Бог беше милостив кон мене
Раскажал Болфенк Мочник
„Остани цврст!“ Ова беа зборовите што мајка ми решително ги изговори гушкајќи ме. Милиционерите нѐ раздвоија, и судењето започна. На крајот ми беше изречена пресудата: пет години затвор. Повеќето луѓе веројатно би се разочарале кога би се нашле во мојата ситуација. Но, јас почувствував само длабок мир. Да ви објаснам зошто.
НАСТАНОТ што го спомнав се случи во 1952 год. во Словенија, која тогаш беше дел од Југославија. Но, приказната што водеше до него започна дваесет години пред тоа, во 1930 год. Таа година Истражувачите на Библијата, како што тогаш се нарекуваа Јеховините сведоци, за првпат организираа крштавање на една група луѓе во нашата земја. Меѓу нив беа и моите родители, Берта и Франц Мочник. Јас тогаш имав шест години, а сестра ми, Мајда, четири. Во нашиот дом во Марибор се одвиваа многу христијански активности.
Во 1933 год., во Германија стапи на власт Адолф Хитлер и почна да ги прогонува Јеховините сведоци. Многу Германци што беа Јеховини сведоци се преселија во Југославија за да помогнат во делото на проповедање. На моите родители им беше многу мило кога овие верни браќа ќе ни дојдеа на гости. На еден од тие гости сѐ уште добро се сеќавам. Се викаше Мартин Пецингер и подоцна помина девет години во нацистичките концентрациони логори. Многу години потоа, од 1977 па сѐ до својата смрт во 1988, тој служеше како член на Водечкото тело на Јеховините сведоци.
Кога ќе дојдеше кај нас, Мартин секогаш спиеше во мојот кревет, а јас и сестра ми спиевме во истата соба со родителите. Имаше една малечка илустрирана енциклопедија, која ја будеше мојата детска фантазија. Многу сакав да ја прелистувам.
Време на тешко прогонство
Во 1936 год., кога Хитлер сѐ повеќе ја зацврстуваше својата власт, моите родители присуствуваа на значајниот меѓународен конгрес во Луцерн (Швајцарија). Татко ми имаше убав глас, па во таа прилика беше избран да сними библиски проповеди, кои потоа им беа пуштани на луѓето низ цела Словенија. Кратко по овој значаен конгрес, Сведоците во Европа станаа жртви на сурово прогонство. Мнозина беа мачени и умреа во концентрационите логори.
Во септември 1939 год. започна II Светска војна, и до април 1941 год. германската војска окупира делови од Југославија. Училиштата во Словенија беа затворени. Ни беше забрането да зборуваме словенечки на јавни места. Бидејќи се политички неутрални, Јеховините сведоци одбија да учествуваат во војната.a Затоа многу од нив беа уапсени, а некои беа убиени. Меѓу убиените беше и младиот Франц Дрозг, кого добро го познавав. Нацистичките одреди ги испукаа своите куршуми во него на само стотина метри од нашата куќа. Сѐ уште не ми е избришана од мислите сликата на мајка ми како со крпи си ги затнува ушите за да не го слуша звукот на истрелите. Последните зборови во писмото со кое тој се збогува со еден свој близок пријател беа: „Ќе се видиме во Божјето Царство“.
Период за кој ми е многу жал
Тогаш имав 19 години. Иако му се восхитував на Франц за цврстиот став што го покажа, бев преплашен. Зар и јас ќе треба да умрам? Верата ми беше слаба, а односот со Јехова Бог површен. Потоа добив покана за војска. Стравот ми беше поголем од верата, па отидов во војска.
Ме испратија на рускиот фронт. Набрзо можев да видам како насекаде околу мене гинат мои соборци. Војната беше ужасна и сурова. Совеста сѐ повеќе ме печеше. Го преколнував Јехова да ми прости и да ми даде сила да тргнам по правиот пат. Кога поради еден жесток напад се случи мешаница во нашите борбени редови, ја искористив шансата да побегнам.
Бев свесен дека, ако ме фатат, ќе бидам погубен. Во текот на следните седум месеци се криев на најразлични места. Успеав дури и да ѝ испратам картичка на Мајда на која пишуваше: „Го напуштив претходното работно место, и сега работам за друг газда“. Со тоа сакав да ѝ кажам дека отсега решив да правам сѐ за Бог, но помина време пред вистински да биде така.
Во август 1945 год., три месеци откако Германија им се предаде на Сојузниците, можев да се вратам во Марибор. За чудо, сите од семејството — татко ми, мајка ми и сестра ми — ја преживеале војната. Потоа власта ја презедоа комунистите, а тие ги прогонуваа Јеховините сведоци. Проповедањето беше официјално забрането, но Сведоците продолжија тајно да проповедаат.
Во февруари 1947 год., тројца верни Сведоци — Рудолф Кале, Душан Микиќ и Едмунд Стропник — беа осудени на смрт. Нешто подоцна казните им беа намалени на 20 години затвор. Медиумите опсежно известуваа за сѐ што се случуваше, па многу луѓе дознаа колку неправедно се постапува со Сведоците. Кога во весник прочитав што се случува, срце ме здоболе. Знаев што треба да направам.
Духовно закрепнувам
Веќе бев на чисто дека морам да заземам јасен став за библиската вистина, па почнав сѐ повеќе да се менувам за да можам да учествувам во тајното проповедање. Сериозно ја читав Библијата, и тоа ми даде сила да престанам со сите нечисти навики што ги имав, како што беше пушењето.
Во 1951 год., се крстив како доказ дека му се заветував на Бог, и повторно одев по христијанскиот пат од кој скршнав пред речиси десет години. Конечно почнав да го чувствувам Јехова како мој Татко — кој заслужува доверба, кој никогаш не нѐ напушта, чија љубов никогаш не оладува. Иако во младоста донесов лоши одлуки, длабоко ме трогна ветувањето во Библијата дека Бог ќе ни прости. Како грижлив татко, Јехова ме привлекуваше „со врвците на љубовта“ (Осија 11:4).
Низ тие тешки времиња состаноците ги одржувавме тајно, во домовите на различни Сведоци, а проповедавме неформално. По помалку од една година откако се крстив, бев уапсен. Пред судењето, мајка ми накратко се виде со мене. Како што спомнав во почетокот, таа силно ме гушна и ми рече: „Остани цврст!“ Кога ми беше изречена затворската казна во траење од 5 години, останав смирен и непоколеблив.
Ме ставија во една малечка ќелија со уште тројца затвореници, па така можев да им зборувам за библиската вистина на луѓе кои инаку не би можеле да ја чујат. Иако немав ниту Библија ниту друга литература, бев зачуден колку стихови знаев напамет и можев да ги објаснам затоа што претходно поминав доста време проучувајќи ја Библијата. Често им велев на другите во ќелијата дека ако треба да ги одлежам сите пет години во затвор, Јехова ќе ми ја даде потребната сила. Но, може да ги отвори затворските пранги и порано. Кој би го спречил?
Извесна слобода за проповедање
Во ноември 1953 год., владата нѐ помилува, и сите Јеховини сведоци беа пуштени на слобода. Кога излегов од затвор, дознав дека два месеца претходно била укината забраната да проповедаме. Веднаш почнавме јавно да се состануваме и да проповедаме. Најдовме место за состаноци во подрумот на една зграда што се наоѓаше во центарот на Марибор. На ѕидот ставивме натпис: „Јеховини сведоци — собрание Марибор“. Бевме радосни и многу го ценевме тоа што можевме слободно да му служиме на Јехова.
Во почетокот на 1961 год., почнав со полновремена служба како пионер. По околу шест месеци ме поканија да служам во подружницата на Јеховините сведоци во тогашна Југославија, која се наоѓаше во Загреб. Подружницата се состоеше од едно мало сопче и тројца работници. Преку ден, и сохристијаните што живееја во близина доаѓаа да помогнат околу работата што беше потребна за да излезе Стражарска кула на локалните јазици.
Некои христијански сестри што живееја блиску исто така ни помагаа. Меѓу другото, тие ги шиеја списанијата. Јас работев од сѐ по нешто: бев лектор, преведувач, курир и составував извештаи.
Промена на задачата
Во 1964 год. добив задача да служам како патувачки надгледник, што вклучуваше редовно да посетувам неколку собранија на Сведоци за да ги зајакнувам духовно. Многу сакав да го правам тоа. Обично од едно собрание до друго патував со автобус или со воз. За да дојдам кај Сведоците што живееја во помалите села, често користев велосипед или одев пеш, понекогаш и низ кал до глуждовите.
Некои спомени од тие времиња до ден-денес ме тераат да се смеам. Еднаш еден Сведок со својата запрежна кола ме носеше до следното собрание што требаше да го посетам. Колата потскокнуваше по правливиот пат кога одеднаш едното тркало се откачи и падна. Двајцата се струполивме наземи. Седнати во правта го погледнавме коњот, кој го беше вкочанил погледот во нас, а очите му беа толку ококорени што изгледаше како да е зачуден од она што се случи. Како што реков, и по толку години, сѐ уште се смееме на оваа случка. Секогаш одново се радувам кога ќе се сетам на нелицемерната љубов на драгите Сведоци што живееја по селата.
Во Нови Сад се запознав со Марика, која беше пионер. Нејзината љубов за вистините од Библијата и ревноста во службата ми оставија толку силен впечаток што посакав да ми биде сопруга. По извесно време откако се венчавме, продолживме заедно да ги посетуваме собранијата.
И моето семејство преживеало тешкотии за време на забраната. Татко ми бил лажно обвинет дека соработувал со непријателите за време на војната и ја изгубил работата. Тој долго, но безуспешно, се бореше да ја добие повторно, и на крајот многу се разочара. Еден период верата му ослабна, но потоа пак зајакна. Беше активен во своето собрание сѐ до својата смрт во 1984 год. Мојата скромна, верна мајка умре порано, во 1965 год. Мајда сѐ уште служи во собранието во Марибор.
Нашата служба во Австрија
Во 1972 год., Марика и јас добивме покана да одиме во Австрија за да им проповедаме на многуте Југословени што работеа и живееја таму. Кога пристигнавме во Виена, главниот град, воопшто не помислувавме дека тоа ќе остане наша задача до ден-денес. Малку по малку, низ цела Австрија се основаа собранија и групи на јазиците што се зборуваа во Југославија.
По некое време, и таму почнав да служам како патувачки надгледник, па ги посетував овие собранија и групи, чиј број сѐ повеќе растеше. Подоцна бевме замолени да ги посетуваме и југословенските собранија што беа основани во Германија и Швајцарија. Имав можност да помогнам околу организирањето на многу собири и конгреси во овие земји.
Понекогаш на ваквите големи конгреси доаѓаше и некој од членовите на Водечкото тело, па така еднаш се сретнав со брат Мартин Пецингер. На обајцата ни се вратија спомените од пред 40 години, кога често доаѓаше кај нас дома. Го прашав: „Се сеќаваш ли колку сакав да ја прелистувам твојата џебна енциклопедија?“
„Почекај малку“, ми одговори и излезе од собата. Се врати со книжето в раце и, подавајќи ми го, рече: „Земи го како пријателски подарок“. Тоа книже многу го сакам и си го чувам во библиотеката.
Активни и покрај здравствените проблеми
Во 1983 год., ми беше дијагностициран рак. Кратко потоа ми кажаа дека ќе умрам од болеста. Ова беше многу тежок период, особено за Марика, но благодарение на нејзината љубезна грижа за мене и практичната помош од многу сохристијани, сѐ уште сум активен и водам исполнет живот.
Со Марика и понатаму продолжуваме со полновремената служба во Виена. Јас, најчесто наутро, одам во нашата подружница и преведувам, а Марика проповеда во градот. Многу ме радува што гледам дека некогаш малата група емигранти од Југославија сега порасна на преку 1.300 луѓе. Марика и јас имавме можност да им помогнеме на многу од нив да ја запознаат библиската вистина.
Последниве неколку години имав чест да учествувам и во програмите по повод свеченото отворање на две нови подружници — едната во Хрватска, во 1999 год., и другата во Словенија, во 2006 год. Јас бев меѓу ветераните што беа замолени да раскажат некои спомени од почетоците на проповедањето во овие земји, пред седумдесетина години.
Навистина можам да кажам дека Јехова е Татко кој многу нѐ сака и кој е спремен да прости многу наши пропусти и грешки. Колку сум му благодарен што не гледа на престапите! (Псалм 130:3). Слободно можам да речам дека беше многу љубезен и добар со мене.b
[Фусноти]
a За библиските причини зошто Јеховините сведоци одбиваат да учествуваат во војна, види ја статијата „Читателите прашуваат“, на 22. страница од ова списание.
b Болфенк Мочник почина на 11 април 2008 год., додека се привршуваше оваа статија.
[Слика на страница 27]
Од лево кон десно: моите родители, Берта и Франц Мочник, сестра ми Мајда и јас во Марибор, во 1940-тите
[Слика на страница 29]
Со мојата сопруга Марика