„Ме води по праведни патеки“
Раскажала Олга Кембел
„Добриот пример е како ѕвонче што ги потсетува другите да сторат нешто“, пишуваше во писмото на сестра ми Емили. „Ти заѕвони, а јас го направив тоа што требаше!“ Ова писмо ми го испрати за да ми честита за 60-те години поминати во полновремена служба. Да ви раскажам нешто повеќе за моето детство и за тоа како започнав со мојот животен позив.
РОДЕНА сум на 19 јануари 1927 год. во семејство на земјоделци, украински доселеници, близу до Вако, Саскачивен, во срцето на Западна Канада. Јас и брат ми, Бил, бевме близнаци и бевме шестото и седмото дете од вкупно осум. Ние децата му помагавме на татко ми, кој напорно работеше на нивите. Во малата куќарка, мајка ми се грижеше за нас и покрај огромните болки од ревматскиот артрит, кој на крајот ѝ го одзеде животот. Имаше само 37 години кога умре, а јас само 4.
По шест месеци, татко ми се прежени. Наскоро нашиот дом се исполни со караници и неслога, а со текот на времето требаше да го делиме и со уште пет полусестри! Јас се трудев да покажувам почит кон нашата маќеа, но на мојот постар брат, Џон, тоа тешко му одеше.
При крајот на 1930-тите, училиштето ни беше одлична прилика да побегнеме од немирот дома. Како што се наѕираше почетокот на Втора светска војна, кај луѓето сѐ повеќе растеа патриотските чувства. Новата наставничка воведе поздравување на знамето пред часовите, и една ученичка одби да учествува. Другите ученици ја опсипаа со навреди. Но, мене ме восхити нејзината храброст, па затоа ја прашав зошто не сакаше да го поздрави знамето. Ми објасни дека е Истражувач на Библијата, како што во тоа време се нарекуваа Јеховините сведоци, и дека таа дала заклетва дека ќе му биде верна единствено на Бог (2. Мојсеева 20:2, 3; Дела 5:29).
Самостоен живот
Во 1943 год. најдов работа во Принц Алберт. Товарев камиони и доставував гајби со газирани сокови по дуќаните. Во исто време копнеев по водство од Бог, па затоа си купив Библија, но често бев до солзи разочарана затоа што ми беше многу тешко да ја разберам. Молитвата Оченаш беше сѐ што знаев од Библијата (Матеј 6:9-13).
Една недела, газдарицата на куќата каде што живеев, која редовно одеше в црква, со арогантен тон се пофали дека ја избркала „библијашката“ од врата. „Како може да е толку груба?“ — си помислив. По неколку седмици не се чувствував добро, па затоа не појдов в црква во недела. Тој ден „библијашката“ повторно дојде.
„Дали се молиш?“ — ме праша.
„Да, ја кажувам Оченаш“, ѝ одговорив.
Ја слушав без да трепнам додека ми ги објаснуваше зборовите на Исус. Се договоривме да дојде повторно во среда.
Кога се врати газдарицата од црква, радосно ѝ раскажав за разговорот со „библијашката“, која всушност беше Јеховин сведок. Се запрепастив кога ми се закани: „Ако се појави овде во среда, ќе летате од куќава и ти и таа!“
Ги пребарав сите околни улички за да ја најдам жената, која дознав дека се вика госпоѓа Рампел. Кога ја најдов, и го објаснив мојот проблем и ја замолив да ми каже колку што може повеќе за Библијата. Почнавме од Адам и Ева и завршивме со Откровение! Таа го спореди нашево време со времето на Ное, кога светот бил толку расипан што Бог го уништил, но ги избавил Ное и неговото семејство и ги оставил да живеат на исчистена земја (Матеј 24:37-39; 2. Петрово 2:5; 3:5-7, 12).
„Гледам дека ги сметаш за точни овие учења“, рече госпоѓа Рампел по нашиот долг разговор. „По две седмици ќе се одржи конгрес на Јеховините сведоци, и ти треба да се крстиш.“ Таа ноќ ја минав лежејќи со широко отворени очи и размислувајќи за она што го дознав. Крштавањето ми изгледаше како мошне сериозна работа. Сепак, сакав да му служам на Бог! Иако не ја познавав многу Библијата, се крстив на 15 октомври 1943 год., кога имав 16 години.
Преселба на другиот крај од земјата
Во ноември брат ми Фред ме праша дали сакам да чистам за пари во троспратната куќа во Торонто (Источна Канада), каде што живееше тој. Се согласив, потајно надевајќи се дека можеби во тој крај ќе можам послободно да му служам на Јехова. Пред да заминам, појдов кај сестра ми Ен, која сѐ уште живееше во Саскачивен. Таа чекала да дојдам за да ме изненади со една вест — заедно со нашата постара сестра Дорис ја проучувале Библијата со Јеховините сведоци, па ми препорача и јас да го сторам истото. Но, и јас ја изненадив неа со една вест — јас веќе бев крстен Јеховин сведок!
Потоа, заедно со помалата сестра Емили, тргнавме со воз на долг пат за Торонто. На железничката станица нѐ пречека Бил и нѐ однесе во куќата во која живееја заедно со Фред и Џон. Го прашав Фред кој друг живее во куќата. „Нема да ти се верува“, ми рече. „Го памтиш Алекс Рид од нашето село? Тој живее на горниот кат, и не е нормален, си фатил работа со тие Истражувачи на Библијата!“ Срцето ми заигра од радост.
На прсти се качив горе кај Алекс за да се видиме, и тогаш се договоривме заедно да појдеме на состанок уште истата вечер. Сакав што побргу да појдам, за браќата да немаат време да ме разубедуваат. Не помина долго, и јас за првпат учествував во службата на проповедање, иако никогаш формално не ја проучував Библијата. Ми беше интересно што разговарав со многу Украинци, и тоа на јазикот што го научив како дете.
Бил сакаше да чита Стражарска кула, а јас честу му оставав списанија во неговата соба. Откако се пресели во Британска Колумбија, во западниот дел на Канада, го претплатив на Стражарска кула како подарок од мене. Иако по природа беше молчелив, ми прати писмо од десет страници во знак на благодарност. По некое време и тој стана Јеховин сведок, а потоа и ревносен христијански надгледник. Бев толку среќна што двајца мои браќа и три мои сестри — Бил, Ен, Фред, Дорис и Емили — станаа Јеховини сведоци!
На 22 мај 1945 год., канадската влада реши да ја укине забраната на делото на Јеховините сведоци.a Јас воопшто не бев свесна дека има забрана сѐ додека не чув дека забраната веќе не важи. Со другарка ми Џуди Лукас решивме да служиме како полновремени проповедници уште поисточно, во Квебек, каде што се зборува француски. Кога Дорис и Емили слушнаа што планираме, решија и тие да го сторат истото, но во Ванкувер (Британска Колумбија), на другиот крај од континентот.
Верска нетрпеливост во Квебек
Преселбата во Квебек значеше голема промена, но не само во географски поглед. Сведоците таму имаа многу проблеми да проповедаат.b Со задоволство учествувавме во разделувањето на трактатот Омразата на Квебек кон Бог, Христос и слободата е срамота за цела Канада (Quebec’s Burning Hate for God and Christ and Freedom Is the Shame of All Canada). Поради острите зборови во него, кај луѓето се јави верска нетрпеливост кон Сведоците.
Шеснаесет дена станувавме во 2 часот наутро за да им пуштиме под врата на луѓето трактат без да нѐ осетат. Еднаш бевме во една зграда кога чувме дека по нас доаѓа полиција. Успеавме да им се скриеме во една уличка. Следниот ден пак стоевме на улица и ги нудевме списанијата Стражарска кула и Разбудете се! Тие месеци полицијата нѐ апсеше толку многу пати што веќе престанавме да ги броиме. Јас редовно си носев четка за заби и моливче за веѓи во случај да треба да одам во затвор.
Во ноември 1946 год., Натан Нор, кој тогаш го предводеше светското дело на Јеховините сведоци, дојде од Бруклин (Њујорк) во Квебек. Тој нѐ повика сите 64 пионери што служевме во Квебек да бидеме меѓу студентите на 9. клас на Мисионерската школа Гилеад во Саут Ленсинг (Њујорк). Таму, пет месеци интензивно ја изучувавме Библијата. Откако дипломиравме, во август 1947 год., бевме испратени во различни градови низ Квебек за да оформиме собранија.
Служба што ме исполни со задоволство
Јас бев една од четирите девојки што беа испратени во градот Шербрук. Многу вежбавме француски. На пример, секогаш кога одевме и кога се враќавме од служба, вежбавме да менуваме глаголи. На пладне понекогаш немавме пари да си купиме јадење, па ќе отидевме дома и ќе учевме. На мојата цимерка, Кеј Линдхорст, многу ѝ одеше граматиката. Таа прво ми ја објасни англиската граматика за да можам потоа да ја сфатам француската.
Најдобриот дел од мојата пионерска служба беше во Викторијавил, град кој тогаш имаше 15.000 жители. Многу ретко некој зборуваше англиски, што одлично ни помогна подобро да научиме француски. Кога првпат појдовме кај луѓето, сите сакаа да земат литература. Кога појдовме по вторпат, сите врати беа затворени, а ролетните спуштени. Се прашувавме што се случило?
Локалниот свештеник им рекол на луѓето да не нѐ слушаат. Затоа, додека одевме од куќа до куќа, децата одеа по нас и фрлаа со камења и снежни топки. Сепак, имаше многу луѓе што сакаа да ја чујат библиската порака. Отпочеток нѐ примаа само откако ќе се стемнеше. Но кога научија повеќе од Библијата, отворено им кажаа на другите дека проучуваат со нас, без разлика што тоа не им се допаѓаше.
Во 1950-тите, заедно со моите сестри, појдов во нашето родно место, Вако. На еден состанок во тамошното собрание, раскажавме по некое искуство од службата. По состанокот, старешината ни рече: „Колку ќе се радува мајка ви откако ќе воскресне и ќе види дека нејзините деца станале Јеховини сведоци!“ Тогаш ни кажа дека и мајка ми проучувала со Сведоците пред да умре. Солзи ни надојдоа кога си помисливме дека, да не умреше толку рано, сигурно таа самата ќе нѐ поучеше за библиските вистини.
Брак и заедничка служба
Во 1956 год. го запознав Мертон Кембел, Сведок кој 27 месеци лежел во затвор за време на Втората светска војна затоа што бил неутрален. Дотогаш, речиси десет години служеше во седиштето на Јеховините сведоци во Бруклин. Мертон имаше многу убави особини, и ми беше јасно дека би бил добар сопруг. Неколку месеци се допишувавме, и почитта и ценењето што ги имавме еден кон друг прераснаа во љубов.
На 24 септември 1960 год. се венчавме. Заедно служиме 47 години, а животот со таков прекрасен духовен човек за мене е огромен благослов! Мертон веќе 58 години работи во Службеното одделение, кое им помага и им дава упатства на собранијата на Јеховините сведоци во Соединетите Американски Држави. Преку 30 години јас ги уредував гостинските соби во Бруклин, а потоа и големите Собирни сали во областа на градот Њујорк. Во 1995 год. нѐ префрлија во образовниот центар Патерсон, на 110 километри северно од Њујорк.
На 12 години, кога си заминав од дома, не ни помислував дека еден ден ќе имам голема духовна фамилија, во која ќе бидат и моите родени браќа и сестри. Едвај чекам да дојде новиот свет и моментот кога ќе се собереме околу мама и ќе ѝ раскажеме што се случи додека таа спиеше — а посебно со колкава љубов Јехова се грижеше за духовните потреби на нејзините деца. Колку сме радосни што Јехова нѐ водеше „по праведни патеки“! (Псалм 23:3).
[Фусноти]
a На 4 јули 1940 год., владата ја забрани организацијата на Јеховините сведоци поради тоа што беа политички неутрални.
b Повеќе информации за религиозното прогонство во Квебек има во Разбудете се! од 8 август 2000, страници 26-29.
[Слики на страница 27]
Родителите и куќата во која живееја со нас, осумте деца
[Слика на страница 29]
Со цимерките во служба во Отава, 1952
[Слика на страница 29]
Со браќата и сестрите (одлево надесно) Ен, Мери, Фред, Дорис, Џон, јас, Бил и Емили
[Слика на страница 29]
Со Мертон денес