Тие ја вршеле Јеховината волја
Мојсеј и Арон — храбри објавители на Божјата Реч
ЗАМИСЛИ СИ ја сцената: Осумдесетгодишниот Мојсеј и неговиот брат, Арон, стојат пред најмоќниот човек на Земјата — египетскиот фараон. За Египќаните, овој човек е многу повеќе отколку само претставник на боговите. Тие веруваат дека самиот тој е бог. На него се гледа како на инкарнација на Хорус, божество со глава на сокол. Заедно со Изис и Озирис, Хорус бил дел од најважното тројство меѓу египетските богови и божици.
Секој што ќе му пријдел на фараонот, не можел а да не го забележи злокобниот лик на главата од кобра што излегувала од средиштето на неговата круна. Наводно, оваа змија можела да исфрли оган и уништување врз секој непријател на фараонот. Сега Мојсеј и Арон дошле пред овој цар-бог со едно дотогаш незамисливо барање — да ги пушти поробените Израелци да одржат прослава за својот Бог, Јехова (2. Мојсеева 5:1).
Јехова веќе претскажал дека срцето на фараонот ќе отврдне. Затоа Мојсеј и Арон не биле изненадени од неговиот пркосен одговор: „Кој е [Јехова], за да Го послушам гласот Негов, и да ги пуштам синовите Израилеви? Не Го познавам Господа, ниту ќе го пуштам Израилот“ (2. Мојсеева 4:21; 5:2). Со тоа била поставена сцена за една драматична конфронтација. За време на следната средба, Мојсеј и Арон му дале на фараонот еден зачудувачки доказ дека тие го застапуваат вистинскиот и семоќен Бог.
Се случува чудо
Како што бил упатен од Јехова, Арон направил едно чудо кое ја покажало Јеховината надмоќност над египетските богови. Тој го фрлил пред фараонот својот стап, кој во истиот момент се претворил во голема змија! Збунет од ова чудо, фараонот ги повикал своите свештеници кои практикувале магија.a Со помош на демонски сили, овие луѓе можеле да направат нешто слично и со своите стапови.
Доколку фараонот и неговите свештеници злобно се радувале, тоа било само за кратко. Замисли си го изразот на нивните лица кога Ароновата змија ги проголтала, една по една, нивните змии! Сите присутни можеле да видат дека египетските божества не му се дораснати на вистинскиот Бог, Јехова (2. Мојсеева 7:8-13).
Меѓутоа, дури и после тоа срцето на фараонот останало тврдо. Дури откако Бог нанел десет опустошувачки напади, односно неволји врз Египет, фараонот конечно им рекол на Мојсеј и на Арон: „Станете, одете си од народот мој, како вие така и синовите Израилеви, и извршете Му служба на Господа, како што велевте“ (2. Мојсеева 12:31).
Поуки за нас
Како можеле Мојсеј и Арон да му пристапат на моќниот египетски фараон? На почетокот Мојсеј изразил недостиг на доверба во својата способност, тврдејќи дека ‚нема добар глас и дека тешко зборува‘. Дури и откако му била ветена Јеховината поддршка, тој молел: „Те молам, Господи, избери друг, што ќе го испратиш“. Со други зборови, Мојсеј го преколнувал Бог да испрати некој друг (2. Мојсеева 4:10, 13). Па сепак, Јехова го употребил кроткиот Мојсеј, давајќи му мудрост и сила кои му биле потребни за да ја изврши својата задача (4. Мојсеева 12:3).
Денес, слугите на Јехова Бог и на Исус Христос ја извршуваат заповедта ‚да ги научат сите народи‘ (Матеј 28:19, 20). За да го дадеме својот дел во извршувањето на овој налог, треба најдобро да го искористиме библиското спознание, како и секоја способност што можеби ја поседуваме (1. Тимотеј 4:13-16). Наместо да се сосредоточуваме на нашите недостатности, треба со вера да ја прифатиме секоја задача што ни ја дава Бог. Тој може да нѐ оспособи и да нѐ зајакне за да ја вршиме неговата волја (2. Коринтјаните 3:5, 6; Филипјаните 4:13).
Со оглед на тоа што Мојсеј бил соочен со човечко и со демонско противење, нему сигурно му била потребна натчовечка помош. Затоа Јехова го уверил: „Ете, Јас те поставив да му бидеш Бог на Фараонот“ (2. Мојсеева 7:1). Да, Мојсеј имал божествена поддршка и овластување. Со Јеховиниот дух врз себе, Мојсеј немал причина да се плаши од фараонот или од приврзаниците на тој горд владетел.
И ние мора да се ослониме на Јеховиниот свет дух, т.е. активна сила, за да ја извршиме својата служба (Јован 14:26; 15:26, 27). Со божествена поддршка можеме да ги повторуваме зборовите на Давид, кој пеел: „На Бога се надевам, не се плашам; што може да ми направи човекот?“ (Псалм 55:11).
Покажувајќи сочувство, Јехова не го оставил Мојсеј сам на неговата задача. Напротив, Бог рекол: „Арон, братот твој, ќе ти биде пророк твој. Ти ќе му зборуваш сѐ, што тебе ќе ти заповедам, а Арон, пак, братот твој, ќе му зборува на Фараонот“ (2. Мојсеева 7:1, 2). Колку е љубезно од Јеховина страна тоа што дејствувал во границите на она што Мојсеј можел да го направи!
Бог се грижи да имаме друштво од сохристијани кои го прифаќаат предизвикот да бидат Сведоци на Јехова, Највишиот (1. Петрово 5:9). Според тоа, и покрај препреките на кои можеби ќе наидеме, треба да бидеме како Мојсеј и Арон — храбри објавители на Божјата Реч.
[Фуснота]
a Хебрејскиот збор што е преведен со „свештеници кои практикуваат магија“ се однесува на група волшебници кои тврделе дека поседуваат натприродни сили што се појаки од силите на демоните. Се верувало дека овие луѓе можат да ги повикаат демоните на послушност и дека демоните немаат моќ врз волшебниците.
[Слика на страница 25]
Мојсеј и Арон храбро го застапувале Јехова пред фараонот