Животна приказна
Јехова нѐ научи на истрајност и издржливост
РАСКАЖАЛ АРИСТОТЕЛИС АПОСТОЛИДИС
На северните ритчиња на планината Кавказ лежи Пјатигорск, руски град познат по своите извори на минерална вода и по благата клима. Тука сум роден како дете на грчки бегалци, во 1929. Десет години подоцна, по ноќните мори на сталинистичките чистки, ужасот и етничкото чистење, повторно станавме бегалци, кога бевме принудени да се преселиме во Грција.
ОТКАКО се преселивме во Пиреј (Грција), зборот „бегалци“ за нас доби едно сосема ново значење. Се чувствуваме како тотални странци. Иако брат ми и јас носевме имиња на двајца прочуени грчки филозофи, Сократ и Аристотел, ретко слушавме да ги користат тие имиња. Сите нѐ викаа Русинчињата.
Кратко по избувнувањето на II светска војна, мојата сакана мајка умре. Таа беше столбот на нашиот дом, и загубата беше страшна. Со оглед на тоа што извесно време беше болна, таа ме научи да вршам многу домашни работи. Ова школување се покажа мошне корисно подоцна во животот.
Војна и ослободување
Војната, нацистичката окупација и непопустливото бомбардирање од здружените сили правеше секој ден да ни изгледа како последен. Имаше многу сиромаштија, глад и смрт. Од 11-годишна возраст морав многу напорно да работам заедно со татко ми за да можеме ние тројцата да се издржуваме. Моето световно образование беше попречено од тоа што малку го разбирав грчкиот јазик, како и од војната и последиците од неа.
Окупацијата на Грција од страна на Германија заврши во октомври 1944. Кратко потоа стапив во контакт со Јеховините сведоци. Среде очајот и бедата од тоа време, библиската надеж за светла иднина под Божјето Царство ме погоди в срце (Псалм 37:29). Божјето ветување за бескраен живот под мирољубиви околности овде на Земјата се покажа вистински мевлем за моите рани (Исаија 9:7). Во 1946 татко ми и јас се крстивме, симболизирајќи го своето предание на Јехова.
Следната година ја имав радоста да ја добијам мојата прва задача како слуга за објавување (подоцна наречен слуга за списанија) во второто собрание што беше организирано во Пиреј. Нашето подрачје се протегаше од Пиреј сѐ до Елефсис, растојание од околу 50 километри. Во тоа време, во собранијата служеа многу духовно помазани христијани. Имав предност да работам со нив и да учам од нив. Уживав во нивното друштво затоа што имаа да раскажат безброј искуства во врска со енергичните напори што беа потребни за да се изврши проповедничкото дело. Од нивниот животен пат јасно се гледаше дека за да му се служи верно на Јехова, потребно е многу стрпливост и издржливост (Дела 14:22). Колку сум само среќен што денес на ова подрачје има повеќе од 50 собранија на Јеховините сведоци!
Неочекуван предизвик
По некое време се запознав со Елени, една прекрасна, ревносна млада христијанка од градот Патрас. Се свршивме на крајот од 1952. Меѓутоа, по неколку месеци таа сериозно се разболе. Лекарите открија дека има мозочен тумор, и состојбата ѝ беше критична. Мораше веднаш да оди на операција. Со голем труд, успеавме да најдеме лекар во Атина кој — и покрај тоа што во тоа време на располагање беа неадекватни средства — беше спремен да ги почитува нашите религиозни верувања и да ја оперира без крв (Левит 17:10—14; Дела 15:28, 29). По операцијата, лекарите беа претпазливо оптимистични во врска со шансите на мојата свршеница, не исклучувајќи ја можноста за повторување на болеста.
Што требаше да правам јас во ваква ситуација? Со оглед на изменетите околности, дали да ја прекинам свршувачката и да се ослободам? Не! Со свршувачката дадов ветување, и сакав моето „да“ да значи „да“ (Матеј 5:37). Ниту за момент не дозволив да размислувам поинаку. Со негата од својата постара сестра, Елени делумно закрепна, и во декември 1954 се венчавме.
По три години кај Елени болеста се повтори, и истиот лекар мораше уште еднаш да ја оперира. Овој пат тој оперираше подлабоко во мозокот за целосно да го отстрани туморот. Како последица од тоа, мојата сопруга остана делумно парализирана, а нејзиниот центар за говор беше тешко оштетен. Сега, и за двајцата се појави една цела нова низа од комплицирани предизвици. Дури и наједноставната задача стана голема препрека за мојата драга сопруга. Нејзината влошена состојба налагаше драстични промени во нашата секојдневна рутина. Пред сѐ, тоа бараше многу истрајност и издржливост.
Сега, школувањето што го добив од мајка ми се покажа од непроценлива вредност. Рано секое утро ги подготвував сите состојки за оброците, а Елени готвеше. Многу често поканувавме гости, вклучувајќи ги и полновремените министри, луѓето со кои ја проучувавме Библијата и посиромашните сохристијани од собранието. Сите тие се сложуваа дека овие оброци беа навистина многу вкусни! Елени и јас соработувавме и околу другите домашни работи, така што нашиот дом беше чист и уреден. Оваа ситуација, која изискуваше многу, продолжи 30 години.
Ревносна и покрај немоќта
За мене и за другите беше многу трогателно кога гледавме дека ништо не можеше да ја ослаби љубовта на мојата сопруга кон Јехова и нејзината ревност кон службата. Со текот на времето, и со упорни обиди, Елени успеа да се изразува со еден многу ограничен речник. Таа сакаше на улица да им пристапува на луѓето со добрата вест од Библијата. Кога ќе одев на некои деловни патувања, ќе ја поведев со мене и ќе ја паркирав колата крај некој прометен тротоар. Таа ќе го отвореше прозорецот од колата и ги покануваше минувачите да земат примероци од Стражарска кула и Разбудете се! Во една прилика, за два часа даде 80 списанија. Мошне често ги користеше сите постари списанија што беа на располагање во собранието. Елени беше редовна и во другите облици на проповедање.
Во текот на сите тие години во кои беше инвалид, мојата сопруга секогаш беше со мене на состаноците. Никогаш не испушти некој конгрес или собир, дури и кога моравме да патуваме во странство поради прогонството на Јеховините сведоци во Грција. И покрај своите ограничувања, таа радосно присуствуваше на конгреси во Австрија, Германија, на Кипар и во други земји. Елени никогаш не се жалеше ниту, пак, бараше премногу, дури и кога моите зголемени одговорности во Јеховината служба повремено ѝ создаваа непријатности.
Што се однесува до мене, оваа ситуација се покажа долгорочно школување во истрајноста и издржливоста. Многупати ја доживеав помошта од Јеховината рака. Браќата и сестрите правеа вистински жртви за да ни помогнат на секој можен начин, а лекарите љубезно нѐ поддржуваа. Во текот на сите тие тешки години, никогаш не ни недостигаа основните работи за живот, иако нашите околности, кои изискуваа многу време, ми оневозможуваа да имам работа со полно работно време. Јеховините интереси и службата секогаш ни беа на прво место (Матеј 6:33).
Мнозина прашуваат што нѐ поддржуваше во текот на тие испитувачки времиња. Кога ќе погледнам наназад, сфаќам дека личното проучување на Библијата, искрената молитва до Бог, редовното присуство на христијанските состаноци и ревносното учество во делото на проповедање ја зајакнаа нашата истрајност и издржливост. Секогаш бевме потсетувани на охрабрувачките зборови од Псалм 37:3—5: „Надевај се на Господа и прави добро . . . Сета твоја радост нека биде во Господа . . . Предај Му ги на Господа своите патишта, надевај се на Него, и Тој ќе води сѐ“. Еден друг стих што ни беше од непроценлива вредност беше Псалм 55:22 (NW): „Фрли му го на Јехова својот товар, и тој ќе те поддржува“. Како што едно дете има потполна доверба во својот татко, ние не само што ги фрлавме на Јехова своите товари, туку и ги остававме кај него (Јаков 1:6).
На 12 април 1987, додека мојата сопруга проповедала пред нашата куќа, една тешка железна врата се затворила зад неа, фрлајќи ја на тротоарот, при што таа беше сериозно повредена. Како последица од тоа, следните три години беше во кома. Почина во почетокот на 1990.
Му служам на Јехова најдобро што можам со моите способности
Во 1960 бев наименуван да служам како собраниски слуга во Никеја (Пиреј). Оттогаш имав предност да служам во неколку други собранија во Пиреј. Иако немав свои деца, ја имав радоста да им помогнам на многу духовни деца да станат цврсти во вистината. Некои од нив сега служат како собраниски старешини, слуги помошници, пионери и членови на бетелската фамилија.
Откако во 1975 во Грција беше вратена демократијата, Јеховините сведоци можеа слободно да ги одржуваат своите конгреси, без да мораат повеќе да се кријат во шумите. Искуството што некои, меѓу кои и јас, го стекнавме при организирањето на конгресите во странство сега се покажа непроценливо. Така, ја имав радоста и предноста многу години да служам во различни конгресни одбори.
Потоа, во 1979, беа направени планови да се изгради првата Собирна сала во Грција, во предградието на Атина. Добив задача да помогнам во организирањето и реализирањето на овој огромен градежен проект. Оваа работа бараше, исто така, многу истрајност и издржливост. Работата во текот на три години со стотици самопожртвувани браќа и сестри изгради една силна врска на љубов и единство меѓу нас. Спомените на овој проект се неизбришливо врежани во моето срце.
Задоволување на духовните потреби на затворениците
По неколку години ми се отвори една нова можност. Во близина на подрачјето на моето собрание, во Коридалос, се наоѓа еден од најголемите затвори во Грција. Од април 1991 сум назначен секоја седмица да го посетувам овој затвор како министер на Јеховините сведоци. Таму ми е дозволено да водам библиски студии и христијански состаноци со заинтересираните затвореници. Многумина од нив направија големи промени, докажувајќи ја огромната моќ на Божјата реч (Евреите 4:12). Ова им остави впечаток на затворскиот персонал и на другите затвореници. Некои од затворениците со кои ја проучував Библијата беа пуштени и сега се објавители на добрата вест.
Едно време проучував со тројца озлогласени дилери на дрога. Како што духовно напредуваа, еден ден дојдоа на својата библиска студија избричени, со уредно исчешлани коси и облечени во кошули и кравати, и тоа среде август — еден од најтоплите месеци во Грција! Директорката на затворот, главниот затворски управник и некои вработени истрчаа од своите канцеларии да го видат овој феномен. Не можеа да си поверуваат на очите!
Друго охрабрувачко искуство се случи во женскиот блок во затворот. Беше започната библиска студија со една жена што одлежуваше доживотна робија заради убиство. Беше позната по својот бунтовен начин на однесување. Меѓутоа, набрзо библиската вистина што таа ја учеше предизвика толку забележливи промени што многумина коментираа дека таа беше како лав што се промени во јагне! (Исаија 11:6, 7). Брзо ја стекна почитта и довербата од директорката на затворот. Бев среќен кога го гледав нејзиниот убав духовен напредок и кога дојде до степен да му се предаде на Јехова.
Помагање на немоќните и на старите
Тоа што ја гледав долгата битка на мојата сопруга со болеста ме направи поосетлив за потребите на болните и на остарените меѓу нас. Секојпат кога во нашите публикации се појавуваат статии што нѐ храбрат да се напрегаме и да им даваме љубезна помош на таквите, се побудува мојот интерес. Ги ценам и ги собирам таквите статии. По неколку години собрав една папка со повеќе од сто страници — почнувајќи со статијата „Обѕир кон постарите и измачените“ од изданието на Стражарска кула од 15 јули 1962. Многу од овие теми покажуваат дека е корисно секое собрание да им дава организирана помош на болните и старите (1. Јованово 3:17, 18).
Старешините основаа група од браќа и сестри што се ставија на располагање да се грижат за потребите на болните и старите во нашето собрание. Тие доброволци ги организиравме во различни екипи — такви што можат да помагаат во текот на денот, други што би можеле да помагаат ноќе, оние што би можеле да понудат превоз и такви што се на располагање по 24 часа. Последниве сочинуваат еден вид летечка бригада.
Резултатите од тие напори се охрабрувачки. На пример, во текот на една од секојдневните посети што ѝ беа правени, една болна сестра што живееше сама беше најдена во несвест на подот. Известивме една сестра што живееше во близина и имаше кола. Таа ја одведе болната сестра во најблиската болница во рекордно време — за само десет минути! Лекарите рекоа дека тоа ѝ го спасило животот.
Благодарноста што немоќните и остарените ја покажуваат кон членовите на групата донесува големо задоволство. Да се има надежта да се живее со овие браќа и сестри во Божјиот нов систем под поинакви околности го радува срцето. А сознанието дека им било помогнато да истраат поради поддршката што ја добиле во нивните страдања е уште една награда.
Издржливоста донесува награди
Сега служам како старешина во едно собране во Пиреј. И покрај напредната старост и здравствените проблеми, среќен сум што сѐ уште можам да имам активен удел во активностите на собранието.
Низ годините, испитувачките околности, тешките предизвици и непредвидените случки бараа прекумерна жилавост и издржливост. Сепак, Јехова секогаш ми ја даваше потребната сила за да ги надминам овие проблеми. Секогаш одново ја доживувам вистинитоста на зборовите на псалмистот: „Штом помислам: ‚Ногата ми се подлизнува‘, о Господи, твојата добрина ме потпира. Кога ќе се соберат грижи во моето срце, Твоите утехи ми ја веселат душата“ (Псалм 94:18, 19).
[Слика на страница 25]
Со мојата сопруга Елени, по нејзината втора операција, во 1957
[Слика на страница 26]
На еден конгрес во Нирнберг (Германија), во 1969
[Слика на страница 28]
Групата браќа и сестри што им помагаат на болните и остарените