Печатар кој оставил свој белег
ДАЛИ некогаш си сакал да пронајдеш некој пасус во Библијата, но не си можел да се сетиш каде се наоѓа? Сепак, ако си се сетил само на еден збор, си можел да го најдеш со користење на библиска конкорданција. Или, можеби си присуствувал на некој христијански собир каде стотици, дури и илјадници присутни можеле да ги отворат своите Библии за да прочитаат некој пасус, само неколку секунди откако бил наведен.
И во двата случаи му должиш нешто на еден човек кој можеби не ти е познат. Тој го направил твоето проучување на Библијата полесно, а имал удел и во тоа да имаме денес точни Библии. Тој дури влијаел и на изгледот на многу Библии.
Овој човек бил Роберт Етјен.a Тој бил печатар, роден како син на печатар, во Париз (Франција), пред почетокот на XVI век. Тоа било епохата на ренесансата и реформацијата. За обете, печатарската машина станала средство за информирање. Анри Етјен, татко му на Роберт, бил прочуен печатар, кој направил некои од најубавите изданија што произлегле од ренесансата. Неговото дело вклучувало академски и библиски дела за универзитетот во Париз и за неговата теолошка школа — Сорбона.
Но, да се сосредоточиме на синот, Роберт Етјен. Малку се знае за неговото редовно школување. Сепак, уште од раното детство тој го совладал латинскиот, а набргу научил и грчки и хебрејски јазик. Уметноста на печатење ја научил од својот татко. Кога во 1526 година ја наследил печатарската машина од татко му, Роберт Етјен веќе бил познат како научник од висок лингвистички ранг. Иако објавувал критички изданија на латинската литература и други научни дела, неговата прва и непобитна љубов била Библијата. Желен да го постигне за латинската Библија она што веќе било сторено за латинските класици, Етјен почнал колку што можел поточно наново да го средува оригиналниот текст на латинската Библија Вулгата, на Јероним, од петтиот век.
Прочистена Вулгата
Јероним преведувал од оригиналниот хебрејски и грчки на кој била пишувана Библијата, но до времето на Етјен, Вулгатата веќе постоела илјада години. Многу грешки и искривени работи се провлекле како последица на генерации препишувања на Вулгатата. Освен тоа, во текот на средниот век, библиските божествено инспирирани зборови биле покриени со заплеткан јазол од средновековни легенди, парафразирани пасуси и лажни додатоци. Ова станало толку измешано со библискиот текст што тие почнале да се прифаќаат како инспирирани ракописи.
За да отстрани сѐ што не било оригинал, Етјен ги применил методите на текстуалниот критицизам, кои биле користени за проучување на класичната литература. Ги пронашол најстарите и најдобрите ракописи кои биле достапни. Во библиотеките во Париз и неговото предградие, како и во такви места како Евре и Соасон, тој изнел на видело неколку древни манускрипти, од кои еден, по сѐ изгледа, датира од шестиот век. Етјен внимателно ги споредил различните латински текстови, пасус по пасус, селектирајќи ги само пасусите за кои се чинело дека имаат најголем авторитет. Делото кое резултирало — Етјеновата Библија — најпрво било објавено во 1528 година, што било значаен чекор во прочистувањето на библиската текстуална точност. Следеле усовршени изданија од Етјен. И други пред него се обидувале да ја коригираат Вулгатата, но неговото дело било прво издание кое дало ефикасна критичка збирка на информации. На маргините, Етјен ги означил местата каде што изоставил одредени сомнителни пасуси, или таму каде што била можна повеќе од една варијанта. Исто така, ги назначил и изворите на манускриптите кои ги зел како авторитет за овие корекции.
Етјен вовел многу други карактеристики, прилично нови за XVI век. Направил разлика помеѓу апокрифните книги и Божјата Реч. Книгата Дела ја сместил после Евангелијата и пред писмата на Павле. На врвот од секоја страна ставил по неколку клучни збора за да им помогне на читателите да ги најдат специфичните пасуси. Ова бил најраниот пример за она што е денес општопознато како заглавие. Наместо да го користи тешкото готско, односно црно писмо — вид писмо кое потекнува од Германија, Етјен бил меѓу првите кои ја отпечатиле целата Библија во посветлото и полесно за читање, римско писмо, што е денес во општа употреба. Тој исто така дал и многу референции и филолошки забелешки за да помогне да се разјаснат одредени пасуси.
Многумина благородници и прелати ја ценеле Етјеновата Библија, бидејќи била подобра од кое и да било друго печатено издание на Вулгатата. Таа станала стандард по својата убавина, мајсторство и корисност и наскоро била имитирана низ цела Европа.
Кралскиот печатар
„Си видел ли вешт и искусен човек во својата работа? Тој ќе стои пред цареви“ (Изреки 22:29). Етјеновата иновациска вештина и лингвистичка способност не останале незабележани од Франсоа I, царот на Франција. Етјен станал царски печатар на латински, хебрејски и грчки. Како таков, тој создал работи што до ден-денес се сметаат за некои од ремек-делата на француската типографија. Во 1539 година почнал да работи на првата и најубава комплетна хебрејска Библија, печатена во Франција. Во 1540 вметнал илустрации во својата латинска Библија. Но, наместо вообичаените нагиздени прикази на библиски настани, карактеристични за средниот век, Етјен подготвил поучни цртежи кои се темелеле на археолошки докази или на мерења и описи кои се наоѓаат во самата Библија. Овие отпечатоци од дрворези детално прикажувале такви теми како што се ковчегот на заветот, облеката на првосвештеникот, шаторот за обожавање и Соломоновиот храм.
Користејќи посебен комплет од грчки букви кои ги порачал за печатење на царевата колекција на манускрипти, Етјен продолжил да работи на првото издание со критички осврт на Христијанските грчки списи. Иако првите две изданија на Етјеновиот грчки текст не биле многу подобри од делото на Дезидериус Еразмус, во третото издание од 1550 Етјен ги додал прилозите и референциите од околу 15 манускрипти, вклучувајќи ги Кодекс Безае од петтиот век и Библијата „Септуагинта“. Ова издание на Етјен било толку широко прифатено што подоцна станало темел за т.н. Textus Receptus, или Примен текст, на кој се темелеле многу подоцнежни преводи, вклучувајќи го и King James Version од 1611 година.
Сорбона против реформацијата
Поради идеите на Лутер и на другите реформатори, кои се рашириле по цела Европа, Католичката црква сакала да има контрола над мислите на луѓето преку регулирање на она што го читале. На 15 јуни 1520 година, папата Лео X издал була, забранувајќи во сите католички земји да се печати, продава или чита, секоја книга што содржи „ереси“ и воедно барајќи од световните власти насилно да ја спроведат булата во своите земји. Во Англија, царот Хенри VIII му ја препуштил цензурата на католичкиот бискуп Катберт Танстал. Меѓутоа, во поголемиот дел од Европа, неоспорниот авторитет веднаш после папата, кога се работело за некоја доктрина, бил теолошкиот факултет при парискиот универзитет — Сорбона.
Сорбона била гласот на католичката ортодоксност. Со векови била сметана за бедем на католичката вера. Сорбонските цензори се спротивставиле на сите критички изданија и вернакуларни преводи на Вулгатата, сметајќи ги таквите не само како „бескорисни за црквата туку и штетни“. Ова не било изненадувачко во времето кога реформаторите ги ставиле во прашање доктрините на црквата, церемониите и традициите кои не се темелеле на авторитетот на Писмото. Меѓутоа, многу теолози на Сорбона ценетите црковни доктрини ги сметале за поважни од точната интерпретација на самата Библија. Еден теолог рекол: „Кога веќе еднаш доктрините ќе се усвојат, тогаш Библијата е како скеле кое се отстранува откако е изграден ѕидот“. Повеќето од наставничкиот колегиум не ги познавале хебрејскиот и грчкиот јазик, а сепак ги презирале студиите на Етјен и на другите научници од ренесансата, кои биле во потрага по оригиналното значење на зборовите користени во Библијата. Еден професор на Сорбона дури се осмелил да каже дека „ширењето на грчкиот и хебрејскиот јазик би довело до уништување на целокупната религија“.
Сорбона напаѓа
Иако првите изданија на Етјеновата Вулгата ги поминале факултетските цензори, тоа не останало без полемика. Уште од XIII век, Вулгатата била чувана како универзитетска официјална Библија и за многумина нејзиниот текст бил непогрешлив. Наставничкиот колегиум дури го осудил и ценетиот научник Еразмус за неговата работа на Вулгатата. Фактот дека еден локален лаички печатар имал дрскост да го коригира официјалниот текст, за некои бил алармантен.
Можеби најмногу од сѐ, Етјеновите забелешки на маргините биле тие кои ги загрижувале теолозите. Забелешките предизвикале сомневања во легитимноста на Вулгатата. Етјеновата желба да појасни одредени пасуси довела до тоа да биде обвинет за мешање во доменот на теологијата. Тој го порекнувал обвинувањето, тврдејќи дека неговите забелешки повеќе биле кратки сумирања или забелешки од филолошка природа. На пример, неговата забелешка за 1. Мојсеева 37:35 објаснува дека зборот „пекол“ [на латински, инфернум] не треба да се разбере како место каде што злите се казнуваат. Наставничкиот колегиум го обвинил дека ја порекнува бесмртноста на душата и посредничката моќ на „светците“.
Меѓутоа, Етјен ја имал наклоноста и заштитата од царот. Франсоа I покажал голема заинтересираност за студиите од ренесансата, особено за делото на својот кралски печатар. Според извештајот, Франсоа I дури го посетил Етјен, а еднаш стрпливо чекал додека Етјен вршел некакви завршни корекции на текстот. Со поддршката од царот, тој го издржал противењето на Сорбона.
Теолозите ги забрануваат неговите Библии
Сепак, настаните во 1545 година предизвикале сиот бес на сорбонскиот наставнички колегиум да се сконцентрира на Етјен. Согледувајќи ја користа од воведувањето на еден обединет фронт против реформаторите, католичките универзитети од Келн (Германија), Лувен (Белгија) и Париз, претходно се согласиле да соработуваат на цензурата на неортодоксните учења. Кога теолозите од лувенскиот универзитет пишале до Сорбона, изразувајќи го своето чудење што Етјеновите Библии не се појавиле на парискиот список на забранети книги, Сорбона лажејќи одговорила дека тие навистина би ги забраниле ако ги виделе. Етјеновите непријатели од наставничкиот колегиум верувале дека комбинираниот авторитет на факултетите од Лувен и Париз ќе биде доволен за да го убеди Франсоа I во грешките на неговиот печатар.
Во меѓувреме, бидејќи бил предупреден за намерите на своите непријатели, Етјен пред нив го посетил царот. Тој рекол дека ако теолозите направат список на кои било грешки што ќе ги најдат, тогаш тој е спремен да ги печати нивните корекции и да ги вклучи во секоја продадена Библија. Оваа солуција ја освоила царевата наклоност. Тој го замолил Пјер ди Шастел, својот кралски лектор, да се погрижи за тоа. Во октомври 1546 година, колегиумот пишал до Ди Шастел, протестирајќи дека Етјеновите Библии биле „храна за оние кои се одрекнуваат од нашата вера и ги поддржуваат моменталните . . . ереси“ и дека биле толку полни со грешки што заслужувале „сосема да бидат укинати и уништени“. Неубеден во тоа, царот сега лично му наредил на наставничкиот колегиум да направи цензури што ќе можат да бидат печатени заедно со Етјеновите Библии. Тие ветиле дека ќе го сторат тоа, но всушност сториле сѐ што можеле за да избегнат да направат детален список на наводните грешки.
Франсоа I умрел во март 1547 година, а со него и Етјеновиот највлијателен сојузник против моќта на Сорбона. Кога Анри II го наследил престолот, тој ја обновил наредбата на татка си за наставничкиот колегиум да ги изврши своите цензури. Сепак, набљудувајќи како германските принцови ја користеле реформацијата за политички цели, Анри II бил повеќе загрижен за тоа Франција да остане католичка земја и обединета под нејзиниот нов цар, отколку за наводните предности или недостатоци на Библиите на кралскиот печатар. На 10 декември 1547 година, Кралскиот совет одлучил продавањето на Етјеновите Библии да биде забрането сѐ додека теолозите не го состават нивниот список со цензури.
Обвинет како еретик
Наставничкиот колегиум сега барал начин како случајот на Етјен да го предаде на посебниот суд, кој бил новоформиран за да ги иследува случаите на ерес. Етјен бил сосема свесен за опасноста во која се наоѓал. За две години од неговото формирање, судот станал познат како chambre ardente, или „вжарена соба“. Околу 60 жртви биле испратени на клада, вклучувајќи и некои печатари и продавачи на книги, кои биле живи запалени на Плас Мобер, на само неколку минути од вратата на Етјен. Неговиот дом бил постојано пребаруван со цел да се најдат и најситни докази кои би можеле да бидат употребени против него. Биле испитани преку 80 сведоци. На поткажувачите им била ветена една четвртина од поседот на Етјен, ако можел да биде обвинет за ерес. Како и да е, нивниот единствен доказ бил она што Етјен јавно го печател во своите Библии.
Царот повторно наредил, списокот со цензури од наставничкиот колегиум да биде доставен до неговиот Кралски совет. Факултетскиот колегиум тврдоглаво одговорил дека ‚теолозите немаат обичај писмено да ги изложуваат причините за нешто што тие осудуваат како еретичко, туку само со устен одговор, во кое мора да се верува, инаку не би имало крај на пишувањето‘. Анри се согласил. Била воведена конечната забрана. Скоро секое библиско дело што го напишал Етјен, било запленето. Иако се извлекол од пламенот на Плас Мобер, тој решил да ја напушти Франција, во услови на потполна забрана на неговите Библии и изгледи за понатамошно прогонство.
Протераниот печатар
Во ноември 1550 Етјен се преселил во Женева (Швајцарија). Во Франција, наставничкиот колегиум го прогласил за илегално печатењето на секоја Библија, освен Вулгатата. Сега, кога можел да печати што сака, во 1551 година Етјен направил репринт на неговиот грчки „Нов завет“, со две латински верзии (Вулгатата и верзијата Еразмус) во паралелни колони. По ова, во 1552 следел француски превод на Грчките списи, во паралелни колони со латинскиот текст на Еразмус. Во овие две изданија Етјен го претставил својот систем за поделба на библискиот текст во нумерирани стихови — истиот систем кој е и денес во општа употреба. Иако и други пред него испробале разни методи за поделба на стиховите, Етјеновиот метод станал прифатениот облик. Неговата француска Библија од 1553 година, била првата комплетна Библија која ја имала неговата поделба на стихови.
Значајна е и Етјеновата Библија од 1557 година, со две верзии на латински, бидејќи во Хебрејските списи го користи Божјето лично име Јехова. На маргините на вториот псалм, тој забележал дека замената Адонаи за хебрејскиот тетраграматон (יהוה) се темелела единствено на еврејското суеверие и требало да се отфрли. Во ова издание, Етјен употребил курзив за да ги означи латинските зборови кои биле додадени за адекватно да го пренесат значењето на хебрејскиот. Оваа техника подоцна била прифатена и во други Библии, наследство кое често ги збунува денешните читатели навикнати на современата употреба на курзивот, а тоа е за да се нагласи нешто.
Одлучен да го направи своето учење достапно за другите, Етјен го посветил својот живот на печатење на Светото писмо. Денес, сите оние кои ја ценат Божјата Реч можат да бидат благодарни за неговите напори, како и за работата на другите кои совесно се труделе да ги откријат зборовите на Библијата како што првобитно биле напишани. Процесот што тие го започнале продолжува додека се здобиваме со поточно спознание за древните јазици и откриваме постари и поточни ракописи на Божјата Реч. Кратко пред својата смрт (1559), Етјен работел на нов превод на Грчките списи. Бил запрашан: „Кој ќе го купи? Кој ќе го чита?“ Тој убедено одговорил: ‚Сите луѓе поучени за божествена оддаденост‘.
[Фуснота]
a Познат и по своето латинизирано име Стефанус и англизираното име Стивенс.
[Слика на страница 10]
Напорите на Роберт Етјен им помогнале на генерации библиски ученици
[Извор на слика]
Bibliothèque Nationale, Paris
[Слика на страница 12]
Етјеновите поучни илустрации биле имитирани со генерации по него
[Извор на слика]
Bibliothèque Nationale, Paris