Радувај се во надежта за Царството!
ЕДНА радосна прилика беше причина на 10 март 2001 да се соберат 5.784 лица во трите комплекси во Њујорк што ги користи големата бетелска фамилија. Таа прилика беше промоцијата на 110. клас на мисионерската школа Гилеад.
Кери Барбер, член на Водечкото тело на Јеховините сведоци, им изрази добредојде на сите и ја отвори програмата со зборовите: „Радосни сме што знаеме дека веќе 110 класови студенти на Гилеад се обучени за мисионери и доделени на подрачја по целата Земјина топка“.
Како да останеме радосни
По уводните забелешки на брат Барбер, Дон Адамс им се обрати на присутните, вклучувајќи ги и 48-те дипломци, на темата „Јеховиниот благослов нѐ збогатува“. Темелејќи го својот говор на Пословици 10:22, тој ги потсети присутните дека Јехова ги поддржува и ги благословува своите слуги кога ги ставаат интересите на Царството на прво место во животот. Тој ги охрабри студентите да ги прифатат своите нови доделби со истиот спремен дух што го покажал апостол Павле кога бил поканет да ‚прејде во Македонија и да помогне‘ (Дела 16:9). Иако требало да совлада некои тешкотии, спремноста на Павле да проповеда онаму каде што бил упатен му донела многу радосни благослови.
Дипломците го завршија своето петмесечно проучување на Библијата и обуката како подготовка за мисионерското дело. Сепак, Даниел Сидлик, член на Водечкото тело на Јеховините сведоци, ги охрабри и понатаму да бидат ученици. Говорејќи на темата „Бидете вистински ученици“, тој спомна: „Да се биде ученик значи постојано да се биде послушен на Исусовите зборови. Тоа ја вклучува нашата спремност секогаш да ги слушаме неговите зборови, неговата порака, неговото учење“. Истакна дека учениците на Христос не донесуваат одлуки без да го слушаат гласот на својот Учител; мудроста на Бог е собрана во животот на Христос (Колошаните 2:3). Никој од нас не може еднаш да ги чуе зборовите на Исус и потоа да заклучи дека знае сѐ за него, па затоа брат Сидлик ги охрабри дипломците и понатаму да учат за христијанската вистина, да ја применуваат и да поучуваат за неа, а тоа донесува слобода (Јован 8:31, 32).
За некој да остане радосен во Божјата служба, мора да биде спремен да прифати дисциплина и исправање. „Дали бубрезите ќе ве исправат?“ — беше прашањето што го постави Лоренс Боуен, инструктор на Гилеад. Тој покажа дека во Библијата симболичните бубрези се поврзани со најдлабоките мисли и емоции. Тие можат да служат за да исправат некого доколку инспирираниот совет од Божјата реч продре до најдлабоките аспекти од неговата личност (Псалм 16:7, NW; Еремија 17:10). Верниот пат на една личност може да го трогне длабоко дури и Јехова. Откако прочита Пословици 23:15, 16 (NW), говорникот праша: „Дали бубрезите ќе ве исправат?“ Тој додаде: „Се молиме да биде така, и со тоа ќе придонесете Јехова да почувствува најдлабоко задоволство. Ќе ги побудите неговите најдлабоки емоции. Да, Божјите бубрези ќе воскликнуваат додека лојално останувате на вашите доделби“.
Последниот говор од овој дел од програмата го изнесе Марк Нојмар, кој пред да стане инструктор на Гилеад служел како мисионер во Кенија. Неговиот говор, со наслов „Подобро е да се види со очите“, истакна колку е важно да се негува задоволноста. Во согласност со Проповедник 6:9, брат Нојмар препорача: „Соочете се со реалноста. Тоа значи ‚да се гледа со очите‘. Наместо да фантазирате за нешто што сакате да го направите, но не го правите, сконцентрирајте се на тоа најдобро да ги искористите своите сегашни околности. Живеењето во некој свет на соништата, неразумните очекувања или размислувањето за негативните фактори на вашата доделба само ќе ве направат несреќни и незадоволни“. Да, без разлика на тоа каде сме или какви ни се околностите, негувањето побожна задоволност во нашите лични околности придонесува да имаме радосен дух додека му служиме на нашиот Величествен Творец.
Радосни искуства во службата за Царството и на Гилеад
По практичните совети од тие предавања, студентите раскажаа некои искуства што ги доживеале додека учествувале во јавната служба во текот на нивниот петмесечен курс. Под водство на Валас Ливеранс, архивар на школата Гилеад, дипломците раскажаа како се препорачале за Божји министри (2. Коринќаните 4:2). Тие можеле да ја привлечат од Бог дадената совест на некои лица. Искуствата на студентите покажаа како биле започнати библиски студии со некои искрени поединци што ги сретнале на улица, во службата од куќа до куќа и на други места. Во различни прилики, заинтересираните луѓе рекле дека библиските публикации на Јеховината организација го имаат призвукот на вистината. Една станарка реагирала многу позитивно на извесен библиски стих. Сега таа ја проучува Библијата со Јеховините сведоци.
Потоа, Џоел Адамс направи интервју со некои што дипломирале на Гилеад во изминатите години. Неговата тема беше: „Никогаш не престанувај да учиш, никогаш не престанувај да му служиш на Јехова“. Интервјуираните имаа навремени совети за новите мисионери. Сеќавајќи се на деновите кога бил член на 26. клас на Гилеад, Хари Џонсон рече: „Бевме поучени дека Јехова отсекогаш го водел и ќе го води својот народ. Таа доверба ми беше охрабрување низ годините“. Вилијам Нанкис, член на 53. клас на Гилеад, ги советуваше студентите: „Пред сѐ, имајте ги на ум библиските начела и применувајте ги на сите одлуки што ги донесувате во животот сега и засекогаш. Како резултат на тоа, ќе можете да останете на својата доделба, и Јеховиниот богат благослов ќе биде со вас“.
„Зајакнати да ја извршат Јеховината волја“ беше темата што ја избра Ричард Рајн за својата точка во програмата. Едно од лицата што тој ги интервјуираше беше Џон Куртс, дипломец на 30. клас, кој поминал повеќе од 41 година како мисионер во Шпанија. Кога беше запрашан за наставниот план на Гилеад, брат Куртс рече: „Главен учебник е Библијата. И потоа имаме помагала за проучување на Библијата што ни помагаат да ја разбереме Библијата. Тие им се достапни на сите. На Гилеад не се добиваат некакви тајни информации. Никогаш не престанав да го нагласувам ова бидејќи сите имаат право на пристап до информациите што се добиваат на Гилеад“.
Брат Герит Леш, член на Водечкото тело на Јеховините сведоци, ја заокружи духовната програма говорејќи на темата: „На и под Јеховините крилја“. Тој објасни како Божјата заштита и поддршка на неговите верни слуги се библиски илустрирани со орелски крилја (Второзаконие 32:11, 12; Псалм 91:4). Возрасниот орел некогаш со часови ги шири крилјата за да ги заштити своите малечки. Понекогаш, мајката орлица може дури и да ги прекрие малечките со своите крилја за да ги заштити од студените ветришта. На сличен начин и во согласност со својата намера, Јехова може да им дојде на помош на своите верни слуги, особено кога се соочуваат со духовни испити. Јехова не дозволува неговите слуги да бидат искушани повеќе од она што можат да го носат, туку прави излез за да можат да поднесат (1. Коринќаните 10:13). Брат Леш заклучи со зборовите: „За да останеме духовно заштитени, мораме да останеме под крилјата на Јехова. Ова значи дека не смееме да развиваме дух на независност. Секогаш да останеме близу до Јехова и до неговата организација слична на мајка, без да се одвоиме од нивното водство и љубезен совет“.
Претседавачот прочита телеграми и желби за сѐ најубаво од целата Земјина топка. Потоа следеше доделувањето на дипломите. Кога била воспоставена школата Гилеад, целта била да се има само ограничен број класови за петгодишен период. Но, веќе 58 години Јехова Бог ја одржува школата да функционира. Како што рече брат Барбер во своите уводни забелешки: „Какво само навистина прекрасно досие изградија дипломците на Гилеад од 1943 година, кога беше основан Гилеад, па наваму! Нивните здружени напори имаа за резултат буквално уште стотици илјади кротки луѓе да дојдат во Јеховината славна организација“. Да, оваа мисионерска школа придонесе милиони луѓе да се радуваат во надежта за Царството.
[Рамка на страница 24]
ПОДАТОЦИ ЗА КЛАСОТ:
Број на застапени земји: 8
Број на земји во кои се доделени: 18
Вкупен број на студенти: 48
Просечна старост: 34
Просек на години во вистина: 18
Просек на години во полновремена служба: 13
[Слика на страница 25]
110. клас што дипломираше на Библиската школа Гилеад на Watchtower
Во долнава листа, редовите се нумерирани однапред наназад, а имињата се наведени одлево надесно во секој ред.
1) Васек, Е.; Мадлан, Л.; Еванс, Г.; Ватанабе, К. 2) Трафорд, П.; Трф, Џ.; Вилсон, П.; Вилијамс, Р.; Вебер, А. 3) Џонсон, Т.; Ханау, К.; Марлу, Ф.; Шарпентиај, Ф.; Пекам, Р.; Андрософ, П. 4) Сигерс, Т.; Сигерс, Д.; Бејли, П.; Бејли, М.; Мадлан, К.; Липолд, Е.; Липолд, Т. 5 ) Еванс, Н.; Голд, Р.; Болман, И.; Васек, Р.; Унжиан, Џ.; Вилсон, Н. 6) Трф, Џ.; Зудим, Л.; Зудим, Р.; Бентсон, К.; Бентсон, Џ.; Џелано, М.; Џелано, Л. 7) Пекам, Т.; Марлу, Ж.; Шарпентиај, К.; Голд, М.; Болман, Р.; Унжиан, Ф. 8) Вебер, Р.; Џонсон, Б.; Ханау, Д.; Ватанабе, Ј.; Вилијамс, Р.; Трафорд, Г.; Андрософ, Т.