ОНЛАЈН БИБЛИОТЕКА Watchtower
ОНЛАЈН БИБЛИОТЕКА
Watchtower
македонски
ѐ
  • Ѐ
  • ѐ
  • Ѝ
  • ѝ
  • БИБЛИЈА
  • ПУБЛИКАЦИИ
  • СОСТАНОЦИ
  • w01 1/3 стр. 23-27
  • Поткрепуван од Јехова во сите мои дни

За овој материјал нема видео.

Се појави проблем. Видеото не може да се отвори.

  • Поткрепуван од Јехова во сите мои дни
  • Стражарска кула го објавува Јеховиното Царство 2001
  • Поднаслови
  • Сличен материјал
  • Желба да ја прошириме нашата служба
  • Служење во Никарагва
  • Повторно во движење
  • Справување со неволја
  • Задржување на духовноста
  • Радосна што и покрај тешкотиите воспитав осум деца да му служат на Јехова
    Стражарска кула го објавува Јеховиното Царство 2006
  • Приближувањето до Бог ми помогна да се борам
    Разбудете се! 1993
  • Следејќи ги стапките на моите родители
    Стражарска кула го објавува Јеховиното Царство 1995
  • Благодарен, и покрај трагедиите — како ми помогна Библијата
    Стражарска кула го објавува Јеховиното Царство 2009
Повеќе
Стражарска кула го објавува Јеховиното Царство 2001
w01 1/3 стр. 23-27

Животна приказна

Поткрепуван од Јехова во сите мои дни

РАСКАЖАЛ ФОРЕСТ ЛИ

Полицијата штотуку ни ги конфискува грамофоните и нашата библиска литература. Втората светска војна им послужи како изговор на противниците да го убедат новиот генерален гувернер на Канада да ја прогласи активноста на Јеховините сведоци во Канада за незаконска. Ова се случи на 4 јули 1940 година.

НЕЗАПЛАШЕНИ од она што се случи, набавивме повеќе литература од местото каде што беше складирана и продолживме да проповедаме. Секогаш ќе се сеќавам на зборовите на татко ми во таа прилика: „Ние не запираме така лесно. Јехова ни заповедал да проповедаме“. Во тоа време бев енергичен десетгодишник. Но, дури и денес, решеноста на татко ми и неговата ревност за службата сѐ уште постојано ме потсетуваат дека нашиот Бог, Јехова, ги поддржува своите лојални.

Следниот пат кога нѐ запре полиција, не само што ни ја одзедоа литературата туку и го ставија татко ми в затвор, така што мајка ми остана сама со четири деца. Тоа се случи во септември 1940 во Саскачивен. Набрзо потоа бев истеран од училиште бидејќи ја следев мојата библиски школувана совест и не го поздравив знамето ниту ја пеев националната химна. Тоа што го продолжив моето школување преку допишување ми овозможи да имам флексибилен распоред, и уште поцелосно учествував во делото на проповедање.

Во 1948 беше упатен повик за пионери, полновремени министри на Јеховините сведоци, да се преселат на источниот брег на Канада. Така заминав да пионерам во Халифакс (Нова Шкотска) и во Кејп Вулф (островот Принц Едуард). Следната година ја прифатив поканата да работам две седмици во канцеларијата на подружницата на Јеховините сведоци во Торонто. Тие две седмици станаа повеќе од шест наградувачки години служба. На крај, ја запознав Мирна, која ја делеше мојата љубов кон Јехова, и во декември 1955 се венчавме. Се населивме во Милтон (Онтарио) и набрзо таму беше формирано ново собрание. Подрумот на нашиот дом стана Сала на Царството.

Желба да ја прошириме нашата служба

Во годините кои следеа, станавме родители на шест деца во прилично кратко време. Прва беше нашата ќерка Мирјам. Потоа се родија Шармен, Марк, Анет, Грант и на крај Глен. Честопати кога си доаѓав дома од работа ги наоѓав малечките испоседнати на подот околу каминот, додека Мирна им читаше од Библијата, објаснувајќи им ги библиските извештаи и всадувајќи во нивните срца вистинска љубов кон Јехова. Благодарение на нејзината љубезна поддршка, сите наши деца стекнаа добро спознание за Библијата уште на млада возраст.

Ревноста на татко ми за службата остави неизбришлив впечаток врз мојот ум и моето срце (Пословици 22:6). Така, во 1968, кога семејства на Јеховините сведоци беа поканети да се преселат во Централна и Јужна Америка за да помогнат во делото на проповедање, нашето семејство имаше желба да одговори на повикот. Тоа време децата ни беа на возраст меѓу 5 и 13 години, и никој од нас не знаеше ниту еден збор на шпански. Откако беше дадено упатството, јас отпатував во различни земји за да проверам какви се условите за живеење. Кога се вратив, размисливме како семејство во молитва за нашите опции и решивме да се преселиме во Никарагва.

Служење во Никарагва

Во октомври 1970 бевме во нашиот нов дом и во рок од три седмици ми беше доделена една кратка точка на програмата на еден собраниски состанок. Се мачев со точката на мојот ограничен шпански јазик и заклучив на тој начин што го поканив целото собрание во нашиот дом во сабота во 9:30 на сервеза. Имав намера да кажам сервисио, зборот за служба на теренот, но јас, всушност, ги поканив сите на пиво. Учењето на јазикот навистина беше предизвик!

Во почетокот, ќе напишев една презентација на раката и ја вежбав додека одев до вратата. Ќе речев: „Со книгите доаѓа бесплатна домашна библиска студија“. Еден човек кој ја прифати понудата, потоа ми рече дека морал да дојде на нашите состаноци за да открие што сум се обидувал да му кажам. Овој човек стана Јеховин сведок. Колку само е очигледно дека Бог е тој кој прави семето на вистината да порасне во понизните срца, токму како што признал апостол Павле! (1. Коринќаните 3:7).

Отприлика по две години поминати во главниот град Манагва, бевме замолени да се преселиме во јужниот дел на Никарагва. Таму работевме со собранието во Ривас и со блиските изолирани групи на заинтересирани лица. Педро Пења, еден постар верен Сведок, ме придружуваше кога ги посетувавме овие групи. Една се наоѓаше на еден вулкански остров на езерото Никарагва, каде што имаше само едно семејство Јеховини сведоци.

Иако во материјален поглед имаше многу малку, ова семејство вложи голем напор да покаже ценење за нашата посета. Вечерта кога пристигнавме, ни имаа подготвено оброк. Останавме таму цела седмица, и многумина од тамошните драги луѓе кои ја сакаа Библијата ја делеа својата храна со нас. Бевме восхитени кога на јавното библиско предавање в недела имаше 101 присутен.

Мислам дека Јеховината поткрепувачка моќ се покажа кога, во една друга прилика, бевме во посета на група заинтересирани луѓе во планините близу границата со Костарика. Денот кога требаше да заминеме дојде Педро за да ме земе, но јас бев во кревет болен од маларија. „Не можам да одам, Педро“, му реков. Ставајќи ја раката на моето чело, ми одговори: „Имаш висока температура, но мораш да дојдеш! Браќата чекаат“. Потоа кажа една од најсрдечните молитви што ги имам слушнато досега.

Тогаш му реков: „Оди земи си фреско (овошен пијалак). Ќе бидам готов за десет минути“. Две семејства Сведоци живееја во подрачјето кое го посетивме, и одлично се грижеа за нас. Следниот ден отидовме да проповедаме со нив, иако сѐ уште бев нејак и со температура. Колку само беше зајакнувачки да се види како на нашиот состанок в недела беа присутни повеќе од сто луѓе!

Повторно во движење

Во 1975 се роди нашето седмо дете, Вон. Следната година моравме да се вратиме во Канада од финансиски причини. Не ни беше лесно да ја напуштиме Никарагва бидејќи навистина ја чувствувавме Јеховината поткрепувачка моќ за време на нашиот престој. Во времето кога си заминавме, состаноците ги посетуваа повеќе од 500 луѓе од подрачјето на нашето собрание.

Претходно, кога нашата ќерка Мирјам и јас бевме наименувани за специјални пионери во Никарагва, Мирјам ме праша: „Тато, ако некогаш мораш да се вратиш во Канада, ќе ми дозволиш ли да останам овде?“ Јас не ни имав намера да си заминеме, па затоа ѝ реков: „Па, се разбира!“ Затоа, кога си заминавме, Мирјам остана и продолжи со својата полновремена служба. Подоцна, се омажи за Ендрју Рид. Во 1984 тие дипломираа во 77. клас на Гилеад, мисионерска школа на Јеховините сведоци, тогаш сместена во Бруклин (Њујорк). Сега Мирјам служи со својот сопруг во Доминиканска Република, исполнувајќи си ја желбата која ја всадија во неа одличните мисионери во Никарагва.

Во меѓувреме, зборовите на татко ми „ние не запираме така лесно“ сѐ уште ми гореа во срцето. Затоа во 1981, кога заштедивме доволно пари да се вратиме во Централна Америка, повторно се преселивме, овојпат во Костарика. Додека служевме таму, бевме поканети да помогнеме во изградбата на новите објекти на нивната подружница. Меѓутоа, во 1985, на нашиот син Грант му беше потребна медицинска нега, па се вративме во Канада. Глен остана во Костарика да работи на градежниот проект на подружницата, додека Анет и Шармен служеа како специјални пионери. Ние, кои ја напуштивме Костарика, никогаш не ни сонувавме дека нема да се вратиме.

Справување со неволја

Седумнаесетти септември 1993 осамна светол и сончев. Нашиот најстар син Марк и јас стававме шидра на еден покрив. Работевме еден покрај друг и си зборувавме за духовни работи, како што имавме обичај. Некако јас изгубив рамнотежа и се стркалав од покривот. Кога се освестив, сѐ што можев да видам беа силни светла и луѓе облечени во бело. Тоа беше шок-собата во болница.

Поради она што го кажува Библијата, мојата прва реакција беше: „Не крв, не крв!“ (Дела 15:28, 29). Колку само се смирив кога ја слушнав Шармен како вели: „Во ред е тато. Сите сме тука“. Подоцна дознав дека лекарите го виделе мојот медицински документ, и користењето крв воопшто не било спорно. Ми беше скршен вратот и бев целосно парализиран, не можев дури ни да дишам сам.

Така неподвижен, ми беше потребна Јеховината поддршка повеќе од кога и да било порано. Трахеотомијата, извршена за да се стави една респираторна туба, го блокираше доводот на воздух до моите гласни жици. Не можев да зборувам. Луѓето мораа да ми ги читаат усните за да сфатат што се обидував да им кажам.

Трошоците брзо пораснаа. Со оглед на тоа што сопругата и повеќето мои деца беа во полновремена служба, се прашував дали ќе мора да ја напуштат оваа служба за да се погрижат за овие финансиски одговорности. Меѓутоа, Марк можеше да добие работа која за само три месеци помогна да се покрие поголемиот дел од овој трошок. Како резултат на тоа, сите можеа да останат во полновремена служба освен мојата сопруга и јас.

Стотици картички и писма од шест различни земји ги покриваа ѕидовите на мојата болничка соба. Јехова навистина ме поткрепуваше. Членовите на собранието исто така му помогнаа на моето семејство така што им подготвуваа оброци за време на дел од петте и пол месеци додека се наоѓав на интензивна нега. Секој ден по еден христијански старешина го поминуваше попладнето со мене, читајќи ми од Библијата и од библиските публикации, и раскажувајќи ми охрабрувачки искуства. Два члена од семејството се подготвуваа со мене за секој собраниски состанок, така што никогаш не пропуштив од животоважната духовна храна.

Додека уште бев во болница, беше направена подготовка да присуствувам на програмата на еден ден на специјален собир. Болничкиот персонал организираше една квалификувана медицинска сестра и една респираторна техничарка да ме придружуваат цел ден. Колку голема радост беше да бидам повторно со моите христијански браќа и сестри! Никогаш нема да ја заборавам глетката како стотици луѓе стоеја во ред чекајќи да се поздрават со мене.

Задржување на духовноста

Отприлика една година по несреќата, можев да се вратам дома со моето семејство, иако сѐ уште ми беше потребна 24-часовна нега. Едно специјално опремено комбе ми овозможува да одам на состаноци, кои ретко ги пропуштам. Но, морам да признаам, потребна е решеност за да се оди. Откако си дојдов дома, можев да присуствувам на сите обласни конгреси.

Конечно, во февруари 1997, до ограничена мера ми се врати способноста да зборувам. Некои од моите медицински сестри со ценење слушаат додека ја споделувам со нив мојата библиски темелена надеж. Една од нив ми ја прочита целата книга Jehovah’s Witnesses—Proclaimers of God’s Kingdom [Јеховини сведоци — објавители на Божјето Царство], како и други публикации на Watch Tower. Се допишувам со луѓето користејќи стапче за да пишувам на компјутер. Иако пишувањето на ваков начин е многу здодевно, наградувачки е тоа што можам да останам вклучен во службата.

Многу страдам од невралгија. Но, се чини дека кога ги споделувам библиските вистини со другите или ги слушам додека ми ги читаат, чувствувам некакво олеснување. Повремено сведочам на улица со мојата сопруга која ме поддржува, и која толкува кога ми е потребна помош. Во неколку прилики можев да служам како помошен пионер. Служењето како христијански старешина ми дава чувство на радост, особено кога браќата ми приоѓаат на состаноците или ме посетуваат дома и можам да им помогнам и да ги охрабрам.

Морам да признаам дека е лесно да се падне во депресија. Затоа, секогаш кога сум потиштен, веднаш се молам за да можам да имам радост. Дење и ноќе го молам Јехова и понатаму да ме поткрепува. Нечие писмо или посета секогаш ме разведрува. Читањето на списанијата Стражарска кула или Разбудете се! исто така ми го полни умот со изградувачки мисли. Овие списанија понекогаш ми ги читаат различни медицински сестри. Откако ми се случи несреќата, го слушав читањето на целата Библија на касети седумпати. Сево ова спаѓа во различните начини на кои Јехова ме поткрепува (Псалм 41:3).

Промената во моите околности ми даде многу време за да медитирам за тоа како нашиот Величествен Поучувач, Јехова, нѐ школува за живот. Тој ни дава точно спознание за неговата волја и намера, смисловна служба, совети за тајната на семејната среќа и проникливост за да знаеме што да правиме во неволја. Јехова ме благослови со верна и прекрасна сопруга. И моите деца лојално ме поддржуваат, и за мене е радост што сите тие учествуваа во полновремената служба. Всушност, на 11 март 2000, нашиот син Марк и неговата сопруга Алисон дипломираа на 108. клас на школата Гилеад и беа доделени во Никарагва. Сопругата и јас можевме да присуствуваме на нивната промоција. Можам искрено да кажам дека неволјата го промени мојот живот, но не и моето срце (Псалм 127:3, 4).

Му благодарам на Јехова за мудроста што ја дава за да ми овозможи да му го пренесам на моето семејство духовното наследство што го добив. Зајакнат сум и охрабрен кога гледам како моите деца му служат на својот Творец со став сличен на ставот на татко ми, кој рече: „Ние не запираме така лесно. Јехова ни заповедал да проповедаме“. Навистина, Јехова нѐ поткрепуваше мене и моето семејство во сите наши дни.

[Слика на страница 24]

Со татко ми, моите браќа и сестра ми, до нашата семејна приколка, која ја користевме во пионерските денови. Јас сум десно

[Слика на страница 26]

Со мојата сопруга Мирна

[Слика на страница 26]

Неодамнешна слика на нашето семејство

[Слика на страница 27]

Сѐ уште сведочам преку писма

    Публикации на македонски јазик (1991 — 2025)
    Одјави се
    Најави се
    • македонски
    • Сподели
    • Подесување
    • Copyright © 2025 Watch Tower Bible and Tract Society of Pennsylvania
    • Услови за користење
    • Полиса за приватност
    • Поставки за приватност
    • JW.ORG
    • Најави се
    Сподели