Можеме ли да го направиме април 2000 наш најдобар месец досега?
1 Среда навечер, 19 април, ќе биде врвна точка на нашата службена година. Тој ден, додека сонцето постепено ќе заоѓа над целата Земја, сите собранија и групи на Јеховините сведоци ширум светот ќе го одржат Меморијалот на Христовата смрт. Сеедно во која часовна зона живееме, комеморацијата на жртвата на Исус Христос ќе биде најзначаен настан во годината. Датумот на Меморијалот е означен во месецот април на „Календарот на Јеховините сведоци за 2000“.
2 Целиот месец април ни дава прекрасна прилика од сѐ срце да го покажеме нашето ценење за Јеховината незаслужена љубезност која е изразена во жртвата на неговиот Син. На кој начин? Апостол Павле напишал: „Љубовта Христова нѐ гони да размислуваме за ова дека, кога еден умрел за сите, тогаш сите се умрени. А Христос умре за сите, та живите да живеат не веќе за себеси, а за Оној, Кој умре за нив и воскресна“ (2. Кор. 5:14, 15). Да, во текот на април можеме да покажеме дека живееме не за себеси туку за оној што умрел за нас, со тоа што ќе го направиме овој месец наш најдобар месец досега како слуги на Царството!
3 Пријави се за помошен пионер во април: Апостол Павле ни дал поттикнувачки пример кога рекол: „Јас не се грижам за ништо, ниту, пак, ми е мил животот, стига само со радост да ги завршам патот и службата, што ја примив од Господа Исуса, да го проповедам Евангелието на Божјата благодат“ (Дела 20:24). Ја имаме истата предност да даваме темелно сведоштво за Јехова Бог. За таа цел, би сакале да го направиме април наш најдобар месец досега во активноста на помошна пионерска служба!
4 Со цели пет викенди, април 2000 ќе биде одличен месец за да можат многумина да пионерат. Во април 1992, 84 објавители учествуваа во помошната пионерска служба и тоа претставуваше 25 проценти од вкупниот број објавители во тоа време. По седум години, вкупниот број објавители кои дадоа извештај во април 1999 се зголеми за повеќе од 250 проценти. Тоа значи дека имаме огромен потенцијал да го надминеме претходниот највисок број помошни пионери. Освен тоа, оттогаш барањето на часови се намали и оваа гранка на службата е достапна за многу повеќе лица од собранието. Секој крстен објавител треба молитвено да размисли дали може да биде помошен пионер во април.
5 Користејќи го месецот април на Календарот за 2000, уште сега испланирај го својот распоред за следниот месец. Одлучи кои денови ќе можеш да учествуваш во службата на теренот и собери ги сите часови што мислиш дека ќе можеш да ги посветиш на проповедничката активност во текот на месецот. Вклучи го и времето што можеш да го поминеш за да им сведочиш на другите формално и неформално. Дали вкупниот збир изнесува приближно 50 часа кои се потребни за помошните пионери? Ако ти фалат часови, можеш ли да направиш други измени во твојот распоред за да откупиш време да бидеш помошен пионер? Секој ден ќе ти треба просечно само еден час и 40 минути за да дојдеш до 50 часа во месецот.
6 Бидејќи сега барањето на часови е намалено и за општите пионери, дали си размислувал да започнеш со полновремена служба? Зошто да чекаш да започнеш летото? Бидејќи зимата помина, април би бил добар месец за да почнеш! Ако не си сигурен дали можеш да го исполниш барањето од 70 часа за општите пионери, тогаш биди помошен пионер во април и постави си цел од 70 часа. Штом ќе видиш дека можеш да ги постигнеш, ќе бидеш посклон да поднесеш молба да се придружиш на редовите на општите пионери колку што е можно поскоро. (Види Наша служба, страници 113, 114.)
7 Имај целосно учество како објавител на добрата вест: Сите нас, и објавители и пионери, нашата искрена љубов кон Бог и кон ближниот нѐ поттикнува од сѐ срце да правиме сѐ што можеме во Јеховината служба според нашите лични околности (Лука 10:27). Со тоа ќе покажеме дека „се трудиме и укори трпиме, оти се надеваме на живиот Бог, Кој е Спасител на сите луѓе, а посебно на верните“ (1. Тим. 4:10). Затоа треба да очекуваме да видиме 100-процентно учество во април, кога секој ќе има целосно учество во делото за Царството.
8 Да не ја заборавиме Исусовата опомена: „Жетвата е голема, а работници малку; затоа помолете Го Господарот на жетвата да испрати работници на Својата жетва“. Веднаш откако го рекол тоа, Исус ги собрал своите 12 апостоли и ги испратил да проповедаат (Мат. 9:37, 38; 10:1, 5, 7). Отприлика после една година, откако 12-темина биле добро обучени за проповедничката активност, Исус ‚избрал и други седумдесет ученици и ги испратил пред Себе‘, давајќи им ги истите упатства: „Жетвата е голема . . . затоа молете Го Господарот од жетвата да испрати работници на жетвата Своја“ (Лука 10:1, 2). Библиската книга Дела известува на кој начин Јехова одговорил на тие молитви. На Пентекост 33 н.е., бројот на учениците пораснал на 120. Потоа биле постигнати последователни највисоки броеви од 3.000 и 5.000 ученици (Дела 1:15; 2:41; 4:4). Потоа, ‚бројот на учениците во Ерусалим се зголемувал‘ (Дела 6:7). На сличен начин, и во денешно време мора да го молиме Господарот за уште повеќе проповедници на Царството! Во склад со нашите молитви, секој собраниски објавител треба да направи дефинитивни подготовки за да учествува во службата секој месец.
9 Те молиме, уште еднаш разгледај го Календарот за 2000. Бидејќи првите два дена од месецот се сабота и недела, можеш ли да направиш планови за да учествуваш во службата тој викенд, почнувајќи рано во месецот? Можеш ли да го поддржуваш секој „Ден за списанија“ во текот на месецот заедно со твојата група за Собраниска студија на книга? Како би било да поминеш во службата еден или повеќе часови секоја недела? Благодарение на летното сметање на времето, денот ќе трае подолго. Можеш ли да направиш подготовки да учествуваш во вечерното сведочење? И не заборавај да ги искористиш сите прилики што ги имаш за да сведочиш неформално на работа, на училиште или додека ги извршуваш другите секојдневни активности. Означи кои денови можеш да поминеш некое време во службата и користи го календарот за да ја забележуваш службата тој месец.
10 Април ќе биде погодно време за сите оние кои се квалификувани и на кои старешините им одобриле да започнат да служат како некрстени објавители. Ако ја проучуваш Библијата со некого, дали тој доволно напредувал за да му пристапи на претседавачкиот надгледник и да го замоли да биде сметан за објавител на добрата вест? Ако имаш некрстени деца, дали со старешините си разговарал за нивниот духовен напредок? Зарем сега не би било добро време да станат објавители? (Види Наша служба, страници 97—99.)
11 Во нашето настојување да го направиме април 2000 наш најдобар месец досега, сите треба да учествуваме во службата и да го предадеме нашиот извештај за служба на крајот на месецот. (Спореди Марко 6:30.) Новите некрстени објавители кои прв пат учествуваат во службата на теренот, треба да бидат охрабрени навреме да ја известуваат својата активност. Ако го правиме нашиот дел, можеме многу да придонесеме за априлскиот извештај и за големиот извик на фалба што ќе му се даде на Јехова преку нашите напори за сведочење.
12 Доведи и други на Меморијалот: Зарем нема да бидеме восхитени кога ќе видиме нов највисок број присутни на Меморијалот на Христовата смрт за 2000? Да! Тоа ќе значи дека повеќе луѓе од кога и да е порано се собрале за да го покажат своето ценење за најголемиот израз на љубов што Јехова Бог и Исус Христос го направиле во наша корист! (Јован 3:16; 15:13). Направи ги сите подготовки што се потребни за да не те спречи ништо тебе и твоето семејство да присуствувате на Меморијалот.
13 Сега е време за да почнеш да каниш и други на Меморијалот. Направи список на сите што би сакал да ги видиш меѓу присутните. Вклучи го секого што ја проучувал Библијата во минатото, оние што проучуваат сега и сите твои повторни посети. На списокот додај ги познаниците од твоето работно место, од училиште и од соседството, како и сите со кои имаш деловни врски. Не заборавај да ги вклучиш и другите познаници и твоите роднини. Откако ќе го составиш списокот, почни искрено и лично да го каниш секого. Јасно кажи кога и каде ќе се одржи Меморијалот. Кога ќе наближи 19 април, лично или по телефон потсети ги оние што се на списокот. Понуди им да ги придружуваш таа вечер на Меморијалот.
14 Во склад со претходното упатство од Заедницата, старешинските тела ќе вложуваат посебен напор за да ги охрабрат сите неактивни објавители на подрачјето да присуствуваат на Меморијалот (Мат. 18:12—14). Старешините ќе сакаат да го разгледаат писмото од Заедницата од 2 февруари 1999. Собранискиот секретар треба да направи список на сите неактивни објавители, а надгледникот за служба ќе назначи старешини кои ќе ги посетат и ќе ги поканат на Меморијалот. Ако добијат охрабрувачка пастирска посета колку што е можно поскоро, можеби на овие неактивни може да им се помогне повторно да станат активни во службата на теренот, па дури и во текот на април. За нив ќе биде изградувачки да бидат поканети да учествуваат со некој искусен објавител во службата на теренот.
15 Охрабри на добра поддршка во април! Ќе биде потребна добра координираност од страна на сите старешини, слуги помошници и семејни поглавари за да го направиме април 2000 наш најдобар месец досега. Старешините ќе бидат трудољубиви во доброто организирање на сѐ и во преземањето водство (Евр. 13:7). Треба да се направат практични подготовки за состаноците за служба на теренот во текот на неделата и на викендите. Може да се организираат дополнителни состаноци за служба за активност доцна попладне или рано навечер. На огласната табла треба да се постави целосен распоред на сѐ што е планирано за април. Ќе треба да се назначи некој да го одржува секој состанок за служба. Треба да се обезбедат доволно подрачја за да има за потребите на секоја група.
16 Во текот на април ќе се нудат списанијата Стражарска кула и Разбудете се! Во обидот да се започнат домашни библиски студии, на сите што покажуваат интерес ќе им се нуди брошурата Бара. Значи, треба да се обезбеди голема резерва списанија и брошури.
17 На крајот на месецот, сите водители на студија на книга и нивните помошници ќе сакаат да ги охрабрат сите во нивната група да го предадат извештајот за служба веднаш откако ќе заврши месецот. Можеби ова ќе може да се направи уште во недела, 30 април. Потоа, кога секретарот ќе ги изброи извештаите, ако забележи дека некои објавители не го предале својот извештај, љубезно може да ги потсети да го направат тоа пред 6 мај, кога до Заедницата мора да го достави собранискиот извештај. Може да побара од водителите на студија на книга да му помогнат да стапи во контакт со поединечни објавители.
18 Времето на Меморијалот е најважниот период од годината за Божјиот народ. Сите ние треба да бидеме многу зафатени во Јеховината служба. Ќе биде така ако секој учествува колку што е можно поцелосно како објавител на добрата вест, ако оние што можат да се пријават во помошна пионерска служба го направат тоа и ако сме трудољубиви за да ги доведеме и другите на Меморијалот на Христовата смрт. Искрено да се молиме за богат благослов од Јехова додека настојуваме да го направиме април 2000 наш најдобар месец досега, на Божја фалба и слава! (Евр. 13:15).
[Рамка на страница 3]
Помошни пионери
Највисок број: 126
(мај 1999)
[Рамка на страница 4]
Вкупно објавители
Највисок број: 960
(август 1999)
[Рамка на страница 5]
Присутни на Меморијалот
Највисок број: 2.621
(1998)