Моја првенствена грижа е да му угодам на Јехова
РАСКАЖАЛ ТЕОДОРОС НЕРОС
Вратата од мојата ќелија се отвори и еден офицер извика: „Кој е Нерос?“ Кога се идентификував, тој заповеда: „Станувај. Одиме на погубување“. Тоа се случи во еден воен логор во Коринт (Грција) во 1952. Зошто животот толку несигурно ми висеше во воздух? Пред да го објаснам тоа, дозволете ми да ви кажам малку за мојата заднина.
ОТПРИЛИКА во 1925 година, библиските студенти (како што тогаш беа познати Јеховините сведоци) стапиле во контакт со татко ми. Наскоро тој станал еден од нив и ги споделил своите верувања со осум негови браќа и сестри — и сите тие ја прифатиле библиската вистина. Тоа го сториле и неговите родители. После тоа, тој се оженил и во 1929, во Агринион (Грција), сум се родил јас.
Колку само ужасни беа тие години за Грција! Првин беше суровото диктаторство на генерал Метакса. Потоа, во 1939, избувна II светска војна и набрзо после тоа земјата ја окупираа нацистите. Беснееја болести и глад. Подуените тела на мртвите беа отстранувани со мали ѕидарски колички. Злото во светот беше премногу очигледно, како што беше и потребата од Божјето Царство.
Живот на предадена служба
На 20 август 1942, додека една група бевме собрани на состанок надвор од Солун, претседавачкиот надгледник покажа кон британските воени авиони кои фрлаа бомби врз градот и нагласи дека ние сме заштитени затоа што го послушавме силното поттикнување ‚да не го напуштаме своето собрание‘ (Евреите 10:25). Во таа прилика, се состанавме покрај морскиот брег, а јас бев меѓу оние кои се претставија за крштавање. Кога излеговме од водата, застанавме во ред, а нашите христијански браќа и сестри испеаја една песна во која нѐ пофалија за одлуката што ја донесовме. Колку само беше незаборавен тој ден!
Кратко потоа, додека едно друго момче и јас ги посетувавме луѓето за време на нашата служба од куќа до куќа, бевме уапсени од полицијата и одведени во полициската станица. За да нагласат дека на нас гледаат како на комунисти и дека нашето проповедничко дело е забрането, нѐ истепаа и ни рекоа: „Јехова е исто што и Сталин, идиоти едни!“
Во тоа време во Грција веќе беснееше граѓанската војна и антикомунистичката треска растеше. Следниот ден нѐ натераа да маршираме покрај нашите домови со лисици на рацете како да бевме криминалци. Но, тоа не беа моите единствени испити.
Испити на верата на училиште
Во почетокот на 1944, сѐ уште бев ученик, а Солун и понатаму беше под окупација на нацистите. Еден ден на училиште, еден грчки православен свештеник, нашиот професор по веронаука, ми рече дека треба да ме испраша за лекцијата од тој ден. „Тој не е православен христијанин“, рекоа другите деца.
„Па што е?“ праша професорот.
„Јас сум Јеховин сведок“, одговорив.
„Волк меѓу овци“, извика тој, додека ме грабна и ми удри шлаканица.
‚Како е можно‘, си помислив во себе, ‚волк а да биде тепан од овца?‘
После неколку дена, отприлика 350 ученици седевме на масите поставени за ручек. Надзорникот рече: „Нерос ќе каже молитва“. Ја повторив таканаречената ‚Оче наш‘, молитвата за која Исус ги поучил своите следбеници, како што е запишано во Матеј 6:9—13. Тоа не му се допадна на надзорникот, па затоа од местото каде што седеше на масата налутено ме праша: „Зошто на тој начин ја кажа молитвата?“
„Затоа што јас сум Јеховин сведок“, одговорив. Притоа, и тој ме грабна и ме удри по образот. Истиот ден подоцна, еден друг наставник ме повика во неговата канцеларија и ми рече: „Браво Нерос, цврсто држи се за она во кое веруваш, и не се предавај“. Истата ноќ, татко ми ме охрабри со следниве зборови на апостол Павле: „Сите, што сакаат да живеат побожно во Христа Исуса, ќе бидат гонети“ (2. Тимотеј 3:12).
Кога завршив гимназија, морав да изберам кон каква кариера ќе се стремам. Поради граѓанската војна во Грција, морав да се соочам и со прашањето на христијанска неутралност (Исаија 2:4; Матеј 26:52). Конечно, во почетокот на 1952 бев осуден на 20-годишен затвор заради тоа што одбив да земам оружје во текот на тој тежок период од грчката историја.
Мојата христијанска неутралност испитана
Додека бев затворен во воените логори во Месолонгион и Коринт, имав прилика да им објаснам на воените командири дека мојата библиски школувана совест не ми дозволува да станам војник за да ги поддржувам политичките цели. „Јас веќе сум војник на Исус“, објаснив, укажувајќи на 2. Тимотеј 2:3. Кога бев наговаран повторно да размислам, реков дека мојата одлука не сум ја донел на брза рака, туку после сериозно размислување и земајќи го во обѕир моето предание на Бог да ја вршам неговата волја.
Заради тоа, морав да вршам принудна работа, да бидам без храна секој втор ден во период од 20 дена и да спијам на бетонскиот под од ќелијата чија големина беше помала од еден на два метри. А оваа ќелија ја делев со уште други двајца Сведоци! Во тоа време, додека бев во коринтскиот логор, ме повикаа од ќелијата за да ме погубат.
Додека одевме кон местото на погубување, офицерот ме праша: „Зарем нема да кажеш нешто?“
„Не“, одговорив.
„Зарем нема да му пишеш на семејството?“
„Не“, одговорив повторно. „Тие веќе се свесни дека тука може да бидам погубен.“
Стигнавме до дворот и ми беше наредено да застанам покрај ѕидот. Тогаш, наместо да им нареди на војниците да пукаат, офицерот нареди: „Однесете го внатре“. Сето тоа беше лажно погубување со цел да се испита мојата решеност.
Подоцна бев испратен на островот Макронизос, каде што не ми беше дозволена никаква литература освен Библијата. Во една мала куќа бевме држани тринаесет Сведоци, одвоени од речиси 500 затвореници криминалци. Сепак, некако ни беше прошверцувана литература. На пример, еден ден ми беше испратена една кутија со локум. Надзорниците беа толку нестрпливи да го пробаат локумот што не го забележаа списанието Стражарска кула кое беше скриено одоздола. „Војниците го изедоа локумот, но ние ја ‚изедовме‘ Стражарската кула!“ забележа еден Сведок.
До нас стигна примерок од тогаш неодамна објавената книга What Has Religion Done for Mankind?, а еден Сведок затвореник кој знаеше англиски ја преведе. Исто така, заедно ја проучувавме Стражарска кула одржувајќи ги нашите состаноци во тајност. На затворот гледавме како на школа, како на прилика да ја зајакнеме нашата духовност. Пред сѐ, бевме среќни бидејќи знаевме дека нашиот правец на интегритет му беше угоден на Јехова.
Последниот затвор во кој бев затворен се наоѓаше во Тиринта, источен Пелопонез. Таму забележав еден чувар кој внимателно набљудуваше додека водев библиска студија со еден друг затвореник. Какво само изненадување беше за мене кога со години подоцна го сретнав тој чувар во Солун! Дотогаш веќе беше станал Сведок. Подоцна, едно од неговите деца беше пратено в затвор, не за да работи како чувар туку како затвореник. Беше затворен од истата причина од која бев и јас.
Обновена активност после ослободувањето
Одлежав само три години од она што во почетокот беше 20-годишна казна. Откако ме пуштија, решив да живеам во Атина. Меѓутоа, наскоро се разболев од еден вид плеврит и бев присилен да се вратам во Солун. Останав в кревет два месеца. Подоцна запознав една мила девојка по име Кула, и во декември 1959 се венчавме. Во 1962 таа почна да служи како пионер, како што се нарекуваат полновремените министри на Јеховините сведоци. После три години можев да ѝ се придружам во пионерското дело.
Во јануари 1965 бевме доделени во покраинското дело, посетувајќи ги собранијата за да ги зајакнуваме духовно. Тоа лето имавме и предност да присуствуваме на нашиот прв голем обласен конгрес во Виена (Австрија). Тој се разликуваше од конгресите кои ги одржувавме во Грција каде што моравме тајно да се состануваме во шумите поради тоа што нашето дело беше забрането. При крајот на 1965, бевме поканети да работиме во канцеларијата на подружницата на Јеховините сведоци во Атина. Меѓутоа, поради здравствените проблеми на некои мои роднини, во 1967 моравме да се вратиме во Солун.
Додека се грижевме за семејните одговорности, и понатаму бевме многу зафатени во делото на евангелизирање. Еднаш, кога разговарав со мојот братучед Костас, му ја опишав убавината на Божјата организација, како и љубовта, единството и послушноста кон Бог што постојат во неа. Тој рече: „Овие работи би биле многу убави само доколку Бог постои“. Тој ја прифати мојата покана да испита дали Бог постои или не. Спомнав дека ќе посетиме еден меѓународен конгрес на Јеховините сведоци во Нирнберг (Германија) во август 1969. Костас праша дали може и тој да дојде; а сакаше да дојде и неговиот пријател Алекос, кој исто така ја проучуваше Библијата со нас.
Конгресот во Нирнберг беше еден редок спектакл! Се одржа на огромниот стадион каде што Хитлер ги прославувал своите воени победи. Беше достигнат највисок број од над 150.000 присутни, а Јеховиниот дух се манифестираше во сите подготовки. Набрзо после тоа, Костас и Алекос се крстија. Сега обајцата служат како христијански старешини, а нивните семејства се исто така Сведоци.
Почнав да проучувам со една заинтересирана госпоѓа. Нејзиниот сопруг изјави дека сака да ги испита нашите верувања и кратко потоа ме информира дека поканил за дебата некојси г-н Сакос, грчки православен теолог. Сопругот сакаше да ни постави некои прашања на обајцата. Г-н Сакос дојде заедно со еден свештеник. Човекот кај кого бевме во посета почна со зборовите: „Најпрвин, би сакал г-н Сакос да ми одговори на три прашања“.
Кревајќи го високо преводот на Библијата кој го користевме при нашите дискусии, човекот праша: „Прашање број еден: ‚Дали ова е вистинска Библија или, пак, е Библија на Сведоците?‘“ Г-н Сакос одговори дека тоа е званичен превод, и ги опиша Јеховините сведоци како „љубители на Библијата“.
Продолжувајќи, човекот праша: „Прашање број два: ‚Дали Јеховините сведоци се морални луѓе?‘“ Всушност, тој сакаше да знае какви се луѓето со кои почнала да се дружи неговата сопруга. Теологот одговори дека тие се недвосмислено морални луѓе.
„Трето прашање“, продолжи човекот, „дали Јеховините сведоци се платени?“ „Не“, одговори теологот.
„Ги добив одговорите на моите прашања и донесов одлука“, заклучи човекот. Потоа, продолжи со својата библиска студија и набрзо се крсти како Јеховин сведок.
Богат, наградувачки живот
Во јануари 1976 повторно почнав да служам како покраински надгледник. После отприлика шест години имав предност да учествувам во предводењето во еден нов облик на проповедање во Грција — сведочење на улица. Потоа, во октомври 1991, мојата сопруга и јас почнавме да служиме како специјални пионери. Неколку месеци подоцна, морав да се подложам на четворострука бајпас операција на срцето која за среќа беше успешна. Сега здравјето ми е прилично добро и можам повторно да продолжам со полновременото дело на проповедање. Исто така, служам како старешина во едно собрание во Солун, како и во работата на локалниот Одбор за контактирање со болниците за да им помагам на оние кои имаат медицински потреби.
Додека се осврнувам на мојот живот, увидувам колкаво задоволство ми причинуваше да го правам она што му е угодно на нашиот небесен Татко. Восхитен сум што пред долго време ја прифатив неговата привлечна покана: „Биди мудар, синко, и радувај го срцето мое, — и јас ќе имам што да му кажам на оној, што ме клевети“ (Изреки 27:11). Навистина ми причинува радост во срцето кога го гледам светскиот пораст на бројот на искрените луѓе кои доаѓаат во Јеховината организација. Да се учествува во ослободувањето на луѓето преку библиската вистина и на тој начин да им се отвори изгледот за вечен живот во еден праведен нов свет, навистина е предност! (Јован 8:32; 2. Петрово 3:13).
Ние секогаш се обидуваме да ги охрабриме младите слуги на Јехова да си ја постават за цел полновремената служба, и нему да му го даваат своето време и сила. Навистина, да се има доверба во Јехова и да се наоѓа извонредно задоволство во радувањето на неговото срце е најисполнувачкиот живот што може да се искуси! (Изреки 3:5; Проповедник 12:1).
[Слики на страница 21]
(Од лево кон десно)
Служење во бетелската кујна во 1965
Држење говор во 1970 кога нашето проповедање беше под забрана
Со мојата сопруга во 1959
[Слика на страница 23]
Со мојата сопруга Кула