Април — време ,напорно да работиме и да се напрегаме‘
1 За Јеховиниот народ, седмиците околу Меморијалот се време за размислување. Ова е време длабоко да размислуваме за она што е постигнато со Христовата смрт и за надежта што ни ја дал Бог а ни е овозможена преку Исусовата пролеана крв. Кога ќе помислиш на 19 април минатата година, што ти доаѓа на ум? Можеш ли да се сетиш на лицата што ги виде таа пролетна вечер? На богатата, духовна атмосфера на Меморијалот? На сериозната библиска дискусија и срдечните молитви? Можеби си решил поцелосно да ја покажеш длабочината на твојата благодарност за љубовта што ја покажале кон тебе Јехова и Исус. Како влијае врз тебе сега таквото размислување?
2 Разбирливо е дека Јеховиниот народ изразува благодарност која не останува само на зборови (Кол. 3:15, 17). Особено минатиот април се потрудивме да го покажеме нашето ценење за Јеховините подготовки за спасение со тоа што се трошевме во христијанската служба. Бројот на помошни пионери го надмина претходниот највисок број во Македонија за 48 проценти. Нивните напори, како и напорите на сите други објавители на Царството, доведоа до нов највисок број на часови, врачени списанија и повторни посети. Нашата радост се зголеми кога видовме многу нови библиски студии и нов највисок број присутни на Меморијалот!
3 Навистина, увереноста во нашата надеж нѐ поттикнува на акција. Она што го напишал апостол Павле е сосема точно: „За таа цел напорно работиме и се напрегаме, зашто нашата надеж ја положивме во жив Бог кој е Спасител на сите видови луѓе, особено на верните“ (1. Тим. 4:10).
4 Како ќе ја покажеш својата вера во Јеховините подготовки за живот додека трае оваа сезона на Меморијалот? Минатиот април го имавме вториот досега највисок број објавители на Царството во Македонија. Можеме ли да го надминеме тој број овој април? Ова е сосема достижна цел. Но, ќе треба да учествува секој објавител, крстен и некрстен. Можеби и многу нови ќе се квалификуваат за тоа. Затоа, додека правиш планови напорно да работиш и да се напрегаш овој април, разгледај некои начини на кои можеш да ги поттикнеш и другите да ти се придружат, вклучувајќи ги и поновите и понеискусните.
5 Да им се помогне на некои повторно да станат активни: Ако познаваш некого кој не бил во службата на теренот месец или два, можеби би можел да го охрабриш и да го повикаш да ти се придружи во службата. Ако некои од собранието станале неактивни, старешините ќе вложат посебни напори да ги посетат и да ги охрабрат повторно да започнат со службата во април.
6 Сите ние мораме постојано да бараме Јеховин дух за да нѐ зајакне во неговата служба (Лука 11:13). Што мораме да правиме за да го добиеме овој дух? Да ја читаме Божјата инспирирана реч (2. Тим. 3:16, 17). Исто така, мора ‚да чуеме што им вели духот на собранијата‘ со тоа што ќе присуствуваме на сите пет седмични состаноци (Откр. 3:6). Сега е поволно време да им помогнеме на нередовните и на неактивните да ги подобрат своите навики на проучување и да станат редовни во присуството на состаноците (Псал. 50:23). Ова го правиме додека истовремено будно се грижиме и за нашата сопствена духовна благосостојба. Сепак, потребно е уште нешто.
7 Апостол Петар објаснил дека Бог им дава свет дух на „оние кои му се послушни како на владетел“ (Дела 5:32). Таквата послушност вклучува да се следи заповедта „да му проповедаме на народот и да дадеме темелно сведоштво“ (Дела 1:8; 10:42). Затоа, иако е точно тоа дека ни треба Божјиот дух за да нѐ зајакне да проповедаме, точно е и тоа дека, кога ќе почнеме да ја покажуваме нашата желба да му угодуваме на Јехова, тој ќе ни помага уште повеќе. Никогаш да не ја потцениме важноста на преземањето на овие почетни чекори на спремна послушност!
8 Да им помогнеме на младите: Родители, дали некогаш сте виделе доказ дека вашите деца сакаат да зборуваат со другите за вистината? Дали ве придружувале во службата на теренот? Дали се однесуваат примерно? Ако да, тогаш зошто да се колебате? Обрати му се на некој од членовите на Службениот оддел на собранието и види дали твоето дете е квалификувано да се вброи во објавителите во април. (Види ја книгата Наша служба, страници 99 и 100.) Сфати дека твоите деца можат да придонесат кон извикот на фалба за Јехова во оваа сезона на Меморијалот (Мат. 21:15, 16).
9 Една христијанска мајка од Џорџија (САД), секогаш ја охрабрувала својата ќеркичка да им зборува на другите за Јехова. Минатата година, додека девојчето било во служба со мајка си, му ја дало брошурата Бара на некој човек и накратко му ја објаснило содржината. Тој го прашал: „Колку години имаш?“ Девојчето рекло: „Седум“. Човекот се изненадил кога видел дека тоа изнело толку смисловна презентација. Тој човек израснал знаејќи за вистината, но никогаш не ја сфатил сериозно како начин на живот. Наскоро била започната библиска студија со тој човек, неговата сопруга и неговата ќерка.
10 Голем број млади веќе се објавители и ние уживаме во нивното друштво додека работат заедно со нас во службата. Овие млади можат да ги мотивираат и да ги охрабрат другите кои се на нивна возраст. Но, април е погодно време и за поединечни семејства да ги зајакнат своите врски и да изградат духовност преку заедничко учество во светата служба. Семејните поглавари треба да предводат во тоа (Посл. 24:27).
11 Да им помогнеме на новите: Што е со новите со кои ја проучуваш Библијата? Можат ли и тие да придонесат кон посебните напори што се вложуваат овој април? Можеби изразиле желба да им го кажуваат на другите она што го учеле откако сте го обработиле 2. поглавје, 22. пасус или 11. поглавје, 14. пасус од книгата Спознание. Ако сте при крај со книгата, подготви се отворено да разговараш за ова кога ќе го обработите 18. поглавје, 8. пасус, каде што стои: „Веројатно си желен да им кажеш на своите роднини, пријатели и на другите што учиш. Всушност, ти можеби веќе го правиш тоа, исто како што Исус ја споделувал добрата вест со другите во неформални ситуации (Лука 10:38, 39; Јован 4:6—15). Можеби сега сакаш да правиш и повеќе“. Дали ова е случај и со оние со кои проучуваш ти?
12 Дали твојот студент верува во Божјата реч? Дали ги применува библиските начела? Дали го довел својот живот во склад со божествените мерила? Дали присуствува на собраниските состаноци? Дали сака да му служи на Јехова Бог? Тогаш, зошто не го охрабриш да разговара со старешините за да можат да утврдат дали се квалификува да стане некрстен објавител и да работи заедно со тебе во април? (Види ја книгата Наша служба, страници 97—99.) На овој начин може да почне лично да искусува како Јеховината организација ќе го поддржува во неговите напори да му служи на Јехова.
13 Точно, некои студенти напредуваат побрзо од другите. Затоа, во склад со упатството што беше дадено во Наша служба за Царството од јуни 2000, 4. страница, пасуси 5 и 6, многумина проучуваа и втора книга со луѓето кои на почетокот покажале интерес но им требала додатна помош за активно да се поврзат со собранието. Никогаш не престануваме да негуваме надеж дека овие луѓе со искрени срца „порано или подоцна“ ќе станат искрени Христови ученици (Дела 26:29). Сепак, ако бројот на месеци што си проучувал со нив може најдобро да се опише како „долго време“, може ли оваа сезона на Меморијалот да биде добра прилика за твојот студент да почне да ја покажува длабочината на своето ценење за Христовата откупнина?
14 Како да им помогнеме да учествуваат: Многу учиме за тоа како да помогнеме да започнат со службата оние кои се квалификуваат разгледувајќи како Исус ги обучувал другите. Немал обичај само да наиде на некое мноштво и да им рече на апостолите да почнат да зборуваат. Прво ја нагласил потребата од проповедничкото дело, охрабрил на молитвен став и потоа им дал три главни подготовки: партнер, доделено подрачје и порака (Мат. 9:35—38; 10:5—7; Мар. 6:7; Лука 9:2, 6). И ти можеш да го правиш истото. Без оглед на тоа дали ќе му помагаш на своето дете, на некој нов студент или на некој кој извесно време не бил активен, би било на место да вложуваш посебни напори за да ги постигнеш следниве цели.
15 Истакни ја потребата: Врежи ја кај лицето важноста на проповедничкото дело. Биди радосен. Раскажи некои искуства кои покажуваат што постигнува собранието во службата. Покажувај го духот што го покажал и Исус во Матеј 9:36—38. Охрабри го идниот објавител или неактивен да се моли за свое лично учество во службата, како и за успех на делото во целиот свет.
16 Охрабри го да размислува за многуте прилики за сведочење: Спомни му за можноста да се оди на состанокот за служба од куќа до куќа со групата за студија на книга. Зборувај за тоа дека може да се разговара со роднините и познаниците или со колегите или соучениците за време на паузите. Кога се патува со средствата за јавен превоз, може да се започне разговор едноставно ако се покаже личен интерес за сопатниците. Кога ќе преземеме таква иницијатива, тоа честопати отвора прилика да дадеме добро сведоштво. Навистина, има многу прилики да ја споделуваме нашата надеж со другите „од ден на ден“ (Псал. 96:2, 3).
17 Но, веројатно би било подобро ти и новиот објавител заедно да одите од куќа до куќа колку што е можно поскоро. Ако си поставил цел да ја зголемиш службата во текот на април, прашај го слугата за подрачја дали има на располагање погодно подрачје. Ако има, ова ќе ти даде прилики темелно да го обработиш. На пример, кога завршуваш со службата или кога патуваш за да појдеш на состаноците или на други места, можеби ќе забележиш дека има некој дома на некое место каде што претходно не си нашол никого или каде што бил покажан интерес. Ако е соодветно, направи кратка посета во време кога тоа ќе биде најефикасно. Ова, пак, ќе придонесе да се чувствуваш успешен и радосен во службата.
18 Подготви привлечна порака: Едно е некој да сака да ја пренесува пораката за Царството, но сосема друга работа е да се чувствува сигурен во поглед на начинот на кој ја пренел, особено ако е нов или ако долго време не бил во служба. Да им се помогне на новите или на неактивните да се подготват е време кое е добро искористено. На Состаноците за служба и на состаноците за служба на теренот можат да се чујат некои корисни идеи, но ништо не може да ја замени личната подготовка.
19 Како можеш да им помогнеш на новите да се подготват за служба? Почни со презентација на понуда на списанија и таа нека биде едноставна и кратка! Поттикни ги да размислат за некои настани на вестите кои би ги интересирале луѓето на подрачјето и најди некоја мисла во едно од најновите списанија која е поврзана со тоа. Заедно вежбајте ја презентацијата и употребете ја во службата колку што е можно поскоро.
20 Да го развиеме нашиот потенцијал за иден раст: Минатата година, во целиот свет имаше повеќе од 14,8 милиони присутни на Меморијалот. Бројот на оние кои известуваа како објавители беше нешто повисок од шест милиони. Ова значи дека околу 8,8 милиони луѓе имале значителен интерес за да дојдат на оваа специјална програма каде што слушнаа како беше објаснета една од главните библиски науки. Се запознаа со некои од нас лично и веројатно тоа им остави поволен впечаток. Многумина од нив поволно зборуваат за нас, даваат прилози за нашето светско дело и нѐ бранат пред другите. Оваа голема група претставува потенцијал за иден раст. Што можеме да направиме за да им помогнеме да напредуваат и понатаму?
21 Повеќето од новите присуствуваат на Меморијалот бидејќи добиле лична покана од некој од нас. Обично ова значи дека познаваат барем едно лице од присутните. Ако некој присуствува затоа што сме го поканиле, имаме одговорност да му изразиме добредојде и да му помогнеме да извлече целосна корист од програмата. Бидејќи салата ќе биде преполна, помогни му да најде место. Позајми му Библија и покани го да пее од твојата песнарка. Одговори му на прашањата што ќе ги постави. Срдечното внимание што ќе му го посветиш нему лично може да биде важен фактор во негувањето на интересот. Се разбира, сите ние ја имаме истата одговорност — ако видиме некое непознато лице, да му изразиме срдечно добредојде и кратко да поразговараме со него за да се запознаеме.
22 Присуството на Меморијалот може вистински да влијае врз нечие размислување. Тоа што дошол на состанокот може да покажува дека не го пронашол на друго место она што го барал и дека ние му нудиме нешто за кое тој има потреба подобро да го испита. Објаснувањето на прекрасната подготовка за откупнина може да биде едно длабоко откровение за некое лице кое не знае за Јеховината безгранична љубов. Можеби веднаш ќе увиди дека сме поинакви — искрени, пријателски настроени, полни со љубов и со почит. Нашата сала нема никаква сличност со она што можеби го виделе во црквите каде што има икони и бесмислени ритуали. Новите сигурно ќе забележат дека меѓу присутните има луѓе од сите сталежи и дека не се изнудуваат прилози. Ова може да им даде силен поттик да дојдат повторно.
23 Откако ќе заврши Меморијалот, некој треба да биде подготвен да му укаже натамошна помош на секој нов што бил присутен. Ако ти си поканил некои од новите, тогаш ти имаш посебна одговорност. Пред да си заминат, провери дали знаат за другите состаноци во Салата на Царството. Спомни го насловот на следното јавно предавање. Нека го знаат местото и времето на Собраниската студија на книга која е најблизу до нивниот дом. Подоцна, набави им примерок од книгата Творец и кажи им дека дискусијата во седмицата од 30 април е „Што можеш да научиш за Творецот од една книга?“ Објасни зошто целото собрание планира да присуствува на обласниот конгрес кој ќе се одржи во блиска иднина.
24 Договори се да направиш срдечна посета во нивниот дом. Погрижи се да имаат примерок од брошурата Бара и од книгата Спознание, кои ќе ги запознаат со темелните библиски науки. Ако сѐ уште не проучуваат, понуди им библиска студија. Предложи им да ја прочитаат брошурата Јеховините сведоци, која дава една јасна слика за тоа како функционираме како организација. Покани ги да ги гледаат нашите видеокасети, како што се касетата Our Whole Association of Brothers (Целата наша заедница од браќа). Направи подготовки да се запознаат и со другите од собранието. Во текот на претстојните месеци продолжи да контактираш со новите; покани ги да присуствуваат на состаноците кога ќе има посета на покраинскиот надгледник или кога ќе има покраински собир или ден на специјален собир. Дај им прилика да покажат дека се „исправно наклонети кон вечниот живот“! (Дела 13:48).
25 Што можат да направат старешините: Успехот на засилените напори во службата овој април во голема мера ќе зависи и од старешините. Ако си водител на студија на книга, направи список на она што можеш да го направиш за да им помогнеш на сите во твојата група за студија на книга да учествуваат во посебните активности. Дали во твојата група се доделени некои кои се млади, нови, нередовни или неактивни? Провери дали родителите, пионерите или другите објавители презеле иницијатива да им помогнат. Дај ја личната помош што можеш да ја понудиш. Една сестра која две години била нередовна во службата на теренот, минатиот април поминала повеќе од 50 часа во службата. Што ги изменило работите? Рекла дека тоа биле изградувачките пастирски посети што ги правеле старешините.
26 Старешините и слугите помошници треба да соработуваат за да се погрижат да има доволно подрачја, списанија и литература за претстојниот месец. Можат ли да се договорат дополнителни состаноци за служба на теренот? Ако да, објави ги посебните подготовки. Над сѐ, во твоите јавни и лични молитви барај Јехова да го благослови нашиот месец на зголемена активност за Царството (Рим. 15:30, 31; 2. Сол. 3:1).
27 Минатиот април, во едно собрание во Северна Каролина, старешините навистина охрабриле на зголемена активност во службата. На секој седмичен состанок, тие ги повикувале објавителите во молитва да размислат дали можат да се пријават за помошни пионери. Во секоја прилика, сите кои имале некакво наименување воодушевено зборувале за тоа да го направат април најдобар месец дотогаш. Како резултат на тоа, 58 проценти од објавителите, вклучувајќи ги и сите старешини и слуги помошници, тој месец биле во пионерската служба!
28 Радоста кога се има целосно учество: Кои се благословите од тоа што „напорно работиме и се напрегаме“ во службата? (1. Тим. 4:10). Во врска со ревносната активност на нивното собрание минатиот април, претходно спомнатите старешини напишале: „Браќата и сестрите честопати зборуваат за тоа колку поголема љубов и блискост чувствуваат еден кон друг откако почнале повеќе да одат во службата на теренот“.
29 Еден млад брат кој не бил сосема подвижен, копнеел да има удел во посебната активност минатиот април. Со грижливо планирање и со помош на мајка му и на духовните браќа и сестри, тој уживал во продуктивен месец како помошен пионер. Што мисли за ова искуство? Тој рекол: „Првпат во мојот живот се почувствував како крепок човек“.
30 Нема сомневање дека Јехова богато ги благословува оние кои имаат високо ценење за предноста да зборуваат за неговото царување (Псал. 145:11, 2). Додека ја одбележуваме смртта на нашиот Господ, сфаќаме дека благословите заради нашата побожна оддаденост ќе бидат уште поизобилни во иднина. Апостол Павле желно копнеел по наградата вечен живот. Сепак, тој знаел дека таа не е нешто за кое можел само да си седи мирен и да се надева. Тој напишал: „За таа цел навистина напорно работам, напрегајќи се во склад со неговото дејствување кое силно дејствува во мене“ (Кол. 1:29). Јехова, преку Исус, го зајакнал Павле да изврши една животоспасувачка служба, а тоа може да го направи и за нас денес. Дали и ти ќе го доживееш тоа овој април?
[Рамка на страница 3]
Кого можеш ти да го охрабриш да биде објавител во април?
Твоето дете?
Библиски студент?
Некој кој станал неактивен?