Насекаде насилство
ДОДЕКА седел во својот автомобил чекајќи да се смени светлото на семафорот, возачот наеднаш забележал едно човечиште како доаѓа кон него, извикувајќи непристојни зборови и мавтајќи со тупаница во воздухот. Возачот побрзал да ги заклучи вратите и да ги затвори прозорците, но човечиштето и понатаму се приближувало. Наведнувајќи се, човекот го затресол автомобилот и ја тргал вратата од автомобилот. Најпосле, од фрустрираност ја кренал својата голема тупаница и треснал по шофершајбната, здробувајќи ја на парампарчиња.
Дали ова е сцена од некој акционен филм? Не! Тоа била една сообраќајна расправија на островот Оаху (Хаваи), познат по својата мирна, опуштена атмосфера.
Ова воопшто не изненадува. Брави на вратите, решетки на прозорците, безбедносен персонал во зградите, па дури и ознаки на автобусите со натпис: „Возачот не носи готовина“ — сето тоа укажува на едно исто: Насекаде насилство!
Насилство дома
Домот одамна се цени како сигурно пристаниште за човекот. Меѓутоа, оваа идилична слика брзо се менува. За насилството во семејството, во кое спаѓа злоупотреба на деца, тепање на брачниот партнер и убиство, се пишуваат крупни наслови во весниците по целиот свет.
На пример, „најмалку 750.000 деца во Британија можеби страдаат од долготрајни трауми поради тоа што се изложени на домашно насилство“ — вели весникот Manchester Guardian Weekly. Извештајот се темели на една анкета која исто така открила дека „три од четири анкетирани жени рекле дека нивните деца виделе насилнички инциденти, а скоро две третини од децата виделе како нивните мајки се тепани“. На сличен начин, според списанието U.S.News & World Report, советодавниот одбор за злоупотреба и запоставеност на деца од САД проценува дека „секоја година од раката на родителите или домарите умираат по 2.000 деца, повеќето од нив помали од 4 години“. Тоа го надминува бројот на смртни случаи предизвикани од сообраќајни несреќи, давења или паѓања, вели извештајот.
Во домашното насилство исто така спаѓа малтретирање на сопружникот, кое се движи од туркање па до удирање шлаканица, клоцање, давење, тепање, заканување со нож или со пиштол, па дури и убивање. Денес, ваквиот облик на насилство ги вклучува и мажите и жените. Една студија открива дека околу една четвртина од случаите на насилства меѓу брачните двојки, ги започнале мажите, другата четвртина жените, а остатокот може најдобро да се опише како расправии во кои вината мораат да ја делат обете страни.
Насилство на работното место
Надвор од домот, работното место традиционално било место каде што човек наоѓа ред, почит и пристојност. Но, се чини дека тоа повеќе не е така. На пример, статистиките објавени од страна на Министерството за правда на САД покажуваат дека секоја година повеќе од 970.000 луѓе се жртви на насилство на работното место. Со други зборови, „постои ризик секој четврти работник да биде жртва на некој облик на насилство на работното место“, наведува еден извештај во списанието Professional Safety—Journal of the American Society of Safety Engineers.
Она што најмногу вознемирува е тоа дека насилството на работното место не е ограничено само на расправии и навреди. „Една категорија убиства во САД која сега најбрзо расте е насилството насочено особено против работодавачите и вработените од страна на другите вработени.“ Во 1992 година, секоја шеста смрт поврзана со работата, била убиство; кај жените, бројката била скоро секоја втора. Не се негира фактот дека некогаш мирното работно место е зафатено со бран на насилство.
Насилство во спортот и забавата
По спортот и забавата се тежнее како кон начини за разонода или релаксирање за човек да се освежи од посериозните настојувања во животот. Денес, забавата е мултимилијардна доларска индустрија. Со цел да стекнат колку што е можно поголем профит од овој доходовен пазар, снабдувачите не се притеснуваат да ги употребат сите средства што им стојат на располагање. А едно од тие средства е насилството.
На пример, списанието за бизнис Forbes известило дека еден произведувач на видеоигри има една популарна воена игра во која еден воин му ги откинува главата и кичмата на својот противник, додека посматрачите скандираат: „Докрајчи го! Докрајчи го!“ Меѓутоа, една верзија од истата игра, направена за една конкурентна компанија, ја нема таа крвава сцена. Каков е резултатот? Понасилничката верзија го надминува својот конкурент на пазарот со просек од 3:2. А тоа подразбира голема сума пари. Кога на пазарот се појавија домашните верзии на овие игри, компаниите заработија меѓународен бруто приход од 65 милиони долари уште во првите две седмици! Кога се работи за профит, насилството служи само како додатна јадица за потрошувачите.
Насилството во спортот е сосема друга работа. Играчите честопати се гордеат со тоа колкава штета можат да нанесат. На пример, на една хокеарска игра во 1990 година, имало 86 пенали — рекорд на сите времиња. Играта била прекинувана со три и пол часовно сакатење. Еден од играчите бил лекуван поради скршена фацијална коска, изгребана рожница и длабоко расечена рана. Зошто такво насилство? Еден играч објаснил: „Кога ќе победиш во една вистински емоционална игра, со многу борби, си одиш дома и се чувствуваш некако поблизок со своите соиграчи. Мислам дека борбите од тоа направија вистинска духовна игра“. Се чини дека во голем дел од денешниот спорт, насилството станало не само средство за постигнување на некоја цел, туку самата цел.
Насилство во училиште
Училиштето отсекогаш било сметано за тврдина каде што младите можат да ги остават зад себе сите свои други грижи и да се сконцентрираат на развивањето на своите умови и тела. Меѓутоа, денес училиштето повеќе не е такво безбедно и сигурно место. Една Галупова анкета од 1994 година заклучила дека насилството и бандите сочинуваат проблем број еден во државните училишта во Соединетите Држави и дека тие го надминуваат проблемот со финансиите, кој во минатата година беше на врвот од листата. Всушност, колку ситуацијата е лоша?
Во една анкета, на прашањето: „Дали некогаш сте биле жртва на насилнички чин што се случил во или околу училиштето?“, скоро секој четврти ученик одговорил со „да“. Повеќе од една десетина од професорите исто така одговориле потврдно. Истата анкета заклучила дека 13 отсто од учениците, момчиња и девојки, признале дека еднаш или повеќе пати носеле оружје на училиште. Повеќето од нив тврделе дека тоа го сториле само за да остават впечаток кај другите или за да се заштитат себеси. Но, еден 17-годишен ученик го погодил својот професор во градите кога овој се обидел да го извади својот пиштол.
Насилничка култура
Не може да се негира дека денес насекаде има насилство. Дома, на работа, во училиште и во забавата се соочуваме со насилничка култура. Поради тоа што секојдневно сме изложени на него, многумина почнале да го прифаќаат како нормално — сѐ додека самите не станат жртви. Тогаш се прашуваат: Ќе има ли некогаш крај на тоа? Дали би сакал и ти да го знаеш одговорот? Тогаш, те молиме прочитај ја следната статија.