Меѓународни конгреси 2003
ВО САБОТА, на 6 октомври 2001, во Њу Џерси (Њу Џерзи, САД) се одржа годишниот состанок на членовите на Watch Tower Bible and Tract Society of Pennsylvania. По тој состанок, членовите и нивните гости уживаа во една посебна програма. Следниот ден, на дополнителните состаноци што се одржаа во четири градови во Канада и во Соединетите Држави, членови на Водечкото тело на Јеховините сведоци по својот заклучен говор го дадоа следново известување:
„Додека гледаме на иднината, многу е важно целиот Божји народ да не го остава своето заедничко собирање. Апостол Павле поттикнал дека тоа, заедно со меѓусебното храбрење, треба да го правиме дотолку повеќе колку што гледаме дека се приближува големиот Јеховин ден што влева страв (Евреите 10:24, 25). Во согласност со оваа библиска заповед, се надеваме следната година (2002) да имаме обласни конгреси во сите делови на светот. Потоа, во 2003 година, ако е Јеховина волја, можно е да се одржат специјални меѓународни конгреси во извесни делови на светот. Сега е време да останеме будни и да продолжиме да бдееме, обрнувајќи внимание како се развиваат настаните на светската сцена“.
И покрај сѐ поголемата несигурност и тензиите со приближувањето на крајот на сегашниов систем, активноста на Божјиот народ мора да оди напред. Добрата вест за Царството, вклучувајќи ја и библиската порака на предупредување, мора да ја објавуваме до секоја нација, племе, јазик и народ, и да ги повикуваме да се ‚плашат од Бог и да му оддадат слава, зашто часот на неговиот суд сѐ повеќе се приближува‘ (Откровение 14:6, 7). Затоа, ако е во склад со волјата и со она што му е угодно на нашиот небесен Татко, за 2003 година се планираат меѓународни конгреси во различни делови на светот.
Такви собири најпрво се испланирани, но не дефинитивно, за неколку градови во Северна Америка, а кратко потоа и во Европа. Ќе бидат направени подготовки, малку подоцна во 2003, групи делегати да отпатуваат во неколку градови во Азија; а кон крајот на годината, додатни групи да отпатуваат во Африка, Јужна Америка и во подрачјето на Пацификот. Некои подружници ќе бидат замолени да испратат само ограничен број делегати на конкретни конгресни локации, така што нема секој да добие отворена покана да присуствува. Сепак, ќе биде охрабрувачки тоа што на секое место делегации со ограничен број членови ќе претставуваат различни земји.
Собранијата на Јеховините сведоци наскоро ќе добијат информации во врска со овие собири. Секоја подружница ќе даде информации за точните датуми и конкретните градови каде што ќе можат да присуствуваат поканетите делегати. Затоа, сега се бара да не пишуваш ниту да бараш информации во врска со тоа.
На крајот, како делегати ќе бидат избрани предадени и крстени Сведоци, кои ќе бидат добри примери и ќе покажуваат братска наклоност кон локалните браќа. Овие, пак, од своја страна, ќе имаат прекрасна прилика да им изразат срдечно добредојде и вистинска гостољубивост на посетителите (Евреите 13:1, 2). Ова ќе доведе до „размена на охрабрување“ (Римјаните 1:11, 12). Понатамошни детали во врска со овие подготовки ќе дадат подружниците што се поканети да испратат делегати во одредена земја или земји.
Тридневни обласни конгреси за 2003 година ќе бидат организирани во повеќето земји, како и обично. Со заедничкото собирање, сите ќе имаме прилика да ‚слушаме, учиме и да бидеме охрабрени‘ (Второзаконие 31:12; 1. Коринќаните 14:31). Ова ќе му даде на Божјиот народ прилика да ‚вкуси и да види колку е добар Господ‘ (Псалм 34:8). На сите меѓународни конгреси, како и на многуте обласни конгреси, ќе бидат присутни мисионери, од кои некои ќе имаат учество и на програмата.
Во текот на оваа календарска година се радуваме на Обласните конгреси „Ревносни објавители на Царството“, кои нѐ поттикнуваат да даваме поголемо сведоштво. Додека го правиме тоа, сигурно ќе расте нашето исчекување за она што Јехова го подготвува за следната година. Ова ќе ни помогне да ‚бдееме, да останеме будни и да се покажеме подготвени‘ со оглед на овие критични и значајни времиња (Матеј 24:42—44).