Град на планина
„ВИЕ сте светлината на светот. Не може да се скрие град кој се наоѓа на планина“, им рекол Исус на своите ученици во својата прочуена Проповед на гората (Матеј 5:14).
Многу јудејски и галилејски градови се наоѓале на планини, наместо долу во долините. Главна причина поради која избирале локации на врвовите била сигурноста. Освен од завојувачки војски, израелските населби биле пустошени од пљачкашки банди (2. Цареви 5:2; 24:2). Решителните граѓани можеле полесно да одбранат блиско групирано мноштво куќи на врвот од некоја планина отколку во некој низински град, во кој за заштита бил потребен поголем ѕид.
Со оглед на тоа што ѕидовите на еврејските куќи честопати биле малтерисани со вар, цело мноштво вакви варосани куќи групирани на еден врв можеле лесно да се видат на оддалеченост со километри (Дела 23:3). На сјајната сончева светлина во Палестина, овие ридести градови светеле како светилник, што сѐ уште е случај со медитеранските градови денес.
Исус го употребил овој впечатлив аспект од галилејското и јудејското селско подрачје за да ги поучи своите следбеници за улогата на еден вистински христијанин. „Така нека свети вашата светлина пред луѓето“, им рекол, „за да ги видат вашите добри дела и да му дадат слава на вашиот Татко кој е на небесата“ (Матеј 5:16). Иако христијаните не прават добри дела за да бидат фалени од луѓето, нивното добро однесување не поминува незабележано (Матеј 6:1).
Таквото добро однесување е особено впечатливо на обласните конгреси на Јеховините сведоци. Еден весник во Шпанија, осврнувајќи се на некој неодамнешен конгрес, известил: „Иако интересот за религиозни теми во другите деноминации опаѓа, тоа не е случај кај Јеховините сведоци. Со оглед на тоа што не сакаат Библијата да ја изгуби својата примена, тие ја практикуваат Божјата реч“.
Томас, чувар на еден стадион во северозападна Шпанија што Сведоците редовно го користат, го ценел тоа што можел да биде заедно со луѓе што ја практикуваат Божјата реч. Тој неколку седмици го одложувал своето пензионирање за да може да присуствува на еден обласен конгрес на Јеховините сведоци. Кога по конгресот многу делегати, вклучувајќи и млади, му пристапиле за да му заблагодарат за соработката низ годините и да му посакаат сѐ најдобро во пензионерските години, му потекле солзи од очите. „Тоа што ве запознав вас ми е едно од најубавите искуства во животот“, рекол тој.
Град на планина го привлекува вниманието на набљудувачот затоа што е впечатлив на хоризонтот и затоа што сите бели куќи во него ја рефлектираат светлината на сонцето. На сличен начин, вистинските христијани се издвојуваат како поинакви бидејќи настојуваат да ги следат возвишените библиски мерила за чесност, морал и сочувство.
Освен тоа, христијаните ја рефлектираат светлината на вистината преку својата проповедничка активност. Апостол Павле за христијаните од првиот век рекол: „Бидејќи ја имаме оваа служба според милосрдието што ни е укажано, не се откажуваме . . . туку со тоа што ја објавуваме вистината, ѝ се препорачуваме на секоја човечка совест пред очите на Бог“ (2. Коринќаните 4:1, 2). Иако наидувале на противење секаде каде што проповедале, Јехова ја благословил нивната служба, така што околу 60 н.е. Павле можел да напише дека добрата вест се проповедала „на сето создание што е под небото“ (Колошаните 1:23).
Денес, Јеховините сведоци исто така сериозно ја сфаќаат својата одговорност да ‚свети нивната светлина пред луѓето‘, како што заповедал Исус. Усно и преку печатен материјал, Јеховините сведоци ја шират добрата вест за Царството во 235 земји низ целиот свет. За да може да стигне светлината на библиската вистина до колку што е можно повеќе луѓе, тие ги ставиле на располагање своите библиски публикации на околу 370 јазици (Матеј 24:14; Откровение 14:6, 7).
Сведоците на многу места го прифатиле предизвикот да ги учат јазиците на луѓето што емигрирале од земји каде што делото на проповедање е или било забрането. На пример, во неколку поголеми градови во Северна Америка има голем прилив на луѓе од Кина и Русија. Локалните Сведоци настојуваат да научат кинески, руски и други јазици за да им ја проповедаат добрата вест на новодојдените. Всушност, се водат забрзани курсеви по неколку јазици за да може добрата вест да се проповеда и на други луѓе, додека полето е ‚бело за жетва‘ (Јован 4:35).
Пророкот Исаија претскажал: „Ќе се случи на крајот на деновите: Гората на Господовиот Дом ќе биде поставена над сите гори, возвишена над сите брегови. Кон неа ќе одат сите народи“. Со своето однесување и со својата служба Јеховините сведоци им помагаат на луѓето насекаде да дојдат на „гората на Господовиот Дом“ за да бидат поучени за Божјите патишта и да научат да одат по Божјата патека (Исаија 2:2, 3). Среќниот резултат е тоа што, како што истакнал Исус, тие заедно ‚му даваат слава на својот небесен Татко‘, Јехова Бог (Матеј 5:16; 1. Петрово 2:12).