Биди „ревностен кон добри дела“ во текот на април!
1 Минатата пролет беше дадено едно невидено сведоштво кога низ целиот свет беа дистрибуирани милиони примероци од Веста за Царството бр. 34. И собраниските објавители и пионерите ревно учествуваа во ова подбудувачко дело. Дали ти беше еден од нив? Ако да, тогаш сигурно многу се радуваше додека имаше удел во таа значајна кампања. Сега можеби се прашуваш: Кое ‚добро дело‘ нѐ очекува оваа година? (Тит 2:14).
2 Во текот на април и во почетокот на мај, ќе имаме задоволство да дистрибуираме едно посебно издание од списанието Разбудете се!, изданието од 8 мај 1996 година, со тема „Кога повеќе нема да има војни“. Бидејќи оваа тема ќе биде привлечна за многу станари, ќе се трудиме колку што е можно повеќе да ја зголемиме дистрибуцијата на ова списание. Со оглед на важноста на информациите што ги содржи, ова издание на Разбудете се! треба да се нуди во текот на април и во мај, сѐ додека не се потрошат залихите.
3 Наша цел — да учествуваат сите објавители: Навистина би било охрабрувачки кога секој објавител во оваа земја би зел удел во делото на проповедање во текот на април. Додека сѐ уште ни е свеж во мислите Споменот на Христовата смрт, сигурно ќе сакаме да го покажеме нашето ценење за Божјата добрина и да му принесуваме директна „пофална жртва“ во службата на подрачјето (Евр. 13:15).
4 Треба да се вложи вреден напор со цел да се увидат потребите на секој член на собранието за да можат сите да имаат ревно учество во службата во текот на април (Рим. 15:1). Водителите на студија на книга треба да бидат добро запознати со околностите на оние кои се во нивните групи и да понудат практична помош кога е потребно. Дали некому му е потребен превоз? Кој може да го обезбеди? Дали некои се плашливи или срамежливи? Дали поискусните објавители можат да работат заедно со таквите? Што е со оние кои мораат да седат дома или оние што се болни? Можат ли да се ангажираат во сведочењето по телефон, во пишување писма или во некоја друга продуктивна активност?
5 Некои кои станале неактивни, добиле редовно духовно охрабрување и можеби сега се мотивирани повторно да се вклучат во делото на проповедање. Кампањата со посебното Разбудете се! ќе им даде одлична можност повторно да станат активни.
6 Поучи ги младите да земат учество: Многу деца на Јеховини сведоци со години ги придружувале своите родители од куќа до куќа, иако сѐ уште не служат како некрстени објавители. Дали сега е време да започнат? Дали се мотивирани од срце и дали се спремни да имаат значаен удел во делото од куќа до куќа? Семејните поглавари треба да одвојат време во текот на семејната библиска студија за да им помогнат на своите деца кои ги исполнуваат условите, да подготват презентации кои се направени според сечија возраст и способност. Поголемите ќе можат да изберат прашања кои поттикнуваат на размислување, со кои ќе го подбудат интересот на станарот и потоа ќе укажат на одговорот во списанието. Малите деца можат да дадат делотворно сведоштво само со неколку зборови. На пример, можат да го охрабрат станарот да „прочита едно посебно списание што во текот на овој месец се нуди низ целиот свет“. Како дел од подготовката на твоето семејство, погрижи се да вклучиш предлози за надминување на чести приговори. Во книгата Расудување ќе најдеш голем број добри идеи. За време на оброците, како и во други соодветни прилики, охрабри ги членовите на семејството да ги раскажат искуствата што ги доживеале во службата на подрачјето.
7 Оспособените библиски ученици започнуваат со делото што го извршувал Исус: Исус не го ограничил своето поучување само на доктринални теми. Тој ги придружувал своите ученици во службата и ги поучувал како да проповедаат (Лука 8:1; 10:1-11). Каква е ситуацијата денес? Во Македонија се водат повеќе од 400 библиски студии. Без сомнение, со соодветно охрабрување многу од овие ученици ќе можат да го преземат следниот чекор во своето обучување и да ги исполнат условите за да служат како некрстени објавители во текот на април.
8 Ако водиш библиска студија, размисли за овие прашања: Дали ученикот напредува, соодветно на неговата возраст и способност? Дали почнал неформално да ја дели својата вера со другите? Дали ја облекува „новата личност“? (Кол. 3:10, НС). Дали ги исполнува условите за некрстен објавител, кои се изнесени на страници 97-99 од книгата Наша служба? Ако мислиш дека ги исполнува условите, зошто со него не подискутираш за тоа? На некои ученици им е потребен само директен повик да земат удел во делото. Се разбира, ако ученикот е спремен на тоа, најнапред ќе биде потребно претседавачкиот надгледник да ја направи вообичаената подготовка да се разговара со двајца старешини. Од друга страна, пак, можеби нешто го кочи ученикот. Можеби еден од старешините би можел да те придружува на библиската студија и да го поттикне ученикот слободно да каже што чувствува за вистината. Откако ќе го сослуша ученикот, старешината можеби ќе може да даде практични предлози, како и помош од Библијата.
9 ,Откупувај си време‘ за да бидеш помошен пионер: Секоја година во времето на Споменот, благодарноста за откупот поттикнува илјадници луѓе да си ‚откупат‘ време за да бидат помошни пионери (Ефеш. 5:15-17, НС). Иако се потребни извесни жртви, наградите се големи. Еден добар број млади го користат училишниот распуст за да бидат помошни пионери. Возрасните кои работат полно работно време максимално ги користат вечерите и викендите во оваа иста активност. Така, цели семејства заедно учествуваат во помошната пионерска служба! Во некои собранија повеќето старешини и слуги помошници и нивните сопруги се пријавуваат како помошни пионери. Поттикнати од нивниот ревен пример, и другите постапуваат така и голем процент од собранието служат како помошни пионери во април.
10 Без оглед на тоа дали можеш да бидеш помошен пионер или не, барај начини да ја зголемиш својата служба на подрачјето во текот на април. Постави си лична цел за чие исполнување ќе биде потребен напор, но која сепак е достижна. Твојата желба да ‚жртвуваш и да се жртвуваш себе‘ во Јеховината служба, во зависност од твоите лични околности, ќе го има неговиот благослов (2. Кор. 12:15).
11 Состаноци за служба на подрачјето: Состаноците за служба на подрачјето треба да бидат организирани секој ден додека трае кампањата со Разбудете се!, и тоа во време кое ќе овозможи рано да се започне со службата. Треба да се направи подготовка и за вечерно сведочење. Повеќето објавители ќе се ангажираат во службата за време на викендите, па затоа собранијата ќе треба да направат распоред за состаноци за служба на подрачјето во саботите, како наутро така и попладне, сѐ додека трае дистрибуцијата на тоа посебно Разбудете се!
12 Оние што ги водат состаноците за служба на подрачјето треба да се погрижат да има на располагање доволно подрачја. Најнапред треба да се обработи подрачјето кое не било скоро работено. Меѓутоа, без дозвола од Заедницата не треба да се работи некое недоделено подрачје за коешто се грижи таа. Дали имаш едно или повеќе подрачја кои не биле скоро обработени? Ако ти е потребна помош за да ги работиш во текот на кампањата, зборувај со надгледникот за служба или со братот кој се грижи за подрачјата и тие со радост ќе се погрижат да добиеш помош.
13 Колку списанија ќе врачиш? Тоа прашање треба да си го одговори секој за себе. При одлучувањето колку списанија ќе можеш да врачиш во текот на кампањата, земи го во обѕир видот на подрачјето што ќе го работиш, твојата возраст, здравјето, времето што ќе можеш да го посветиш во делото и други фактори. Меѓутоа, забележи го потсетувањето што беше дадено во изданието на Стражарска кула од 1 јануари 1994 година: „Како предлог, објавителите можат да си постават за цел, да речеме, 10 списанија на месец, зависно од нивните околности; пионерите би можеле да се стремат кон 90“. Дали и во твојот случај би била реална една слична цел?
14 Старешини — потребно е внимателно планирање: Погрижете се, доколку тоа е можно, сите собраниски подрачја да бидат обработени со посебното издание на Разбудете се! Треба да се посвети посебно внимание за да се обработи секое деловно подрачје што му е доделено на собранието. Оние што го обработуваат треба да бидат добро подготвени и уредно облечени. Не е потребна некоја комплицирана презентација. Кога ќе му пристапиш на некој деловен човек, можеш да речеш дека не ги среќаваш често дома деловните луѓе, па затоа си навратил на неговото работно место за да му презентираш една статија што сигурно ќе го интересира. Тогаш можеш накратко да споделиш некоја специфична мисла од списанието. Сведочењето на улица со списанија треба исто така да биде исправно организирано во склоп на подрачјето на собранието. Најделотворен начин да се учествува во службата на улица е да преземеш иницијатива ти да им пристапуваш на минувачите наместо да чекаш тие да ти пристапат тебе. Бидејќи ќе бидеш во очите на јавноста, треба да бидеш свесен дека треба да изгледаш достоинствено. Можеби има и други места на твоето подрачје кои би можеле да бидат обработени за време на кампањата, како што се аеродромите, болниците, паркиралиштата, парковите и старските домови. Старешинството треба да одреди кои соодветни подготовки можат да се направат за да се сведочи на овие места доколку спаѓаат во подрачјето на твоето собрание.
15 Јехова е неуморен работник (Јован 5:17). Тој ги создал небото и Земјата, како и растенијата и животните; но тој продолжил да работи сѐ додека не ја создал најзначајната творба на Земјата — човекот. Фактот што поседуваме живот е директен резултат на Божјата готовност да работи. Како „имитатори на Бог“, од нашата љубов спрема него ние треба да сме мотивирани да бидеме ‚ревносни кон добри дела‘ (Ефеш. 5:1, НС; Тит 2:14). Бидејќи Јехова е достоен да ги добие нашите најдобри напори и бидејќи желбата да се постигнат резултати е карактеристична за оној што е ревен, ние треба да бидеме заинтересирани да работиме квалитетно во службата. Се разбира, Јехова ја цени секоја жртва што ја правиме за него и нашата работа никогаш не е напразна (1. Кор. 15:58). Затоа, со благодарност во срцата, да се посветиме на ревна активност во текот на април, убедени во Јеховиното одобрување, благослов и богат успех!