Дали си презафатен?
1 Павле советувал ‚секогаш да бидеме изобилно вработени во делото Господово‘ (1. Кор. 15:58, НС). Поттикнати сме да задржиме секојдневна рутина за лична студија, редовно да учествуваме во службата, верно да ги посетуваме состаноците и марливо да се грижиме за собраниските задачи. Освен ова, мора да им помагаме и на другите, на кои им е потребна нашата помош. Имајќи толку многу што треба да се стори, понекогаш може да се чувствуваме затрупани, мислејќи дека треба да бараме начин да го намалиме нашиот работен товар.
2 Постојат ситуации во кои може да биде и мудро и разумно да елиминираме одредени активности или да го намалиме нивното времетраење. Некои поединци мислат дека од нив се очекува да направат сѐ што другите бараат од нив. Недостатокот на рамнотежа во овој поглед може да предизвика притисок и стрес кој на крајот може да стане разорен.
3 Биди урамнотежен: Клучот за рамнотежа лежи во применувањето на Павловиот совет да ‚се увериме во поважните работи‘ (Фил. 1:10, НС). Тоа едноставно значи да се концентрираме на работите кои навистина се важни, а ако дозволуваат времето и околностите, да се погрижиме за некои работи од помала важност. Семејните обврски сигурно котираат високо помеѓу работите кои се битни. Треба да се справиш со извесни световни одговорности. Меѓутоа, Исус учел дека нашите приоритети треба да се темелат на принципот дека најпрво го бараме Царството. Мора најпрво да ги извршуваме работите кои ќе ни овозможат да го исполниме нашето предание на Јехова (Мат. 5:3; 6:33).
4 Имајќи го ова на ум, ќе се погрижиме од нашиот преполн план да елиминираме какви и да било непотребни лични тежнеења, претерани рекреативни активности и небитни обврски кон другите. Во планирањето на нашата дејност за секоја недела, ќе си одвоиме време за доволно лично проучување, разумно учество во службата, присуствување на состаноците и кои било други работи, тесно поврзани со нашето обожавање. Преостанатото време може да се расподели помеѓу другите тежнеења во зависност од тоа колку тие придонесуваат за остварување на нашата примарна цел, да бидеме урамнотежени христијани кои на прво место го ставаат Царството.
5 Дури и тогаш, сѐ уште може да чувствуваме дека нашиот товар е несносен. Ако е така, треба да одговориме на Исусовиот повик: „Дојдете при мене сите изморени и обременети и Јас ќе ве успокојам“ (Мат. 11:28). Исто така, надевај се на Јехова, „кој секојдневно го носи товарот за нас“ и на уморниот му дава сила. Тој ветува дека никогаш нема да дозволи праведниот да се разниша (Псал. 55:22; 68:19, НС; Иса. 40:29). Можеме да бидеме сигурни дека нашите молитви ќе бидат одговорени, овозможувајќи ни да истраеме во еден активен живот на теократска дејност.
6 Додека сме сигурни дека остануваме зафатени во тежнеењето по вредните интереси за Царството, можеме да се радуваме знаејќи дека нашиот труд, во врска со Господа, не е залуден (1. Кор. 15:58).