Обласен конгрес за 1997 — „Вера во Божјата Реч“
1 Апостол Павле го потсетил Тимотеј дека „целото Писмо е од Бога вдахновено“ (2. Тим. 3:16). Со оглед на тоа што Божјата Реч е вдахновена, ние ја имаме секоја причина да практикуваме вера во неа. Темата на овогодишниот обласен конгрес е „Вера во Божјата Реч“. Програмата ќе ја зајакне нашата вера во Библијата, без разлика дали ја знаеме вистината многу години или токму од неодамна сме стапиле во контакт со Јеховината организација. Сите ние треба да уредиме да бидеме присутни на целата програма. Колку само ќе биде изградувачки ако со нас присуствуваат новозаинтересираните лица, особено оние со кои ја проучуваме Библијата!
2 Тридневен конгрес: За овогодишниот обласен конгрес направена е подготовка за тридневна програма во наша корист. Досега си информиран за конгресот на кој е доделено твоето собрание и веќе си направил дефинитивни планови да присуствуваш на програмата сите три дена. Дали си му пристапил на твојот работодавец за да те ослободи за потребното време? Ако имаш деца на школска возраст и твојот конгрес се паѓа за време на школското полугодие, дали љубезно си ги информирал нивните наставници дека твоите деца ќе бидат отсутни во петок заради овој важен дел од нивното религиозно воспитување? (5. Мој. 31:12).
3 Секој ден програмата ќе започнува во 9.30. Вратите ќе бидат отворени во 8.00 часот. Единствените на кои им е дозволено да влезат пред тоа време ќе бидат оние со работни доделби, но ним нема да им биде дозволено да зафаќаат места сѐ додека зградата не биде отворена за сите (Фил. 2:4).
4 Прави добро со тоа што ќе обрнуваш внимание: Апостол Петар ги потсетил христијаните од првиот век дека би правеле добро ако обрнуваат внимание на пророчката реч како на ламба која свети во темно место (2. Петр. 1:19). Истото е случај и со нас. Да се живее во овој стар свет кој е под сатанска контрола е исто како да се биде во темно место. Ние сме благодарни што сме биле повикани од духовната темнина (Кол. 1:13; 1. Петр. 2:9; 1. Јов. 5:19, НС). За да останеме во светлината, треба да ја одржиме нашата вера јака со тоа што ќе обрнуваме внимание на инспирираната Јеховина Реч. Нашиот обласен конгрес летово ќе нѐ охрабри да го правиме токму тоа.
5 Можеби од наша страна ќе се бара напор за да се сконцентрираме на програмата, но сигурно ќе бидеме благословени поради тоа. Треба да настојуваме да дојдеме на местото на конгресот добро одморени за да бидеме будни во текот на програмските делови. Секој ден планирај си доволно време да стигнеш на местото на конгресот за да бидеш на твоето седиште пред да почне програмата. Потоа, придружувај се во уводната песна и молитва на почетокот од програмата секој ден. Возрасните треба да дадат пример, а родителите треба да ги воспитаат своите деца (Ефеш. 6:4).
6 Ако ги погледнеме насловите на предавањата пред да започне програмата за денот, можеме да се обидеме да предвидиме кои точки би можеле да бидат изнесени за време на тој програмски дел. Тоа ќе го зголеми нашиот интерес за материјалот кога ќе се презентира. Можеме да бараме точки кои ќе ни помогнат да им покажеме на другите зошто веруваме во Бог и во неговото сигурно ветување дека ќе ги награди оние кои сесрдно го бараат (Евр. 11:1, 6). Беше препорачано да правиме кратки белешки кои ќе ни помогнат да ги запомниме главните точки од програмата. Ако правиме премногу белешки, можеби ќе испуштиме некои клучни точки поради тоа што сме презафатени со пишување.
7 Минатата година, повторно било забележано како многу возрасни и млади бесцелно се шетале низ ходниците, моткајќи се надвор и разговарајќи со другите додека програмата била во тек, наместо да го слушаат она што ‚верниот и разборит роб‘ го обезбедил во наша корист. Исус ветил дека ќе ни даде духовна храна во право време (Мат. 24:45—47, НС). Затоа, треба да бидеме присутни за да извлечеме корист од таа храна, а не да покажуваме недостиг на ценење (2. Кор. 6:1, НС). Исто така, изгледа дека кога некои деца стануваат немирни, честопати бараат да го користат тоалетот како изговор за да станат и да се шетаат наоколу. Исправното воспитување дома, обично ќе ги направи непотребни честите излети до тоалетот. Понекогаш, постари младинци седат заедно на зафрлени места, разговарајќи, шепотејќи и пренесувајќи си пораки еден на друг. Нашите млади луѓе, кои денес се соочуваат со многу притисоци, треба да се сконцентрираат на материјалот кој се изнесува, а не да прават други работи за време на програмата. Треба да се избегнуваат младешките желби кои не се во склад со библиските начела. (Спореди 2. Тимотеј 2:22.) Внимателноста на сите, како на возрасните така и на младите, ќе му донесе чест на Јехова и ќе го направи радосен.
8 Ако стане неопходно некој од редарите да му даде совет на некого во врска со тоа, тој треба да се прифати како подготовка од Јехова полна со љубов (Гал. 6:1). Сите треба да запомниме дека причината зошто вложуваме напор да присуствуваме на конгресот е да можеме да ‚чуеме и да научиме‘ (5. Мој. 31:12). Исто така, „мудар човек ќе слуша и ќе прими повеќе поука“ (Изр. 1:5, НС). Во времето кое преостанува пред да присуствувате на конгресот, дискутирајте како семејство за потребата да седите заедно во публиката, да останете да седите за време на програмата и будно да внимавате за да извлечете целосна корист од програмата.
9 Украс кој му е угоден на Јехова: Јеховиниот народ е на излог кој го гледа целиот свет (1. Кор. 4:9). Нас обично нѐ забележуваат по нашето добро мерило за облекување и дотерување. Применувањето на библиските начела кои се наоѓаат во 1. Тимотеј 2:9, 10 и во 1. Петрово 3:3, 4 резултирало со големи промени во изгледот на многумина, во споредба со тоа како изгледале кога почнале да се дружат со христијанското собрание. Тоа е во остра спротивност со мерилата за облекување и дотерување кои ги гледаме во светот, кои постојано се изопачуваат. Ние сакаме да се чуваме за да не станеме како светот во однос на нашиот изглед — да носиме бизарна облека, да унапредуваме световни моди во фризурите или, пак, да бидеме нескромно облечени. Нашето примерно облекување и дотерување треба да им помогне на новите кои присуствуваат на конгресот да видат како треба да се украсуваат христијаните.
10 Додека општиот впечаток кој беше оставен како резултат на минатогодишните конгреси е многу поволен, световното облекување и дотерување продолжува да биде проблем кај некои браќа и сестри, особено во слободното време. Додека ги правиме нашите планови да присуствуваме на конгресот, треба да се анализираме себеси во поглед на нашето облекување и дотерување. Родители, мудро проверете што ќе облечат вашите мали деца и тинејџери. Не заборавете дека ние не дозволуваме световните стилови и моди да имаат лошо влијание врз нашиот христијански изглед.
11 Задржи добро однесување: Доброто однесување е обележје на вистинските христијани (1. Петр. 2:12). Нашето поведение каде и да сме — на конгресот, во рестораните и во хотелите, како и кога патуваме — може да даде добро сведоштво и да им помогне на другите да видат што може верата во Бог и во неговата Реч да направи за луѓето. Ова може да поттикне некои да го запознаат Јехова. (Спореди 1. Петрово 3:1, 2.) Ние ја имаме предноста да го величаме Бог преку нашето однесување. Управата на еден хотел во Алабама (САД) рекла дека нашите делегати се „најпријатната и со најдобро поведение група која ја пречекуваат“. Тие додале: „Ќе ни биде привилегија да ве имаме повторно во иднина“. Едно биро за конгреси и посетители во северозападните Соединети Држави, напишало: „Секоја година, целата наша средина со нетрпение ја чека конференцијата на Watchtower Society. Вашите членови се вистинско одушевување; се однесуваат со крајна учтивост и почитување. Нашите фирми го признаваат тоа и секоја година го ценат враќањето на нивното ‚семејство‘ — гостите“. Да се читаат вакви извештаи претставува задоволство, зарем не? Меѓутоа, постои потреба да останеме будни за да можеме да го задржиме добриот глас на Јеховиниот народ.
12 Дадени се многу потсетници да ги контролираме нашите деца, да не им дозволуваме без надзор да трчаат околу хотелите, вознемирувајќи ги притоа другите гости. Секоја година, Заедницата добива извештаи дека некои наши деца не биле надгледувани во и околу базенот или дека биле видени како трчаат по ходниците и на јавните места во хотелите. Еден директор кој останал преку ноќта во својот хотел, бил двапати разбуден после 23.00 часот од групи наши деца кои тропале по сите врати од собите, барајќи други Сведоци. Иако конгресите ни даваат можност да ги посетуваме членовите од нашето братство и да се дружиме со нив, сепак родителите мораат да ја имаат на ум својата обврска да обезбедат надгледување на нивните деца во секое време. Тоа е одговорност која Јехова му ја дава на секој родител (Изр. 1:8; Ефеш. 6:4). Ненадгледуваните постапки на децата можат да го поткопаат добриот глас за кој други Сведоци на Јехова напорно работеле за да го стекнат (Изр. 29:15).
13 Ако некој хотел дава бесплатен појадок за време на престојот, не треба на тоа да гледаш како на прилика да се снабдиш со оброк за ручек. Некои хотели известиле дека извесни наши браќа и сестри се симнувале со пластични ќеси и ги полнеле со овошје, кроасани и ѓевреци за да ги јадат подоцна, оставајќи малку за другите гости. Таквите хотелски погодности се даваат од љубезност кон гостите додека се во хотелот и не смеат да се злоупотребуваат. Земањето повеќе отколку што ќе изедеш за време на појадокот, всушност, би покажувало дух на лакомост, а исто така е и нечесно. Ако се забележи неисправен став кај некои други Сведоци, би било љубезно да бидат потсетени за тоа како треба да постапуваат. Исто така, запомни дека не смее да се готви во хотелските соби ако не се опремени со кујна за таа цел. Ако во својата соба донесеш ладилник, те молиме погрижи се да не капе или да се кондензира и да го оштети теписонот, мебелот или ѕидовите на собата.
14 Имај на ум дека давањето бакшиш е соодветно кога добиваш лична услуга, особено заради тоа што многумина кои ја услужуваат јавноста за да заработат за живеачка, како на пример келнери, келнерки, куќни помошнички и хотелски прислужници, во голема мера зависат од бакшишите. Како Јеховини сведоци, ние сакаме да покажеме добри манири и во тој поглед. (Види Разбудете се! од 22 јуни 1986, страници 24—27 [англ.].)
15 Покривање на конгресните трошоци: Сите ние ќе имаме трошоци во врска со присуствувањето на конгресите. Но, постои и еден друг трошок за кој е добро да размислиме. Објектите кои ги користиме за конгресот се скапи. Постојат и други трошоци за кои мора да се води сметка. Нашите великодушни доброволни прилози на конгресите се многу ценети (Дела 20:35; 2. Кор. 9:7, 11, 13).
16 Седење: И понатаму ќе важат упатствата кои се даваат со години, имено МОЖЕТЕ ДА ЧУВАТЕ МЕСТА САМО ЗА ЧЛЕНОВИТЕ НА ВАШЕТО ПОТЕСНО СЕМЕЈСТВО И ЗА ОНИЕ КОИ МОЖЕБИ ПАТУВААТ СО ВАС ВО ВАШИОТ АВТОМОБИЛ. Добро е да се види дека во последниве години повеќето се повинуваат на овие упатства и тоа ја подигна атмосферата полна со љубов која се покажа на конгресите. На повеќето места некои седишта се попристапни отколку други. Те молиме, покажи обѕир и остави ги попогодните седишта за оние чии околности го бараат тоа.
17 Камери, видеокамери и касетофони: На конгресите можат да се користат камери и опрема за снимање. Меѓутоа, кога ги користиме, не смееме да го одвлекуваме вниманието на другите присутни. Не треба да шетаме наоколу во текот на програмските делови и да сликаме зашто тоа би ги вознемирило другите кои се обидуваат да се сконцентрираат на програмата. Никакви апарати за снимање не смеат да се приклучуваат на електричната или разгласна мрежа ниту, пак, треба оваа опрема да ги блокира патеките меѓу редовите, приодите или видикот на другите.
18 Прва помош: Одделот за Прва помош е само за итни случаи. Тој не може да води сметка за хронично болните. Поради тоа, однапред треба да размислиш за своите и за здравствените потреби на твоето семејство. Те молиме, понеси си свој аспирин, средства за стомачни тегоби, завои, безопасни игли и слични работи, затоа што такво нешто нема да биде достапно на конгресот. Оние кои знаат дека кај нив постои опасност од напади, инсулински шок, срцеви проблеми итн. треба да ги предвидат своите потреби онолку колку што е можно. Тие треба да ги имаат неопходните лекови, а некој член на семејството или на собранието кој ја разбира нивната ситуација треба да биде присутен со нив во секое време за да даде каква и да е потребна помош. На некои конгреси се појавиле проблеми кога поединци со хронични здравствени проблеми биле оставени сами и им се слошило. Конгресната управа морала да стапи во контакт со итните медицински служби за да ги однесат в болница. Ако некои што имаат посебни здравствени потреби немаат членови на семејството кои можат да им помогнат, нивните собраниски старешини треба да бидат известени за ситуацијата и да ги направат неопходните подготовки за да им помогнат. На конгресите нема да се прави подготовка за специјални простории за сместување на оние кои имаат алергии.
19 Храна на конгресот: Како резултат на тоа што на конгресите нема служба за храна, многумина се слободни во текот на сите програмски делови за да се сконцентрираат на духовната храна. Откако е воспоставена оваа подготовка, добиени се извесен број изрази на ценење за ова поедноставување. Сите треба да си планираат да понесат свои практични, хранливи прехранбени продукти за паузата за ручек, како оние што се предложени во додатокот на Наша служба за Царството од мај 1995, пасус 26. Во конгресниот објект не смеат да се носат никакви стаклени садови ниту, пак, алкохолни пијалаци. Ладилниците за храна мораат да бидат доволно мали за да ги собере под твоето седиште. Било забележано како некои во публиката јаделе и пиеле за време на програмата. Да се прави тоа е неучтиво. Онаму каде што во конгресниот објект имало киоск со храна или каде што надвор имало улични продавачи, било забележано како некои браќа купуваат за време на програмата. Таквата пракса е неумесна.
20 Ние навистина ја цениме нашата духовна гозба и опуштената, мирољубива атмосфера на другарување за време на кратките паузи за ручек. Во склад со целта на оваа подготовка, наместо да го напушташ објектот на паузата за ручек за да купуваш храна, те молиме понеси нешто со себе. На тој начин, ќе имаш повеќе време да се радуваш на другарувањето со твоите браќа и сестри.
21 Колку само сме среќни што наскоро ќе почнат Обласните конгреси „Вера во Божјата Реч“! Сите ние сакаме да се увериме дека сме направиле подготовки за да присуствуваме на целата програма така што ќе можеме целосно да се радуваме на убавиот духовен банкет кој за нас го подготвил Јехова преку својата организација. На тој начин ќе станеме ‚целосно опремени за секое добро дело‘ во деновите што претстојат (2. Тим. 3:17, НС).
[Рамка на страница 6]
Потсетници за обласниот конгрес
Крштавање: Кандидатите за крштавање треба да седнат во одредениот сектор пред да започне програмата во сабота наутро. Секој кој планира да се крсти треба да понесе пристоен костим за капење и пешкир. Во минатото, некои носеле облека која не била прикладна и која одвраќала од приликата. Старешините кои со кандидатите за крштавање ги повторуваат прашањата од брошурата Основни библиски науки треба да се погрижат секој од нив да ги разбере овие точки. После говорот за крштавање и молитвата од говорникот, претседавачот на тој програмски дел ќе најави песна. После последната строфа, редарите ќе ги упатат кандидатите кон местото на потопување. Крштавањето, како симбол на нечие предание, е интимна и лична работа меѓу поединецот и Јехова. Затоа, не е прикладно кандидатите меѓусебно да се прегрнуваат или да се држат за раце додека се крштаваат.
Значки: Ве молиме, носете ја значката за 1997 цело време додека сте во конгресниот град и додека патувате до и од него. Тоа честопати создава прилики да дадеме добро сведоштво. Значките и фолиите треба да ги набавиш преку твоето собрание затоа што нема да бидат на располагање на конгресот. Немој да чекаш неколку дена пред конгресот за да побараш значки за тебе и за твоето семејство. Не заборавај да ја понесеш најновата Однапред дадена медицинска директива/ослободување.
Детски колички и столици на расклопување: Во повеќето локации, на места за јавен собир не можат да се користат детски колички. Противпожарните прописи забрануваат да се ставаат во ходници и на патеки или меѓу редовите на седиштата. Бидејќи големите маси народ можат да предизвикаат пренатрупаност, количките се потенцијална опасност како за бебето така и за оној кој би можел да се спрепне од нив. Затоа, ве молиме не носете колички на местото на конгресот. Дозволени се детски седишта за во автомобил, затоа што тие можат да се прицврстат за седиштата до родителите. Ве молиме, не носете столици на расклопување. Тие се опасни и не се дозволени во големи јавни објекти. Вашата соработка е важна и ценета.
Доброволна служба: Можеш ли да одвоиш извесно време на конгресот за да помогнеш во некој од одделите? Служењето на нашите браќа, дури и само за неколку часови, ќе биде многу корисно и донесува големо лично задоволство. Ако можеш да помогнеш, те молиме пријави се во Одделот за доброволна служба на конгресот. Деца под 16-годишна возраст можат, исто така, да дадат добар удел ако работат под водство на еден од родителите или на друго одговорно возрасно лице.
Зборови на предупредување: Биди буден за потенцијалните проблеми за да избегнеш непотребна тешкотија. Честопати крадците и други бескрупулозни поединци ги демнат луѓето кои се далеку од својата домашна средина. Погрижи се твоето возило да биде заклучено во секое време и никогаш не оставај нешто видливо што би искушало некого да провали. Крадците и џепчиите го сосредоточуваат своето внимание на големите собири. Не би било мудро да оставаш некакви вредни работи на твоето седиште. Не можеш да бидеш сигурен дека секој околу тебе е христијанин. Зошто некого да ставаш во искушение? Добиени се извештаи за обиди на некои аутсајдери да намамат деца. ДРЖЕТЕ ГИ СВОИТЕ ДЕЦА ПРЕД ОЧИ ВО СЕКОЕ ВРЕМЕ.
Телевизијата и видео услугите кои се на располагање во многу хотели честопати прикажуваат срамотни, порнографски програми. Биди буден за таа замка и не им дозволувај на децата да имаат ненадгледуван пристап кон телевизорот во собата.