Јеховините сведоци ќе одржат меѓународни конгреси
Водечкото тело на Јеховините сведоци планира во текот на 1998 година да одржи меѓународни конгреси. Ова известување наиде на одушевен одѕив на годишниот состанок на Watch Tower Bible and Tract Society of Pennsylvania, што се одржа на 5 октомври 1996 година во Конгресната сала во Џерси Сити.
Покрај вообичаените обласни конгреси, кон средината на 1998 година во Северна Америка ќе се одржат и извесен број меѓународни конгреси. Се очекува на овие собири да се соберат илјадници Сведоци од многу делови на Земјината топка. За да се овозможи да бидат застапени колку што е можно повеќе земји, секоја од над 100-те подружници на Watch Tower Society ќе има одреден број делегати за еден од градовите на меѓународните конгреси во Северна Америка.
Очигледно, не сите кои сакаат да патуваат во Северна Америка ќе бидат во можност да го сторат тоа. Меѓутоа, можеби е можно илјадници да присуствуваат на некој меѓународен конгрес што е поблиску до нивниот дом. Се прават подготовки да се одржат меѓународни конгреси во две или три земји во Европа, а другите во Африка, Азија, Латинска Америка, Јужниот Пацифик и на Карибите.
Во погодно време, подружниците на Заедницата ќе им дадат упатства на собранијата што се на нивните подрачја во врска со конгресниот град или градови во кои се поканети. Ќе бидат дадени информации во врска со датумите на конгресите и со подготовките за избирање на делегатите. Оние кои имаат на ум да пополнат молби за избирање на делегати, можеби ќе сакаат да почнат да штедат нешто од своите средства во исчекување на овие посебни настани.
Сите Јеховини сведоци ширум светот можат радосно да го исчекуваат она што нѐ очекува на овие меѓународни собири за 1998 година. Обласните конгреси во сите земји ќе содржат слична програма.