Обласен конгрес за 1994, „Божествен страв“
1 Луѓето од вера покажувале „божествен страв“ (НС), од времето на Авел и Ное до сега (Евр. 11:4, 7). Да се покажува божествен страв значи да се манифестира „стравопочитување и длабоко почитување кон Творецот и здрав страв дека нема да му угодиме“ (it-1 стр. 818). Во јуни, јули и август, ќе го покажуваме ова длабоко почитување така што ќе присуствуваме на Обласниот конгрес „Божествен страв“. Ќе бидеш ли таму за да уживаш во целата програма, од песната на отворањето до последната молитва?
2 Секоја година го очекуваме конгресот со нетрпение. Иако е можеби вклучена извесна мера на лични напори и трошоци, благословите кои се добиваат се многубројни. Се враќаме дома радосни, задоволни и духовно изградени. (Спореди 3. Царства 8:66.) Дружењето е подбудувачко, а самиот конгрес претставува промена во секојдневието. Но запомни, ние се собираме да го обожаваме Јехова. Тој ни заповеда да го правиме тоа. Нѐ поучува како да извлечеме корист за себе (5. Мој. 31:12, 13; Пс. 121:1).
3 Тридневен конгрес: Оваа година, програмата ќе биде изнесена на една локација во Македонија.
4 Програмата ќе започне во петок во 10.20, а ќе заврши во недела околу 16.15 часот. Во сабота и недела програмата ќе започне во 9.30. Вратите ќе бидат отворени во 7.30 часот. Само на оние кои имаат посебни задолженија ќе им биде дозволено да влезат порано.
5 Длабокото почитување кон Јехова нѐ наведува да присуствуваме: Павле ги советувал еврејските христијани да ‚Му служат на Бога благоугодно со почит и во страв‘ (Евр. 12:28). Нашиот обласен конгрес оваа година е подготвен за да ни помогне да го сториме токму тоа. Може да се појават некои пречки што ја искушуваат нашата решеност да присуствуваме. Тие може да изгледаат како планини, но со Јеховина помош може да бидат совладани (Мат. 17:20). Ако не е можно твојот годишен одмор да го опфаќа и целиот конгрес, од петок наутро до недела попладне, дали со претходна молитва си му пристапил на својот работодавач за да го замолиш да те ослободи? (Јак. 1:6-8). Децата на школска возраст кои ќе присуствуваат на еден од пораните конгреси, додека сѐ уште се оди на настава, треба учтиво да им соопштат на наставниците дека нема да бидат на училиште во петокот поради овој важен дел од нивното религиозно обожавање.
6 Извлечи корист од оваа инвестиција: Каква инвестиција? Времето и напорите што ќе ги потрошиш за да присуствуваш на конгресот. Не би било мудро да правиш прецизни планови да присуствуваш на летниот обласен конгрес, а во недела да се вратиш дома со испуштен голем дел од програмата. Дали ќе излезеш среде гозба за да завршиш некоја друга работа? На повеќе конгреси минатата година е забележано како некои си одат после претпладневниот дел. Меѓутоа, нашата духовна зрелост и божествениот страв не треба да ни дозволат да пропуштиме било кој дел од она што Јехова го подготвил за нас. (Спореди 1. Коринтјаните 2:9, 10.)
7 Повеќето од нас веројатно нема да размислуваат да си заминат предвреме, а сепак може да испуштиме добар дел од програмата. Како? Така што нема однапред да планираме како да извлечеме максимална корист од програмските точки што се изнесуваат. Ќе сакаме да станеме доволно рано за да појадуваме како што треба и да завршиме други неопходни работи за да можеме да седнеме на своите места пред да почне програмата. Доброто спиење ноќе е исто така важно за да бидеме умствено будни и сконцентрирани на целодневната програма.
8 Проверена метода за извлекување најголема корист од програмата е да се прават кратки забелешки. Правењето забелешки е важно како за младите така и за возрасните. Една 16-годишна објавителка вели: „Ги забележувам библиските стихови што се споменати во говорите. Тоа ми овозможува да си ги повторам говорите дома“. Друго 16-годишно дете додава: „Јас ги прибележувам главните мисли. Тоа ми помага да се сконцентрирам на програмата“. Обично, сѐ што навистина ти треба на програмата е твојата Библија, песнарката, бележник од среден формат и молив или пенкало. Се разбира, родителите кои имаат мали деца мора да се погрижат за нивните потреби, но најдобро е да не си прават тешкотии себеси и на другите со големи торби со храна и со премногу лични работи.
9 Некои браќа ја снимаат програмата со касетофон или видео камера за повторно да ја следат дома. Дали некој ќе го прави тоа е лична работа, но искуството на некои покажало дека, кога ќе му се вратат на секојдневието, немаат многу време повторно да го пуштат она што го снимиле. Освен тоа, некои клучни мисли од говорот може да се испуштат додека се мести опремата за снимање.
10 Треба искрено да се напрегаме да бидеме на своето место пред да почне програмата. Иако сме можеби сред разменување на радосни искуства со старите пријатели кога претседавачот ќе најави дека програмата почнува, ќе покажеме почитување кон оние кои ја изнесуваат програмата и кон нашите браќа воопшто, ако веднаш престанеме со нашиот разговор и седнеме на своите места.
11 Обласните конгреси се секогаш радосни прилики поради Јеховиниот обилен благослов. Добиваме и духовни и материјални користи. Мора да се потсетиме дека се прави значителен трошок за изнајмување на конгресниот простор. Исто така, цените на храната се покачуваат, а Заедницата за секој конгрес купува квалитетна храна. Како се покриваат овие и други трошоци? Со нашите доброволни прилози. Ова е во склад со духот на Псалм 96:8 (НС) кој нѐ охрабрува да му ‚припишеме слава на Јехова и да донесеме дар во неговите дворови‘.
12 Дали твоето однесување ќе донесе слава? Секоја година, мајското издание на Наша служба за Царството љубезно нѐ потсетува колку е важно доброто однесување додека присуствуваме на обласниот конгрес. Се разбира, нашето однесување треба секогаш да биде примерно, но кога се собираме во голем број, обично оние што не се во вистината повеќе нѐ посматраат. Нашето однесување, добро или лошо, може да зборува погласно од нашето проповедање. Ние сакаме Јехова да се слави и со она што ќе го зборуваме и со она што ќе го правиме (Изр. 27:2; 1. Петр. 2:12).
13 После минатогодишниот Обласен конгрес „Божествена поука“, некој чувар во еден од хотелите забележал: „Ова е најфината група деца што сум ја посматрал во последно време“. Потоа, откако коментирал за лошите манири и деструктивноста на другите групи млади луѓе, додал за децата на Сведоците: „Тие се однесуваат добро и угодно е да се биде во нивна близина. Би сакал и другите конгреси што ќе се одржат овде да бидат како овој“.
14 Некој новински колумнист во еден американски весник за конгресот го забележал следново: „Жените и девојките носеа фини фустани, а мажите и момчињата костуми и вратоврски. Тие со сериозност правеа белешки додека ги слушаа говорниците четири дена. И, ако е точно дека чистотата е поврзана со побожноста, Јеховините сведоци ја применуваат таа мисла на високо ниво“. Сепак, сите извештаи не содржат такви позитивни мисли.
15 На некои конгреси е известено дека премногу се шетало наоколу за време на програмата. Многу деца биле избројани во ходниците за време на саботната попладневна програма, што покажува дека е потребно поголемо воспитување и надгледување од страна на родителите. Постојаното шеткање наоколу низ ходниците создава непотребна врева која им смета на оние кои се обидуваат да слушаат. Ако некои треба да завршат нешто за време на програмата, зар не треба ние останатите да бидеме на своите места и да слушаме внимателно?
16 Повеќето родители се строги спрема своите деца кога се работи за присуствување на собраниските состаноци секоја седмица. Зар не треба да бидат подеднакво строги кога треба нивните деца да седат крај нив и да не талкаат низ ходниците за време на програмата? Конгресната просторија е претворена во голема Сала на Царството, но ова е Сатанов систем, и лесно им е на бескрупулозните луѓе да влезат во зградата со нечесни мотиви. ВО СЕКОЕ ВРЕМЕ ТРЕБА ДА ЗНАЕТЕ КАДЕ ВИ СЕ ДЕЦАТА И ШТО ПРАВАТ.
17 Облекување и дотерување: Живееме во век во кој лежерниот, па дури и немарен изглед е прифатлив. Многу луѓе се крајно лежерно облечени кога одат в црква, на концерти или на вечера во ресторан. Забелешката што беше цитирана во 14. пасус покажува дека сѐ уште постојат луѓе кои се восхитуваат на достоинствена облека, особено кога е во врска со формалното обожавање. Немарната, лежерна облека и неприкладното дотерување откриваат многу за нас. Никогаш не заборавај дека конгресната зграда повеќе не е спортска сала. Таа е проширена Сала на Царството. Некои се облекуваат пристојно за конгресот, но после програмата одат во најблиските ресторани или на некое друго место облечени неприкладно или нескромно.
18 Кандидатите за крштение треба да се потсетат дека извесни костими за капење се неприкладни за таа прилика. Опремата треба да биде скромна и вкусно избрана. Кој треба да го одреди тоа? Старешините се должни да се погрижат никој од нивното собрание што ќе се крсти да не даде некаква причина за спрепнување (2. Кор. 6:3, 4). Тоа исклучува премногу отворени костими за капење и маици со световни слогани или реклами. Ќе биде прикладно старешините да дискутираат по ова прашање со кандидатите додека ги обработуваат прашањата од книгата Нашата служба.
19 Хотели и мотели: Извесна мерка на трпение и сочувство се често потребни кога треба човек да се пријави во хотел или мотел. Кога повеќе луѓе се пријавуваат во исто време, може да се појават извесни пречки. Треба да ги покажуваме плодовите на духот во секое време, но особено се потребни во нашето постапување со вработените во мотелите и рестораните. Треба да се потсетиме и на потребата од бакшиш на еден соодветен начин, ако е тоа обичај.
20 Опрема за снимање: Како што наведовме претходно, упоребувањето на опрема за снимање, а особено на видеокамери, е работа на лична одлука. Ако одлучиш да снимаш, молиме да бидеш обѕирен спрема оние околу тебе. Тоа може да пречи дури и кога се прави од место. Никој не треба, додека снима, да им го попречува видикот на другите. Освен тоа, никаква опрема за снимање не може да биде приклучена на електричната или разгласната мрежа, ниту треба да ги блокира патеките меѓу редови и приодите.
21 Седишта: На проблемите поврзани со зафаќање места сѐ уште треба да им се обрне внимание. Уште еднаш сакаме да ги потсетиме сите: СЕДИШТА МОЖЕ ДА СЕ ЧУВААТ САМО ЗА ЧЛЕНОВИ НА ПОТЕСНОТО СЕМЕЈСТВО И ЗА ОНИЕ КОИ МОЖЕБИ ПАТУВААТ СО ВАС ВО АВТОМОБИЛОТ. На некои конгреси, секое утро кога ќе се отвореле вратите во 7.30 часот, браќа и сестри јурнувале во зградата. Забележано е дека „оние кои си бараа места на вообичаен начин можеа да ги најдат само на врвот од трибините. Многумина зафатиле скоро цел оддел, а потоа многу од местата што ги резервирале останаа празни“. Овие безобѕирни навики изгледа дека остануваат и покрај редовното потсетување. Зар не треба да ги испитаме своите срца по ова прашање и да медитираме за начелата од Филипјаните 2:3, 4?
22 Секој конгрес прави подготовки за оние со посебни потреби, како што се старите и физички онеспособените. Молиме, немојте да заборавите дека не треба да зафаќате места во еден од овие оддели ако не спаѓате во тие категории. Исто така, бидете спремни да им помогнете на оние кои имаат посебни потреби да си најдат место, ако не ги придружува некој кој е одговорен да се грижи за нив.
23 Служба за литература и исхрана: Кога се собираме на обласен конгрес, уживаме во изобилство физичка и духовна храна. И двете треба да се примат со благодарност, ништо да не се фрли (2. Лет. 31:10; Изр. 3:10; Јован 6:12). Во последниве години е забележано дека значително количество запакувана храна и пијалоци се подигнати, а потоа фрлени без воопшто да се отворат. Сакаме ли да покажеме ценење за сѐ што Јехова ни обезбедува? Тогаш ќе го земеме само она што ни е потребно и нема да упропастуваме никаква храна. Родители, дали вашите деца сфаќаат колку е важно да не се упропастува храна? Вие морате да им дадете добар пример. Молиме не однесувајте храна од конгресното место за да ја користите подоцна. За да се намали турканицата во ходниците, најдобро е само еден член на семејството да земе храна за сите, и тоа не повеќе отколку што им е потребно за тој оброк.
24 На 3. јуни 1994, ќе почне првиот Обласен конгрес „Божествена поука“. Дали си ги комплетирал своите подготовки и дали си спремен да уживаш во тридневно среќно дружење и духовно добри работи? Искрено се молиме Јехова да ги благослови вашите напори да се собереме ова лето и да се нахраниме од Јеховината трпеза со добри работи на Обласниот конгрес „Божествен страв“.
[Рамка на страница 6]
Потсетници за Обласниот конгрес
Крштевање: Кандидатите за крштевање треба да бидат на своите седишта во предвидениот сектор пред да започне програмата во сабота наутро. Забележано е дека некои носеле облека која не била достоинствена и го одвлекувала вниманието од самата пригода. Секој кој планира да се крсти, треба да си понесе скромен костим за капење и пешкир. После говорот за крштевање и молитвата на говорникот, претседавачот на тој дел од програмата ќе им даде кратки упатства на кандидатите за крштевање, а потоа ќе ја најави песната. После последниот стих, редарите ќе ги упатат кандидатите за крштение до местото за крштение. Бидејќи крштевањето како симбол на нечие предание е интимна и лична работа помеѓу поединецот и Јехова, нема подготовка за т.н. заеднички крштевања во кои двајца или повеќе кандидати за крштевање се прегрнуваат или се држат за раце додека се крштеваат.
Значки: Ве молиме носете ја специјално направената значка на конгресот и додека патувате до и од конгресното место. Тоа често ни овозможува да дадеме добро сведоштво додека патуваме. Ова било посебно случај минатата година на конгресите што се одржаа во Москва и Киев. Носењето на значки исто така ќе го олесни функционирањето на поедноставената подготовка за исхрана. Значките и пластични фолии за нив треба да ги добиете преку вашето собрание, бидејќи нема да бидат достапни на конгресот. Не заборавете да ја носите својата најнова картичка Медицинско упатство. Членовите на Бетелската фамилија и пионерите треба исто така да ги имаат кај себе своите легитимации.
Сместување: Уште еднаш ги молиме сите за соработка во користењето на списокот за сместување што е даден само за конгресот. Ако ги заобиколуваме подготовките на Заедницата и сами си најдеме хотел кој не е на потврдениот список, во голема мера ја потценуваме напорната работа на нашите браќа кои преговараат со хотелите за поповолни цени. АКО ИМАТЕ ПРОБЛЕМИ СО ХОТЕЛОТ, молиме без колебање да му кажете на надгледникот на Одделот за сместување на конгресот за тој да може веднаш да ви помогне во разрешувањето на проблемот. Собраниските секретари треба да се погрижат формуларите Барање за сместување за посебни потреби да бидат благовремено испратени на соодветната конгресна адреса. Ако морате да откажете сместување обезбедено преку уредувањето за посебни потреби, треба веднаш да ги известите и домаќинот на куќата или мотелот и конгресното одделние за сместување за да може собата да се отстапи на друг.
Детски колички: На многу локации детските колички не можат да се користат на места за јавни собири. Противпожарните прописи забрануваат да се оставаат во ходници и на патеки или помеѓу редовите. Бидејќи големите гужви можат да создадат застои, детските колички се потенцијална опасност не само за самото дете туку и за секој кој би се сопнал на нив. Затоа, ве молиме да не ги носете на местото на конгресот. Меѓутоа, дозволени се детски седишта или седишта за автомобили, бидејќи тие можат да се прицврстат за седиштата веднаш до родителите. Се цени вашата соработка по ова прашање.
Доброволна служба: Можеш ли да одвоиш малку време на конгресот за да помагаш во некое одделение? Служењето за нашите браќа, па макар и само неколку часа, може многу да користи и да причини големо задоволство. Ако можеш да помогнеш, молиме пријави се во Одделот за доброволна служба на конгресот. Децата под 16-годишна возраст можат исто така да помогнат ако работат под надзор на своите родители или на некој друг возрасен кој одговара за нив.
Предупредување: Ако сме свесни за потенцијалните проблеми, ќе се поштедиме од непотребни тешкотии. Крадци и други бескрупулозни луѓе честопати ги демнат луѓето кои се далеку од својата домашна средина. Не заборавете да го заклучите возилото во секое време и не оставајте ништо уочливо што би навело некого да провали. Крадците и џепчиите го наоѓаат својот најдобар плен на поголеми собири. Не би било мудро да оставиме нешто вредно на своето место. Не можеш да бидеш сигурен дека сите кои се околу тебе се христијани. Зошто да ставаш некого во искушение? Известено е дека некои луѓе од надвор се обиделе да одмамат деца. ДЕЦАТА НЕКА ВИ БИДАТ ПРЕД ОЧИ ВО СЕКОЕ ВРЕМЕ.
Кабловската телевизија која постои во повеќето мотели често емитува срамотни, порнографски филмови. Бидете свесни за оваа замка и не им дозволувајте на децата без надзор да гледаат ТВ во собата.
Ве молиме, не телефонирајте во управата на конгресните простории за да барате било какви информации околу конгресот. Ако не можете да ги добиете тие информации од старешините, молиме пишете до Бетелот за подетални информации.