Помогни им на луѓето ‚да се разбудат‘
„Знаете кое време е, дека веќе ви дошол часот да се разбудите“ (РИМ. 13:11)
МОЖЕШ ЛИ ДА ОБЈАСНИШ?
Зошто е многу важно христијаните да останат духовно будни?
Зошто треба внимателно да набљудуваме и да ги слушаме другите кога сме во служба?
Зошто треба да бидеме љубезни и обѕирни кога сведочиме?
1, 2. Во кој поглед многу луѓе треба да се разбудат?
СЕКОЈА година, илјадници луѓе гинат затоа што задремале, па дури и заспале зад воланот. Други добиваат отказ бидејќи се успивале и доцнеле на работа или, пак, заспивале на работното место. Но, последиците од духовната поспаност можат да бидат уште пострашни. Затоа, ништо чудно што Библијата го вели следново: „Среќен е оној што бдее“ (Отк. 16:14-16).
2 Додека наближува Јеховиниот голем ден, луѓето општо земено спијат во духовна смисла. Дури и водачите на христијанскиот свет понекогаш признаваат дека нивните верници се во длабок духовен сон. Но, што значи некој духовно да спие? Зошто е важно вистинските христијани да останат будни? Како да им помогнеме на другите да се разбудат?
ШТО ЗНАЧИ НЕКОЈ ДУХОВНО ДА СПИЕ?
3. Какви се оние што спијат во духовен поглед?
3 Оние што спијат обично не прават ништо. За разлика од нив, оние што спијат во духовна смисла можат да бидат многу зафатени, но не со духовни работи. Можеби се преокупирани со секојдневните обврски и животни грижи или, пак, трчаат по пари, задоволства или углед во светот. Поради тоа не размислуваат многу за своите духовни потреби. Но, оние што се духовно будни сфаќаат дека живееме „во последните денови“, и затоа со сета душа ја вршат Божјата волја (2. Пет. 3:3, 4; Лука 21:34-36).
4. На што мислел Павле кога им рекол на христијаните: „Да не спиеме како и останатите“?
4 Прочитај 1. Солуњаните 5:4-8. Овде апостол Павле ги поттикнал соверниците ‚да не спијат како и останатите‘. Што сакал да каже со тоа? Би можеле да ‚заспиеме‘ ако не се држиме за Божјите морални мерила или ако не обрнуваме внимание дека е многу близу времето кога Јехова ќе ги уништи безбожниците. Не смееме да дозволиме злобните да влијаат врз нас, и да нѐ наведат да размислуваме и да постапуваме како нив.
5. Како размислуваат оние што спијат во духовен поглед?
5 Некои луѓе си мислат дека нема Бог кој ќе ги повика на одговорност (Пс. 53:1). Други мислат дека Бог не се интересира за луѓето, па затоа нема потреба ни тие да се интересираат за него. Трети, пак, сметаат дека е доволно да припаѓаат на некоја црква за да бидат Божји пријатели. Сите тие спијат во духовен поглед и треба да се разбудат. Но, како може да им помогнеме?
САМИТЕ МОРА ДА БИДЕМЕ БУДНИ
6. Зошто христијаните мора да се трудат да останат духовно будни?
6 За да можеме да ги разбудиме другите, самите мора да бидеме будни. Што значи тоа? Не смееме да постапуваме како оние што духовно спијат. За нив Библијата вели дека ги вршат „делата на темнината“, во кои спаѓаат разуздани гозби, пијанки, блудствување, бесрамни дела, караници и љубомора. (Прочитај Римјаните 13:11-14.) Понекогаш е тешко да не бидеме како оние околу нас. Сепак, будноста е од пресудна важност. Ако некој возач не сфаќа колку е опасно да вози кога е поспан, би можел да си го ризикува животот. Колку поважно е христијаните да бидат свесни дека духовната дремка може да биде смртоносна!
7. Што може да ни се случи ако имаме погрешен став кон луѓето на нашето подрачје?
7 Би можеле да почнеме да мислиме дека никој на нашето подрачје нема да ја прифати добрата вест (Изр. 6:10, 11). Можеби си велиме: ‚Зошто толку да се мачам да проповедам кога и така веќе никој не ја прифаќа пораката?‘ Точно е дека мнозина сега не нѐ слушаат, но можеби ќе се најдат во поинакви околности и нивниот став ќе се смени. Факт е дека некои се будат и ја прифаќаат вистината. Можеме да им помогнеме на луѓето ако самите останеме духовно будни така што ќе се трудиме да користиме нови методи за да ги заинтересираме за пораката. Освен тоа, за да не заспиеме, треба постојано да имаме на ум зошто нашата служба е многу важна.
ЗОШТО НАШАТА СЛУЖБА Е ВАЖНА?
8. Зошто нашата христијанска служба е толку важна?
8 Не заборавај дека, сеедно на каков одѕив наидуваме сега, со проповедањето го славиме Јехова и придонесуваме да се исполни неговата намера. Наскоро, Бог ќе им суди на луѓето врз основа на тоа како реагирале на добрата вест. Оние што не ја прифатиле ќе бидат уништени (2. Сол. 1:8, 9). Исто така, би било погрешно да заклучиме дека нема потреба да проповедаме со таков жар затоа што во новиот свет „Бог ќе ги воскресне и праведните и неправедните“ (Дела 24:15). Божјата Реч вели дека оние што ќе бидат означени како „јарци“ ќе бидат казнети со „вечна смрт“. Нашето проповедање е израз на Божјата милост и тоа им дава можност на луѓето да се променат и да добијат „вечен живот“ (Мат. 25:32, 41, 46; Рим. 10:13-15). Ако не проповедаме, како луѓето ќе ја слушнат пораката што за нив може да значи живот?
9. Како проповедањето на добрата вест ни користи и нам и на другите?
9 Проповедањето ни користи и нам лично. (Прочитај 1. Тимотеј 4:16.) Сигурно си почувствувал дека твојата вера и љубов кон Бог растат кога зборуваш со другите за Јехова и за сето она што ќе го направи Царството. Освен тоа, службата ти помага да ги подобриш своите христијански особини. И, сигурно си среќен што со проповедањето можеш му покажеш на Јехова колку многу го сакаш. Мнозина од оние што ги поучуваат другите за вистината се радуваат кога гледаат како Божјиот дух им помага на интересентите да водат подобар живот.
НАБЉУДУВАЈ ВНИМАТЕЛНО
10, 11. а) По што се гледа дека Исус и Павле внимателно набљудувале и ги забележувале потребите на другите? б) Објасни како можеме уште подобро да ја вршиме службата ако внимателно ги набљудуваме луѓето и нивната околина.
10 Има различни начини на кои можеме да ги заинтересираме луѓето за добрата вест. Затоа, мора внимателно да набљудуваме. Исус е нашиот пример. Бидејќи бил совршен, веднаш забележал кога еден фарисеј се налутил, иако тој човек не кажал ништо. Исто така, можел јасно да види дека една жена која била позната грешница искрено се покајала, и дека една вдовица дала како прилог сѐ што имала (Лука 7:37-50; 21:1-4). Исус можел да им помогне на луѓето бидејќи знаел што им е потребно. Но, не мора да бидеме совршени за да ги забележиме потребите на другите. Апостол Павле е добар пример за тоа. Тој проповедал на разни начини за да заинтересира најразлични луѓе (Дела 17:22, 23, 34; 1. Кор. 9:19-23).
11 Ако набљудуваме внимателно и ако се трудиме да ги забележиме потребите на луѓето, слично како што правеле Исус и Павле, ќе сфатиме како би можеле да ги заинтересираме за пораката. На пример, пред да почнеш разговор со некого, обиди се од неговиот изглед или од некои работи во околината да откриеш дали е семеен човек, какво е неговото културно потекло или какви интереси има. Обрни внимание на она што го прави во тој момент и љубезно спомни нешто во врска со тоа за да започнеш разговор.
12. Зошто треба да внимаваме на разговорите што ги водиме меѓу себе додека одиме од врата до врата?
12 Ако сме будни во службата, нема да дозволиме други работи да ни го одвлечат вниманието. Иако и нашите меѓусебни разговори можат да бидат изградувачки, не смееме да заборавиме дека главна цел на нашата служба е да им проповедаме на другите (Проп. 3:1, 7). Затоа, треба да внимаваме разговорите што ги водиме додека одиме од врата до врата да не влијаат врз нашето сведочење. За да бидеме сконцентрирани на проповедањето, би било добро да зборуваме за она што би сакале да им го кажеме на луѓето. Иако понекогаш мобилниот телефон може да ни користи додека ја вршиме службата, треба да внимаваме да не ни го прекинува разговорот со станарите.
ПОКАЖИ ДЕКА СИ ЗАИНТЕРЕСИРАН ЗА ЛУЃЕТО
13, 14. а) Како ќе знаеме што го интересира станарот? б) Како би можеле да ги заинтересираме луѓето за духовни работи?
13 Важно е внимателно да ги слушаме оние на кои им сведочиме. Со кои прашања би можел да го поттикнеш станарот отворено да си каже што мисли за некоја работа? Дали е загрижен затоа што има толку многу религии, затоа што има сѐ повеќе насилство или, пак, можеби е разочаран од владите? Би можел ли да го заинтересираш за духовни работи така што ќе му посочиш колку мудро се создадени живите творби или ќе му покажеш колку се практични библиските совети? И молитвата е тема што ги интересира луѓето од речиси секоја култура, па дури и некои атеисти. Мнозина сакаат да знаат дали некој воопшто слуша кога се молиме. Други можеби се прашуваат: Дали Бог ги слуша сите молитви? Ако не, тогаш што треба да правиме за Тој да нѐ слуша?
14 Можеме да научиме како да почнуваме разговор ако внимаваме на кој начин го прават тоа поискусните објавители. Сигурно си забележал дека тие поставуваат прашања без да остават впечаток дека го испрашуваат станарот или дека му се мешаат во лични работи. Дали си забележал и како покажуваат со тонот на гласот и со изразот на лицето дека се заинтересирани што мисли станарот?
БИДИ ЉУБЕЗЕН И ВЕШТ
15. Зошто треба да бидеме љубезни кога проповедаме?
15 Како би се чувствувал ако некој те разбуди од длабок сон? Многумина не се многу расположени кога неочекувано ќе бидат разбудени. Обично, повеќето сакаат тоа да се прави нежно. Истото важи и кога се трудиме да ги разбудиме луѓето од духовниот сон. На пример, како е најдобро да постапиш ако некој се налути кога ќе му дојдеш на врата? Покажи дека го почитуваш неговиот став, и замини си мирно (Изр. 15:1; 17:14; 2. Тим. 2:24). Ако си љубезен, можеби следниот пат кога ќе дојде друг Сведок кај него тој човек ќе биде поспремен да слуша.
16, 17. Како може да бидеме вешти и љубезни во службата?
16 Во некои случаи би можел да се потрудиш да го продолжиш разговорот дури и ако станарот рече дека не е заинтересиран или дека си има своја религија. Можеби го вели тоа бидејќи така на најлесен начин ќе го прекине разговорот. Но, ако си вешт и љубезен, би можел да поставиш прашање што сепак ќе го поттикне неговиот интерес за духовни работи. (Прочитај Колошаните 4:6.)
17 Одвреме-навреме наидуваме на луѓе што велат дека се зафатени и немаат време да нѐ слушаат. Тогаш е најдобро да бидеме обѕирни и да си заминеме. Но, понекогаш можеби ќе увидиш дека сепак можеш да спомнеш некоја кратка и интересна мисла од Библијата. На пример, некои успеваат за помалку од една минута да прочитаат стих и, пред да заминат, да му постават на станарот прашање што ќе го одговорат во следна прилика. Во некои случаи, нивниот краток увод предизвикал толкав интерес што станарот сепак одвоил неколку минути за разговор. Зошто не се обидеме да постапиме така следниот пат кога ќе ни се укаже слична можност?
18. Како би можеле да сведочиме поделотворно во неформални прилики?
18 Ако сме подготвени за неформално сведочење, можеме да им помогнеме на некои што ги среќаваме да се заинтересираат за добрата вест. Многу браќа и сестри си носат неколку публикации во чанта или в џеб. Можеби дури имаат на ум и некој конкретен библиски стих што ќе го кажат доколку им се пружи прилика да му посведочат некому. Би можел да ги замолиш надгледникот за служба или пионерите во твоето собрание да ти помогнат да се подготвиш за ваков вид сведочење.
ЉУБЕЗНО ПОМОГНИ ИМ НА РОДНИНИТЕ ДА СЕ РАЗБУДАТ
19. Зошто и понатаму треба да се трудиме да им сведочиме на роднините?
19 Сите сакаме да им помогнеме на нашите најблиски да ја прифатат добрата вест (Ис. Нав. 2:13; Дела 10:24, 48; 16:31, 32). Но, ако претходно нѐ одбиле, веројатно немаме голема желба пак да им сведочиме. Можеби си мислиме дека нема многу да им се смени ставот без разлика што ќе кажеме или што ќе направиме. Сепак, некои настани можат да предизвикаат промена во животот или во ставот на твоите роднини. Сигурно сега и ти можеш повешто да им ја објасниш вистината, и поради тоа можеби ќе наидеш на подобра реакција.
20. Како може да покажеме обѕир кон чувствата на роднините кога им сведочиме?
20 Важно е да покажуваме обѕир кон чувствата на нашите роднини (Рим. 2:4). Зарем не треба со нив да сме исто толку љубезни колку што сме и со оние што ги среќаваме во службата? Зборувај благо и со почит. Без да им држиш лекции, помогни им да сфатат како вистината те направила подобра личност (Еф. 4:23, 24). Објасни им како Јехова ти помогнал да водиш поисполнет живот и те научил да „го правиш она што е за твое добро“ (Иса. 48:17). Покажи им со пример што значи да се биде христијанин.
21, 22. Наведи еден пример што покажува колку е важно и понатаму да им сведочиме на роднините.
21 Неодамна една сестра го напиша следново: „Отсекогаш се обидував да им сведочам на моите 13 браќа и сестри — и со зборови и со дела. Секоја година им пишував писма на сите. Сепак, цели 30 години бев единствениот Сведок во семејството“.
22 Таа продолжува: „Еден ден ѝ се јавив на една од моите сестри која живее многу далеку. Ми кажа дека го замолила проповедникот во нејзината црква да ја поучи за Библијата, но тој не го сторил тоа. Кога ѝ спомнав дека ќе ми биде мило да ѝ помогнам во тој поглед, ми рече: ‚Добро, ама да си знаеш уште сега дека никогаш нема да станам Јеховин сведок‘. Откако ѝ ја испратив по пошта книгата Што навистина учи Библијата?, ѝ се јавував на неколку дена. Но, сѐ уште ја немаше отворено. На крајот, ѝ реков да ја земе книгата и околу 15 минути читавме и разгледавме некои од цитираните стихови во неа. По неколку јавувања, не ѝ беше доволно да проучува само 15 минути. Потоа таа почна да ми се јавува за да проучуваме, понекогаш уште пред да станам од кревет, а некогаш и по двапати дневно. Следната година се крсти, а по една година од крштавањето почна да служи како пионер“.
23. Зошто и понатаму треба да се трудиме да им помагаме на луѓето да се разбудат од духовниот сон?
23 Не е лесно да им помогнеме на луѓето да се разбудат. Тоа бара вештина и истрајност. Сепак, кротките лица сѐ уште ја прифаќаат добрата вест. Во просек, секој месец повеќе од 20.000 луѓе се крштаваат како Јеховини сведоци. Затоа, да го послушаме следниов совет што Павле му го дал на нашиот брат Архип кој живеел во првиот век: „Внимавај да ја извршиш службата што си ја примил во Господарот“ (Кол. 4:17). Во следната статија ќе видиме што значи да се проповеда со чувство на итност.
[Рамка на страница 13]
КАКО ДА ОСТАНЕШ ДУХОВНО БУДЕН
▪ Биди зафатен со вршење на Божјата волја
▪ Немој да ги правиш делата на темнината
▪ Не заборавај колку е опасно духовно да заспиеш
▪ Задржи позитивен став кон луѓето на подрачјето
▪ Користи нови методи во службата
▪ Не заборавај колку е важно проповедањето