Дали постењето е застарено?
„ПОСТЕВ секој понеделник уште како тинејџерка“ — вели Мрудулабен, успешна 78-годишна Индијка. Тоа било дел од нејзиното обожавање, начин да си обезбеди добар брак и здрави деца, како и заштита за својот сопруг. Сега како вдовица, таа продолжува да пости во понеделниците заради добро здравје и заради напредокот на своите деца. Како неа, мнозинството Индијки редовните пости ги прават дел од својот живот.
Пракаш, средновечен бизнисмен кој живее во едно предградие на Мумбај (Бомбај, Индија), вели дека пости секоја година во понеделниците од Саван (Шраван). Тоа е месец со посебно религиозно значење во хиндускиот календар. Пракаш објаснува: „Почнав од верски причини, но сега наоѓам еден додатен поттик да продолжам заради здравствени цели. Поради тоа што Саван се паѓа при крајот на монсунот, тој му дава шанса на мојот систем да се исчисти од болести што ѝ се својствени на дождливата сезона“.
Некои мислат дека постењето му помага на лицето во физички, душевен и духовен поглед. На пример, Grolier International Encyclopedia наведува: „Неодамнешните научни истражувања укажуваат дека постењето може да биде здраво и, кога се прави внимателно, може да предизвика зголемени состојби на свесност и чувствителност. Се вели дека грчкиот филозоф Платон постел по десет дена или повеќе и дека математичарот Питагора ги терал своите ученици да постат пред да ги учи.
За некои, постењето значи потполно воздржување од храна и од вода за некој утврден временски период, додека, пак, други земаат течности за време на своите пости. Пропуштањето на одредени оброци или воздржувањето од некој одреден вид храна мнозина го сметаат за постење. Но, долгорочното ненадгледувано постење може да биде ризично. Новинарот Парул Шет вели дека откако телото ќе ја исцрпи својата залиха со јаглени хидрати, тоа понатаму ги претвора протеините од мускулите во гликоза, а потоа се свртува кон телесните масти. Претворањето на мастите во гликоза ослободува токсични продукти наречени кетонски тела. Додека овие се акумулираат, тие одат до мозокот, оштетувајќи го централниот нервен систем. „Тоа е кога постењето може да стане опасно“ — вели Шет. „Можете да станете збунети, дезориентирани и да ви биде полошо . . . [Тоа може да предизвика] кома и на крајот смрт.“
Средство и ритуал
Постењето се користи како моќно орудие за политички или социјални цели. Угледен ракувач со ова оружје бил Мохандас К. Ганди од Индија. Високо ценет од стотици милиони луѓе, тој го користел постењето за да врши силно влијание врз хиндуските маси во Индија. Опишувајќи го резултатот од неговото постење за да смири една индустриска расправија помеѓу мелничките работници и сопствениците на мелниците, Ганди рекол: „Крајниот резултат од тоа беше што насекаде беше создадена една атмосфера на добра волја. Срцата на сопствениците на мелниците беа трогнати . . . Штрајкот беше откажан откако постев само три дена“. Јужноафриканскиот претседател Нелсон Мандела учествуваше во еден петдневен штрајк со глад за време на годините како политички затвореник.
Сепак, повеќето од оние кои си создале навика да постат, тоа го сториле од верски причини. Постењето претставува угледен ритуал во хиндуизмот. На извесни денови, наведува книгата Fast and Festivals of India (Постење и празници во Индија), „се придржува кон комплетно постење . . . воопшто не се зема дури ниту вода. И мажите и жените се придржуваат за строг пост . . . за да си осигураат среќа, напредок и простување на престапите и гревовите“.
Постењето нашироко се практикува во џаинската религија. The Sunday Times of India Review известува: „Еден џаински муни [мудрец] од Бомбај [Мумбај] пиеше само две чаши превриена вода на ден — и тоа 201 ден. Изгуби 33 килограми“. Некои постат до таа мера што се изгладнуваат себеси дури до смрт, уверени дека тоа ќе донесе спас.
Општо за возрасните кои практикуваат ислам, постењето е задолжително во текот на месецот Рамазан. Целиот месец, од изгрејсонце до зајдисонце, не смее да се зема никаква храна или вода. Секој кој во текот на ова време е болен или е на пат, мора да ги надомести деновите на постењето. Велики пости, 40-дневен период пред Велигден, е време на постење за некои во христијанскиот свет, а многу верски редови слават пости во други одредени денови.
Секако дека постењето не изумрело. А бидејќи е дел од толку многу религии, можеме да се запрашаме: Дали постењето се бара од страна на Бог? Дали постојат прилики кога христијаните можат да одлучат да постат? Може ли тоа да биде корисно? За овие прашања ќе дискутира следната статија.
[Слика на страница 3]
Џаинската религија го смета постењето како начин за постигнување спас на душата
[Слика на страница 4]
Мохандас К. Ганди го користел постењето како моќно орудие за политички и социјални цели
[Слика на страница 4]
Во исламот, постењето е задолжително во текот на месецот Рамазан
[Извор на слика]
Гаро Налбандијан