Дали Божиќ го изоставил Христос?
„Никогаш не сум можел да ги прифатам веселбите во Божиќната сезона. Ми изгледаа толку недоследни со животот и учењето на Исус“ (Мохандас К. Ганди).
МНОГУМИНА во потполност би се разишле со Ганди. Можеби се прашуваат: ‚Што всушност можел еден хиндуистички државник да знае за еден христијански празник?‘ Но, мора да се признае дека Божиќ се раширил низ целиот свет, влијаејќи на сите видови култури. Во декемвриa се чини дека тој празник продрел насекаде.
На пример, речиси 145 милиони Азијци го прославуваат Божиќ, 40 милиони повеќе отколку пред една деценија. И ако со „веселбите“ Ганди мислел на световната страна на современиот Божиќ, на избезумената потрошувачка која сите ја забележуваме, тогаш тешко е да се порекне дека овој аспект од прославата е честопати најистакнат. Списанието Asiaweek забележува: „Божиќ во Азија — од празничните светла во Хонгконг преку издигнувањето на хотелските божиќни дрвја во Бејџинг сѐ до сцените од јасли во центарот на Сингапур — е прилично световен (главно малопродажен) настан“.
Дали современата прослава на Божиќ го изгубила од вид Христос? Официјално, 25 декември се слави од четвртиот век н. е. кога Римокатоличката црква го одредила тој ден за религиозно одбележување на Исусовото раѓање. Но, според една неодамнешна анкета спроведена во Соединетите Држави, само 33 проценти од анкетираните сметале дека раѓањето на Христос е најважниот аспект на Божиќ.
А што мислиш ти? Дали понекогаш сметаш дека во целото тоа упорно рекламирање, мачно купување подароци, украсување на дрвјата, организирање и присуствување на забави, испраќање картички — Исус е некако изоставен од сликата?
Изгледа многумина сметаат дека еден начин да се врати Христос во Божиќ е преку прикажување на Сцената на неговото раѓање, т. е. креше. Веројатно си видел такви комплети со фигурички, кои го претставуваат бебето Исус во јасли опкружено со Марија, Јосиф, некои пастири, „тројца мудри мажи“, т. е. „тројца цареви“, селски животни и некои посматрачи. Обично се смета дека овие сцени од јасли служат за да ги потсетат луѓето на вистинското значење на Божиќ. Според U.S. Catholic, „сцената од јасли дава една појасна слика од кое и да било евангелие, иако и таа го нагласува неисторискиот карактер на овие раскази“.
Но, како би можело една Сцена од раѓањето на Исус да укажува на тоа дека расказите во евангелските извештаи од Библијата се неисториски? Па, мора да се признае дека пријатно, но сепак старински обоените скулптурички даваат здив на легендата или бајката за раѓањето на Христос. Првин популаризирана од еден калуѓер од 13 век, Сцената на раѓањето на Исус некогаш била прилично скромна. Денес, Сцените на раѓањето на Исус, како и многу други работи кои се поврзани со овој празник, станале голем бизнис. Редица продавници во Неапол (Италија) продаваат слики од Сцените на раѓањето на Исус, односно презепи, во текот на целата година. Некои популарни слики не прикажуваат ликови од евангелските извештаи, туку современи познати личности како, на пример, принцезата Дајана, мајка Тереза и модниот креатор Џани Версаче. На други места, презепите се прават од чоколади, тестенини, па дури и од морски школки. Можеш да сфатиш зошто е толку тешко да се согледа некоја историја во таквите прикази.
Но, како би можеле таквите Сцени од раѓањето да дадат „една појасна слика од кое и да било евангелие“? Дали евангелските извештаи навистина не се историски? Дури и закоравените скептици мораат да признаат дека Исус бил една вистинска, историска личност. Значи, едно време тој сигурно бил вистинско бебе, роден на вистинско место. Треба да постои некој подобар начин да се добие една појасна слика за настаните кои се поврзани со неговото раѓање отколку само загледувањето во некоја Сцена од раѓањето!
Всушност, постои. Двајца историчари напишале независни извештаи за Исусовото раѓање. Ако понекогаш мислиш дека Христос претежно се игнорира за време на Божиќ, зошто тогаш сам не ги испиташ овие извештаи? Во нив нема да најдеш легенди или митови, туку една фасцинантна приказна — вистинската приказна за раѓањето на Христос.
[Фуснота]
a или јануари во православниот свет
[Извор на слика на страница 3]
Бордура на страници 3—6, 8 и 9: Педесет години од советската уметност