Теократска школа за служба
Цел: Да ги обучи објавителите делотворно да ја проповедаат добрата вест и да поучуваат.
Колку трае: Континуирано.
Каде се одржува: Во Салата на Царството.
Кој може да учествува: Сите кои редовно доаѓаат на состаноци, кои ги прифаќаат библиските учења и кои живеат во склад со христијанските начела.
Како да се запишеш: Зборувај со надгледникот на Теократската школа за служба.
Шерон, која е парализирана бидејќи има амиотрофна латерална склероза (АЛС), вели: „Теократската школа за служба ми помогна да научам да истражувам и логично да ги изнесувам информациите. Исто така, научив како да се грижам за духовните потреби на другите, а не само за своите“.
Арни, кој долги години служи како патувачки надгледник, вели: „Уште од мал имав говорна маана и ми беше тешко да ги гледам луѓето во очи. Оваа школа ми помогна да стекнам поголема самодоверба и самопочит. Преку советите кои ги добивав и со Јеховина помош, научив некои техники што ми помагаат да се концентрирам и да си го контролирам дишењето за да не пелтечам. Многу сум благодарен што можам да го славам Бог во собранието и во службата“.
Школа за бетелски слуги
Цел: Да им помогне на новите бетелски слуги успешно да ги извршуваат своите задачи.
Колку трае: По 45 минути еднаш седмично. Вкупно трае 16 седмици.
Каде се одржува: Во Бетел.
Кој може да учествува: Само постојаните членови на бетелското семејство или привремените доброволци на кои им е одобрено да служат во Бетел една година или подолго.
Како да се запишеш: Новите членови на бетелското семејство автоматски се запишани во школата.
Димитрис, кој учествувал на оваа школа во 1980-тите, вели: „Школата ми помогна да ги подобрам своите навики на проучување и ме подготви за долгогодишна бетелска служба. Инструкторите, како и предавањата и практичните совети, ме уверија дека Јехова се грижи за мене и дека сака успешно да ја вршам својата служба во Бетел“.
Кејтлин вели: „Школата ми помогна да сфатам дека најважно од сѐ е да бидам духовна личност. Освен тоа, таа го продлабочи моето разбирање и ценење за Јехова, за неговиот дом и за неговата организација“.
Школа за именувани браќа
Цел: Да ги обучи патувачките надгледници и старешините, а понекогаш и слугите-помошници, да го надгледуваат собранието и да се грижат за своите организациски одговорности (Дела 20:28). Во неа се дискутира за тековните ситуации, ставови и потреби на собранијата. Оваа школа се одржува на неколку години, како што ќе одреди Водечкото тело.
Колку трае: Во последниве неколку години, трае два или два и пол дена за патувачките надгледници, еден и пол ден за старешините и еден ден за слугите-помошници.
Каде се одржува: Обично во Салата на Царството или во Конгресна сала.
Кој може да учествува: Само патувачки надгледници, старешини или слуги-помошници.
Како да се запишеш: Старешините и слугите-помошници добиваат покана од покраинскиот надгледник. Подружницата ги поканува патувачките надгледници.
„Иако на оваа школа се обработуваат многу информации за кратко време, таа им помага на старешините да ја зачуваат радоста и да ‚се држат машки‘ во Јеховината служба. И новите и долгогодишните старешини учат како делотворно да се грижат за стадото и да бидат обединети така што ќе ‚размислуваат на ист начин‘“ (Квин, долу).
„Во програмата беше обрнато подеднакво внимание на повеќе полиња. Таа ни помогна да стекнеме уште подлабоко разбирање за духовните работи, нѐ предупреди за опасностите и ни даде практични предлози како да се грижиме за стадото. Јехова навистина многу љубезно ни помага“ (Мајкл).
Школа за пионери
Цел: Да им помогне на пионерите ‚потполно да ја извршат својата служба‘ (2. Тим. 4:5).
Колку трае: Две седмици.
Каде се одржува: За тоа одлучува подружницата; обично во некоја Сала на Царството.
Кој може да учествува: Оние што биле општи пионери најмалку една година.
Како да се запишеш: Пионерите што ги исполнуваат условите автоматски се запишани во оваа школа и добиваат известување за тоа од својот покраински надгледник.
„Оваа школа ми помогна да се справам со тешкотиите во службата и во животот“, вели Лили (десно). „Научив како подобро да проучувам, да проповедам и да ја користам Библијата. Сега можам повеќе да им помагам на другите, да ги поддржувам старешините и да дадам поголем придонес во собранието“.
Бренда, која била двапати на оваа школа, вели: „Школата ми помогна потполно да се внесам во духовните работи, да си ја изострам совеста и уште повеќе да се трудам да им помагам на другите. Јехова е навистина великодушен!“
Школа за собраниски старешини
Цел: Да им помогне на старешините да се грижат за своите одговорности во собранието и да ја продлабочат својата духовност.
Колку трае: Пет дена.
Каде се одржува: За тоа одлучува подружницата; обично во некоја Сала на Царството или во Конгресна сала.
Кој може да учествува: Само старешини.
Како да се запишеш: Старешините добиваат покана од подружницата.
Еве што рекле некои што присуствувале на 92. клас во САД:
„Извлеков голема корист од оваа школа. Таа ми помогна да се преиспитам и да видам како можам подобро да се грижам за Јеховините овци“.
„Сега можам уште повеќе да ги охрабрувам другите со библиски стихови“.
„Никогаш нема да ја заборавам обуката што ја добив на оваа школа!“
Школа за патувачки надгледници и нивните сопруги
Цел: Да им помогне на покраинските и обласните надгледници поделотворно да им служат на собранијата и ‚марливо да говорат и поучуваат за Божјата реч‘ (1. Тим. 5:17; 1. Пет. 5:2, 3).
Колку трае: Два месеца.
Каде се одржува: За тоа одлучува подружницата.
Кој може да учествува: Само покраински или обласни надгледници.
Како да се запишеш: Патувачките надгледници и нивните сопруги добиваат покана од подружницата.
„Се зголеми нашето ценење за организацијата и за поглаварството на Исус. Сфативме колку е потребно да ги храбриме браќата на кои им служиме и да го зајакнуваме единството во секое собрание. Школата ни помогна да разбереме дека, иако патувачкиот надгледник дава совети а понекогаш и исправки, неговата главна цел е да им помогне на браќата да сфатат дека Јехова ги сака“ (Џоел, 1. клас, 1999 год.).
Библиска школа за неженети браќа
Цел: Да ги подготви неженетите старешини и слуги-помошници за дополнителни одговорности во Јеховината организација. Мнозина од оние што ќе ја завршат оваа школа ќе добијат задача да служат во својата земја, во места каде што има поголема потреба од објавители. Некои може да добијат задача да служат во друга земја, доколку се стават на располагање за тоа. Други би можеле да служат како привремени специјални пионери кои ќе го започнат делото на оддалечени и изолирани подрачја, или ќе помогнат уште повеќе да се проповеда на такви места.
Колку трае: Два месеца.
Каде се одржува: За тоа одлучува подружницата; обично во некоја Сала на Царството или во Конгресна сала.
Кој може да учествува: Неженети браќа на возраст од 23 до 62 години, кои имаат добро здравје и сакаат да служат секаде каде што има поголема потреба од објавители (Мар. 10:29, 30). Мора најмалку две години да се општи пионери и најмалку две години континуирано да се старешини или слуги-помошници.
Како да се запишеш: На покраинскиот собир се одржува состанок на кој заинтересираните можат да добијат повеќе информации.
„Со сето срце се внесов во оваа школа. Благодарение на тоа, Јеховиниот дух ми помогна да направам длабоки промени кај себеси“, вели Рик, кој присуствувал на 23. клас во САД. „Кога ни дава задача, Бог ни помага да ја извршиме. Сфатив дека, ако се концентрирам на Неговата волја а не на себе, Јехова ќе ме зајакне.“
„Школата ми помогна да сфатам дека Јеховината организација е вистинско чудо!“, вели Андреас, кој служи во Германија. „Обуката ме подготви за задачата што ме очекуваше. Освен тоа, многу примери од Библијата ми ја врежаа оваа важна вистина: Ќе бидам вистински среќен само ако им служам на браќата и на Јехова“.
Библиска школа за брачни парови
Цел: Да им даде посебна обука на брачните парови за да можат Јехова и неговата организација да ги користат во поголема мера. Повеќето од оние што ќе ја завршат оваа школа ќе добијат задача да служат во својата земја, во места каде што има поголема потреба од објавители. Некои може да добијат задача да служат во друга земја, доколку се стават на располагање за тоа. Би можеле да служат и како привремени специјални пионери кои ќе го започнат делото на оддалечени и изолирани подрачја, или ќе помогнат уште повеќе да се проповеда на такви места.
Колку трае: Два месеца.
Каде се одржува: Оваа школа се одржува во САД, а од септември 2012 год. ќе се одржува и во некои други земји во светот, обично во некоја Сала на Царството или во Конгресна сала.
Кој може да учествува: Брачни парови на возраст од 25 до 50 години кои имаат добро здравје, кои можат да служат онаму каде што има поголема потреба од објавители и кои го имаат ставот на Исаија, кој рекол: „Еве ме мене, испрати ме мене!“ (Иса. 6:8). Мора да се во брак најмалку две години и да се во полновремена служба најмалку две години континуирано. Освен тоа, мажот мора да е старешина или слуга-помошник најмалку две години континуирано.
Како да се запишеш: На обласниот конгрес се одржува состанок на кој заинтересираните можат да добијат повеќе информации. Ако на вашиот конгрес нема ваков состанок, може да пишеш до подружницата во твојата земја за дополнителни информации.
„Осумте седмици на оваа школа навистина можат да ви го сменат животот, и претставуваат одлична можност за сите брачни двојки што сакаат уште повеќе да му служат на Јехова! Решени сме да водиме урамнотежен живот и мудро да го користиме своето време“ (Ерик и Корина од 1. клас, 2011 год., долу)
Мисионерска школа Гилеад
Цел: Да ги обучи учесниците да служат како мисионери на подрачјето во густо населени места, како патувачки надгледници или како бетелски слуги. Целта е подобро да се организира службата на проповедање и работата на подружниците.
Колку трае: Пет месеци.
Каде се одржува: Во образовниот центар Патерсон (Њујорк, САД).
Кој може да учествува: Брачни парови кои веќе служат во некој облик на специјална служба, односно, кои служат како мисионери на подрачјето а сѐ уште не биле на школата, како специјални пионери, како патувачки надгледници или бетелски слуги. Мора да се во таква служба најмалку три години континуирано. Мора добро да зборуваат, да читаат и да пишуваат англиски.
Како да се запишеш: Подружницата може да покани некои брачни парови да пополнат молба за оваа школа.
Леид и Моника од САД сега служат во Африка. „Школата Гилеад нѐ подготви да одиме на кое и да било место во светот, да ги засукаме ракавите и да служиме со нашите драги браќа“, вели Леид.
Моника додава: „Се трудам да го применам она што го научив од Божјата Реч, и службата ми носи голема радост. Таа радост ми е уште еден доказ за Јеховината љубов“.
Школа за членови на одборите на подружниците и нивните сопруги
Цел: Да им помогне на оние што служат во одборите на подружниците подобро да ги надгледуваат бетелските домови, да се грижат за работите кои ги засегаат собранијата и да ги надгледуваат покраините и областите на своето подрачје. Освен тоа, тие учат и за преведувањето, печатењето и доставувањето на литературата.
Колку трае: Два месеца.
Каде се одржува: Во образовниот центар Патерсон (Њујорк, САД).
Кој може да учествува: Членови на одбор на подружница или на одбор на земја или, пак, браќа што ќе бидат доделени да служат во тоа својство.
Како да се запишеш: Браќата од ваквите одбори и нивните сопруги добиваат покана од Водечкото тело.
Лоел и Кара, кои присуствуваа на 25. клас, служат во Нигерија. „Добивме потсетување дека, за да му угодиме на Јехова, мора да ги правиме работите како што сака тој без оглед колку сме зафатени или каква задача вршиме“, вели Лоел. „Освен тоа, на школата беше нагласено колку е важно да покажуваме љубов кон браќата како што покажува Јехова.“
„Една мисла ми остави особено силен впечаток“, додава Кара. „Ако не можам да објаснам нешто на едноставен начин, тогаш прво треба сама да ја проучам таа тема, а потоа да ги поучувам другите за неа.“