Сѐ си има свое време
„Сѐ си има свое време, сѐ што се прави под небото си има свое време“, пишува во Библијата. Овие зборови ги напишал мудриот цар Соломон, кој понатаму рекол дека има време за раѓање и време за умирање, време за градење и време за уривање, време за сакање и време за мразење. На крајот, тој рекол: „Каква корист има работникот од својот труд?“ (Проповедник 3:1-9)
КОГА ќе ги прочитаат овие зборови, некои луѓе доаѓаат до заклучок дека Библијата навистина учи дека за сѐ има однапред одредено време, односно дека има судбина. Дали е тоа точно? Дали Библијата го поткрепува верувањето дека судбината управува со секоја ситница во животот? Бидејќи „целото Писмо е вдахновено од Бог“, она што ќе го прочитаме на едно место од Библијата мора да е во склад со она што го пишува и на другите места во неа. Затоа, да видиме што кажува на оваа тема и останатиот дел од Божјата реч, Библијата (2. Тимотеј 3:16).
Времето и непредвидените настани
Во библиската книга Проповедник, Соломон понатаму напишал: „И видов под сонцето дека трката не ја добиваат брзите, ни битката силните, ниту лебот го имаат мудрите, ни богатството разборитите, ниту се во милост оние што имаат знаење“. Зошто? Тој објаснил: „Зашто, времето и непредвидените настани го снаоѓаат секого од нив“ (Проповедник 9:11).
Наместо да рече дека сѐ во животот е во рацете на судбината, Соломон истакнал дека луѓето не можат точно да го предвидат исходот на секој потфат затоа што „времето и непредвидените настани го снаоѓаат секого“. Честопати нешто ќе му се случи некому само затоа што се нашол на вистинско место во вистинско време или, пак, на погрешно место во погрешно време.
Да ги земеме за пример зборовите „трката не ја добиваат брзите“. Можеби се сеќаваш или, пак, си читал за познатата, но необична трка на 3.000 метри во женска категорија, која се одржа во 1984 год. на Олимписките игри во Лос Анџелес (Калифорнија, САД). Две натпреварувачки, едната претставничка на Британија а другата на САД, се надеваа дека ќе го освојат златниот медал. Но, на половина трка, тие се судрија на патеката. Едната падна и излезе од трката, а другата беше толку разочарана што дури седма ја помина целта.
Дали судбината одредила да испадне така? Некои можеби ќе речат ‚да‘. Но, јасно е дека судирот — настан што никој не можел да го предвиди — бил причина обете да ја загубат трката. А дали судбината предодредила тие да се судрат? И на ова некои можеби ќе одговорат потврдно. Сепак, коментаторите го припишале овој настан на големото ривалство помеѓу двете врвни атлетичарки и нивната желба за победа. Како што вели Библијата, „времето и непредвидените настани го снаоѓаат секого“. Колку и да е добро подготвен некој, секогаш може да се случи нешто непредвидено што може да влијае врз крајниот резултат на некоја работа, а тоа нема никаква врска со судбината.
Тогаш, на што се мисли кога во Библијата се вели: „Сѐ си има свое време“? Можеме ли да направиме нешто за да влијаеме врз она што ќе ни се случи во животот — врз нашата судбина?
Најдобро време за сѐ
Наместо да рече дека секој човек си има своја судбина или да каже што ќе се случи во нечиј живот, библискиот писател зборувал за Божјата намера и како таа влијае врз луѓето. Од каде го знаеме тоа? Од контекстот. Откако спомнува многу работи што очигледно си имаат „свое време“, Соломон напишал: „Ја набљудував работата која Бог им ја даде на синовите човечки за да се занимаваат со неа. Тој направил сѐ да е убаво во свое време“ (Проповедник 3:10, 11).
Бог им дал на луѓето многу работи со кои можат да се занимаваат — а Соломон наброил само неколку. Исто така, Бог ни дал слободна волја да избереме со што ќе се занимаваме. Меѓутоа, за секоја работа има вистинско, односно поволно време, момент кога ќе даде најдобри резултати. Да ја земеме за пример изјавата на Соломон „време за садење и време за корнење на посаденото“ запишана во Проповедник 3:2. Земјоделците знаат дека за секоја земјоделска култура има соодветно време за садење. Што ако некој земјоделец го занемари тој едноставен факт и насади нешто во погрешно време или во погрешна сезона? Треба ли да ја обвини судбината за слабиот род, иако вложил голем труд? Се разбира дека не! Тој едноставно не засадил во вистинското време. Земјоделецот ќе имал добри резултати ако го следел природниот тек на работите што го утврдил Творецот.
Значи, Бог не ја одредил судбината на секој човек ниту исходот на секој настан, туку утврдил извесни начела што управуваат со човечките активности во склад со неговата намера. За луѓето да уживаат во резултатите од она што го прават, мора да сфатат каква намера има Бог и во кое време ќе ја исполни, и да дејствуваат во склад со тоа. Она што е одредено однапред и не се менува не е судбината на секој човек туку Божјата намера. Преку пророкот Исаија, Јехова рекол: „Мојата реч што излегува од мојата уста... нема да се врати кај мене без плод, туку ќе го направи она што го сакам и ќе го изврши она поради кое сум ја испратил“ (Исаија 55:11).
Тогаш, која е таа Божја „реч“, или намера што ќе се „изврши“ во врска со Земјата и со иднината на луѓето?
Да сфатиме кое е Божјето време
Соломон ни помогнал да го најдеме одговорот. Откако рекол: „[Бог] направил сѐ да е убаво во свое време“, тој продолжил: „Дури и вечноста им ја ставил на луѓето в срце, за да не можат да ги сфатат во потполност делата кои вистинскиот Бог ги направил“ (Проповедник 3:11).
За овој стих е пишувано многу. Но, непобитен факт е дека длабоко во нашето срце, секој од нас кога-тогаш се прашал која е смислата на животот и што ќе биде со нас. Низ вековите, на луѓето им било тешко да прифатат дека животот не е ништо друго освен мачна работа на која само смртта може да ѝ стави крај. Ние луѓето се издвојуваме од сите живи суштества по тоа што не мислиме само на сегашноста туку и на иднината. Сакаме дури и да живееме вечно, без крај. Зошто? Како што гледаме од овој библиски стих, Бог ‚им ја ставил вечноста на луѓето в срце‘.
За да го задоволат тој копнеж на срцето, луѓето често си поставувале прашања за животот и смртта. Некои заклучуваат дека нешто во нас продолжува да живее откако ќе умреме. Други веруваат дека повторно се раѓаме во една бескрајна низа од реинкарнации. Трети, пак, мислат дека сѐ во животот ни е предодредено од судбината или од Бог и дека не можеме да смениме ништо. За жал, ниедно од овие објаснувања не го дава вистинскиот одговор. Тоа е така затоа што со своите сопствени напори луѓето „не можат да ги сфатат во потполност делата кои вистинскиот Бог ги направил“, вели Библијата.
Долгиот конфликт помеѓу желбата да се знае и неспособноста да се најде одговорот ги мачела филозофите низ вековите. Меѓутоа, бидејќи таа желба во нашето срце ја всадил Бог, зар не е логично од него да бараме да ни ја исполни? Библијата вели за Јехова: „Ти ја отвораш својата рака и ја задоволуваш желбата на сѐ што е живо“ (Псалм 145:16). Ако ја проучуваме Божјата реч, Библијата, можеме да најдеме исправен одговор на прашањата поврзани со животот и смртта и со Божјата вечна намера во врска со Земјата и луѓето (Ефешаните 3:11).
[Истакната мисла на страница 5]
„Трката не ја добиваат брзите“ (Проповедник 9:11)
[Истакната мисла на страница 6]
Ако земјоделецот не насади во вистинското време, треба ли да ја обвинува судбината за слабиот род?
[Истакната мисла на страница 7]
Размислуваме за животот и смртта затоа што Бог ‚им ја ставил вечноста на луѓето в срце‘