Глобален проблем, глобално решение
СТРАДАЊАТА ги има насекаде, а голем број луѓе сочувствуваат со оние што страдаат и сакаат да им помогнат. На пример, во болниците, медицинските лица работат во смени за да им укажат помош на оние што се болни или повредени. Пожарникарите, полицијата, законодавците и спасувачите настојуваат да го олеснат или да го спречат страдањето на другите. Таквите напори се од голема помош за луѓето како поединци, но ниеден човек ниту организација не може да ги отстрани страдањата во целиот свет. За разлика од нив, Бог има едно глобално решение и сигурно ќе го спроведе.
Во тоа нѐ уверува последната книга од Библијата: „[Бог] ќе ја избрише секоја солза од нивните очи и смрт нема да има веќе, ни тага, ни пискот, ниту болка. Сѐ што беше порано, помина“ (Откровение 21:4). Размисли што ќе значи ова ветување. Во него е изразена Божјата намера да им стави крај на сите страдања. Тоа ќе го направи така што ќе ја исчисти Земјата од војните, гладот, болестите и неправдите, како и од злобните луѓе. Ниеден човек не може да направи такво нешто.
Што ќе направи Божјето Царство
Бог ќе ги исполни своите ветувања преку личноста што е втора по моќ во вселената — воскреснатиот Исус Христос. Доаѓа времето кога Исус ќе владее како Цар над целата Земја без некој да му се спротивставува. Со луѓето нема повеќе да владеат човечки цареви, претседатели или политичари. Наместо тоа, со нив ќе владее еден Цар и една влада — Божјето Царство.
Ова Царство ќе ја отстрани секоја човечка влада. Многу одамна, во Библијата било проречено: „Небесниот Бог ќе подигне царство, кое нема никогаш да пропадне. И тоа царство нема да премине на некој друг народ. Тоа ќе ги сотре и ќе ги уништи сите други царства, а самото ќе стои довека“ (Даниел 2:44). Луѓето на целата Земја ќе бидат обединети под една праведна влада — Божјето Царство.
Кога бил на Земјата како човек, Исус многу пати зборувал за тоа Царство. Го спомнал во молитвата Оченаш, кога ги поучил своите ученици да се молат: „Да дојде царството твое. Да биде волјата твоја, како на небото така и на земјата“ (Матеј 6:10). Забележи дека Исус покажал дека тоа Царство е поврзано со извршувањето на Божјата волја на Земјата, а Божја волја е да го отстрани страдањето во целиот свет.
Божјата праведна влада ќе донесе благослови што една човечка влада никогаш не би можела да ги донесе. Не заборавај дека Јехова го дал својот Син како откуп за да можат луѓето да добијат вечен живот. Под мирољубивото владеење на тоа Царство, луѓето ќе станат совршени. Кој ќе биде крајниот резултат? Јехова „ќе ја уништи смртта засекогаш и Севишниот Господар Јехова ќе ги избрише солзите од секое лице“ (Исаија 25:8).
Можеби некои ќе прашаат: ‚Зошто Бог не направил нешто досега? Што чека?‘ Јехова можел да преземе нешто уште многу одамна за да ги отстрани, па дури и да ги спречи страдањата. Наместо тоа, дозволил да траат, но не од некакви себични причини, туку за вечното добро на неговите деца на Земјата. Грижливите родители ќе остават нивното дете да претрпи некои тешкотии ако знаат дека, долгорочно гледано, тоа ќе му користи. И Јехова има добри причини зошто им дозволил на луѓето да страдаат некое време, а тие причини се објаснети во Библијата. Некои од нив се поврзани со нашата слободна волја, гревот и спорното прашање во врска со тоа дали Јехова има право да владее. Исто така, Библијата објаснува дека на едно злобно духовно суштество му е дозволено да владее со светот едно ограничено време.a
Иако во оваа статија не можеме да ги разгледаме сите тие причини, ќе спомнеме две работи што можат да ни влеат надеж и да нѐ охрабрат. Првата е: Јехова сигурно ќе ја надомести секоја штета од страдањата што сме ги доживеале. Освен тоа, Бог нѐ уверува: „Она што беше порано нема да доаѓа во сеќавање, ниту ќе се јавува во срцето“ (Исаија 65:17). Тој потполно и трајно ќе ги отстрани болката и страдањата кои се последица од тоа што привремено го допуштил злото.
Втората е ова: Бог има точно одредено време кога ќе му стави крај на страдањето. Сети се дека пророкот Авакум прашал до кога Јехова ќе ги дозволува насилството и препирките. Јехова му одговорил: „Тоа видение ќе се исполни во времето што е одредено за него... Нема да задоцни“ (Авакум 2:3). Како што ќе видиме во следната статија, тоа ‚одредено време‘ е близу.
[Фуснота]
a Подетално разгледување на тоа зошто Бог ги допушта страдањата можеш да најдеш во 11. поглавје од книгата Што навистина учи Библијата?, издадена од Јеховините сведоци.
[Рамка на страница 7]
Библиски стихови што укажуваат на една убава иднина
НЕМА ДА ИМА ВОЈНИ:
„Дојдете, гледајте ги делата на Јехова, зачудувачките работи што ги направи на земјата! Ги прекинува војните до крајот на земјата“ (Псалм 46:8, 9)
НАЈБЛИСКИТЕ ЌЕ НИ СЕ ВРАТАТ:
„Бог ќе ги воскресне и праведните и неправедните“ (Дела 24:15)
ЌЕ ИМА ХРАНА ЗА СИТЕ:
„На земјата житото богато ќе роди, по планинските врвови ќе го има во изобилство“ (Псалм 72:16)
НЕМА ДА ИМА БОЛЕСТИ:
„Никој од жителите нема да рече: ‚Болен сум‘“ (Исаија 33:24)
ЗЛОБНИТЕ ЛУЃЕ ЌЕ ГИ НЕМА:
„Злите ќе бидат истребени од земјата и оние што постапуваат неверно ќе бидат искоренети од неа“ (Изреки 2:22)
ЌЕ ВЛАДЕЕ ПРАВДА:
„Царот [Исус Христос] ќе царува праведно и кнезовите ќе владеат по правдата“ (Исаија 32:1)
[Слика на страница 7]
Божјето Царство ќе ја поправи секоја штета од страдањата што сме ги доживеале