Мајмонид — човекот кој го редефинирал јудаизмот
„ОД МОЈСЕЈ до Мојсеј, немаше никој како Мојсеј.“ Многумина Евреи ќе ја препознаат оваа загадочна изрека како израз на одушевеност од еврејскиот филозоф, кодификатор и коментатор на Талмудот и на Светото писмо, кој живеел во XII век, Мојсеј Бен Мајмон — уште познат како Мајмонид и како Рамбам.a Денес за многумина Мајмонид е непознат, но сепак, неговите списи имале длабоко влијание врз еврејското, муслиманското и црковното размислување во негово време. На еден фундаментален начин, тој го редефинирал јудаизмот. Кој бил Мајмонид и зошто толку многу Евреи го сметаат за „втор Мојсеј“?
Кој бил Мајмонид?
Мајмонид се родил во Кордова (Шпанија), во 1135. Татко му, Мајмон, кој му го дал поголемиот дел од неговото почетно религиозно воспитување, бил познат научник од истакнато рабинско семејство. Кога алмохадите ја освоиле Кордова во 1148, Евреите биле соочени со избор — да се преобратат во исламот или да побегнат. На тој начин, за семејството Мајмонид започнал еден долг период на скитање. Во 1160 се населиле во Фес (Мароко), каде што учел за лекар. Во 1165 неговото семејство морало да побегне во Палестина.
Меѓутоа, состојбата во Израел била нестабилна. На малата еврејска заедница ѝ се заканувала опасност од крстоносците на т.н. христијанство, како и од муслиманските војски. После помалку од шест месеци во „Светата земја“, Мајмонид и неговото семејство нашле прибежиште во Фустат, стариот град на Каиро (Египет). Овде во потполност биле признати талентите на Мајмонид. Во 1177 станал поглавар на еврејската заедница, а во 1185 бил поставен за лекар на дворот на познатиот муслимански водач Саладин. Мајмонид ги задржал овие две положби сѐ до неговата смрт во 1204. Неговата медицинска стручност била толку позната што се вели дека дури и во Англија, кралот Ричард Лавовско срце сакал да го добие Мајмонид за свој личен лекар.
За што пишувал?
Мајмонид бил плоден писател. Додека бегал од муслиманското прогонување, живеејќи како бегалец, го составил поголемиот дел од неговото прво главно дело, Commentary on the Mishnah (Коментар кон Мишната).b Било напишано на арапски и дава објаснување на многуте концепти и термини во Мишната, понекогаш оддалечувајќи се во објаснувања на филозофија на јудаизмот. Во делот кој ја објаснува расправата Sanhedrin, Мајмонид составил 13 фундаментални начела на еврејската вера. Јудаизмот никогаш не дефинирал некакво формално верување. Сега, Мајмонидовите 13 начела на верата станале прототип на низа систематски излагања на еврејското верување. (Види ја рамката, стр. 23.)
Мајмонид сакал да го одреди логичниот ред на сите нешта, било физичките или духовните. Тој го одбил слепото верување, барајќи објаснувања за сѐ на темел на она што тој го сметал за разумни докази и логика. Оваа природна склоност довела до пишувањето на неговото ремек-дело — Mishneh Torah (Мишна Тора).c
Во времето на Мајмонид, Евреите мислеле дека „Тората“ или „Законот“ се однесува не само на Мојсеевите запишани зборови туку и на сите рабински толкувања на овој Закон низ вековите. Овие сфаќања биле запишани во Талмудот и во илјадници рабински одлуки и пишувања за Талмудот. Мајмонид увидел дека самата големина и неорганизираност на сите тие информации предизвикувале просечниот Евреин да биде неспособен да донесува одлуки кои би влијаеле врз неговиот секојдневен живот. Повеќето не биле во состојба доживотно да ја проучуваат целата рабинска литература, која во поголем дел е напишана на тежок арамејски јазик. Мајмонид решил да ги уреди тие информации, истакнувајќи ги практичните одлуки и да ги организира во еден уреден систем од 14 книги, поделени според темите. Тоа го напишал на мајсторски јасен и течен хебрејски јазик.
Мишна Тора била толку практичен водич што некои еврејски водачи се плашеле дека сосема ќе го замени Талмудот. Сепак, дури и оние кои приговарале, ја увиделе ненадминливата научност на тоа дело. Овој високо организиран зборник на закони претставувал револуционерно достигнување, давајќи нов живот на еден систем на јудаизмот со кој просечниот човек повеќе не можел да се поврзе или да го сфати.
Потоа Мајмонид почнал да пишува уште едно големо дело — The Guide for the Perplexed (Водич за збунетите). Со преведување на грчките класици на арапски јазик, сѐ повеќе Евреи се запознавале со Аристотел и со други филозофи. Некои биле збунети и им било тешко да го ускладат буквалното значење на библиските термини со филозофијата. Во делото Водич за збунетите, Мајмонид, кој многу му се восхитувал на Аристотел, настојувал да ја објасни суштината на Библијата и на јудаизмот на начин кој се согласувал со филозофската мисла и логика. (Спореди 1. Коринтјаните 2:1-5, 11-16.)
Покрај овие главни дела и други религиозни списи, Мајмонид авторитативно напишал дела од областа на медицината и астрономијата. Не треба да се испушти од вид уште еден аспект на неговото плодно пишување. Encyclopaedia Judaica коментира: „Писмата на Мајмонид одбележуваат една епоха во пишувањето на писма. Тој е првиот еврејски пишувач на писма чија кореспонденција е зачувана во голема мера. . . . Неговите писма биле привлечни за умот и за срцето на оние со кои се допишувал, а го менувал стилот на пишување за да им угодува“.
За што поучувал?
Во неговите 13 Начела на верата, Мајмонид дал еден јасен осврт на верувањето, од кое некои работи влечат корен од Библијата. Меѓутоа, седмото и деветтото начело се косат со суштината на библиски темелената вера во Исус како Месија.d Земајќи ги во обѕир отпадничките учења на христијанството, како на пример за тројството, и бесрамното лицемерство покажано со крвопролевањето на крстоносците, не е чудно што Мајмонид не се впуштал подлабоко да го испита прашањето за Месијанството на Исус (Матеј 7:21-23; 2. Петрово 2:1, 2).
Мајмонид пишува: „Може ли да постои поголем камен на спрепнување од [христијанството]? Сите пророци зборувале за Месијата како откупител на Израел и негов спасител . . . [За разлика од тоа, христијанството] беше причина Евреите да бидат заклани со меч, нивните остатоци да бидат расфрлени и понизени, Тората да биде изменета и поголемиот дел од светот да погреши и да му служи на друг бог, а не на Господ“ (Мишна Тора, „Законите на царевите и нивните војни“, поглавје 11).
Сепак, и покрај почитувањето што му било укажано, на многу Евреи повеќе им одговарало да го игнорираат Мајмонид по одредени прашања за кои тој зборувал многу отворено. Со сѐ поголемото влијание на мистичниот јудаизам (кабала), астрологијата станувала сѐ попопуларна меѓу Евреите. Мајмонид напишал: „Кој се впушта во астрологија и ја планира својата работа или патување според времето одредено од оние кои го испитуваат небото, треба да се камшикува . . . Сите тие работи се лага и измама . . . Кој верува во овие работи . . . е будала и му недостига разум“ (Мишна Тора, „Закони за идолопоклонство“, поглавје 11; спореди 3. Мојсеева 19:26; 5. Мојсеева 18:9-13).
Мајмонид остро критикувал и уште една навика: „[Рабините] вовеле парични барања од поединците и од заедниците и ги навеле луѓето да мислат, што е сосема глупаво, дека тоа е нешто задолжително и исправно . . . Сето тоа не чини. Нема ниту еден збор, било во Тората било во изреките на [талмудските] мудреци, да го поддржува таквото верување“ (Коментар кон Мишната, Авот 4:5). За разлика од овие рабини, Мајмонид напорно работел како лекар за својата издршка, никогаш не примајќи плата за неговите религиозни услуги. (Спореди 2. Коринтјаните 2:17; 1. Солунјаните 2:9.)
Како бил погоден јудаизмот и другите верувања?
Професорот Јешајаху Лајбовиц, од хебрејскиот Универзитет во Ерусалим, навел: „Мајмонид е највлијателната личност во историјата на јудаизмот, од времето на Патријарсите и Пророците па до денешно време“. Encyclopaedia Judaica наведува: „Влијанието на Мајмонид врз идните настани во јудаизмот е непроценливо. . . . К. Черновиц . . . дури наведува дека да не бил Мајмонид, јудаизмот би се распаднал во различни секти и верувања . . . Негов голем успех беше обединувањето на разновидните струи“.
Со тоа што ја редефинирал еврејската мисла, усогласувајќи ја со неговите идеи за ред и логика, Мајмонид го редефинирал јудаизмот. На научниците, како и на масите, оваа нова дефиниција им била практична и привлечна. Дури и неговите противници на крајот прифатиле голем дел од пристапот на Мајмонид. Иако неговите списи биле наменети со цел Евреите да бидат ослободени од потребата да се свртуваат кон бескрајни коментари, набргу биле напишани опширни коментари за неговите дела.
Encyclopaedia Judaica коментира: „Мајмонид бил . . . најзначајниот еврејски филозоф од средниот век, а неговото дело Водич за збунетите е најважното филозофско дело што го создал еден Евреин“. Иако е напишано на арапски, Водич за збунетите било преведено на хебрејски јазик уште во времето на Мајмонид, а кратко потоа на латински, со што станало достапно за проучување низ Европа. Како резултат на тоа, Мајмонидовата уникатна синтеза на филозофијата на Аристотел со јудаистичката мисла набргу го пронашла својот пат до главниот тек на христијанската мисла. Научниците на христијанството од тој период, како Алберт Магнус и Тома Аквински, често се осврнувале на гледиштата на Мајмонид. Извршил влијание и врз исламските научници. Филозофскиот пристап на Мајмонид извршил влијание врз подоцнежните еврејски филозофи, како Барух Спиноза, за потполно да се одвојат од ортодоксниот јудаизам.
За Мајмонид може да се каже дека бил ренесансен човек кој живеел пред ренесансата. Неговото настојување да ја доведе верата во согласност со разумот, сѐ уште е веродостојно начело. Таквото начело го навело да се изразува остро против религиозното суеверие. Сепак, лошиот пример на христијанството и филозофското влијание на Аристотел често го спречувале да дојде до заклучоци кои биле во потполна согласност со библиската вистина. Иако секој не би се согласил со епитафот испишан на гробот на Мајмонид — „Од Мојсеј до Мојсеј, немаше никој како Мојсеј“ — мора да се признае дека тој ги редефинирал текот и содржината на јудаизмот.
[Фусноти]
a „Рамбам“ е хебрејски акроним, име создадено од почетните букви на зборовите „Раби Мојсеј Бен Мајмон“.
b Мишната претставува збирка на рабински коментари, темелени на она што Евреите го сметаат за устен закон. Била напишана кон крајот на вториот и почетокот на третиот век н. е., формирајќи го почетокот на Талмудот. За повеќе информации, види ја брошурата Ќе постои ли некогаш свет без војни?, страница 10, издадена од Библиското и трактатно друштво Стражарска кула од Њујорк, Ин
c Името Мишна Тора е хебрејски термин изведен од 5. Мојсеева 17:18, што значи препис, или повторување на Законот.
d За повеќе информации во врска со доказите за Исус како ветен Месија, види ја брошурата Ќе постои ли некогаш свет без војни?, страници 24-30, издадена од Библиското и трактатно друштво Стражарска кула од Њујорк, Инк.
[Рамка на страница 23]
МАЈМОНИДОВИТЕ 13 НАЧЕЛА НА ВЕРАТАe
1. Само Бог е Творец и Владетел на сите нешта. Само тој творел, твори и ќе твори сѐ.
2. Бог е еден. Нема единство кое на било кој начин е слично на Неговото.
3. Бог нема тело. Физичките поими не важат за Него.
4. Бог е прв и последен.
5. Исправно е да му се молиме само на Бог. Не смееме да му се молиме на никој друг и на ништо друго.
6. Сите зборови на пророците се вистинити.
7. Пророштвото на Мојсеј е апсолутно точно. Тој беше најглавен од сите пророци, и пред и после него.
8. Целата Тора што ја имаме сега, е таа која му беше дадена на Мојсеј.
9. Тората нема да се измени, и Бог никогаш нема да даде друга.
10. Бог ги знае сите дела и помисли на човекот.
11. Бог ги наградува оние кои ги чуваат Неговите заповеди, а ги казнува оние кои вршат престап против Него.
12. Месијата ќе дојде.
13. Мртвите ќе бидат вратени во живот.
[Фуснота]
e Мајмонид ги дефинирал овие начела во неговото дело Коментар кон Мишната (Санхедрин 10:1). Јудаизмот подоцна ги прифатил како официјално верување. Горенаведениот текст е скратен облик од оној што се појавува во еврејскиот молитвеник.
[Извор на слика на страница 21]
Еврејска поделба / The New York Public Library / Astor, Lenox and Tilden Foundations