15:31). Потполно бесплатно и без да се фали самиот себе или да бара своја слава во таквите исцелувања, Исус ги истакнал љубовта и милоста на Јехова Бог. Меѓутоа, Исус исто така имал сомилост и спрема духовно слепите и беспомошни луѓе кои биле „изморени и прснати како овци без пастир“ (Матеј 9:36).
Колку и да е интересна таквата историја, можеби се прашуваш: Како е денес? Бидејќи во денешно време никој не лечи луѓе како што тоа го правел Исус, дали тие исцелувања се од некакво значење за нас? Постои ли некаква надеж за слепите? Те молиме прочитај ја следнава статија.
[Истакната мисла на страница 4]
„Додека не се подобрат стандардите за исхрана и хигиена во голем дел од светската популација, случаите на слепило кои можат да се спречат ќе останат на сегашното високо ниво“. (The New Encyclopædia Britannica).