ОНЛАЈН БИБЛИОТЕКА Watchtower
ОНЛАЈН БИБЛИОТЕКА
Watchtower
македонски
ѐ
  • Ѐ
  • ѐ
  • Ѝ
  • ѝ
  • БИБЛИЈА
  • ПУБЛИКАЦИИ
  • СОСТАНОЦИ
  • w05 1/4 стр. 20-24
  • Едно оставено сираче си наоѓа грижлив татко

За овој материјал нема видео.

Се појави проблем. Видеото не може да се отвори.

  • Едно оставено сираче си наоѓа грижлив татко
  • Стражарска кула го објавува Јеховиното Царство 2005
  • Поднаслови
  • Сличен материјал
  • Прво бегалец, па сираче
  • Библијата ми ги дава одговорите
  • Си наоѓам грижливо семејство
  • Противењето има спротивен ефект
  • За десет години во осум затвори
  • Христијанското братство ми помага духовно да напредувам
  • Повеќе од 50 години ‚преминување‘
    Стражарска кула го објавува Јеховиното Царство 1996
  • Моја првенствена грижа е да му угодам на Јехова
    Стражарска кула го објавува Јеховиното Царство 1998
  • Да се служи под Јеховината љубезна рака
    Стражарска кула го објавува Јеховиното Царство 1996
  • Му го дадов на Јехова она што го заслужува
    Стражарска кула го објавува Јеховиното Царство 1999
Повеќе
Стражарска кула го објавува Јеховиното Царство 2005
w05 1/4 стр. 20-24

Животна приказна

Едно оставено сираче си наоѓа грижлив татко

РАСКАЖАЛ ДИМИТРИС СИДИРОПУЛОС

„Ајде, земи го оружјето и пукај“, ми с‘ржа офицерот подавајќи ми ја пушката. Јас смирено одбив. На ужас на војниците што го гледаа сето ова, офицерот го впери пиштолот кон мене и куршумите ми зафучеа околу главата. Си помислив дека сум готов. За среќа, успеав да се извлечам. Но, ова

не беше првпат да ѝ погледнам в очи на смртта.

МОИТЕ родители беа Грци што живееја во близина на Кејсери, во Кападокија (Турција). Во првиот век од н.е., на ова подрачје очигледно имало луѓе што станале христијани (Дела 2:9). Но, до почетокот на 20⁠-тиот век, времињата драстично се промениле.

Прво бегалец, па сираче

Во 1922 година, неколку месеци по моето раѓање, етничките судири ги присилиле моите родители да избегаат во Грција. Во паника, тие оставиле сѐ зад себе, а ме зеле само мене. Тогаш сум имал само неколку месеци. Откако минале низ неописливи страдања, во крајно очајна состојба пристигнале во селото Кириа, близу до Драма, во северна Грција.

Татко ми умре кога имав четири години, по раѓањето на мојот помал брат. Имаше само 27 години, но тешкотиите низ кои мина во тие макотрпни времиња едноставно го скршија. Мајка ми претрпе многу маки, и наскоро умре и таа. Брат ми и јас останавме потполно сами и во крајна беда. Нѐ праќаа од едно во друго сиропиталиште, а кога имав 12 години завршив во едно сиропиталиште во Солун каде што почнав да учам за механичар.

Додека растев меѓу голите и непријателски ѕидови на сиропиталиштата, често се прашував зошто некои луѓе доживуваат толку големи страдања и неправди. Се прашував зошто Бог дозволува да постојат вакви жални услови. На часовите по веронаука нѐ учеа дека Бог е семоќен, но никој не ни даде разумно објаснување зошто злото постои и зошто е толку раширено. Често слушав како луѓето велат дека Грчката православна црква е најдобрата вера. Кога го поставив прашањето: „Ако православието е најдобрата вера, тогаш зошто не се сите православни?“, не добив задоволувачки одговор.

Сепак, нашиот учител многу ја ценеше Библијата, и ни врежа во мислите дека таа е света книга. Директорот на сиропиталиштето имаше ист таков став кон Библијата, но од некоја непозната причина не учествуваше во богослужбите. Кога се распрашав зошто, ми рекоа дека порано ја проучувал Библијата со Јеховините сведоци, религија што за мене беше непозната.

На 17 години завршив со школувањето во сиропиталиштето во Солун. Втората светска војна беше во тек, а Грција се наоѓаше под нацистичка окупација. Од глад, луѓето умираа на улиците. За да преживеам, побегнав на село каде што работев како аргат за многу мала плата.

Библијата ми ги дава одговорите

Кога се вратив во Солун, во април 1945 година, ми дојде на гости Паскалија, сестрата на еден мој пријател од детството со кого живеевме заедно во многу сиропиталишта. Таа ми кажа дека го нема брат ѝ и ме праша да не знам каде е. Додека разговаравме, кажа дека е Јеховин сведок и спомна дека Бог е заинтересиран за луѓето.

Бидејќи бев огорчен, не се сложив со тоа. Ако е така како што вели, тогаш зошто страдам уште од дете? Зошто останав сирак? Каде е Бог кога најмногу ни треба? На овие приговори, таа ме праша: „Сигурен ли си дека Бог е виновен за ваквата ситуација?“ Потоа ја отвори својата Библија и ми покажа од неа дека Бог не им нанесува страдања на луѓето. Ми помогна да сфатам дека Творецот ги сака луѓето и дека наскоро ќе ги смени работите на подобро. Читајќи стихови од Исаија 35:5⁠-7 и од Откровение 21:3, 4, таа ми покажа дека наскоро војните, насилството, болестите и смртта ќе ги снема, и дека верните луѓе ќе живеат засекогаш на Земјата.

Си наоѓам грижливо семејство

Во меѓувреме дознав дека брат ѝ на Паскалија бил убиен во една престрелка меѓу партизаните. Ги посетив неа и нејзиното семејство за да ги утешам, но наместо јас да ги тешам нив, тие ми дадоа утеха од Библијата мене. Повторно се вратив кај нив за да слушнам и други утешни мисли од Библијата, и наскоро станав дел од една мала група Јеховини сведоци што тајно се состануваа за да проучуваат и да го обожаваат Бог. Иако Сведоците беа прогонувани, бев решен и понатаму да се дружам со нив.

Во таа група на понизни христијани, ја најдов топлата и срдечна семејна атмосфера по која толку многу копнеев. Тие ми ги дадоа духовната поддршка и помош што очајно ми беа потребни. Во нив најдов несебични и грижливи пријатели кои сакаа и беа спремни да ми помогнат и да ме утешат (2. Коринќаните 7:5⁠-7). Но, најважно од сѐ, ми помогнаа да му се приближам на Јехова, кого сега го сметав за мој грижлив небесен Татко. Нешто што најмногу ме привлече кон него беше неговата љубов, сочувство и длабока заинтересираност (Псалм 23:1⁠-6). Најпосле си најдов духовно семејство и грижлив Татко! Тоа ме допре до дното на душата. Наскоро му се предадов на Јехова, и се крстив во септември 1945 година.

Христијанските состаноци не само што ми помогнаа да научам повеќе работи, туку и ми ја зајакнаа верата. Бидејќи немаше друг начин да стигнеме на состанок, повеќето од нас пешачеа 5 километри од нашето село до местото каде што се одржуваше состанокот. По патот водевме незаборавни духовни разговори. Во 1945 година дознав дека има шанса да учествувам во полновременото проповедничко дело и веднаш почнав со пионерска служба. Ми беше многу важно да имам добар однос со Јехова затоа што мојата вера и беспрекорност наскоро требаше да бидат испитани до крајни граници.

Противењето има спротивен ефект

Полицајците честопати насилно влегуваа во местата каде што имавме состаноци и се закануваа дека ќе нѐ убијат. Во земјата беше прогласена вонредна состојба бидејќи во Грција беснееше граѓанска војна. Поттикнати од свирепа омраза, различни завојувани групи се напаѓаа едни со други. Искористувајќи ја ваквата ситуација, свештениците ги наведоа властите да мислат дека ние сме комунисти и затоа жестоко нѐ прогонуваа.

Во период од две години многупати бевме апсени, а во шест случаи ни беа изречени казни од максимум четири месеци. Меѓутоа, затворите беа преполни со политички затвореници, па затоа нѐ пуштаа. Ја искористивме таа ненадејна слобода за да продолжиме да проповедаме, но по некое време пак бевме уапсени — трипати за една седмица. Знаевме дека многу од нашите браќа беа протерани на пусти острови. Дали верата ми беше доволно цврста за да поднесам еден таков испит?

Ситуацијата стана крајно тешка кога ми беше заповедано задолжително да се пријавувам секој ден во полиција. За да можат да ме држат на око, властите ме испратија на Евосмос, близу Солун, каде што имаше полициска станица. Зедов соба под кирија во близина и, за да се издржувам, почнав да работам како патувачки занаетчија — калајдисував бакарни тенџериња и тави. Додека пионерев во соседните села, овој занает ми овозможи да имам лесен пристап до домовите на луѓето без да ѝ станам сомнителен на полицијата. Како резултат на ова, неколку луѓе ја слушнаа добрата вест и ја прифатија. На крајот, повеќе од десет од нив станаа предадени слуги на Јехова.

За десет години во осум затвори

Останав под полициски надзор сѐ до крајот на 1949 година, а потоа се вратив во Солун чекајќи со душа да продолжам со полновремената служба. Само што си помислив дека на моите маки и јадови им дојде крајот, во 1950 година неочекувано добив позив за војска. Бидејќи како христијанин имав неутрален став, бев решен да ‚не се учам на војна‘ (Исаија 2:4). Така почна моето долго, макотрпно патување низ некои од најозлогласените затвори во Грција.

Сѐ започна во градот Драма. Во првите неколку седмици откако бев затворен таму, новите регрути почнаа да вежбаат на стрелиштето. Еден ден ме зедоа и мене со нив. Еден од офицерите ми ја подаде пушката и ми нареди да пукам. Кога одбив, тој почна да пука кон мене. Другите офицери видоа дека нема да попуштам, па и тие почнаа сурово да ме тепаат со тупаници. Палеа цигари и ги гаснеа врз моите дланки. Потоа ме ставија во самица. Продолжија вака три дена. Изгорениците од цигарите страшно ме болеа, а лузните од нив ми останаа на рацете долги години.

Пред да бидам даден на воен суд, ме преместија во воен логор во Хераклион, на Крит. Таму, сакајќи да ја скршат мојата беспрекорност, ме тепаа со сета сила. Бидејќи се плашев да не попуштам, горливо му се молев на мојот небесен Татко да ме зајакне. Во мислите ми дојдоа зборовите од Еремија 1:19: „ ,И ќе војуваат со тебе, ама нема да те надвладеат, зашто Јас Сум со тебе, за да те избавам,‘ говори Господ“. Успокојувачкиот ‚мир Божји‘ ми донесе смиреност и спокојство. Сфатив колку е мудро да имам безрезервна доверба во Јехова (Филипјаните 4:6, 7; Пословици 3:5).

На судењето што следеше бев осуден на доживотен затвор. Јеховините сведоци се сметаа за „државен непријател бр. 1“. Започнав со одлежувањето на доживотната казна во самица во Ицедин, затвор за криминалци надвор од Канеа. Ицедин е стара тврдина и мојата ќелија беше полна со стаорци. Обично се завиткував од глава до петици во едно искинато ќебе за да не ме лазат стаорците директно по телото кога ползеа врз мене. Добив тешко воспаление на белите дробови. Докторот рече дека морам да седам на сонце, па така можев да разговарам со многу затвореници во дворот. Но, здравјето продолжи да ми се влошува. По едно тешко белодробно крвавење, бев преместен во болница во Хераклион.

Моето духовно семејство од сохристијани пак ми дојде на помош (Колошаните 4:11). Браќата од Хераклион редовно ме посетуваа и ми даваа утеха и охрабрување. Им реков дека ми треба литература за да им сведочам на заинтересираните. Ми донесоа куфер со двојно дно, каде што можев да ја чувам литературата на сигурно. Колку бев среќен што, додека престојував во тие затвори, најмалку на шест од другите затвореници им се помогна да станат вистински христијани!

Во меѓувреме граѓанската војна заврши и мојата казна беше скратена на 10 години затвор. Остатокот од казната го одлежав во Ретимно, Једи Куле и Касандра. Откако лежев скоро десет години во осум затвори, бев пуштен и се вратив во Солун, каде што моите сакани христијански браќа срдечно ме дочекаа во своите прегратки.

Христијанското братство ми помага духовно да напредувам

До ова време, Сведоците во Грција веќе можеа да го обожаваат Бог во релативна слобода. Веднаш го искористив ова за да продолжам со полновремената служба. Наскоро бев благословен на уште еден начин. Се запознав со Катина, верна христијанка која го сакаше Јехова и многу горливо проповедаше. Се зедовме во октомври 1959 година. Раѓањето на нашата ќерка, Агапе, како и тоа што имав сопствено христијанско семејство, уште повеќе ми ги залечи раните што ги носев како сираче. Најважно од сѐ ми беше што моето семејство со радост служеше под заштитничката грижа на Јехова, нашиот небесен Татко што толку многу нѐ сака (Псалм 5:11).

Поради некои околности што беа надвор од моја контрола, бев присилен да престанам со пионерската служба, но ја поддржував жена ми која продолжи да служи полновремено. Најважниот настан во мојот живот како христијанин се случи во 1969 година, кога беше одржан меѓународен конгрес на Јеховините сведоци во Нирнберг (Германија). Бидејќи се подготвував да одам таму, подадов документи за пасош. Но, кога жена ми отиде во полициската станица да праша зошто веќе два месеца не ми издаваат пасош, службеникот извадил едно дебело досие од фиоката, и ѝ рекол: „Дали барате пасош за ова лице да може да оди и да прави преобратеници во Германија? Нема шанси! Тој е опасен“.

Со помош од Јехова и со настојувањата на некои браќа, бев ставен на списокот за групен пасош, и така успеав да присуствувам на тој прекрасен конгрес. Најголемиот број на присутни изнесуваше 150.000. Јасно можев да видам дека Јеховиниот дух го води и обединува ова меѓународно духовно семејство. Нешто подоцна во животот, научив уште повеќе да го ценам христијанското братство.

Во 1977 година мојата сакана жена и верна сопатничка почина. Дадов сѐ од себе за да ја воспитам нашата ќерка во склад со библиските начела, но добив и помош во тоа. Уште еднаш, моето духовно семејство не ме остави сам. Секогаш ќе им бидам благодарен на браќата што ме поддржуваа во тие тешки моменти. Некои од нив дури извесно време живееја во нашиот дом за да се грижат за мојата ќерка. Никогаш нема да ја заборавам нивната самопожртвувана љубов (Јован 13:34, 35).

Агапе порасна и се омажи за еден брат, Илијас. Имаат четири сина, и сите се во вистината. Во последниве години имав неколку мозочни удари и здравјето ми се влоши. Но, ќерка ми и нејзиното семејство добро се грижат за мене. И покрај слабото здравје, сѐ уште имам многу причини за радост. Уште живо се сеќавам на времето кога имаше само стотина браќа во цел Солун, и кога се состануваа тајно во приватни куќи. Сега во таа област има околу 5.000 ревносни Сведоци (Исаија 60:22). Понекогаш на конгресите ќе ми пристапи некој млад брат и ќе ме праша: „Се сеќаваш ли кога ни носеше списанија дома?“ Иако нивните родители можеби не ги читале овие списанија, децата ги читале и духовно напредувале!

Додека гледам како Јеховината организација расте, чувствувам дека навистина вредеше да се издржат сите тие испити. Секогаш им велам на внуците и на другите млади да си спомнуваат за својот небесен Татко во младоста, и тој никогаш нема да ги остави (Проповедник 12:1). Јехова си стоеше на зборот, и за мене стана „татко на сирачињата“ (Псалм 68:5). Иако бев оставено сираче во детството, на крајот си најдов грижлив Татко!

[Слика на страница 22]

Работев како готвач во затворот во Драма

[Слика на страница 23]

Со Катина, на денот на нашата венчавка, во 1959 година

[Слика на страница 23]

Собир во една шума близу до Солун, во доцните 1960⁠-ти

[Слика на страница 24]

Со нашата ќерка, 1967 година

    Публикации на македонски јазик (1991 — 2025)
    Одјави се
    Најави се
    • македонски
    • Сподели
    • Подесување
    • Copyright © 2025 Watch Tower Bible and Tract Society of Pennsylvania
    • Услови за користење
    • Полиса за приватност
    • Поставки за приватност
    • JW.ORG
    • Најави се
    Сподели