Обласен конгрес за 1995, „Радосни фалители“
1 Колку причини имаме за да бидеме радосни? Можеби малкумина би се обиделе да ги набројат сите нив. И покрај тоа што живееме во свет на превирања и неизвесност, имаме толку многу причини да бидеме радосни. Како што беше соопштено во Наша служба за Царството од јануари 1995, охрабрувачката тема на обласните конгреси за 1995 е „Радосни фалители“.
2 Ние го фалиме Јехова затоа што нѐ поучил за вистината (Иса. 54:13; Јован 8:32). Освен тоа, радосно ја делиме вистината со сите кои бараат сигурност и среќа (Језек. 9:4; Дела 20:35). И нашето христијанско братство ни носи радост. Духовното семејство полно со љубов, дава задоволство и среќа. Ова се само неколку причини за нашата радост, кои нѐ тераат да го фалиме Јехова. Конгресните говори и прикази ќе ни го свртат вниманието на додатните библиски причини за радост во овие немирни последни денови.
3 Тридневен конгрес: Дали си се договорил со својот работодавач да ти даде одмор за да присуствуваш на конгресот сите три дена? Родителите со деца на школска возраст, кои ќе присуствуваат на конгрес за време на школската година, треба со почитување да ги информираат наставниците дека децата ќе бидат отсутни од училиштето во петок поради овој важен дел од нивното религиозно обожавање. Каде ќе се одржи најблискиот конгрес за вас? Стражарска кула од 15 февруари 1995 наведува датуми и локации на конгреси кои ќе бидат одржани во вашата земја или во нејзина близина. Досега вашиот собраниски секретар ве информирал за деталите околу вашиот конгрес.
4 Програмата ќе започне во петок во 9.40, а ќе заврши во недела околу 15.50 часот. Во сабота и во недела програмата ќе започне во 9.30 часот. Вратите ќе бидат отворени во 8.00 часот. Само на оние кои имаат посебни задолженија ќе им биде дозволено да влезат порано.
5 Дали ќе присуствуваш? Подбудени сме да присуствуваме на сите три дена од конгресот. Зошто? Па, Јехова сака да бидеме таму. Денес нашата вера и духовното здравје се често бомбардирани. Павле советувал ‚да не се напушта своето собрание‘, во време кога христијаните во Јудеја доживувале голем притисок (Евр. 3:12, 13; 10:25). Филипјаните живееле „среде лош и расипан род“. Па сепак, ‚светеле како светила во светот‘ (Филип. 2:15). Зошто биле поинакви овие христијани од првиот век? Затоа што послушно го следеле водството на светиот дух кој ги упатувал да се состануваат ‚за да се поттикнуваат кон љубов и добри дела‘ (Евр. 10:24).
6 Во спротивно, светот би можел да влијае врз нас и да ни ја ослаби желбата да се состануваме со браќата и да го фалиме Јехова. Ова лето сме повикани да се подложиме на Јеховиниот дух и да уживаме во сите три дена од конгресот. Дали сме решени да присуствуваме со целото семејство? Нашата љубов и верата треба редовно да се зајакнуваат. Јехова ни дал годишни конгреси за да ни помогнат во овој поглед.
7 Однеси дома богатство: Како ќе го извлечеш максимумот од конгресот? Со два збора, одговорот гласи „со концентрација“. Ова не е лесно во денешново напнато човечко општество во кое секогаш се брза. На енергичните млади луѓе можеби им е тешко да се концентрираат, но тоа е проблем со кој се соочуваме сите ние додека сме на обласните конгреси. Ќе ни биде полесно да се концентрираме ако го планираме тоа однапред. Прашај се: ‚Која е темата на конгресот?‘ Медитирај за тоа! ‚Зошто одам и што ќе правам таму тие три дена? Дали времето навечер ќе ми биде исполнето со рекреација или ќе испланирам доволно време за одмор и за разгледување на врвните точки од конгресот?‘
8 Статијата во Стражарска кула од 1 февруари 1984 (англ.), „Дали медитираш или само мечтаеш?“, дава неколку предлози за тоа како да се извлече максимум од состанокот, а потоа го донесува следниов заклучок: „Дисциплината на умот веројатно е најважниот фактор“. Кога говорникот ќе почне со својот говор, дали сме обично внимателни само за еден дел од говорот, а потоа мислите почнуваат да ни талкаат. Како да го спречиме ова?
9 Вреди да се повторат предлозите што се дадени порано, бидејќи се делотворни. Ако е воопшто можно, обиди се доволно да се одмораш секоја ноќ. Ова не е секогаш лесно бидејќи ќе треба, можеби, да патуваш, а ако си во хотел, можеби не одиш в кревет толку рано или не се одмораш исто како дома. Доброто планирање обично ќе ти овозможи да се одмориш колку што ти е потребно.
10 Водењето на едноставни белешки се покажало како помошно средство за концентрирање. Ако се обидуваш да запишеш премногу информации, можеби потполно ќе испуштиш некои битни точки. Како предлог, води белешки со цел да му изнесеш резиме од програмата на некој библиски ученик или на некој што е болен. Дури и ако немаш на ум никого посебно, ќе имаш цел додека правиш белешки, а после конгресот можеби ќе ти се укаже прилика да ги изнесеш врвните точки од програмата додека сведочиш неформално на некој член на семејството што не е соверник. Ако правиш белешки и го поделиш со некого она што си го чул, нема така брзо да ги заборавиш информациите. Изразувањето на информациите го засилува памтењето.
11 Иако повеќе нема да се служи храна, сѐ уште се прави значителен трошок околу изнајмувањето на конгресната просторија, во кој честопати спаѓаат додатни трошоци за разгласна опрема, литература и така натаму. Како се покриваат овие трошоци? Преку нашите доброволни донации. Ова е во склад со Псалм 95:8 и 2. Летописи 31:12.
12 Радосните фалители му оддаваат чест на Јехова со побожно однесување: Минатата година, од хотелскиот персонал и од вработените во конгресните простории добивме охрабрувачки позитивни коментари за нашето однесување. Еден управник на хотел рече: „Секогаш претставува задоволство да се даде сместување на Сведоците бидејќи тие се стрпливи и спремни на соработка, и постојано внимаваат на своите деца“. Друг директор на хотел рече дека Сведоците изгледаат посреќни и поорганизирани од другите групи. Иако нашиот конгрес беше еден од поголемите на тоа подрачје, тој рече: „Имаме помалку приговори и тешкотии отколку со групи кои се само делче од овој број“.
13 Еден хотелски работник откри дека на некој конгрес одржан пред нашиот, била направена голема штета и биле извршени кражби и покрај тоа што во објектот се наоѓале сите вработени. Меѓутоа, во врска со нашиот конгрес, тој рече: „Не мораме да се грижиме по тоа прашање што се однесува до Сведоците. . . . Кога се тие тука, доволно е да имаме на располагање само еден до двајца луѓе од одржувањето, и тоа само за да поправат случајни проблеми со машинскиот погон“.
14 Би сакале сите добиени извештаи да се слични, но за жал тоа не е случај. Еден претседавач на конгрес забележал: „После програмата, многу тинејџери се собираа во голем број, седејќи во рецепцијата до доцна во ноќта, се смееја гласно и врескаа. Ова ги вознемируваше другите гости . . . кои изгледаа изнервирано. Некои мали деца трчаа низ ходниците, трескајќи ги вратите кога се посетуваа меѓусебно по собите и вревејќи внатре“.
15 Друг проблем што постои со години е големиот број браќа во коридорите и надвор од аудиториумот за време на програмата. На еден конгрес минатата година, во една кутија за прилози е најдена белешка од некој библиски ученик. Таа гласи: „Никогаш не сум бил толку шокиран и стаписан како што сум сега шокиран од вревата, активноста, разговарањето и од некултурното однесување по ходниците за време на говорите . . . Сѐ уште не сум Сведок, само сум човек што проучува и се учи на божествен страв и почитување“. Се разбира, никој од нас не сака да остави впечаток дека нема ценење за Јеховините подготовки.
16 Секогаш треба да се прашуваме: ‚Кого го претставувам јас и зошто присуствувам на овој конгрес?‘ Нашата духовност и божествена оддаденост се одразуваат во нашиот говор, однесување и ценење за духовните подготовки (Јак. 3:13; 1. Петр. 2:2, 3, 12). Честопати се забележува дека далеку повнимателни и полни со почитување на конгресите, а и остануваат на своите места, задлабочени во говорите и приказите, се браќата кои поднеле долгогодишни ограничувања и забрани.
17 Твојата облека и дотерувањето зборуваат за тебе: Во 1. Царства 16:7, потсетени сме дека „човек гледа на лицето, а Господ гледа на срцето“. Според тоа, луѓето честопати нѐ просудуваат врз основа на изгледот. Нашата облека и дотерувањето се изложени на испитување, особено кога присуствуваме на конгрес заради обожавање и поуки во врска со христијанскиот живот. Ако си млад и одиш на училиште или, пак, световното вработување те става во близок контакт со луѓето кои следат световни стилови, може да биде предизвик да се придржуваш кон христијанските мерила за скромно облекување.
18 Мерилата за облекување и дотерување варираат во целиот свет. Од христијаните се очекува да се облекуваат скромно и вкусно. Кој треба да го одреди тоа? Родителите треба да се погрижат за своите деца што се тинејџери да не се облекуваат како световните млади на училиште. Конструктивни упатства се даваат за да ни помогнат да донесуваме здрави одлуки по ова осетливо прашање. Ве охрабруваме да ја разгледате повторно статијата „Што значи за тебе облеката?“, од Разбудете се! од 8 февруари 1987 (англ.). Што било забележано на некои од нашите конгреси минатата година?
19 После еден од Обласните конгреси „Божествен страв“, ја добивме следнава забелешка: „Браќата и сестрите прилично се поправиле во својот начин на облекување, дотерување и однесување на овогодишниот конгрес. . . . Меѓутоа, сѐ уште постојат некои состојби и навики за кои треба натамошно поправање“. После еден друг конгрес беше известено дека нескромната облека била мошне впечатлива. Извештајот спомена дека облеката на некои била соблазнувачка за другите. Некои присутни однадвор, исто така го забележале нескромното облекување. Облеката на некои била и премногу отворена и премногу припиена.
20 Повеќето браќа и сестри носат скромна, пристојна облека кога се на конгресното место. Меѓутоа, подоцна, во хотелите и рестораните некои браќа и сестри, сѐ уште имајќи ги на себе своите значки, се облечени во маици без ракави, стари фармерки, куси шорцови и . . . помодна облека која не му прилега на Божјиот народ“. Ако старешините забележат дека некои имаат склоност да се облекуваат на ваков начин за време на слободните активности, би било пригодно уште пред конгресот да им се даде љубезен но одлучен совет дека таквото облекување не е соодветно, особено не за делегати кои присуствуваат на христијански конгрес. Молиме, со своите библиски ученици кои ќе присуствуваат на конгрес, да ги разгледате дадените упатства за однесување и облекување.
21 Хотели: Секоја година се прават значителни напори за да се обезбеди сместување по пониски цени со цел никому да не му се наметне финансиски товар. Молиме, запомнете дека треба да бидеме трпеливи и љубезни во постапките со вработените во хотелот. Можеби ќе бидеме уморни од патувањето, а редицата од оние кои чекаат за сместување може да биде долга, но твојата трпеливост нема да помине незабележана. Би било многу добро објавителите, заедно со своите библиски ученици, да го разгледаат додатокот во Наша служба за Царството од јануари 1995, во врска со хотелското сместување. Исто така, мора да запомниме дека треба да дадеме и бакшиш, ако е тоа обичај (Стражарска кула, 1. февруари 1987, стр. 30).
22 Апарати за сликање и опрема за снимање: Прикладно е да се дадат љубезни потсетници во врска со користењето на апарати за сликање или на некој друг вид опрема за снимање. Ве молиме запомнете, ако планирате да користите апарат за снимање или некој друг вид опрема за снимање, покажете обѕирност кон оние околу вас. Движењето наоколу за време на програмата, па дури и снимање од своето седиште, може да им го одвлекува вниманието на другите. Никаква опрема за снимање не може да биде приклучена на електричната или на разгласната мрежа ниту треба да ги блокира патеките меѓу редовите и приодите. Дали ќе одлучиш да фотографираш или да снимаш програмски делови со видео-камера или со касетофон, тоа е твоја лична работа. Фотографиите и снимките можат да ти вратат пријатни спомени кога ќе ги гледаш подоцна. Сета таква опрема треба да се користи на еден умерен начин кој нема да им го одвлекува вниманието на другите ниту ќе ги спречува да извлечат максимална корист од програмата. Откако ќе си дојдеш дома, ќе имаш ли време да ги гледаш снимките? Можеби ќе увидиш дека правењето белешки ќе биде доволно.
23 Седишта: Дали забележавте подобрување по прашањето за чување места на Обласниот конгрес за 1994, „Божествен страв“? Направен е извесен напредок, но сѐ уште треба да бидеме свесни за следниов потсетник: СЕДИШТА МОЖЕ ДА СЕ ЧУВААТ САМО ЗА ЧЛЕНОВИ НА ПОТЕСНОТО СЕМЕЈСТВО И ЗА ОНИЕ КОИ МОЖЕБИ ПАТУВААТ СО ВАС ВО АВТОМОБИЛОТ. Ние сме таму како гости на Заедницата. Изнајмувањето на аудиториумот е платено со доброволни донации. Зарем би било љубезно и обѕирно да чуваме места за кои не сме сигурни дека ќе бидат пополнети? Жал ни е што нема да биде можно да ги исполниме барањата за одвоени површини или простории за оние што имаат проблеми со околината, како што се алергиите.
24 На секој конгрес се прават подготовки за оние кои имаат посебни потреби, како што се старите и физички онеспособените. Молиме, погрижете се да не зафатите места во еден од овие оддели доколку не спаѓате во таа категорија. Исто така, бидете спремни да им помогнете на оние кои имаат посебни потреби да си најдат место, ако не ги придружува некој кој е одговорен да се грижи за нив.
25 Како да се погрижите за храната на конгресот: Како што знаете, во Наша служба за Царството од февруари 1995, беше соопштено: „Почнувајќи со обласните конгреси за 1995 и со покраинските состаноци и деновите на посебен состанок од септември 1995, нема да се служи храна. Секој сам треба да си донесе храна и пијалоци“. Потоа, додатокот од Наша служба за Царството од февруари 1995, објасни зошто се направени овие промени и даде одлични предлози за тоа како може секој да се погрижи за своето јадење и пиење на конгресот. Би било добро сите да го разгледаат тој додаток, не само самите туку и со своите библиски ученици додека се подготвуваат да присуствуваат на конгресот. Важно е библиските ученици да бидат информирани дека сите што присуствуваат на конгресот треба да си понесат своја храна и пијалоци.
26 Да нагласиме некои мисли, односно добро би било да ги запомните следниве работи за да понесете некои од нив за пладневната пауза: лесни, едноставни и хранливи работи слични на оние што луѓето честопати ги носат на световна работа, како што се сендвичи, сушено овошје, ореви, бадеми, лешници, месени работи и свежо овошје. Од течности може да се земе кафе, газирани пијалоци, овошни сокови или кисела вода, во некршливи шишиња или во термоси. Ако се неопходни мали фрижидери, може да се донесат само доколку ги собере под седиште. Меѓутоа, семејни фрижидери за излети, алкохолни пијалоци или стаклени шишиња не смее да се носат во конгресниот објект. Треба да се избегнува јадење или грицкање за време на програмата. Тоа би покажало непочитување кон духовниот оброк што се сервира.
27 Едно додатно предупредување е дека не смее да се готви во хотелските соби доколку во нив нема чајна кујна со таа намена. Добро е сериозно да се размисли за фактот дека времето што е дадено за пладневна пауза е наменето за да се освежиме малку и за да уживаме во теократското дружење со нашите браќа и сестри. Како Јеховин народ, сфаќаме дека духовната храна на конгресите е од примарна важност во споредба со материјалните работи, па затоа треба да планираме соодветно.
28 На 2 јуни 1995, ќе започне првиот Обласен конгрес „Радосни фалители“. Дали си завршил со своите подготовки и дали си спремен да уживаш во тридневното радосно дружење и во духовно добрите работи? Искрено се молиме Јехова да ги благослови вашите напори да присуствувате на овие летни конгреси заедно со вашите браќа и сестри додека си прикажуваме како да бидеме радосни фалители.
[Рамка на страница 6]
Потсетници за обласен конгрес
Крштевање: Кандидатите за крштевање треба да бидат на своите седишта во предвидениот сектор пред да започне програмата во сабота наутро. Забележано е дека некои носат облека која не е достоинствена и го одвлекува вниманието од самата пригода. Секој кој планира да се крсти, треба да си понесе скромен костим за капење и пешкир. После говорот за крштевање и молитвата на говорникот, претседавачот на тој дел од програмата ќе им даде кратки упатства на кандидатите за крштевање, а потоа ќе ја најави песната. После последната строфа, редарите ќе ги упатат кандидатите за крштевање до местото за крштевање. Бидејќи крштевањето, како симбол на нечие предание, е интимна и лична работа помеѓу поединецот и Јехова, нема подготовка за т.н. заедничко крштевање во кое двајца или повеќе кандидати за крштевање се прегрнуваат или се држат за раце додека се крштеваат.
Значки: Ве молиме, носете ја специјално направената значка за 1995, додека сте на конгресот и додека патувате до и од конгресното место. Тоа честопати ни овозможува да дадеме добро сведоштво додека патуваме. Значките и пластичните фолии за нив треба да ги добиете преку своето собрание бидејќи нема да бидат достапни на конгресот. Не заборавете да ја носите и својата најнова картичка Медицинско упатство/Ослободување од одговорност. Членовите на бетелската фамилија и пионерите треба исто така да ги имаат кај себе своите легитимации.
Сместување: Сите сме замолени да соработуваме на тој начин што ќе го користиме САМО списокот за сместување што е обезбеден од страна на конгресот. Ако ги заобиколуваме подготовките на Заедницата и сами си најдеме хотел кој не е на потврдениот список или платиме повеќе од договорената цена за некој од наведените хотели, во голема мера ја потценуваме напорната работа на нашите браќа кои преговараат со хотелите за поповолни цени. АКО ИМАТЕ ПРОБЛЕМИ СО ХОТЕЛОТ, ве молиме без колебање да му кажете на надгледникот на Одделот за сместување на конгресот за тој да може веднаш да ви помогне во разрешувањето на проблемот. Собраниските секретари треба да се погрижат формуларите Барање за сместување за посебни потреби да бидат благовремено испратени на соодветната конгресна адреса. Ако морате да откажете сместување обезбедено преку уредувањето за посебни потреби, треба веднаш да ги известите и домаќинот на куќата или мотелот и конгресното одделение за сместување за да може собата да се отстапи на друг.
Детски колички и платнени столици: Во многу места, детските колички не можат да се користат на локации за јавни собири. Противпожарните прописи забрануваат да се оставаат во ходници, на патеки или помеѓу редовите. Бидејќи големите навалици можат да создадат застои, детските колички се потенцијална опасност не само за децата туку и за секој кој би се сопнал на нив. Затоа, ве молиме, не носете ги на местото на конгресот. Меѓутоа, дозволени се детски седишта за во автомобил бидејќи тие можат да се прицврстат за седиштата веднаш до родителите. Исто така, ве молиме, не донесувајте платнени столици. И тие се опасни и не се дозволени во големи јавни објекти. Се цени вашата соработка по ова прашање.
Доброволна служба: Можеш ли да одвоиш малку време на конгресот за да помагаш во некое одделение? Служењето за нашите браќа, па макар и само неколку часа, може многу да користи и да причини големо задоволство. Ако можеш да помогнеш, молиме, пријави се во Одделот за доброволна служба на конгресот. Децата што имаат под 16 години, исто така, можат да помогнат ако работат под надзор на своите родители или на некој друг возрасен кој одговара за нив.
Предупредување: Ако сме свесни за потенцијалните проблеми, ќе се поштедиме од непотребни тешкотии. Крадци и други бескрупулозни луѓе честопати ги демнат луѓето кои се далеку од својата домашна средина. Не заборавете да го заклучувате возилото во секое време и никогаш не оставајте нешто уочливо што би навело некого да провали. На крадците и џепчиите им се мета големите собири. Не би било мудро да оставиме нешто вредно на своето седиште. Не можеш да бидеш сигурен дека сите кои се околу тебе се христијани. Зошто да ставаш некого во искушение? Известено е дека некои луѓе однадвор се обиделе да одмамат деца. ДЕЦАТА НЕКА ВИ БИДАТ ПРЕД ОЧИ ВО СЕКОЕ ВРЕМЕ. Кабловската телевизија, која постои во повеќето хотели, често емитува срамотни, порнографски филмови. Бидете свесни за оваа замка и не дозволувајте им на децата без надзор да гледаат ТВ во собата. Ве молиме, не телефонирајте во управата на конгреснитепростории за да барате било какви информации околу конгресот. Ако не можете да ги добиете тие информации од старешините, молиме, пишете до Бетелот за подетални информации.