Давање што му е угодно на Бог
ИСУС и неговите ученици уживале во еден вкусен оброк во Витанија со неколкумина блиски пријатели, вклучувајќи ги Марија, Марта и неодамна воскреснатиот Лазар. Кога Марија зела една либра скапо масло и му ги намачкала нозете на Исус, Јуда Искариот се налутил и отворено кажал што мисли. „Зошто не беше продадено ова мирисливо масло за триста денарии и не беше дадено на сиромашните луѓе?“ се побунил тој. Другите брзо приговориле на сличен начин (Јован 12:1—6; Марко 14:3—5).
Меѓутоа, Исус одговорил: „Оставете ја . . . Зашто сиромасите секогаш ги имате со вас и можете да им правите добро кога ќе посакате, а мене ме немате секогаш“ (Марко 14:6—9). Еврејските религиозни водачи поучувале дека давањето милостиња не само што било доблест туку можело дури и да ги откупи гревовите. Исус, од друга страна, јасно дал на знаење дека давањето што му е угодно на Бог не е ограничено на тоа да им се даваат добротворни дарови на сиромашните.
Еден краток преглед на тоа како се давало во раното христијанско собрание ќе истакне некои практични начини на кои можеме да ја покажеме нашата грижа и, со тоа, да му угодиме на Бог со своето давање. Тоа исто така ќе покаже еден специфичен начин на давање што може најмногу да помогне.
„Давајте дарови на милосрдие“
Во неколку прилики Исус ги охрабрил своите ученици да ‚даваат дарови на милосрдие‘, или како што други преводи ја преведуваат оваа фраза, да ‚даваат милостиња‘ (Лука 12:33, ПСП). Меѓутоа, Исус дал предупредување во врска со нападното истакнување со цел едноставно за да се слави оној што дава а не Бог. „Кога даваш дарови на милосрдност“, рекол тој, „не труби пред себе, како што прават лицемерите во синагогите и по улиците за да бидат славени од луѓето“ (Матеј 6:1—4). Применувајќи го овој совет, раните христијани го избегнувале нападното истакнување на лажно побожната религиозна елита од нивно време и избрале да им помогнат на сиромашните правејќи им лични услуги или давајќи им дарови.
На пример, во Лука 8:1—3, кажано ни е дека Марија Магдалена, Јоана, Сусана и други ненаметливо го користеле „својот имот“ служејќи им на Исус и на неговите апостоли. Иако овие мажи не биле сиромашни, тие ги оставиле своите средства за живот за да се сосредоточат исклучително на службата (Матеј 4:18—22; Лука 5:27, 28). Со тоа што им помагале да ја извршат нивната задача што им била дадена од Бог, овие жени, всушност, го славеле Бог. И Бог го покажал своето одобрување со тоа што зачувал извештај за нивната милосрдна дарежливост во Библијата за да можат сите идни генерации да го читаат (Пословици 19:17; Евреите 6:10).
Дорка била уште една љубезна жена која ‚изобилувала со добри дела и со дарови на милосрдие‘. Таа правела облека за сиромашните жени во нејзиниот крајбрежен град Јопа. Дали самата платила за сите материјали или едноставно бесплатно го дала својот труд, не знаеме. Сепак, со своето добро дело им станала мила на оние на кои можела да им помогне, како и на Бог кој милостиво ја благословил нејзината добронамерност (Дела 9:36—41).
Исправниот мотив е многу важен
Што ги мотивирало овие поединци да даваат? Тоа било повеќе отколку само сочувствителен нагон поттикнат од некој емоционален повик за помош. Тие чувствувале лична морална одговорност секој ден да направат сѐ што можат за да им помогнат на оние што биле погодени од сиромаштија, неволји, болест или други проблеми (Пословици 3:27, 28; Јаков 2:15, 16). Ваквиот вид давање му е угодно на Бог. Тоа првенствено е мотивирано од длабока љубов кон Бог и желба да ја имитираат неговата милосрдна и дарежлива личност (Матеј 5:44, 45; Јаков 1:17).
Апостол Јован го нагласил овој важен аспект на давањето кога прашал: „Кој ги има средствата од овој свет кои се потребни за живот и гледа дека брат му има потреба, а сепак пред него ја затвора вратата на своето нежно сочувство, како останува во него љубовта кон Бог?“ (1. Јованово 3:17). Одговорот е очигледен. Љубовта кон Бог ги поттикнува луѓето да бидат милосрдни. Бог ги цени и ги наградува оние што, како него, покажуваат дарежлив дух (Пословици 22:9; 2. Коринќаните 9:6—11). Можеме ли да видиме ваков вид дарежливост денес? Размисли за она што неодамна се случило во едно собрание на Јеховините сведоци.
На домот на една постара христијанка му требале сериозни поправки. Таа живеела сама и немала семејство што ќе ѝ помогне. Низ годините, нејзиниот дом секогаш бил на располагање за да се одржуваат собраниски состаноци и честопати делела оброк со секој што ќе ја прифател нејзината покана (Дела 16:14, 15, 40). Кога ја виделе нејзината неповолна ситуација, членови од собранието се собрале да ѝ помогнат. Некои дале пари, други, пак, го понудиле својот труд. Во текот на неколку викенди, доброволците ставиле нов кров, нова бања, го малтерисале и го исфарбале целиот прв спрат и ставиле нови елементи во кујната. Од нивното давање не само што била задоволена потребата на сестрата туку и собранието се зближило уште повеќе, а соседите биле импресионирани од примерот на вистинско христијанско давање.
Има многу начини на кои можеме лично да им помагаме на другите. Би можеле ли да поминуваме малку време со некое момче или девојче без татко? Би можеле ли да испазаруваме или да сошиеме нешто за некоја постара вдовица што ја познаваме? Би можеле ли да направиме јадење или да му помогнеме со трошоците на некој со ограничени средства? Не мора да бидеме богати за да помогнеме. Апостол Павле напишал: „Ако најпрво постои спремност, таа е особено прифатлива според она што некој го има, а не според она што некој го нема“ (2. Коринќаните 8:12). Меѓутоа, дали таквото лично, директно давање е единствениот вид давање што Бог ќе го благослови? Не.
Што е со организираната помош?
Понекогаш личните напори не се доволни. Всушност, Исус и неговите апостоли имале заеднички фонд за сиромашните и прифаќале парични прилози од грижливите луѓе што ги среќавале во своето дело (Јован 12:6; 13:29). На сличен начин, собранијата од првиот век собирале прилози кога ќе се појавела потреба и организирале помош во поголеми размери (Дела 2:44, 45; 6:1—3; 1. Тимотеј 5:9, 10).
Една таква прилика се појавила во 55 н.е. Собранијата во Јудеа западнале во сиромаштија, можеби како резултат на големиот глад што неодамна се случил (Дела 11:27—30). Апостол Павле, секогаш загрижен за сиромашните, добил помош дури и од собранијата во далечна Македонија. Тој лично го организирал собирањето и употребил одобрени мажи за да ја испорачаат (1. Коринќаните 16:1—4; Галатите 2:10). Ниту тој ниту кој и да било од другите што биле вклучени не добиле пари за својата служба (2. Коринќаните 8:20, 21).
Јеховините сведоци денес се исто така спремни да помогнат кога ќе се случи некоја несреќа. На пример, во текот на летото 2001, поројни бури предизвикаа големи поплави во Хјустон, Тексас (САД). Вкупно 723 домови на Сведоци беа оштетени во некоја мера, а многу од нив беа и сериозно оштетени. Веднаш беше формиран одбор за помош при несреќи составен од христијански старешини за да се проценат потребите на сите и да се доделат средства за помош што ќе им помогнат на локалните Сведоци да излезат на крај со ситуацијата и да ги поправат своите домови. Спремни доброволци од соседните собранија ја извршија целата работа. Една жена Сведок беше толку благодарна за помошта што кога нејзината осигурителна компанија ѝ исплати средства за да ги покрие трошоците за поправките на куќата, веднаш ги даде парите во фондот за помош за да може да им се помогне на другите што имаат потреба.
Меѓутоа, кога станува збор за организирани добротворни акции, треба да бидеме претпазливи кога ги проценуваме многуте молби што ги добиваме. Некои добротворни организации имаат толку големи административни трошоци и трошоци околу собирањето средства што на крај останува само мал дел од собраните пари за наменетата цел. Пословици 14:15 вели: „Глупавиот верува на секој збор, а умниот внимава на својот чекор“. Значи, мудар правец е внимателно да ги испитаме фактите.
Давање што може најмногу да помогне
Има еден вид давање што е уште поважен од добротворството. Исус укажал на ова кога еден богат, млад владетел го прашал што треба да прави за да добие вечен живот. Исус му рекол: „Оди продај го својот имот и дај им го на сиромасите, и ќе имаш благо на небото, па дојди и биди мој следбеник“ (Матеј 19:16—22). Забележи дека Исус не рекол само: ‚Дај им на сиромасите и ќе добиеш вечен живот‘. Наместо тоа, додал: „Дојди и биди мој следбеник“. Со други зборови, иако делата на добротворство се корисни и заслужуваат пофалба, христијанското учеништво вклучува нешто повеќе.
Од главен интерес за Исус било духовно да им помага на другите. Кратко пред својата смрт му рекол на Пилат: „Јас за тоа се родив и за тоа дојдов на светот, за да сведочам за вистината“ (Јован 18:37). Иако презел водство во помагањето на сиромашните, лекувањето на болните и хранењето на гладните, Исус првенствено ги обучил своите ученици да проповедаат (Матеј 10:7, 8). Всушност, меѓу последните упатства што им ги дал била заповедта: „Одете и правете ученици од луѓето од сите нации“ (Матеј 28:19, 20).
Се разбира, проповедањето нема да ги реши проблемите на светот. Сепак, споделувањето на добрата вест за Божјето Царство со сите видови луѓе му донесува слава на Бог зашто проповедањето ја исполнува Божјата волја и го отвора патот кон вечни користи за оние што ја прифаќаат божествената порака (Јован 17:3; 1. Тимотеј 2:3, 4). Зошто не ислушаш што имаат да ти кажат Јеховините сведоци наредниот пат кога ќе наминат? Тие доаѓаат со духовен дар. И, тие знаат дека тоа е најдобриот начин на кој можат да ти дадат нешто.
[Слики на страница 6]
Има многу начини да покажеме дека се грижиме
[Слика на страница 7]
Нашето проповедање на добрата вест му е угодно на Бог и го отвора патот кон вечни користи