Дали копнееш по еден праведен свет?
ЕДЕН дрвен едреник со три јарбола и две палуби се приближува кон бреговите на она што сега е ’Ртот Код (Масачусетс, САД). Екипажот и 101-от патник на палубата се исцрпени затоа што 66 дена биле на море. Барајќи да побегнат од религиозно прогонување и економска тешкотија, тие направиле едно напорно патување преку Атлантскиот Океан.
Кога патниците од овој кораб, Mayflower, на 11 ноември 1620 здогледуваат копно, нивните очи болскаат со надеж за нов почеток. Сакајќи да ги положат темелите за еден подобар свет, поголемиот дел од возрасните машки патници на бродот ја потпишуваат Спогодбата Мејфлауер. Во неа, тие се согласуваат да пропишат „праведни и еднакви закони“ за „општото добро на колонијата“. Дали нивниот сон за еден свет кој е морално исправен и фер за секого — еден праведен свет — станал реалност?
Иако Спогодбата што била потпишана на палубата на Mayflower се смета за еден од камен-темелниците на американскиот систем на влада, во Америка неправдата е вообичаен настан, исто како што е и ширум светот. На пример, размисли за еден човек во кого полицијата пукала додека тој се обидувал да побегне откако ограбил и пукал во еден дуќанџија. Тој ги тужел полицијата и градот Њујорк и добил милиони долари како исплата.
Размисли и за еден друг пример. Додека во Пасадена (Калифорнија, САД) студентите по право го полагале испитот по адвокатура, еден од нив претрпел удар и колабирал. Двајца студенти во близината спремно му давале вештачко дишење додека не пристигнал помошниот медицински персонал. Тие поминале 40 минути помагајќи му на човекот. Но, кога побарале дополнително време за да го довршат испитот, службеникот за адвокатура ги одбил.
Постои и проблемот со казнување заради криминална активност. Економскиот аналитичар Ед Рубинстајн истакнува: „Повеќето злосторства никогаш не резултираат со апсење. Многу од уапсените не се судски гонети. Многу казненици се условно пуштени. Од гледна точка на криминалецот, очекуваната казна е веројатност, а не сигурност“. Користејќи ги податоците за кражбите, тој заклучува дека еден потенцијален крадец „ќе избегне затвор во преку 98 отсто од случаите“. Нискиот ризик од казнување доведува до повеќе криминал и жртви на криминал (Проповедник 8:11).
Во многу земји, едно богато малцинство сѐ повеќе се збогатува, додека сиромашните маси се соочуваат со економска неправда. Таквата неправда преовладува кога луѓето, поради нивната боја на кожата, етничкото потекло, јазикот, полот или религијата, имаат мала шанса да ја подобрат својата состојба или, пак, дури и да се издржуваат себеси. На пример, според The New York Times, „скоро четврт милијарда човечки суштества во Јужна Азија, каде доминира Хинду населението — од кои повеќето се во Индија и во Непал — се раѓаат и умираат како недопирливи“. Последицата е тоа што милиони лица се опустошени од сиромаштија, глад и болест. Неправдата го опфаќа нивниот живот од лулка до гроба.
Што е со наводните неправди кои се вон човечка контрола? Помисли на бебињата кои се раѓаат со вродени аномалии — слепи, ретардирани или деформирани. Зарем една жена нема да има чувство на неправда ако нејзиното бебе се роди сакато или мртво, додека жените покрај неа милуваат здрави доенчиња?
За жал, неправдата изобилува, а исто и нејзините последици — огромно страдање и недостиг на мир, радост и задоволство. Шокирани од неправдата што ја гледаат или доживуваат, мнозина прибегнале кон насилство, само за да го зголемат човечкото страдање. Повеќето војни биле водени поради неправдата што била почувствувана.
Зошто човекот не успеал да донесе еден праведен свет? Дали еден таков свет е само сон?
[Извор на слика на страница 3]
Corbis-Bettmann
[Слика на страница 4]
Потпишување на Спогодбата Мејфлауер
[Извор на слика]
Corbis-Bettmann