ЖИВОТНА ПРИКАЗНА
Материјално сиромашен, но духовно богат
Дедо ми и татко ми живееја во една недовршена куќа во Котјужени, мало селце во северниот дел на Молдавија. Таму сум роден и јас, во декември 1939 год. Во почетокот на 1930-тите, тие станале Јеховини сведоци. И мајка ми станала Сведок кога сфатила дека дедо ми подобро ја разбира Библијата од селскиот поп.
Кога имав три години, татко ми, чичко ми и дедо ми беа однесени во работни логори затоа што беа политички неутрални. Остана жив само татко ми. Во 1947 год., откако заврши Втората светска војна, се врати дома со скршен ’рбет. Иако беше во лоша физичка состојба, остана цврст во верата.
ПРОМЕНИ ВО ЖИВОТОТ
Кога имав девет години, моето семејство и уште стотици други Сведоци од Молдавија беа протерани во Сибир. На 6 јули 1949 год., нѐ напикаа во товарни вагони. Откако непрекинато патувавме цели 12 дена и минавме пат долг 6.400 километри, запревме на железничката станица во Лебјаже. Нѐ пречекаа полицајци. Нѐ поделија на помали групи и веднаш нѐ раселија низ подрачјето. Едно мало, напуштено училиште стана нашиот нов дом. Бевме уморни и очајни. Една постара жена од нашата група тивко запеа песна што ја напишале некои Сведоци за време на Втората светска војна. Набрзо, сите ѝ се придруживме и од срце почнавме да пееме:
„Колку многу браќа фатија
за да им влеат ужас и страв.
Далеку на север и исток ги пратија,
но не ги тргнаа од патот прав.“
Со текот на времето, во неделите почнавме да одржуваме библиски состаноци во една куќа која беше оддалечена 13 километри од местото каде што живеевме. Честопати тргнувавме во рани мугри и се пробивавме низ снегот длабок до појас на температура од -40°С. Во една мала собичка се собиравме и по повеќе од 50 души. Состанокот го почнувавме со една, а понекогаш и со две-три песни. Потоа следеше сесрдна молитва и дискусија за некои библиски прашања. Тоа траеше околу еден час. Пеевме уште неколку песни и продолжувавме со дискусија за различни библиски прашања. Сето ова многу ни ја зајакнуваше верата!
НОВИ ПРЕДИЗВИЦИ
На железничката станица во Џанкој, некаде во 1974
Во 1960 год., Сведоците кои беа протерани добија поголема слобода. Иако бевме сиромашни, успеав да отидам во Молдавија, каде што ја запознав Нина. Татко ѝ, мајка ѝ, баба ѝ и дедо ѝ исто така беа Јеховини сведоци. За кратко време се зедовме и се вративме во Сибир, каде што во 1964 год. се роди нашата ќерка, Дина, а во 1966 год. нашиот син, Виктор. По две години, заминавме за Украина и се вселивме во една мала куќичка во Џанкој, град на околу 160 километри од Јалта, на полуостровот Крим.
Делото на Јеховините сведоци беше забрането на Крим, како и на територијата на целиот Советски Сојуз. Сепак, нашите активности не беа под целосна забрана и не бевме прогонувани. Затоа, некои Сведоци почнаа да ја губат ревноста. Тие мислеа дека, по сите маки во Сибир, редно е сега материјално да се обезбедат.
ВОЗБУДЛИВИ НАСТАНИ
На 27 март 1991 год., нашето дело во тогашниот Советски Сојуз беше законски регистрирано. Веднаш почнаа да се прават планови низ целата земја да се одржат седум дводневни конгреси. Ние требаше да присуствуваме на конгресот во Одеса (Украина), кој требаше да почне на 24 август. Отидов таму еден месец порано за да помагам околу подготовките за конгресот што требаше да се одржи на еден голем фудбалски стадион.
По цел ден работевме, а ноќе честопати останувавме да спиеме на клупите на стадионот. Група жени го исчистија паркот околу стадионот. Беа исфрлени околу 70 тони отпад. Одговорните за сместување, низ цел град бараа места за да преноќеваат 15.000 делегати, колку што се очекуваше да бидат присутни на конгресот. Тогаш чувме една вест што нѐ шокираше!
На 19 август — само пет дена пред конгресот — тогашниот претседател на Советскиот Сојуз, Михаил Горбачов, беше ставен во куќен притвор додека беше на летување во близина на Јалта. Затоа, дозволата за одржување на конгресот ни беше поништена. Делегатите почнаа да се јавуваат во конгресната канцеларија за да прашаат што да прават со своите резервации за автобус или воз. Откако горливо се молеа, организаторите на конгресот им рекоа: „Сепак дојдете!“
Продолживме да се подготвуваме за конгресот и да се молиме. Доброволците од одделот за транспорт ги пречекуваа делегатите кои пристигнуваа од различни делови на Советскиот Сојуз и ги носеа до местата каде што требаше да бидат сместени. Секое утро, членовите на Конгресниот одбор одеа да преговараат со властите. Секоја вечер се враќаа со лоши вести.
МОЛИТВИТЕ НИ БЕА УСЛИШЕНИ
Во петок, на 22 август — само два дена пред да почне конгресот — членовите на Конгресниот одбор конечно се вратија со добра вест. Добивме дозвола да се одржи конгресот! Додека ја пеевме воведната песна и се кажуваше почетната молитва, на нашата радост ѝ немаше крај. Во саботата, откако заврши програмата, останавме подолго за да си разговараме и да си ги обновиме пријателствата. Меѓу присутните имаше и христијани кои ја докажале својата цврста вера со тоа што издржале и најтешки испити.
Конгресот во Одеса, во 1991
Оттогаш поминаа 22 години и делото на проповедање доживеа огромен пораст. Низ цела Украина се изградија многу Сали на Царството. Во 1991 год. имаше 25.000 објавители, а денес има повеќе од 150.000!
СЀ УШТЕ СУМ ДУХОВНО БОГАТ
Нашето семејство сѐ уште живее во истата куќа во Џанкој, град кој сега има околу 40.000 жители. Иако во 1968 год., кога се вративме од Сибир, во Џанкој имаше само неколку семејства Јеховини сведоци, сега има шест собранија.
И моето семејство се зголеми. Сега, четири генерации од нас му служат на Јехова — јас и жена ми, нашите деца, нашите внуци и нашите правнуци.