Помагај им на слепите да го запознаат Јехова
1. Како Исус покажал сочувство кон слепите?
1 Само неколку дена го делеле Исус од смртта. Додека заминувал од градот Ерихон, двајца слепи просјаци почнале да го молат: „Господару, смилувај ни се!“ Иако не му било лесно зашто знаел какви искушенија го чекаат, Исус застанал, ги повикал кај себе и ги излекувал (Мат. 20:29-34). Како можеме и ние да покажуваме такво сочувство кон слепите?
2. Како би можеле да му посведочиме на слепо лице што сме го сретнале на јавно место?
2 Биди спремен да помогнеш: Ако сретнеш некој што е слеп, можеби на јавно место, претстави се и понуди се да му помогнеш. Можеби отпрвин ќе биде резервиран затоа што многу луѓе сакаат да ги измамат слепите лица. Меѓутоа, кога ќе види дека сакаш искрено да му помогнеш, можеби ќе се опушти. Исто така, имај на ум дека постојат различни степени на слепило и од тоа ќе зависи колкава помош му треба на слепото лице. Откако ќе му помогнеш, би можел да спомнеш дека учествуваш во едно библиско образовно дело. Прашај го дали може да му прочиташ некој библиски стих, на пример, Псалм 146:8 или Исаија 35:5, 6. Ако знае Брајово писмо, прашај го дали би сакал да му донесеш публикација на Брајово писмо од која ќе може да дознае нешто повеќе за Библијата. Би можел да му понудиш да му донесеш аудиоснимки од нашата интернет-страница. Доколку има компјутер со читач на екран (програма која го изговара текстот што се појавува на екранот), можеби ќе сака да ги чита статиите од jw.org/mk. (Види ја рамката „Што треба да имаш ум кога му помагаш на слепо лице“.)
3. Како да ги бараме слепите лица на нашето подрачје?
3 Барај ги слепите лица: Ретко среќаваме слепи лица кога сведочиме од куќа до куќа затоа што на многу од нив не им е пријатно да разговараат со непознати луѓе што им дошле на врата. Затоа, треба вистински да се потрудиме да ги бараме за да можеме да им посведочиме (Мат. 10:11). Познаваш ли некој на работа или на училиште што е слеп? Почни разговор со него. Ако на твоето подрачје има училиште за слепи, понуди им на одговорните лица некои наши публикации на Брајово писмо за училишната библиотека. Познаваш ли некој што во семејството има слепо лице? Дали на твоето подрачје има домови за слепи или други институции што им помагаат на слепите? Објасни му на некој од семејството, на портирот или на директорот дека Јеховините сведоци сакаат да им помагаат на слепите и прашај дали може да донесеш публикации на Брајово писмо или аудиоснимки. Прочитај го од Библијата Божјето ветување дека наскоро никој повеќе нема да биде слеп. Со тоа што ќе објасниш со која цел си дошол ќе имаш поголеми шанси да стапиш во контакт со слепите лица.
4. Што можеме да научиме од искуството на Џенет?
4 Џенет, една наша сестра која е слепа, отишла во еден дом за слепи лица и започнала разговор со една млада жена. Џенет ѝ рекла: „Исус лекувал слепи за да покаже што ќе направи за сите слепи луѓе“. Разговарале за зборовите од Откровение 21:3, 4. Џенет објаснила дека ова ветување ќе се исполни под власта на Божјето Царство. Жената малку се подзамислила и потоа рекла: „Ова никогаш не сум го чула од некој што е слеп. Повеќето луѓе што гледаат мислат дека сме слепи како казна поради некој грев што сме го направиле ние или нашите родители“. Џенет ѝ пратила по имејл линк од книгата Што учи Библијата и сега двапати седмично ја проучуваат Библијата.
5. Иако не можеме да ги излекуваме слепите како што ги излекувал Исус, што можеме да постигнеме ако имаме ист став како него?
5 Се разбира, ние не можеме да ги излекуваме слепите како што ги излекувал Исус. Но, можеме да им помагаме на сите чии умови се заслепени од богот на овој свет да ја разберат вистината од Божјата Реч, вклучувајќи ги и дословно слепите лица (2. Кор. 4:4). Исус ги излекувал двајцата слепи во близината на Ерихон затоа што ‚му паднало жал‘ за нив (Мат. 20:34). Ако и ние имаме ист став како него, ќе можеме да им помогнеме на некои слепи лица да го запознаат Јехова, нашиот Бог, кој засекогаш ќе им го врати видот на слепите.