Науката и Библијата — дали навистина си противречат?
СЕМЕТО на конфликтот меѓу Галилеј и Католичката црква било посеано со векови пред да се родат Коперник и Галилеј. Идејата дека Земјата е во центарот на вселената (геоцентричен концепт) била прифатена уште од древните Грци, но нејзината популарност се должи на филозофот Аристотел (384-322 пр.н.е.) и на астрономот и астролог Птоломеј (втор век од н.е.).a
Врз концептот за вселената што го имал Аристотел влијаеле размислувањата на грчкиот математичар и филозоф Питагора (шести век пр.н.е.). Усвојувајќи го гледиштето на Питагора дека кругот и сферата се совршени форми, Аристотел сметал дека небесата претставуваат низа сфери кои се наредени една во друга, како слоевите на кромидот. Секој од тие слоеви бил направен од кристал, а во центарот се наоѓала Земјата. Ѕвездите се движат во кругови, а ги придвижува најнадворешната сфера, во која престојуваат натприродни сили, односно богови. Аристотел исто така верувал дека Сонцето и другите небесни тела се совршени, неменливи и без никаков недостаток.
Прочуениот концепт на Аристотел бил чедо на филозофијата, а не на науката. Тој сметал дека е спротивно на здравиот разум да се верува дека Земјата се движи. Исто така, ја отфрлил и идејата за празен простор, сметајќи дека кога Земјата би се движела, тогаш би имало триење и дека таа би запрела ако постојано не ја придвижува некоја сила. Бидејќи концептот на Аристотел изгледал логичен во рамките на тогашните сфаќања, успеал да опстане како таков скоро 2.000 години. Дури и во 16 век, францускиот филозоф Жан Боден го изразил ова популарно гледиште со следниве зборови: „Ниеден човек со здрав разум, кој има макар и најмали познавања од физиката, нема никогаш да помисли дека Земјата, тешка и гломазна . . . се тетерави . . . околу сопствената оска и околу Сонцето; бидејќи и при најмалото помрднување на Земјата, би испопаѓале тврдините, градовите и планините“.
Црквата го прифаќа Аристотел
Следниот чекор што водел до конфликтот меѓу Галилеј и Црквата бил направен во 13 век и во тоа бил вклучен еден католички авторитет, Тома Аквински (1225-1274). Аквински многу го ценел Аристотел, нарекувајќи го Филозофот. Цели пет години Аквински се трудел да ја спои филозофијата на Аристотел со учењата на црквата. До времето на Галилеј, вели Вејд Роланд во својата книга Грешката на Галилеј (Galileo’s Mistake), „хибридниот спој што го направил Аквински помеѓу [филозофијата на] Аристотел и црковните учења станал темелна догма на Римската црква“. Освен тоа, имај на ум дека во тоа време науката не функционирала независно. Образованието во голема мера било во надлежност на црквата. Црквата обично била единствениот авторитет — и на полето на религијата и на полето на науката.
И така, била поставена сцената за судирот помеѓу Црквата и Галилеј. Уште пред да почне да се занимава со астрономија, Галилеј имал напишано расправа за движењето. Во неа биле ставени под знак прашалник многу од претпоставките на високо ценетиот Аристотел. Сепак, она што довело до судењето на Галилеј од страна на инквизицијата во 1633 година било неговото непоколебливо застапување на хелиоцентричниот концепт и тврдењето дека тој концепт е во склад со Библијата.
Во својата одбрана, Галилеј потврдил дека цврсто верува во Библијата како инспирирана реч Божја. Исто така, образложил дека таа била пишувана за обичниот човек, па затоа кога вели дека Сонцето навидум се движи, тоа не треба да се сфати дословно. Но, залудно давал аргументи. Бидејќи одбил да верува во едно толкување на Библијата што се темелело на грчка филозофија, тој бил осуден! Дури во 1992 година Католичката црква официјално призна дека во случајот со Галилеј донела погрешна пресуда.
Што можеме да научиме
Што учиме од овие настани? Прва работа е дека Галилеј не се сомневал во Библијата. Напротив, за него биле спорни учењата на Црквата. Еден новинар што пишува за религиозни прашања изјавил: „Се чини дека лекцијата што можеме да ја научиме од Галилеј не е дека Црквата цврсто се држела за библиските вистини туку токму спротивното — дека не се држела доволно цврсто за нив“. Со тоа што дозволила филозофијата да ја обликува нејзината теологија, црквата попуштила пред традицијата наместо да им биде послушна на учењата од Библијата.
Сето ова нѐ потсетува на библиското предупредување: „Пазете, некој да не ве одведе како свој плен со помош на филозофијата и со празна измама според човечката традиција, според елементарните работи на светот, а не според Христос“ (Колошаните 2:8).
Дури и денес, мнозина од христијанскиот свет продолжуваат да прифаќаат теории и филозофии што не се во склад со Библијата. Еден пример за ова е Дарвиновата теорија на еволуцијата, што ја прифатиле наместо извештајот за создавањето изнесен во првата библиска книга Битие. Со оваа замена, Дарвин за црквите всушност станал современ ‚Аристотел‘, а еволуцијата станала нивниот ‚основен постулат на верата‘.b
Вистинската наука е во склад со Библијата
Сево ова не треба во никој случај да ни го одврати интересот од науката. Всушност, самата Библија нѐ повикува да учиме од Божјите ракотворби и да се трудиме да ги препознаеме Божјите извонредни особини во она што можеме да го видиме (Исаија 40:26; Римјаните 1:20). Се разбира, Библијата не е научен учебник. Наместо тоа, таа ни ги открива Божјите мерила, ни открива аспекти од неговата личност што не можат да се видат од самото творештво, а ни кажува и која е неговата намера со луѓето (Псалм 19:7-11; 2. Тимотеј 3:16). Меѓутоа, кога Библијата се осврнува на природните појави, таа секогаш содржи точни изјави. Самиот Галилеј рекол: „И Светото писмо и природата се создадени од Бог . . . Две вистини никогаш не можат да си противречат“. Да разгледаме неколку примери за ова.
Факт е дека ѕвездите и планетите се движат. Но, уште поважен е фактот дека со целата материја во вселената управуваат закони како што е, на пример, законот за гравитација. Најраниот небиблиски осврт на природните закони го дал Питагора, кој сметал дека движењето на небесните тела во вселената може математички да се објасни. Две илјади години подоцна, Галилеј, Кеплер и Њутн конечно докажале дека со материјата управуваат логични закони.
Библијата за првпат ги спомнува природните закони во книгата Јов. Околу 1600 година пр.н.е., Бог го прашал Јов: „Зар ги познаваш ти небесните закони?“ (Јов 38:33). Во книгата Еремија, која била запишана во седми век пр.н.е., за Јехова се вели дека е Творец на ‚одредбите на месечината и на ѕвездите‘ (NW) и на ‚законите на небото и земјата‘ (Еремија 31:35; 33:25). Во врска со овие изјави, Џ. Ролинсон, аналитичар на Библијата, забележал: „Библиските писатели исто толку уверено тврделе дека со целиот материјален свет управуваат закони како што тврди и современата наука“.
Изјавата во книгата Јов е запишана илјадници години пред Питагора да напише дека со небесните тела управуваат природни закони. Но, не заборавај дека главната цел на Библијата не е едноставно да ни открие факти од природата, туку првенствено да ни вреже во умот дека Јехова е Творецот на сите работи — оној што може да создаде природни закони (Јов 38:4, 12; 42:1, 2).
Друг пример што можеме да го разгледаме е кружниот тек на водите на Земјата. Оваа појава е позната како кружен тек на водата. Просто кажано, водата испарува од морето, се претвора во облаци, паѓа како дожд на земјата, и на крајот пак се враќа во морето. Најстарите познати небиблиски записи што се осврнуваат на овој кружен тек на водата датираат од четврти век пр.н.е. Меѓутоа, Библијата содржи вакви осврти запишани стотици години пред тоа. На пример, во 11 век пр.н.е., израелскиот цар Соломон напишал: „Сите реки течат во морето, и морето не се преполнува; од каде што течат реките, таму се враќаат за да го почнат повторно својот тек“ (Проповедник 1:7).
На сличен начин, околу 800 година пр.н.е. пророкот Амос, понизен овчар и земјоделец, напишал дека Јехова „ги повикува морските води и ги излева преку лицето на земјата“ (Амос 5:8). Без да користат комплицирани, технички зборови, и Соломон и Амос дале точен опис на кружниот тек на водата, секој од малку поинаква гледна точка.
Библијата исто така вели дека Бог „ја држи земјата, необесена на ништо“, или „ја обесил во празно“, според The New English Bible (Јов 26:7). Овие зборови биле кажани отприлика во 1600 година пр.н.е. Со оглед на знаењето што луѓето го поседувале тогаш, човекот што би тврдел дека цврсто тело може да виси во простор без да биде закачено на нешто навистина би бил гениј. Како што веќе беше спомнато, и самиот Аристотел го отфрлил концептот за празен простор, иако живеел повеќе од 1.200 години подоцна!
Зарем не те зачудува тоа што Библијата содржи вакви точни изјави — наспроти погрешната, иако навидум разумна, претстава што ја имале луѓето во времето кога таа била пишувана? За оние што размислуваат, ова е уште еден доказ дека Библијата е инспирирана од Бог. Затоа, мудро е да не дозволиме да нѐ занесе кое и да било учење или теорија што е спротивна на Божјата реч. Како што историјата секогаш одново потврдува, човечките филозофии, дури и оние на големите умови, блеснуваат и ги снемува, но „речта Јеховина останува засекогаш“ (1. Петрово 1:25).
[Фусноти]
a Во третиот век пр.н.е. еден Грк по име Аристарх од Самос ја изнел хипотезата дека Сонцето е во центарот на космосот, но неговите идеи биле отфрлени на сметка на идеите на Аристотел.
b Детална дискусија на оваа тема може да се најде во 15. поглавје, со наслов „Зошто многумина ја прифаќаат еволуцијата?“, од книгата Животот — како настанал? Со еволуција или со создавање?, издадена од Јеховините сведоци.
[Рамка/слики на страница 6]
Ставот на протестантите
Водачите на Протестантската реформација исто така се бунеле против хелиоцентричниот концепт. Меѓу нив биле и Мартин Лутер (1483-1546), Филип Меланхтон (1497-1560) и Жан Калвин (1509-1564). Во врска со Коперник, Лутер изјавил: „Таа будала сака да ја сврти наопаку сета астрономија“.
Реформаторите го користеле како аргумент дословното толкување на извесни библиски стихови како, на пример, оние во Исус Навин, 10. поглавје, каде што се спомнува дека сонцето и месечината ‚застанале‘.c Зошто реформаторите зазеле ваков став? Книгата Грешката на Галилеј објаснува дека, иако Протестантската реформација веќе не била под папскиот јарем, сепак не успеала да „се ослободи од главниот авторитет“ што го имале Аристотел и Тома Аквински, чии гледишта биле „прифатени подеднакво и од католиците и од протестантите“.
[Фуснота]
c Од научна гледна точка, користиме неточни термини кога зборуваме за „изгрејсонце“ и „зајдисонце“. Но, во секојдневниот говор овие зборови се и прифатливи и точни, кога се има на ум дека зборуваме од гледна точка на човек што набљудува од Земјата. На сличен начин, Исус Навин не дискутирал за астрономија; едноставно ги раскажал настаните како што тој ги видел.
[Слики]
Лутер
Калвин
[Извор на слика]
Од книгата Servetus and Calvin, 1877
[Слика на страница 4]
Аристотел
[Извор на слика]
Од книгата A General History for Colleges and High Schools, 1900
[Слика на страница 5]
Тома Аквински
[Извор на слика]
Од книгата Encyclopedia of Religious Knowledge, 1855
[Слика на страница 6]
Исак Њутн
[Слика на страница 7]
Библијата го опишала кружниот тек на водата пред повеќе од 3.000 години