Наука, религија и потрага по вистината
„Ме оптеретува фактот . . . што се раширија многу лажни религии“ — Чарлс Дарвин
ВО ПОЧЕТОКОТ на XIX век, науката и религијата уживале близок однос. „Дури и во научните списанија“, вели книгата Darwin: Before and After (Дарвин: пред и потоа), „писателите не се колебаа да зборуваат за Бог на начин кој беше очигледно природен и искрен“.
Дарвиновата книга Origin of Species придонела тоа да се измени. Науката и еволуцијата воспоставиле соработка со која ја игнорирале потребата од религија и Бог. „Во еволуционистичкиот начин на размислување“ вели сер Џулијан Хаксли, „повеќе не постои ниту потреба, ниту место за еден натприроден Творец“.
За еволуционата теорија денес се тврди дека е неопходен темел на науката. Клучната причина за односот е идентификувана од страна на физичарот Фред Хојл: „Ортодоксните научници повеќе се загрижени за тоа како да го спречат враќањето на религиозните претерувања од минатото, отколку да гледаат напред кон вистината“. Какви претерувања ја направиле религијата толку одвратна за науката?
Религијата фрла лошо светло врз создавањето
Во наводниот обид да ја поддржуваат Библијата, „креационистите“ — главно здружени со протестантските фундаменталисти — тврделе дека Земјата и универзумот се стари помалку од 10.000 години. Ова екстремно гледиште го навлекло врз себе исмејувањето од страна на геолозите, астрономите и физичарите, бидејќи противречи на нивните сознанија.
Но, што всушност вели Библијата? „Во почетокот Бог ги создаде небото и земјата“ (1. Мојсеева 1:1). Времето кое е опфатено не е прецизирано. „Првиот ден“ на создавање дури не е ни спомнат до 1. Мојсеева 1:3-5. „Небото и земјата“ веќе постоеле кога започнал првиот „ден“. Затоа, можно ли е небото и Земјата да се стари милијарди години, како што тврдат научниците? Можно е. Библијата едноставно не го прецизира времето кое е опфатено.
Друго претерување на религијата е начинот на кој некои ги интерпретираат шесте ‚денови‘ на создавање. Некои фундаменталисти тврдат дека овие денови се дословни, ограничувајќи го создавањето кое се одвивало на Земјата на период од 144 часа. Ова буди скептицизам кај научниците, бидејќи се свесни дека тоа противречи на јасните научни набљудувања.
Меѓутоа, фундаменталистичкото толкување на Библијата е тоа кое противречи на науката, а не самата Библија. Библијата не вели дека секој „ден“ на создавање бил долг 24 часа, всушност таа ги вклучува сите тие ‚денови‘ во еден многу подолг „ден во кој Јехова Бог ги создаде Земјата и небото“, покажувајќи дека сите библиски ‚денови‘ не содржеле само по 24 часа (1. Мојсеева 2:4, НС). Некои можеби биле долги и повеќе илјадници години.a
Така, идејата за создавањето дошла на лош глас поради креационистите и фундаменталистите. Нивните учења за староста на универзумот и за должината на ‚деновите‘ на создавање, не се во согласност ниту со разумната наука, ниту, пак, со Библијата. Меѓутоа, постојат и други претерувања кои ја направиле религијата одвратна за научниците.
Злоупотреба на моќта
Низ историјата, религијата била одговорна за многу неправди. На пример, во средниот век теоријата за создавањето била искривена за да се оправда поддршката на црквата спрема европската автократија. Од ова произлегувало дека луѓето го добиле својот статус — богати или сиромашни — со божествена одлука. Книгата The Intelligent Universe (Интелигентниот универзум) објаснува: „На помладите богаташки синови им било кажувано дека тоа што примиле малку или ништо од семејното наследство, било ‚Божји систем‘, а работникот постојано бил наговаран да остане задоволен со ‚положбата која му ја предодредил Бог‘“.
Не е ни чудно што многумина се плашат од враќањето на „религиозните претерувања од минатото“! Наместо да ја задоволи духовната потреба на човекот, религијата често пати ја искористувала (Језекиил 34:2). Еден уредник, во списанието India Today коментирал: „Со досието што си го стекнала религијата низ вековите, чудно е што воопшто успеала да задржи било каква веродостојност . . . Во името на Врховниот Творец, . . . човечките суштества ги извршиле најгнасните ѕверства едни спрема други“.
Ужасното досие на лажната религија имало големо влијание на Дарвиновото размислување. „Постепено почнувам да се сомневам во христијанството како божествено откровение“, напишал тој. „Ме оптоварува фактот што многу лажни религии молскавично се раширија на голем дел од Земјата“.
Триумфот на вистинската религија
Религиозното лицемерство не е нешто непознато за овој свет. На религиозните водачи од неговото време, кои биле желни за моќ, Исус им рекол: „Однадвор изгледате како добри луѓе — но одвнатре сте куп лицемерство и злоба“ (Матеј 23:28, Филипс).
Меѓутоа, вистинското христијанство ‚не е од овој свет‘ (Јован 17:16). Неговите следбеници не се мешаат во корумпираната религија и политика; ниту се заведени од филозофиите кои го негираат постоењето на Творецот. „Зашто мудроста од овој свет е безумство пред Бога“, напишал апостол Павле во 1. Коринтјаните 3:19.
Сепак, ова не значи дека вистинските христијани се научно неуки. Напротив, следбениците на вистинската религија се заинтересирани за науката. „Кренете ги очите свои кон висините небесни и погледајте“, му било речено на древниот пророк Исаија. „Кој ги создал?“ (Исаија 40:26). Исто така, за подобро да го сфати Творецот, Јов бил повикан да ги испита чудата на природата, и универзумот (Јов, поглавја 38-41).
Да, оние кои веруваат во Творецот, на создавањето гледаат со стравопочитување (Псалм 138:14). Згора на тоа, тие веруваат во она што Творецот, Јехова Бог, го вели за прекрасната надеж за иднината (Откровение 21:1-4). Преку проучувањето на Библијата милиони луѓе дознаваат дека ниту потеклото на човекот, ниту неговата иднина, не зависат од слепа случајност. Јехова имал намера кога го создал човекот, а таа намера ќе биде спроведена — на благослов за сето послушно човештво. Те повикуваме и самиот да ги истражиш фактите.
[Фуснота]
a Види Разбудете се! од 8. ноември 1982, страници 6-9 (англ.), и Insight on the Scriptures (Увид во Писмото), том I, страница 545, објавена од The Watchtower Bible and Tract Society од Њујорк. За повеќе информации во врска со креационизмот и неговите конфликти со науката и Библијата, види Разбудете се! од 8. март 1983, страници 12-15, и 22. март 1983, страници 12-15 (англ.).
[Рамка на страница 6]
НЕЗАПОЗНАЕНИ СО ДОКАЗИТЕ?
„ДУРИ и Јеховините сведоци прилично знаат биологија“, напишал адвокатот Норман Макбет во својата книга од 1971, Darwin Retried—An Appeal to Reason (Дарвин повторно обвинет — апел до разумот). По читањето на една статија во Разбудете се! во врска со еволуцијата, Макбет забележува: „Бев изненаден кога видов дека содржи некои проникливи критики на Дарвинизмот“. Забележувајќи го опсежното испитување и остроумните цитати од авторитети на ова подрачје, авторот заклучува: „Повеќе не важи она што го рекол Симпсон: ‚. . . оние кои не веруваат во тоа [еволуцијата] се — скоро сите — очигледно незапознаени со научните докази‘“.
[Слика на страница 7]
Иднината на човештвото не е оставена на слепата случајност