Брошурите — драгоцени алатки за службата
1 Еден искусен занаетчија обично носи голем избор на алатки, секоја обликувана за посебна намена. Како објавители на Царството, имаме голем избор на брошури кои ни помагаат вешто да ги задоволиме духовните потреби на луѓето на кои им проповедаме (Изр. 22:29). На една врата може да сретнеш некого што е депримиран. На друга, станарот копнее по чесна влада, додека некој трет се прашува дали животот има некаква смисла. Како да ги користиме брошурите за да им помогнеме на ваквите луѓе?
2 Кога ја нудиш брошурата „Се грижи ли Бог навистина за нас?“, можеш да речеш отприлика вака:
◼ „Некои луѓе, кои го посматраат страдањето и неправдата во светот, се склони за сѐ да го обвинуваат Бог. Тие мислат дека Бог, бидејќи е семоќен, би им ставил крај на нашите страдања да се грижел вистински за нас. Што мислите вие за тоа? [Дозволи одговор.] Псалм 71:12-14 покажува дека Бог навистина се грижи за нас. Страдањата и неправдата не се по негова вина. Тој ветил дека злосторниците наскоро ќе бидат отстранети. Оваа брошура, Се грижи ли Бог навистина за нас?, покажува што ќе стори тој и како можеме ние да извлечеме корист.“ Можеби со дискусијата ќе можеш да продолжиш со коментарите од 27. стр., пас. 22.
3 Ако ја користиш брошурата „Смисла на животот“, можеби ќе сакаш да започнеш вака:
◼ „Порано или подоцна, скоро секој се прашува која е смислата на животот. Дали треба само да се живее 70 или 80 години, а потоа да се умре, или животот значи многу повеќе? Што мислите вие? [Дозволи одговор.] Овде, во Псалм 36:29, ја гледаме Божјата прекрасна намера за човекот и Земјата.“ Откако ќе го прочиташ стихот, сврти кај илустрацијата на 31. страница и коментирај понатаму како ќе изгледа да се живее во Рај.
4 Брошурата „Гледај!“ може да се воведе така што ќе се покаже целата корица и ќе се праша:
◼ „Што мислите дека е потребно да се направи за Земјата да изгледа вака? [Дозволи коментар.] Секој на оваа слика има дом и пријатна работа. Има мир и изобилство од храна, а Земјата е незагадена. Колку и да се трудат, човечките влади увидуваат дека е невозможно да остварат таков свет. Меѓутоа, Библијата нѐ уверува дека Бог ‚ќе создаде сѐ ново‘. [Сврти на 30. страница и прочитај Откровение 21:3, 4.] Оваа брошура може да ви помогне да дознаете што треба вие да сторите за да живеете во тој нов свет.“ Ако е покажан доволен интерес, сврти на 3. страница и покажи како водиме библиска студија.
5 Овој пристап можеш да го користиш со брошурата „Живот на Земјата“:
◼ „Многу луѓе мислат дека ќе мора да одат на небото за таму да живеат вечно, но што би рекле вие за вечен живот на Земјата? [Дозволи одговор.] Библијата нѐ уверува дека вечниот живот е можен и ни кажува како можеме да ја достигнеме таа цел.“ Прочитај Јован 17:3. Потоа покажи му ја на станарот 49-та илустрација и прашај го: „Би сакале ли да живеете во ваков свет?“ Понуди му ја брошурата и договори се за повторна посета.
6 Брошурите нудат правовремени теми, одговараат на прашањата на луѓето и утешуваат. Со вешто користење на овие алатки, можеме да им помогнеме на искрените „да ја познаат вистината“ (1. Тим. 2:4).