Јехова ми ги отвори очите
Раскажал Патрис Ојека
Беше доцна попладне. Поминав уште еден ден потонат во моите црни мисли — слеп и осамен, го слушав радиото. Тогаш решив да му ставам крај на мојот беден живот. Во една чаша со вода ставив отров и ја оставив на масата. Пред да го испијам смртоносниот пијалак и да ставам крај на сѐ, сакав за последен пат да се искапам и убаво да се облечам. Зошто решив да се самоубијам? И како успеав да останам жив за да можам да ја раскажам оваа приказна?
РОДЕН сум на 2 февруари 1958 год., во областа Касаи-Ориентал (Демократска Република Конго). Бидејќи татко ми умре кога имав девет години, грижата за мене ја презеде мојот постар брат.
Откако го завршив школувањето, најдов работа на една плантажа за каучук. Едно утро во 1989 год., додека подготвував извештај во мојата канцеларија, одеднаш ми се стемни пред очи и повеќе не можев ништо да видам. Отпрвин мислев дека снемало струја, но беше утро и можев да слушнам дека генераторот работи. Преплашен, сфатив дека ништо не гледам, дури ни белешките што беа пред мене!
Веднаш повикав еден работник за да ме однесе кај докторот на плантажата. Тој ми рече дека мора да одам кај специјалист во градот. Бидејќи забележа дека мрежниците на двете очи ми беа оштетени и состојбата беше сериозна, ме испрати во главниот град, Киншаса.
Мојот живот во Киншаса
Во Киншаса бев на преглед кај многу офталмолози, но ниту еден од нив не можеше да ми помогне. Откако поминав 43 дена во болница, докторите ми рекоа дека ќе останам слеп цел живот! Роднините ме носеа во различни цркви за да бидам излечен на некој чудотворен начин, но сите нивни обиди беа залудни.
На крајот, изгубив секаква надеж дека некогаш повторно ќе прогледам. Сѐ ми стана црно во животот. Го изгубив видот, ја изгубив и работата. А ја изгубив и жената, затоа што ме остави и зеде со себе сѐ што имавме во нашиот дом. Ми беше срам да излезам надвор или да бидам со други луѓе. Се повлеков во себе и со денови не излегував од дома. Бев самотник и се чувствував потполно безвреден.
Двапати се обидов да се самоубијам. Вториот обид е оној што го опишав во почетокот. Ме спаси едно мало дете од семејството. Тоа ненамерно ја зело чашата и ја истурило на земја додека сум се капел. За среќа, ја немаше испиено. Но, тоа што не можев да ја најдам чашата многу ме разочара. Тогаш признав пред целото семејство зошто ја барав и што сакав да направам.
Му благодарам на Бог и на моето семејство што се грижеа за мене. Обидот да си го одземам животот не ми успеа.
Повторно сум радосен
Еден ден во 1992 год., додека седев дома и пушев, дојдоа двајца Јеховини сведоци што проповедаа од куќа до куќа. Бидејќи забележаа дека сум слеп, ми ги прочитаа зборовите од Исаија 35:5, каде што пишува: „Тогаш ќе им се отворат очите на слепите и ќе им се отнат ушите на глувите“. Бев пресреќен кога го слушнав тоа! За разлика од црквите во кои имав појдено, Сведоците не се обидоа да ме излечат на некој чудотворен начин. Тие ми кажаа дека повторно ќе прогледам во новиот свет што го ветил Бог, а за да го доживеам тоа време треба да го запознаам Бог (Јован 17:3). Веднаш почнав да ја проучувам Библијата со Сведоците, со помош на книгата Ти можеш засекогаш да живееш во рајот на Земјата. Исто така, почнав да одам на сите христијански состаноци во најблиската Сала на Царството и да правам промени во животот. На пример, престанав да пушам.
Сепак, тоа што не гледав ме кочеше да напредувам во духовен поглед. Затоа, отидов во една институција за слепи за да научам да читам и пишувам на Брајово писмо. Така можев да учествувам во програмата на состаноците во Салата на Царството. По кратко време, почнав и да зборувам за моите верувања со другите луѓе. Се чувствував повторно радосен. Продолжив да напредувам и му ветив на Јехова дека ќе му служам цел живот. Се крстив на 7 мај 1994 год.
Како што растеше мојата љубов кон Јехова и кон луѓето, сѐ повеќе ми се зголемуваше желбата да започнам со полновремена служба. Од 1 декември 1995 год., служам како општ пионер, односно полновремен проповедник. Исто така, од февруари 2004 год., служам како старешина во собранието. Понекогаш добивам покани да одржувам библиски говори и во другите собранија во моето место. Сите овие благослови ми носат радост и ми помагаат да не заборавам дека ниту еден хендикеп не може да нѐ спречи да му служиме на Јехова Бог.
Јехова ми „даде очи“
Како што спомнав претходно, поради тоа што сум слеп, жена ми ме напушти. Но, Јехова ми даде уште еден благослов. Во една посебна смисла, тој ми „даде очи“ за да гледам. Ани Мавамбу, која се омажи за мене и покрај мојот хендикеп, ми стана очи. Бидејќи и таа проповеда полновремено, секогаш ме придружува во службата. Освен тоа, ми го чита и материјалот на кој се темелат моите говори за да ги напишам белешките на Брајово писмо. Таа е посебен благослов за мене. Поради неа ја сфаќам вистинитоста на зборовите од Изреки 19:14, каде што пишува: „Куќата и богатството се наследуваат од татковците, а од Јехова е разборитата жена“ (Изреки 19:14).
Јехова нѐ благослови со две деца — син и ќерка. Едвај чекам да ги видам во рајот! Уште еден благослов е тоа што мојот постар брат, кој ни дозволи да живееме на неговиот имот, ја прифати вистината од Библијата и се крсти! Сите заедно служиме во исто собрание.
И покрај тоа што сум слеп, од срце сакам да му служам на Бог, затоа што тој многу ме благослови (Малахија 3:10). Секој ден се молам неговото Царство да дојде и да ги отстрани сите страдања на Земјата. Бидејќи го запознав Бог, навистина можам да кажам: „Благословот од Јехова збогатува, и не задава никаква болка притоа“ (Изреки 10:22).
[Слики на страница 13]
Одржувам библиски говор; со моето семејство и брат ми