Религијата — влијае позитивно или негативно?
„ДОЛЖЕН сум му на христијанството, а верувам должен му е и светот во којшто живееме во последниве 2.000 години“ — (Предговор, Two Thousand Years—The First Millennium: The Birth of Christianity to the Crusades [Две илјади години — првиот милениум: од раѓањето на христијанството до крстоносните војни]).
Оваа поддршка за „христијанството“ доаѓа од англискиот писател и телевизиски спикер Мелвин Брег. Неговите зборови го одразуваат ставот на милиони жители на земјата кои чувствуваат сличен огромен долг и лојалност кон една или кон друга религија. Тие се уверени дека религијата има силно позитивно влијание во нивниот живот. На пример, еден писател вели дека исламот „инспирирал една голема цивилизација . . . [која] го збогатила целиот свет“.
Улогата на религијата — добра или лоша?
Меѓутоа, следните зборови на Брег покренуваат едно сериозно прашање во врска со тоа дали религијата општо гледано имала позитивно влијание. Тој додава: „Но и христијанството мене ми должи објаснување“. За што сака објаснување? „За верската нетрпеливост, злобата, нечовечноста и неукоста во која намерно ги држело луѓето што, исто така, го обележуваат поголемиот дел од неговата ,историја‘“, вели тој.
Многу луѓе би рекле дека низ историјата верската нетрпеливост, злобата, нечовечноста и наметнатата неукост биле обележје на повеќето светски религии. Тие сметаат дека религијата само изгледа како добротвор на човештвото — дека, под нејзината фасада на доблест и светост, таа всушност е полна со лицемерие и лаги (Матеј 23:27, 28). „Ниедна друга изјава во нашата литература не се појавува толку често како онаа дека религијата има посебна важност во врска со цивилизацијата“, вели A Rationalist Encyclopædia. „И ниедна друга изјава не е поцелосно побиена од историските факти“, продолжува истото дело.
Земи кој и да било денешен весник и ќе најдеш речиси безброј примери на верски водачи кои проповедаат љубов, мир и сочувство, но кои го разгоруваат пламенот на омразата и кои се повикуваат на Божјето име за да ги оправдаат своите сурови судири. Не е ни чудо што многу луѓе сметаат дека религијата најчесто е разорна сила во животот.
Подобро без религија?
Некои дури и заклучиле, како што заклучил и англискиот филозоф Бертранд Расел, дека би било добро ако со текот на времето „изумре секој вид религиозно верување“. Според нив, единственото трајно решение на сите човечки проблеми е да се укине религијата. Меѓутоа, можеби тие сакаат да преминат преку фактот дека оние што ја отфрлаат религијата можат да предизвикаат исто толку омраза и нетрпеливост колку и оние што ја поддржуваат. Карен Армстронг, писателка од областа на религијата, нѐ потсетува: „Во најмала рака, холокаустот покажа дека секуларистичката идеологија може да биде исто толку смртоносна колку и која и да било верска крстоносна војна“ (The Battle for God—Fundamentalism in Judaism, Christianity and Islam [Битката за Бог — фундаментализам во јудаизмот, христијанството и исламот]).
Па, дали религијата навистина има добро влијание, или дали таа, всушност, е коренот на човечките проблеми? Дали решението на тие проблеми е да се отстранат сите религии? Разгледај што има да каже Библијата во врска со ова во следната статија. Одговорот може да те изненади.