Дали чудотворните лечења сѐ уште се случуваат?
„ПРИФАТИ го Исус и биди излечен!“ Ваквите слогани го навеле Алешандре, член на една евангелска црква да верува дека, доколку зема лекарства за својата болест, со тоа би покажал недостиг на вера. Станал уверен дека неговата вера, сама по себе, би го донела чудотворното лечење кое му било потребно. Бенедита, горлива католичка, била длабоко трогната кога чула за чудата на лекување во светилиштето Апаресида до Норте во државата Сао Пауло (Бразил). Користејќи некои магични зборови, за кои ја поучила тетка ѝ, Бенедита ѝ се молела на Нашата Госпоѓа од Апаресида, на Антони и на други „светци“ за моќ да ги лечи болните.
По сѐ изгледа, дури и кон крајот на XX-тиот век, многу луѓе сѐ уште веруваат во чудотворни лечења — но зошто? Веројатно, некои се фрустрирани кога лекарите се неспособни да направат многу за да ја отстранат болеста, болката и страдањето на своите љубени, особено на своите деца. Оние кои се погодени од хронична болест, можеби мислат дека, со оглед на високите трошоци на современата медицина, нема ништо да изгубат ако побараат лекување со вера. Некои гледаат на ТВ разни цркви и поединци како нудат лекување на СИДА, депресија, рак, несоница, висок крвен притисок и многу други слабости. Без разлика дали имаат некаква вера во таквите тврдења или не, тие можеби се обраќаат кон нив како кон последно средство. Други, пак, кои веруваат дека нивната болест е предизвикана од зли духови, можеби мислат дека на конвенционалната медицина ѝ недостига моќта да им помогне.
Од друга страна, има такви кои силно се спротивставуваат, па дури и ја осудуваат идејата за чудотворни лечења од страна на мртви „светци“ или живи практичари. Според Jornal da Tarde, имунологот Драусиу Варела мисли дека ова верување „ја исмејува верата на непретпазливите и на очајните“. Тој додава: „Надевајќи се на чуда, мнозина може да отфрлаат сериозен медицински третман поради овие измамници“. А The New Encyclopædia Britannica објаснува: „Неортодоксните лекувања во минатото биле поврзани со свети места и религиозни ритуали, а медицинската наука е склона сите такви лекувања да му ги припишува на нормалниот процес на сугестија што делува под поволни околности“. Па сепак, постојат мнозина кои веруваат дека навистина биле излечени преку некое чудо. За нив, лекувањето било успешно!
Оние кои се запознаени со Библијата, свесни се дека Исус Христос ги излечил болните во многу прилики, правејќи го тоа преку ‚Божјата моќ‘ (Лука 9:42, 43, НС). Затоа, можеби се прашуваат: ‚Дали Божјата моќ денес сѐ уште дејствува и предизвикува чудотворни лекувања?‘ Ако да, зошто обидите за лечење не успеваат да ги донесат ветуваните резултати? Дали затоа што пациентот нема доволно вера или затоа што неговата донација не е доволно висока? Дали е исправно еден христијанин да бара чудотворно лечење кога страда од некоја мачна или можеби неизлечива болест? И дали непогрешивите чудотворни лечења, какви што извршувал Исус, ќе се случат некогаш повторно? Одговорите на овие животоважни прашања можеш да ги најдеш во следнава статија.