Интересни промени во Стражарска кула!
1 Во почетокот на оваа година, собранијата добија едно радосно известување: Почнувајќи од јануари 2008 год., Стражарска кула ќе има две различни изданија, едно за јавноста, а друго за нашето христијанско братство! Можеби се прашуваше: ‚По што ќе се разликуваат овие две списанија? Зошто ќе биде добро да имаме две различни изданија? Дали во нив ќе има нешто ново?‘
2 По што ќе се разликуваат: Стражарска кула што ќе излегува на 1-ви од месецот ќе ја користиме во службата на проповедање. Сите статии од овој број ќе бидат наменети за пошироката публика. А списанието што ќе излегува на 15-ти од месецот ќе го користиме за проучување и нема да го нудиме во службата на проповедање. Тоа ќе ги содржи сите статии што ќе се проучуваат на состаноците во текот на еден месец, а ќе има и дополнителни статии што ќе бидат од посебен интерес за оние што се Јеховини сведоци. Изданието што ќе го користиме во службата на проповедање нема да биде интересно само за Сведоците. Тоа ќе биде особено интересно за оние што не се Сведоци, но сепак веруваат во Библијата. Од друга страна, пак, Разбудете се! и понатаму ќе биде наменето за најшироката публика, меѓу кои се скептиците и оние што припаѓаат на нехристијанските религии.
3 Зошто ќе биде добро: Во списанието што ќе го користиме за проучување нема да биде потребно да се објаснуваат некои термини, како што е „пионер“, за да можат да ги разберат оние што не се Сведоци. Ова издание ќе содржи и информации наменети особено за Јеховините сведоци и за интересентите кои добро напредуваат во духовен поглед. А зошто ќе биде корисно списанието што ќе го нудиме во службата на проповедање? Оние што не се Сведоци сигурно со уживање ќе го прочитаат ова списание од првата до последната страница, бидејќи темите и стилот на пишување ќе бидат наменети за пошироката публика. Се разбира, ќе биде добро секој Јеховин сведок да ги прочита и двете списанија. Бидејќи во службата на проповедање секој месец ќе нудиме само една Стражарска кула и едно Разбудете се!, ќе можеме да подготвуваме делотворни презентации во текот на целиот месец.
4 Што ќе биде ново: Во списанието што ќе го нудиме во служба ќе има некои нови и интересни работи. На пример, во една рубрика, основните библиски учења ќе бидат објаснети на многу едноставен начин. Во друга ќе биде покажано како Библијата може да му помогне на семејството. За младите ќе бидат подготвени различни проекти за проучување на Библијата. Во секој број ќе има и статија што ќе содржи библиски стихови од кои можеме да научиме нешто за особините на Јехова.
5 Се молиме Јехова да ги благослови овие нови промени во Стражарска кула. Наша желба е ова списание, заедно со Разбудете се!, да им ја пренесе добрата вест на уште многу луѓе (Мат. 10:11).