Зошто излезе поедноставено англиско издание на Стражарска кула?
СО ДЕЦЕНИИ, луѓето низ целиот свет извлекуваат корист од библиските информации што излегуваат во Стражарска кула. Во јули 2011 год., излезе и првото поедноставено издание за проучување на англиски јазик. Во него стоеше: „Ова ново издание ќе излегува пробно една година“.
Сега со задоволство сакаме да известиме дека беше одлучено ова издание да се печати и понатаму. Освен тоа, ќе има поедноставени изданија и на португалски, француски и шпански јазик.
ЗОШТО МНОЗИНА ГО ЦЕНАТ
Откако го добија поедноставеното издание, некои Сведоци од островите во јужниот дел на Тихиот Океан го напишаа следново: „Сега браќата навистина можат добро да ги сфатат мислите од Стражарска кула“. Во едно друго писмо стоеше: „Порано трошевме многу време за да го провериме значењето на зборовите во речник и да ги разбереме изразите. Сега го користиме тоа време за подобро да ги разбереме наведените стихови и како тие се поврзани со статијата“.
Една сестра од САД која има завршено факултет вели: „Цели 18 години се изразував на повисок стил кој можеа да го разберат само луѓе со повисоко образование. Стекнав навика да зборувам и да размислувам на премногу комплициран начин. Сфатив дека мора да направам големи промени во тој поглед“. Поедноставеното издание ѝ помогнало подобро да ги поучува другите за Библијата. Таа објаснува: „Поедноставената Стражарска кула ми е од голема помош. Од неа научив да се изразувам едноставно“.
Една сестра од Англија, која е крстена во 1972 год., го напишала следново во врска со поедноставеното издание: „Кога зедов да го читам првиот број, чувствував како Јехова да седи и да чита заедно со мене, исто како што еден татко би му читал приказна пред спиење на своето дете“.
Една сестра која служи во Бетелот во САД и која е крстена повеќе од 40 години рекла дека понекогаш поедноставеното издание ѝ помага уште подобро да разбере некои стихови од Библијата. На пример, во Стражарска кула од 15 септември 2011, во рамката со наслов „Што значат некои изрази“, беше дадено следново објаснување за изразот „облак од сведоци“ од Евреите 12:1: „Имало толку многу сведоци што не можеле да се избројат“. Сестрата рекла: „Ова објаснување уште повеќе ми го разјасни тој стих“. А во врска со седмичниот состанок за проучување на Стражарска кула, оваа сестра вели: „Дури и ако некое дете го прочита одговорот директно од поедноставеното издание, таму не стојат истите зборови што ги има во стандардното издание кое го користат повеќето присутни. Затоа неговиот коментар им е интересен на сите“.
Една друга сестра од Бетел напишала: „Едвај чекам да ги слушнам коментарите на децата во собранието. Поедноставеното издание на Стражарска кула им помага да коментираат со поголема увереност. Нивните одговори многу ме охрабруваат“.
Една сестра која е крстена во 1984 год. напишала колку ѝ значи ова издание на англиски јазик. Таа вели: „Како да е пишувано баш за мене! Многу ми е лесно да го разберам она што го читам. Сега можам да коментирам со поголема самодоверба во текот на Проучувањето на Стражарска кула“.
ГОЛЕМА ПОМОШ ЗА РОДИТЕЛИТЕ
Една мајка која има седумгодишно синче рекла: „Кога ја подготвувавме Стражарската кула, морав да му ги објаснувам повеќето реченици од статиите. Тоа ми одземаше многу време и ме исцрпуваше“. Како ѝ помогнало поедноставеното издание? Таа пишува: „Не можам да верувам дека сам ги чита пасусите и дека ја разбира смислата! Многу му е полесно затоа што зборовите му се познати, а речениците се кратки. Веќе си подготвува коментари за состаноците без моја помош, и внимателно следи во своето списание во текот на целото проучување“.
Мајката на едно деветгодишно девојче напишала: „Порано ѝ помагавме да подготви коментар. Сега сама го прави тоа. Ретко има потреба да ѝ го објаснуваме или да ѝ го поедноставуваме напишаното. Се гледа дека навистина ужива во Проучувањето на Стражарска кула“.
ШТО ВЕЛАТ ДЕЦАТА?
Многу деца мислат дека поедноставеното издание на Стражарска кула е направено посебно за нив. Ребека, која има 12 години, напишала: „Ве молам, продолжете да го печатите новото издание!“ Потоа додала: „Посебно ми се допаѓа рамката ‚Што значат некои изрази‘. Многу е едноставна за децата“.
Седумгодишната Николета вели нешто слично: „Порано ми беше тешко да ги разберам статиите од Стражарска кула. А сега можам сама да давам повеќе коментари“. Ема, која има девет години, напишала: „Ова списание многу ми помогна мене и на моето братче, кое има шест години. Многу подобро го разбираме она што го пишува! Ви благодарам!“
Очигледно е дека мнозина имаат корист од изданието на Стражарска кула во кое се користат едноставни реченици и зборови кои се лесно разбирливи. Бидејќи им помага на толку многу луѓе, ќе продолжи да излегува заедно со стандардното издание, кое се печати уште од 1879 год.