Почитувани правата на пациентите
‚Не постои начин да ја извршам оваа операција без крв. Ако сакате операција, ќе морате да се согласите со мојот метод на лекување. Инаку, ќе морате да си најдете друг лекар.‘
ЗБОРОВИТЕ на лекарот не ја потресоа верата на Ченг Сае Ју, Јеховин сведок, која живее во Тајланд. Откако ѝ беше дијагностициран менингеом, еден вид тумор на мозокот, Ченг требаше итно да биде оперирана. Но, таа беше решена да ја послуша библиската заповед: „Да се воздржувате . . . од крв“ (Дела 15:28, 29).
Доколку е можно, Ченг повеќе сакаше да биде лекувана во својата земја и затоа посети две други болници. На нејзино разочарување, лекарите во другите болници исто така одбија да извршат операција без крв. Најпосле, преку Службата за болнички информации (ХИС) во Тајланд, Ченг стапи во контакт со Невролошкиот институт при Токискиот женски медицински колеџ. Таа болница имала лекувано над 200 пациенти со тумор на мозокот, користејќи гама нож, едно од најновите откритија во терапијата со зрачење.
Беа направени подготовки Ченг да остане кај некои јапонски Сведоци кои живеат близу болницата. На аеродромот ја пречека една група Сведоци, а меѓу нив беа двајца кои зборуваат тајски и еден претставник на ХИС. По околу една седмица испитувања, Ченг беше примена во болницата каде што беше подложена на третман со гама нож. Процедурата траеше само околу еден час. Следниот ден, Ченг излезе од болницата, а наредниот ден таа веќе беше на пат назад кон Тајланд.
„Никогаш не сум помислила дека оваа подготовка може толку многу да помогне“, рекла Ченг. „Навистина бев импресионирана од љубовта што ми беше покажана, како и од соработката помеѓу многуте страни што беа вклучени.“
Известувајќи за оваа вест, јапонскиот весник Mainichi Shimbun коментираше: „Сѐ досега беа истакнувани религиозните причини за одбивањето на трансфузија на крв. Меѓутоа, трансфузијата на крв има и несакани дејства, како на пример СИДА, ризик од вирусни инфекции, како што е хепатитис Ц, и алергии. Од оваа причина, има пациенти кои не сакаат трансфузија на крв, без оглед на нивните религиозни уверувања“.
Весникот понатаму наведе: „Многу пациенти кои одбиваа трансфузија на крв, беа принудувани да ги сменат болниците, но постои потреба медицинските институции да се променат во поглед на тоа да ја почитуваат волјата на пациентот. Потребна е информирана согласност (кога пациентот добива комплетно објаснување за тоа што сѐ е вклучено, а потоа се согласува со третманот), а случаите со трансфузија на крв не се исклучок. Треба да се признае дека ова не е спорно прашање во кое е вклучена само една одредена религија“.
Како Ченг Сае Ју, многумина кои повеќе сакаат лекување без крв, мораат да се префрлуваат во други болници. Сепак, тие ги ценат напорите на лекарите кои се спремни да ги почитуваат правата на своите пациенти.
Службата за болнички информации е основана од страна на Јеховините сведоци во подружниците на Друштвото Стражарска кула за да соработува со лекарите кои ги почитуваат нивните верувања. Ширум светот, ХИС гради делотворни односи со болниците, лекарите, здравствените работници, адвокатите и судиите.